Print Friendly, PDF & Email

The measure is available in the following languages:

 

20140381085

 

СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА

МАКЕДОНИЈА

 

Врз основа на членот 75 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, претседателот на Република Македонија и претседателот на Собранието на Република Македонија издаваат

 

УКАЗ

ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА НАЦИOНАЛНАТА ИНФРАСТРУКТУРА НА ПРОСТОРНИТЕ ПОДАТОЦИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

Се прогласува Законот за нациoналната инфраструктура на просторните податоци на Република Македонија, што Собранието на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 19 февруари 2014 година.

 

Бр. 07 – 1057/1                                                                                                 Претседател

19 февруари 2014 година                                                                   на Република Македонија,

Скопје                                                                                                          Ѓорге Иванов, с.р.

 

Претседател

на Собранието на Република

Македонија,

Трајко Вељаноски, с.р.

 

ЗАКОН

ЗА НАЦИOНАЛНАТА ИНФРАСТРУКТУРА НА ПРОСТОРНИТЕ ПОДАТОЦИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

ГЛАВА I

ОПШТИ ОДРЕДБИ

 

Член 1

(1) Со овој закон се уредува воспоставувањето, организационата структура, одржувањето и управувањето со националната инфраструктура на просторните податоци на Република Македонија (во натамошниот текст: НИПП), како и услугите кои се однесуваат на просторните и непросторните податоци содржани во збирките на просторни податоци.

(2) Овој закон се применува само кај изворната верзија на збирката на просторни податоци во случај кога различни субјекти поседуваат или некој друг поседува во нивно име повеќе идентични примероци на иста збирка на просторни податоци.

 

Цел на НИПП

 

Член 2

(1) Целта на воспоставувањето на НИПП е да го олесни пристапот, размената, употребата и дистрибуцијата на стандардизирани просторни податоци и услуги на ефикасен, ефективен и усогласен начин.

(2) НИПП воспоставува технолошка, правна и административна рамка за меѓуинституционална соработка која ги поддржува иницијативите за е-влада и го овозможува интегрирањето на просторните податоци од различни извори во една мрежа.

 

Значење на изразите

Член 3

Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:

  1. “Национална инфраструктура на просторни податоци“ се метаподатоци, збирки на просторни податоци и услуги за просторни податоци; технологии; договори за размена, пристап и користење; механизми, процеси и постапки за координација и следење што се воспоставени, функционираат и се достапни во согласност со овој закон;
  2. “Просторни податоци“ се податоци кои имаат директна или индиректна врска со одредена геопросторна положба или географско подрачје;
  3. “Збирка на просторни податоци“ е препознатлива збирка на стандардизирани просторни податоци;
  4. “Услуги на просторни податоци“ се активности кои се извршуваат над просторните податоци од збирките на податоци или над метаподатоците со примена на софтверско решение;
  5. “Просторен објект“ е апстрактно претставување на појава од вистинскиот свет поврзана со просторна локација или географска област;
  6. “Аналитичка единица” е простор определен со координатна мрежа, статистичка единица, административна единица и друг простор кој е предмет на анализа;
  7. “Метаподатоци“ се информации кои ги опишуваат збирките на просторни податоци и услуги со просторните податоци и овозможуваат нивно откривање, инвентаризација и употреба;
  8. “Интероперабилност“ е можност за комбинирање на збирките на просторни податоци и интеракција на услугите без постојана мануелна интервенција која резултира со поврзани збирки на просторни податоци што имаат зголемена додадена вредност; 9. “Геопортал“ е веб базирано софтверско решение кое овозможува пристап до НИПП;
  9. “Субјекти во НИПП“ се државни органи и други правни лица во Република Македонија, согласно со одредбите од овој закон;
  10. “Трета страна“ е секое физичко или правно лице што не е субјект во НИПП;
  11. “Надлежно тело“ е Советот на НИПП воспоставен од Владата на Република Македонија во функција на управување со НИПП;
  12. “Услуга за откривање“ е услуга што овозможува пребарување на збирки на просторни податоци и услуги врз основа на содржината на релевантните метаподатоци и прикажување на содржината на метаподатоците;
  13. “Услуга за преглед“ е услуга што овозможува преглед, навигација, зумирање и одзумирање, движење низ или покривање на збирки на просторни податоци што може да се видат, преглед на појаснувачки информации, како и содржината на релевантните метаподатоци;
  14. “Услуга за преземање“ е услуга што овозможува директен пристап и преземање на копии на збирки на просторни податоци или на делови од такви збирки;
  15. “Услуга за трансформација“ е услуга што овозможува трансформирање на збирките на просторни податоци со цел да се постигне интероперабилност;
  16. “Услуга за повикување на просторни податоци“ е услуга што овозможува дефинирање на очекуваните влезни и излезни податоци од просторната услуга и работен тек или услужна низа што комбинира повеќе услуги;
  17. “Е-комерцијална услуга“ е услуга која овозможува прием и обработка на барање, плаќање и следење на испораката на збирката на просторни податоци и услуги преку интернет;
  18. “INSPIRE геопортал“ е портал кој обезбедува пребарување на збирките на просторни податоци на земјите членки на ЕУ и услугите за податоците, за нивно пронаоѓање и прегледување и
  19. “Стратегија за НИПП“ претставува среднорочен планско-развоен документ со кој се утврдуваат принципите, целите и приоритетите за воспоставување и одржлив развој на НИПП.

