Print Friendly, PDF & Email

The measure is available in the following languages:

ЗАКОН ЗА ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА

(Службен весник на РМ бр. 95/2012, 131/2012 и 24/2013)

 

Консолидиран текст

Овој закон е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 95 од 26.07.2012 година.

Изменувањата и дополнувања на законот се објавени во „Службен весник на Република Македонија“ број 131 од 22.10.2012 година.

Изменувањата, дополнувањата и одлуката се интегрирани во овој консолидиран текст.

 

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

 

Член 1

(1)Со овој закон се уредува одземањето и ограничувањето на правото на сопственост и на имотните права на недвижности заради реализација на јавен интерес утврден со закон, а заради градење на објекти и изведување на други работи (во понатамошниот текст - експропријација); утврдувањето на јавниот интерес; постапката за експропријација и постапката за определување на пазарниот надомест.

 

Член 2

(1) По заснованото право на сопственост на експроприраната недвижност на Република Македонија или на единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје, а заради реализација на јавниот интерес недвижноста може да се дава на концесија, долготраен закуп и користење, согласно закон.

(2) Јавниот интерес од став (1) на овој член се утврдува со овој или со друг закон.

 

Член 3

Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:

  1. Имотни права во смисла на овој закон се: службеноста, долготрајниот закуп на градежно земјиште согласно Законот за градежно земјиште, правото на користење на градежно земјиште во државна сопственост и правото на долготраен закуп на градежно земјиште во државна сопственост, согласно Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.
  2. Недвижности се: земјишта (земјоделско земјиште, градежно земјиште и шуми), згради и инсталации подигнати врз нив или под нив и трајно споени со нив ако со закон поинаку не е определено.
  3. Линиски инфраструктурни градби се: јавен пат, железничка инфраструктура, далновод, нафтовод, продуктовод, гасовод, топловод, водовод, канализација, телекомуникациски водови и други објекти кои можат да бидат надземни и подземни и чија изградба претставува јавен интерес утврден со закон.
  4. Привремено заземање на земјиште е: ограничување на правото на сопственост на земјиштето на начин што користењето за одреден временски период преминува на предлагачот на експропријацијата или инвеститорот на линиската инфраструктурна градба.
  5. Претходни работи се: работи кои во зависност од видот и карактерот на градбата опфаќаат истражување и изработка на анализи и други стручни материјали, прибавување на податоци со кои се анализираат геолошките, геотехничките, геодетските, хидролошките, метеоролошките, урбанистичките, техничките, технолошките, економските, енергетските, сеизмичките, водостопанските и сообраќајните услови, условите за заштита од пожари и заштита на животната средина, како и други услови предвидени со закон. 

  6. Прибележување е запишување на предлогот за експропријација во катастарот на недвижности. 

  7. Владение на експроприрана недвижност е востановување фактичка власт на недвижноста која е предмет на експропријацијата. 


 

1. Јавен интерес утврден со овој закон

 

Член 4

Јавен интерес утврден со овој закон е уредувањето, рационалното користење и хуманизацијата на просторот, заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата со градење на објекти и изведување на работи од значење за Републиката и единиците на локалната самоуправа, предвидени со актите за планирање на просторот.

 

Член 5

(1)Јавен интерес се утврдува за:
-градење на објекти и изведување работи од значење за Република Македонија; -градење на објекти и изведување на работи од локално значење.


(2) Јавен интерес се утврдува и за одземање на градежно земјиште на кое право на користење имаат физички лица, а кое според актите за планирање на просторот со кои се дефинира градежна парцела е надвор од дефинираната градежна парцела, а кое не може да биде предмет на приватизација, согласно Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.

 

Член 6

(1) Јавен интерес од значење за Република Македонија согласно овој закон се утврдува заради:

-градење на нуклеарни електрани, термоцентрали и хидроцентрали со капацитет од и над 1МВ, далноводи со напонско ниво од и над 35КВ, градење на објекти за производство на електрична енергија од обновливи извори со капацитет до и над 1МВ, трафостаници со напонско ниво од и над 10КВ и брани со акумулации;

- градење на нафтоводи, продуктоводи, магистрални гасоводи, гасоводни мерни станици;


- градење на секундарна гасоводна мрежа;


- поставување на оптички кабли за потребите на државните органи;

-градење на железнички пруги и железнички станици; аеродроми, државни патишта и мостови;