 

Услови кои треба да ги исполнат збирките на просторни податоци

Член 4

(1) Збирките на просторни податоци се во електронска форма и се однесуваат за територијата на Република Македонија.

(2) Збирките од ставот (1) на овој член ги поседуваат или се користат oд органи на државната управа, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, физички и правни лица задолжени за управување со просторни податоци согласно со закон.

 

Теми на збирките на просторни податоци

Член 5

Збирките на просторни податоци се однесуваат на една од следниве теми:

1) координатни референтни системи системи за еднозначно геореференцирање на информации во просторот како група од координати (x, y, z) или географска ширина, географска должина и надморска висина, врз основа на геодетски хоризонтален и вертикален датум;

2) географски мрежни системи (грид системи) усогласена повеќерезолуциска квадратна мрежа со заедничка точка на потекло и стандардизирана локација и големина на мрежни ќелии;

3) географски називи називи на области, региони, локалитети, градови и други населени места и друга географска или топографска карактеристика од јавен или историски интерес;

4) управни единици единици кои имаат или користат административни права и надлежности на национално и локално ниво, определени со закон;

5) адреси показатели за локација на имоти врз основа на идентификувана адреса, вообичаено изразена преку поштенски код, име на улица и куќен број;

6) катастарски парцели основна катастарска единица која е дел од земјиштето дефинирано со граници, што се наоѓа во една катастарска општина и му припаѓа на определен носител на право на сопственост;

7) сообраќајни мрежи патни, железнички, воздушни и водни сообраќајни мрежи и со нив поврзана инфраструктура;

8) хидрографија хидрографски елементи, како извори, водотеци, акумулации и езера и други водни тела, како и речни корита и речни сливови;

9) заштитени области област со утврдена природна, еколошка, географска, културна или друга вредност, прогласена и управувана согласно со закон;

10) висински модел на терен дигитален висински модел за копнена и водена површина;

11) земјишна покривка физичка и биолошка покривка на земјишната површина, вклучувајќи ги и вештачките површини, земјоделските области, шумите, природните и полуприродните области, мочуриштата и водните тела;

12) ортофотографија геореференцирани фотографски податоци за површината на земјата добиени од сателитски или од воздушни сензори;

13) геологија геолошки карактеристики според составот и структурата на тлото, вклучувајќи ги и камената подлога, подземните води и геоморфологијата;

14) статистички единици единици за собирање, споделување и користење на статистички информации;

15) згради и други објекти географска локација на згради и други објекти;

16) почва претставува земјиште погодно за земјоделско, шумско и друго производство, определено според природните својства (длабочина, матичен супстрат, структура, текстура, физички и хемиски својства, дренираност, висина на потпочвените води и друго) и други природни услови (експозиција, наклон, надморска висина, карпи, каменитост, ерозија, водолежност, водоплавност и друго);

17) користење на земјиште земјиште окарактеризирано според неговата моментална и идна планиранафункционална или социоекономска намена (станбена, индустриска, комерцијална, земјоделска, шумска, рекреативна и друго);

18) човеково здравје и заштита податоци за географската распореденост на доминантноста на патологиите (алергии, респираторни болести, канцерогени заболувања итн.), информации што укажуваат на ефектот врз здравјето (биомаркери, пад на плодноста, епидемии итн.) или на состојбата на луѓето (замор, стрес итн.), кои се директно поврзани (загадување на воздухот, хемикалии, намалување на озонската обвивка, бучава итн.) или индиректно поврзани (храна, генетски модифицирани организми итн.) со квалитетот на животната средина;

19) услуги од јавен интерес опфаќаат комунални инфраструктури за отпадни води, управување со отпад, снабдување со енергенси, водоснабдување, комуникациски услуги, административни и социјални услуги (јавна администрација, центри за заштита на граѓаните, училишта и болници);

20) системи за следење на животната средина локација и функционирање на системите за следење на животната средина, вклучувајќи набљудување и мерење на емисиите, на состојбата на медиумите на животната средина и на другите параметри на екосистемот (биодиверзитет, еколошки услови за вегетацијата итн.), од страна на или во име на субјектите во НИПП;

21) производни и индустриски капацитети индустриски производствени зони, вклучувајќи ги и постројките за интегрирано спречување и контрола на загадувањето, капацитетите за екстракција на вода, експлоатација на минерални суровини и зони за складирање;

22) земјоделски и аквакултурни капацитети земјоделска и сточарска опрема и производствени капацитети, вклучувајќи ги и системите за наводнување, оранжериите, фармите и рибниците;

23) распореденост на населението – демографија географска распореденост на луѓето, вклучувајќи ги и карактеристиките на популацијата и нивоата на активност, собрани според статистичка единица;

24) подрачја за управување, ограничување и регулирање и единици за известување управувани, регулирани или користени области за известување на меѓународни, европски, национални, регионални и локални нивоа. Тука спаѓаат депонии, ограничени области околу извори на свежа вода за пиење, зони чувствителни на нитрати, регулирани канали на води, области за депонирање на отпад, зони со ограничување на бучава, области со дозвола за истражување и експлоатација на минерални суровини, области на речно корито, релевантни единици за известување и области за управување со крајбрежна зона;

25) природни ризични зони подрачја подложни на природни опасности (како атмосферски, хидролошки, сеизмички и други појави, кои поради својата локација, сериозност и зачестеност имаат потенцијал негативно да влијаат врз општеството), на пример, поплави, лизгање на земјиштето и негово тонење, лавини, шумски пожари, земјотреси и друго;

26) атмосферски состојби физички состојби во атмосферата, претставени преку просторни податоци засновани на мерења, на модели или на комбинација од нив, во кои се опфатени и локациите на мерењата;

27) метеоролошки географски карактеристики показатели за временските состојби во моментот на нивното мерење, како врнежи, температура, влага, испарување и брзина и правец на ветер;

28) биогеографски региони области со релативно хомогени еколошки состојби со слични карактеристики;

29) хабитати и биотопи географски области што се карактеризираат со специфични еколошки услови, процеси, структура и функции за поддршка на животот на организмите што живеат таму, вклучувајќи ги и копнените и водените области кои се разликуваат по географските, абиотичните и биотичните карактеристики, без оглед на тоа дали се целосно природни или полуприродни;

30) распореденост на видовите географска распореденост на животинските и растителните видови, собрани и обработени според аналитичка единица;

31) енергетски извори Извори на енергија како јагленороди, хидроенергија, биоенергија, соларна енергија, енергија од ветер итн., а таму каде што е можно и информации за длабочината или висината на опсегот на изворот и

32) минерални ресурси сите органски и неоргански минерални материи кои се наоѓаат во цврста, течна или гасовита состојба. Минералните ресурси вклучуваат метални руди, индустриски минерали и други, а таму каде што е релевантно и информации за длабочината или висината на опсегот на ресурсот.

 

Гаранција за збирките на просторни податоци

Член 6

Субјектите во НИПП гарантираат дека збирките на просторни податоци и услуги, согласно со овој закон, ги содржат најновите верзии.

 

ГЛАВА II

МЕТАПОДАТОЦИ

 

Член 7

(1) Субјектите во НИПП кои создаваат, односно поседуваат податоци утврдени во членот 5 од овој закон се обврзани да ги создаваат, одржуваат и ажурираат метаподатоците за збирките на просторни податоци и услуги.