- градење на депонии за неопасен и депонии за опасен отпад;

-градење на објекти за потребите на одбраната, државните органи, агенциите и фондовите основани од Република Македонија;

-градење на објекти за потребите на дипломатско-конзуларни претставништва и меѓународни организации,

-градење на технолошки индустриски развојни зони основани од Владата на Република Македонија;

-градење на телекомуникациски центри за прием на сателитски сигнали;


- градење на гранични премини;


- градење на регионални водоснабдителни и канализациони системи со системи за пречистување;


- градење на објекти со инсталации за производство на топлинска енергија,


- градење на езерски и речни пристаништа;


- градење на стадиони и спортски сали со капацитет од над 10 000 гледачи;


- градење на објекти и изведување на работи за потребите на државните јавни служби во областа на образованието, воспитанието, спортот, науката, културата, здравството и социјалната заштита;

-градење на населби при големи природни катастрофи (земјотреси, поплави, пожари и лизгање на земјиште) и преселување на населби (потопување и еколошки причини);

-експлоатација на минерални суровини од стратешко значење за Република Македонија.

(2) Јавен интерес од значење за Република Македонија согласно овој закон се утврдува и за експропријација на објекти, постројки и водови за производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија или пренос и дистрибуција на природен гас, постројки и системи за производство и дистрибуција на топлинска енергија како и водостопански објекти и постројки, заради обезбедување на јавна услуга.

 

Член 7

(1) Јавен интерес од локално значење согласно овој закон се утврдува заради:

-градење на објекти и изведување на работи за потребите на општинските јавни служби во областа на образованието, воспитанието, спортот, науката, културата, здравството и социјалната заштита;

-градење на далноводи со напонско ниво до 35КВ и трафостаници со напонско ниво до 10 КВ;

- градење на трамвајски пруги;


-градење на објекти за противпожарна заштита;


-градење на локални водоснабдителни и канализациони системи со системи за пречистување;


- градење на стадиони и спортски сали со капацитет до 10 000 гледачи;


- градење на катни гаражи;


− градење на објекти за општа употреба и тоа: општински патишта, плоштади, јавни паркови, пазари, јавни паркиралишта и гробишта.

 

2. Начело на договарање 

 

Член 8

Пред да се пристапи кон поднесување на предлог за експропријација, предлагачот е должен да ги примени одредбите од договорното право, т.е на носителот на правото на сопственост на недвижноста предвидена за градење на објекти или изведување на работи во јавен интерес, да му понуди склучување договор за размена или договор за продажба.

 

Се бришe со Закон за изменување и дополнување на Законот за експропријација („Службен весник на РМ“ бр. 131/2012)

 

3. Потполна експропријација

 

Член 9

(1) Со експропријацијата за реализација на јавен интерес од значење за Република Македонија, престанува правото на сопственост на физички и правни лица (приватна сопственост) или правото на сопственост на единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје (општинска сопственост), а се заснова право на сопственост на Република Македонија.

(2) Со експропријацијата за реализација на јавен интерес од локално значење, престанува правото на сопственост на физички и правни лица (приватна сопственост), а се заснова право на сопственост на единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје (општинска сопственост).

(3) Со експропријацијата за реализација на јавен интерес од локално значење за градење на објекти за општа употреба од член 7 став (1) алинеја 8 од овој закон, престанува правото на сопственост на физички и правни лица, а се заснова право на сопственост на Република Македонија.

 

4. Непотполна експропријација

 

Член 10

Со непотполна експропријација се ограничува правото на сопственост или имотните права на земјиште во сопственост на физички и правни лица или на земјиште во сопственост на единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје и тоа со востановување право на службеност и други ограничувања на правото на сопственост.

 

Право на службеност

Член 11

Со востановување право на службеност може трајно или на определено време да се ограничи правото на сопственост или имотните права на земјиште сопственост на физички и правни лица и на единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје, врз основа на одобрен проект за инфраструктура од инвеститорот на линиска инфраструктурна градба, а заради изградба на објекти и изведување на други работи од јавен интерес.

 

Член 12


(1)Носителот на проектот на линиска инфраструктурна градба пред поднесување на предлог за востановување право на службеност, на сопственикот на земјиштето треба да му понуди склучување на договор за востановување право на службеност, согласно одредбите на Законот за сопственост и други стварни права и Законот за облигационите односи.