(2) Стандардите за метаподатоците поблиску се определуваат со подзаконски акт.

(3) Надлежното тело и надлежните субјекти во НИПП ги преземаат неопходните мерки со кои се обезбедува дека метаподатоците се целосни и со квалитет утврден со стандардите за метаподатоци.

 

ГЛАВА III

ИНТЕРОПЕРАБИЛНОСТ НА ЗБИРКИ НА ПРОСТОРНИ ПОДАТОЦИ И УСЛУГИ

 

Член 8

(1) Збирките на просторни податоци и услуги за кои се применува овој закон се воспоставени на начин кој гарантира дека тие се меѓусебно усогласени и ги почитуваат спецификациите и протоколите за размена на просторни податоци.

(2) Со подзаконски акт поблиску се определуваат спецификациите и протоколите за размена на просторните податоци утврдени во ставот (1) на овој член.

 

ГЛАВА IV

МРЕЖНИ УСЛУГИ

 

Член 9

(1) За збирките на просторни податоци и услуги за кои согласно со овој закон се создадени метаподатоци, одговорните субјекти во НИПП воспоставуваат и управуваат со услугите:

а) откривање;

б) преглед;

в) преземање;

г) трансформација и

д) повикување на услуги на просторни податоци.

(2) Услугите од ставот (1) на овој член треба да ги имаат предвид релевантните барања на корисниците, да бидат едноставни за користење и да се достапни за јавноста. Пристап до услугите се овозможува преку интернет или преку други средства за пренос на информации по електронски пат.

(3) Мрежната инфраструктура за услугите утврдени во ставот (1) на овој член ја управува Министерството за информатичко општество и администрација.

(4) Со подзаконски акт поблиску се уредуваат прописите поврзани со услугите од ставот (1) на овој член.

 

Поврзување со НИПП

Член 10

Советот за НИПП утврдува дали субјектите во НИПП имаат техничка можност за поврзување на своите збирки на просторни податоци и услуги согласно со одредбите од законот кој го уредува електронското управување.

 

 

Издавање на дозвола за поврзување со трета страна

Член 11

(1) По барање на трета страна Агенцијата за катастар на недвижности издава дозвола за поврзување на збирките на просторни податоци и услуги, како и на метаподатоците поврзани со тие просторни податоци и услуги, по претходно обезбеден сертификат за функционалност на информатичкиот систем и позитивно мислење од Советот на НИПП.

(2) За издавање на дозволата од ставот (1) на овој член третата страна плаќа надоместок согласно со Тарифникот за НИПП.

(3) Со подзаконски акт поблиску се определува формата, содржината и начинот на поднесување на барањето и на дозволата од ставот (1) на овој член.

 

Член 12

Агенцијата за катастар на недвижности со решение ја одзема дозволата од членот 11 став (1) од овој закон:

- по барање на засегната страна и

- ако надлежното тело утврди дека засегнатата трета страна престанала да ги исполнува условите утврдени со овој закон.

 

Јавен пристап до збирките на просторни податоци

Член 13

Јавниот пристап до збирките на просторни податоци и услуги може да се ограничи во случаи утврдени со закон.

 

Надоместок за услугите

Член 14

(1) Услугите од членот 9 став (1) точки а) и б) од овој закон се достапни бесплатно за сите корисници.

(2) За услугите од членот 9 став (1) точки в), г) и д) од овој закон се наплаќаат надоместоци што се регулирани со Тарифникот за НИПП.

(3) Податоците добиени од збирките на податоци согласно со членот 9 став (1) точки а) и б) од овој закон се во форма на информација и немаат карактер на јавна исправа.

(4) Доколку субјектите во НИПП предвидуваат надоместоци за користење на услугите утврдени во членот 9 став (1) точки в), г) или д) од од овој закон, одговорниот субјект во НИПП гарантира дека тие услуги се достапни со е-комерцијални услуги.

 

Национален геопортал и INSPIRE портал

Член 15

(1) Пристап до услугите утврдени во членот 9 став (1) од овој закон се обезбедува преку националниот геопортал.

(2) Националниот геопортал е јавно достапен.

(3) Пристап до услугите утврдени во членот 9 став (1) од овој закон се обезбедува и преку INSPIRE порталот на Европската комисија.

 

ГЛАВА V

РАЗМЕНА НА ПОДАТОЦИ

 

Член 16

(1) Советот на НИПП утврдува мерки за размена на збирките на просторни податоци и услуги меѓу субјектите во НИПП од членот 3 точка 9 од овој закон. Тие мерки им овозможуваат на субјектите во НИПП да добијат пристап до збирките на просторни податоци и услуги и да ги разменат и користат тие збирки и услуги, заради вршење на своите јавни задачи.

(2) Мерките од ставот (1) на овој член исклучуваат ограничувања што создаваат пречки при споделување на збирките со просторни податоци.

(3) За размена на збирки на просторни податоци и услуги, субјектите во НИПП може да потпишат договор со кој го уредуваат начинот на размена на збирките на просторни податоци и услуги. Условите во договорот се целосно усогласени со општата цел за олеснување на размената на збирки на просторни податоци и услуги меѓу субјектите во НИПП.

(4) Збирките на просторни податоци и услуги кои служат за известување согласно со законодавството на Европската унија не се предмет на наплаќање на надоместоци.

(5) Договорот за размена на збирки на просторни податоци и услуги од ставот (3) на овој член е отворен за субјектите во НИПП од членот 3 точка 10 од овој закон, како и за земјите членки и институциите и телата на Европската унија, за цели поврзани со јавни задачи што може да имаат влијание врз животната средина.

(6) Договорот за размена на збирки на просторни податоци и услуги од ставот (3) на овој член за цели поврзани со задачи што може да имаат влијание врз животната средина е отворен на реципрочна и еквивалентна основа за тела воспоставени со меѓународни договори во кои Европската унија и земјите членки на Европската унија се договорни страни.

(7) При размена на податоците со договорите од ставовите (5) и (6) на овој член треба да се имаат предвид посебните услови утврдени во националните законодавства.

(8) Субјектите во НИПП може да ја ограничат размената доколку таа го загрозува текот на правдата, јавната безбедност, националната одбрана или меѓународните односи, утврдени со закон.

 

ГЛАВА VI

ТЕЛА НА НИПП

 

Член 17

Тела на НИПП се Совет за НИПП, Комитет за НИПП и работни групи за НИПП.

 

Совет на НИПП

Член 18

Советот за НИПП има управувачка улога и е составен од претседател и членови.

 

Раководење со Советот на НИПП

Член 19

(1) Со Советот на НИПП раководи и претседава заменик-претседателот на Владата на Република Македонија одговорен за економски прашања (во натамошниот текст: претседателот на Советот).

(2) Претседателот на Советот на НИПП се грижи за спроведување на стратегијата на НИПП и тековно ја информира Владата на Република Македонија за активностите поврзани со НИПП.

 

Именување на членовите на Советот на НИПП

Член 20

(1) Советот на НИПП го сочинуваат по еден претставник од:

1) Министерството за правда;

2) Министерството за одбрана;

3) Министерството за внатрешни работи;

4) Министерството за економија;

5) Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство;

6) Министерството за локална самоуправа;

7) Министерството за култура;

8) Министерството за транспорт и врски;

9) Министерството за животна средина и просторно планирање;

10) Министерството за информатичко општество и администрација;

11) Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор;

12) Државниот завод за статистика;

13) Агенцијата за катастар на недвижности;

14) Агенцијата за планирање на просторот;

15) Централниот регистар на Република Македонија;

16) Центарот за управување со кризи;

17) градот Скопје и

18) Стопанската комора на Република Македонија (Здружение на комунални дејности или Здружение на информатичко-комуникациски технологии).

(2) Владата на Република Македонија ги именува членовите на Советот на НИПП на предлог на субјектите од ставот (1) точки од 1 до 12 и од 14 до 17 на овој член, за време од четири години со можност за повторно именување.

(3) Член на Советот на НИПП од Агенцијата за катастар на недвижности е директорот на Агенцијата.

(4) Член во Советот на НИПП е и координаторот на Комитетот на НИПП.

(5) Советот на НИПП од редот на своите членови определува еден претставник кој учествува во работата на Комитетот на НИПП.