(2) Доколку не дојде до склучување на договор од ставот 1 на овој член, носителот на проектот на линиска инфраструктурна градба поднесува предлог за востановување право на службеност.

 

Се брише со Закон за изменување и дополнување на Законот за експропријација („Службен весник на РМ“ бр. 131/2012)

 

Член 13

На востановување право на службеност на земјиште сопственост на Република Македонија се применуваат одредбите од Законот за сопственост и други стварни права и Законот за облигационите односи.

 

Други ограничувања на правото на сопственост на земјиште

Член 14

Правото на сопственост на земјиште може да се ограничи и со:


-привремено заземање на земјиштето заради изведување на претходни работи

-привремено заземање на земјиште заради вршење детални геолошки истражувања на минерални суровини, согласно Законот за минерални суровини.

-привремено заземање на соседно земјиште заради градење и изведување работи во јавен интерес.

 

Привремено заземање на земјиште заради претходни работи

Член 15

Привремено заземање на земјиште се врши заради вршење на претходни работи од геолошки, геотехнички, геодетски, хидролошки, метереолошки, урбанистички, технички, технолошки, економски, енергетски, сеизмички, сообраќаен и еколошки карактер, како и заради изработка на геодетски елаборат.

 

Привремено заземање на земјиште заради вршење детални геолошки истражувања на минерални суровини

Член 16

(1)Привремено заземање на земјиште се врши заради вршење детални геолошки истражувања на минерални суровини, согласно Законот за минерални суровини.

(2)Привременото заземање на земјиште може да трае за временски период не подолг од шест години сметано од денот на предавањето во владение на земјиштето, односно до истекот на периодот за кој е доделено правото за вршење на детални геолошки истражувања.


(3) Ако со привременото заземање се уништат својствата на земјиштето така што тоа да не може да се користи на начин и со намена за која се користело пред привременото заземање, сопственикот на земјиштето може да бара потполна експропријација на тоа земјиште во рок од една година од денот на престанокот на привременото заземање.

 

Привремено заземање на соседно земјиште

Член 17

(1)Привремено заземање на соседно земјиште се врши заради определени потреби за градење и изведување работи за реализација на јавен интерес (привремено сместување на механизација потребна за градење, подигање на објекти за привремено сместување на работници, пристапни патишта и обезбедување на градбата).

(2) Привременото заземање на соседно земјиште може да трае за временски период не подолг од две години.

 

5.Надомест

 

Член 18

(1)За експроприраната недвижност припаѓа праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност на недвижноста.

(2)Пазарната вредност на недвижноста се утврдува под услови и начин утврдени со овој закон, според методологија, правила и стандарди согласно Законот за процена.

(3) Правото да се бара надомест за експроприрана недвижност не застарува.

 

Член 19

(1) Надоместот за експроприраната недвижност и трошоците на постапката паѓаат на товар на предлагачот на експропријација.

(2) Надоместот за востановеното право на службеност и трошоците на постапката паѓаат на товар на инвеститорот на линиска инфраструктурна градба.

(3) Надоместот за другите ограничување на правото на сопственост на земјиште и трошоците на постапката паѓаат на товар на предлагачот односно инвеститорот на линиска инфраструктурна градба.

 

6. Експропријација на преостанат дел од недвижноста

 

Член 20

(1)Ако со експропријацијата на еден дел од недвижноста преостанатиот дел од таа недвижност е значително намален, а со тоа се намалил економскиот интерес на сопственикот да го користи преостанатиот дел од недвижноста, може да се експроприра и тој преостанат дел по барање на сопственикот.

(2) Со барањето од став 1 на овој член сопственикот мора да ја наведе и образложи причината поради која бара експропријација.

(3) Барањето од став 1 на овој член може да се поднесе до постигнување на порамнувањето (спогодбата) од член 31 на овој закон, односно до правосилноста на решението за експропријација.

 

II.ПОСТАПКА ЗА ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА

 

1. Предлагач на експропријацијата

 

Член 21

(1) Предлог за експропријација поднесува Република Македонија или единиците на локалната самоуправа односно градот Скопје (предлагач на експропријација), ако со овој закон не е поинаку определено .

(2) Предлогот за експропријација се поднесува до органот на државната управа надлежен за имотно правните работи (орган за експропријација).

 

Член 22

(1)Кога се врши потполна експропријација заради реализација на јавен интерес утврден во членот 6 на овој закон, предлогот за експропријација го поднесува Република Македонија преку Државниот правобранител на Република Македонија.

(2) Државниот правобранител на Република Македонија, поднесува предлог за експропријација за реализација на јавен интерес од член 6 на овој закон, и за јавните претпријатија, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните установи, трговските друштва и други институции основани од државата.

(3) Кога се врши реализација на јавен интерес од членот 5 став (2) на овој закон, предлогот за одземање на правото на користење на градежно земјиште го поднесува Државниот правобранител на Република Македонија
(4 )Кога треба да се експроприра недвижност заради реализација на јавен интерес од областа на енергетиката, минералните суровини и телекомуникациите, на која во претходно спроведена постапка согласно закон е стекнато право на концесија или друго право, предлогот за експропријација го поднесува Државното правобранителство на Република Македонија или единицата на локалната самоуправа по претходна иницијатива на концесионерот или носител на друго соодветно право согласно закон.

(5) Во случаите од став (4) на овој член, до Државното правобранителство на Република Македонија или единицата на локалната самоуправа се доставуваат податоците од член 25 и доказите од член 26 на овој закон.

 

Член 23

Кога се врши потполна експропријација заради реализација на јавен интерес утврден во членот 7 на овој закон, предлогот за експропријација го поднесува единицата на локалната самоуправа или Градот Скопје.

 

Член 24

Кога се врши потполна експропријација за реализација на јавен интерес утврден со друг закон, предлогот го поднесува Државниот правобранител на Република Македонија односно единицата на локалната самоуправа или Градот Скопје во зависност од тоа дали јавниот интерес е од значење за Република Македонија или од локално значење.

 

2. Предлог за експропријација

 

Член 25

Предлогот за експропријација содржи податоци за:

1)предлагачот на експропријацијата;


2)недвижноста за која се предлага експропријацијата;

3)сопственикот на недвижноста (лично име или назив, живеалиште, престојувалиште, односно седиште);

4) носителите на други имотни права на недвижноста (лично име или назив, живеалиште, престојувалиште, односно седиште); и

5) видот на објектот или изведувањето на работи за кои се предлага експропријацијата.

 

Член 26

Со предлогот за експропријација се поднесува:

1) извод од актот за планирање на просторот или одобрен проект за инфраструктура;

2) геодетски елаборат за нумерички податоци за недвижноста за која се предлага експропријација;

3) понуда за видот и висината на надоместот за недвижноста за која се предлага експропријацијата во висина на пазарна вредност на недвижноста утврдена од овластен проценувач согласно Законот за процена, како и динамика на исплата на надоместокот во случаите од членот 44-а од овој закон;

4) имотен лист за недвижноста за која се предлага експропријација;

5) имотен лист за недвижноста што се нуди како надомест за експроприраната недвижност; и

6) доказ за обезбедени средства за надомест на експроприраната недвижност (известување за планирани средства во буџетот од лицето кое раководи со буџетски корисник или единка корисник на средствата од Буџетот на Република Македонија), банкарска гаранција дека јавните претпријатија, трговските друштва и други институции основани од државата имаат обезбедено средства за надомест, одлука на Советот на единицата на локалната самоуправа за резервирани средства за експропријација во буџетот на единицата на локалната самоуправа, односно банкарска гаранција дека концесионерот, носителот на долготрајниот закуп и инвеститорот на линиска инфраструктура има обезбедено средства за надомест.

 

3.Предлог по иницијатива за експропријација

 

Член 27

(1)Кога експропријацијата се врши заради изградба на објект од јавен интерес или објект за вршење на дејност од јавен интерес или обезбедување на јавна услуга од областа на енергетиката, минералните суровини и телекомуникациите предлогот за експропријација го поднесува Државниот правобранител на Република Македонија или единицата на локалната самоуправа и градот Скопје, по претходна иницијатива на правно лице кое има намера да го реализира јавниот интерес.

(2)Иницијативата од став 1 на овој член се доставува до Владата на Република Македонија или единицата на локалната самоуправа и градот Скопје и треба да содржи:

− податоци за недвижноста на која се однесува иницијативата; 


− геодетски елаборат за нумерички податоци за недвижноста на која се однесува иницијативата за експропријација; 


− пазарна вредност на недвижноста утврдена согласно член 37 на овој закон, и 


− извод од актот за планирање на просторот. 