 

Надлежност на Советот на НИПП

Член 21

(1) Советот на НИПП е надлежен за вршење на следниве работи:

- донесува Деловник за работа на Советот на НИПП,

- донесува Деловник за работа на Комитетот на НИПП и работните групи,

- ги назначува и разрешува претседателите и членовите на работните групи,

- ги координира активностите на субјектите во НИПП,

- дава мислење по предлог-стратегијата за НИПП,

- дава мислење по предлогот на годишната програма за спроведување на стратегијата за НИПП,

- го следи развојот на НИПП и креира политики поврзани со просторните податоци и нивната употреба,

- дава мислење на предлогот на годишниот извештај за реализција на годишната програма,

- подготвува преглед на иницијативите поврзани со просторните податоци на национално, регионално и локално ниво,

- дава мислење по барање на трета страна, по извршени консултации со Комитетот на НИПП за поврзување на просторните податоци или услуги на третата страна со НИПП,

- го одобрува описот на постојните теми на податоци утврдени во членот 5 став (1) од овој закон предложен од Комитетот на НИПП,

- дава мислење на предлог-подзаконски акти и тарифници и

- врши други работи во согласност со закон.

(2) Советот на НИПП работи и одлучува на седници.

(3) Административно-техничката поддршка за работата на Советот на НИПП ја обезбедува Агенцијата за катастар на недвижности.

 

Стратегија за НИПП и годишна програма

Член 22

(1) Воспоставувањето, одржувањето и управувањето со НИПП се врши врз основа на стратегија и годишна програма за нејзино спроведување.

(2) Стратегијата од ставот (1) на овој член ја донесува Владата на Република Македонија за период од три години по предлог на Агенцијата за катастар на недвижности, по претходно добиено мислење од Советот на НИПП.

(3) Годишната програма од ставот (1) на овој член ја донесува Владата на Република Македонија, по предлог на Агенцијата за катастар на недвижности, по претходно добиено мислење од Советот на НИПП .

(4) Со стратегијата и годишната програма од ставот (1) на овој член се утврдува видот и обемот на работите, средствата потребни за нивна реализација, како и изворите на средствата.

 

Комитет на НИПП

Член 23

(1) Комитетот на НИПП е постојано оперативно и извршно тело.

(2) Комитетот на НИПП е одговорен за реализирање на целите, политиките и стратегиите на НИПП, преку користење на расположливите ресурси на ефикасен и ефективен начин.

(3) Комитетот на НИПП, подготвените акти и мислења задолжително ги доставува на мислење до Советот на НИПП.

 

Членови во Комитетот на НИПП

Член 24

(1) Во Комитетот на НИПП членуваат:

- претседателите на работните групи,

- еден претставник од Агенцијата за катастар на недвижности и

- претставник од Советот на НИПП.

(2) Комитетот на НИПП од редот на претседателите на работните групи определува координатор на Комитетот на НИПП за време од три години.

 

Надлежност на Комитетот на НИПП

Член 25

Комитетот на НИПП ги врши следниве работи:

- подготвува годишна програма за спроведување на стратегијата за НИПП,

- го координира спроведувањето на годишната програма во консултација и соработка со институциите кои ја сочинуваат НИПП,

- ги следи резултатите од спроведувањето на НИПП и го известува Советот на НИПП,

- подготвува годишен извештај за спроведување на програмата за работа и го доставува на усвојување до Советот на НИПП,

- ги разгледува и доставува до Советот на НИПП предлог-подзаконските акти подготвени од работните групи,

- доставува предлози и мислења по барање на Советот на НИПП и

- дава мислења до Советот на НИПП во однос на барањата од трети страни за пристап до НИПП.

 

Работни групи

Член 26

За обезбедување на стручни експертизи, мислења и предлози потребни за процесот на донесување на одлуки за управување и спроведување на НИПП се формираат работни групи.

 

Надлежност на работните групи

Член 27

(1) Работните групи од членот 26 од овој закон ги подготвуваат подзаконските акти од својата област и ги доставуваат до Комитетот на НИПП, ги следат состојбите од својата област и вршат други работи што од нив ќе ги побараат Советот на НИПП и Комитетот на НИПП.

(2) Работните групи работат согласно со Деловникот за работа на Комитетот на НИПП и работните групи (член 21 став (1) алинеја 2).

(3) За спроведување на НИПП Советот на НИПП ги формира следниве работни групи за:

- институционални и правни прашања и градење на капацитети,

- технолошки прашања (стандарди, метаподатоци, услуги и друго),

- односи со јавноста и комуникации и

- економски прашања.

 

Состав на работните групи

Член 28

(1) Работните групи од членот 26 од овој закон се составени од по пет члена.

(2) Субјектите на НИПП номинираат од својата институција претставник во работните групи.

(3) За потребите на работните групи Агенцијата за катастар на недвижности може да ангажира надворешни стручни лица, согласно со годишната програма за спроведување на стратегијата за НИПП.

(4) Агенцијата за катастар на недвижности ја утврдува висината на надоместоците на членовите на работните групи според учеството во работата на работната група, а по претходно мислење од Советот на НИПП.

 

Надлежност на Агенцијата за катастар на недвижности за НИПП

Член 29

(1) Агенцијата за катастар на недвижности е надлежна за воспоставување, одржување и обезбедување на јавен пристап до геопорталот за НИПП, одржување на услуги за метаподатоци, регистар на метаподатоци и обуки поврзани со нив.

(2) Агенцијата за катастар на недвижности на веб страницата на геопорталот за НИПП објавува одлуки, подзаконски акти, тарифници, годишен план за работа, извештај за неговата реализација и други документи и информации од значење за НИПП.

(3) Агенцијата за катастар на недвижности донесува одлука на поврзување на третата страна со НИПП, по претходно мислење од Советот на НИПП.

 

Единица за административно-техничка поддршка на НИПП

Член 30

Во Агенцијата за катастар на недвижности се формира организациона единица за административно-техничка поддршка на НИПП.

 

Донесување на подзаконски акти

Член 31

Подзаконските акти предвидени со членовите 7 став (2), 8 став (2), 9 став (4), 11 став (3) и 14 став (2) од овој закон ги донесува Владата на Република Македонија на предлог на Агенцијата за катастар на недвижности.

 

Финансирање на НИПП

Член 32

(1) Финансиските средства за реализација на годишната програма од членот 22 од овој закон се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

(2) Финансиските средства за потребите на единицата за административно-техничка поддршка од членот 30 од овој закон и работните групи од членот 27 став (3) од овој закон се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија преку годишната програма за работа на Агенцијата за катастар на недвижности.

(3) За стандардизација на геопросторните податоци од членот 5 од овој закон, органите и институциите од членот 20 став (1) од овој закон, во рамките на своите надлежности, обезбедуваат финансиски средства.

(4) Средствата остварени од надоместоците за збирките на податоци се префрлаат на сметката на субјектот на НИПП кој ги создава, односно ги поседува збирките на податоци кои се предмет на е-комерцијални услуги, при што 10% од истите се префрлаат на сметката на Агенцијата за катастар на недвижности, со цел за одржување и обезбедување на јавен пристап до геопорталот на НИПП.

 

Надзор на спроведувањето на Законот

Член 33

Министерството за информатичко општество и администрација е надлежно за вршење на надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон.

 

Преодни и завршни одредби

Член 34

(1) Советот на НИПП се формира во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(2) Комитетот на НИПП и работните групи се формираат најдоцна во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

 

Член 35

Подзаконските акти предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од 12 месеци од денот на формирањето на Советот на НИПП.

 

Член 36

(1) Надлежните институции се должни во рок од три години од влегувањето во сила на овој закон да извршат дигитализација на геопросторните податоци од членот 5 од овој закон.

(2) Во рок од пет години од денот на влегувањето во сила на овој закон сите надлежни институции се должни да обезбедат услуги за размена на геопросторни податоци.

(3) Се задолжуваат сите надлежни институции да извршат целосно усогласување со одредбите на овој закон најдоцна до 31 декември 2019 година.

 

Член 37

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Главата XIV Национална инфраструктура на просторни податоци од Законот за катастар на недвижности (“Службен весник на Република Македонија“ број 40/2008, 158/10, 17/11, 51/11 и 74/12).

 

Член 38

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, освен одредбата од членот 15 став (3) од овој закон која ќе се применува со пристапувањето на Република Македонија во Европската унија.

Trascina file per caricare