(3) За прифаќање на иницијативата од став (1) на овој член одлучува Владата на Република Македонија односно Советот на единицата на локалната самоуправа и Градот Скопје. 


(4) Доколку Владата на Република Македонија, единицата на локалната самоуправа или Градот Скопје одлучи да ја прифати иницијативата, го известува подносителот на иницијативата да депонира средства во висина на проценетата вредност на недвижноста која треба да се експроприра, на депозитна сметка на органот на државната управа надлежен за работите од областа на енергетиката и минералните суровини, односно органот на државната управа надлежен за работите од областа на телекомуникациите, односно на депозитна сметка на единицата на локалната самоуправа во рамки на трезорската сметка. 


Кога прифатената иницијатива се однесува на јавен интерес од значење за Република Македонија од член 6 на овој закон, Владата на Република Македонија го известува органот на државната управа надлежен за работите од областа на енергетиката и минералните суровини, односно органот на државната управа надлежен за работите од областа на телекомуникациите, да отвори депозитна сметка во рамки на трезорската сметка. 


(5) По прифаќање на иницијативата, подносителот на иницијативата до Државното правобранителство на Република Македонија, односно до единицата на локална самоуправа или градот Скопје, ги доставува доказите од член 26 на овој закон и одлука за прифаќање на иницијативата и доказ за депонирани средства во висина на проценетата вредност на недвижноста која треба да се експроприра, на депозитна сметка на органот на државната управа надлежен за работите од областа на енергетиката и минералните суровини, односно органот на државната управа надлежен за работите од областа на телекомуникациите, односно на депозитна сметка на единицата на локалната самоуправа во рамки на трезорската сметка, заради покренување на постапка за експропријација. 


(6) Доколку по завршување на постапката за експропријација, а по спроведена постапка за концесија, долготраен закуп или друго право согласно закон подносителот на иницијативата не биде избран да го реализира јавниот интерес или да ја обезбеди јавната услуга, депонираните средства од став (4) на овој член му се враќаат на подносителот на иницијативата. 


(7) Доколку по завршување на постапката за експропријација, а по спроведена постапка за концесија, долготраен закуп или друго право согласно закон, подносителот на иницијативата биде избран да го реализира јавниот интерес, средствата од депозитната сметка од став (4) на овој член се користат за исплата на надоместот за експроприраната недвижност. 


(8) Во случај на определување на повисок надомест за експроприраната недвижност од депонираниот износ на наменската сметка, подносителот на иницијативата од ставот (1) на овој член е должен да ја надомести разликата до вредноста на определениот надомест за експроприраната недвижност. Доколку утврдениот надомест за експроприраната недвижност е понизок од депонираниот, остатокот од 
депонираните средства му се враќаат на подносителот на иницијативата.


(9)Лицето кое ќе ја добие концесијата, долготрајниот закуп или друго право согласно закон, а не е истото лице кое ја поднело иницијативата, е должно во рок од 15 дена од склучувањето на договорот за концесија, долготраен закуп или друго право согласно закон, да уплати износ во висина на надоместот за експроприраната недвижност на депозитна сметка на органот на државната управа надлежен за работите од областа на енергетиката и минералните суровини, односно органот на државната управа надлежен за работите од областа на телекомуникациите, односно на депозитна сметка на единицата на локалната самоуправа во рамки на трезорската сметка.


(10) По барање на лицето од став (9) на овој член надоместот за долготраен закуп може да се намали за износ во висина на платениот надомест за експропријација.

 

4. Постапка пред органот за експропријација

 

Член 28

По приемот на предлогот за експропријација, органот за експропријација е должен:

-предлогот за експропријација со сите списи да го достави на сопственикот и на носителите на други имотни права на недвижноста за која се предлага експропријација во рок од пет дена, од приемот на предлогот; и

-предлогот за експропријација и геодетскиот елаборат од член 26 точка 3 од овој закон, да го достави до Агенцијата за катастар на недвижности заради прибележување на предлогот за експропријација, во рок од пет дена од приемот на предлогот за експропријација.

 

Член 29

Органот за експропријација по предлогот за експропријација закажува расправа на која ги повикува сопственикот на недвижноста или носителите на други имотни права на недвижноста што е предмет на експропријација и предлагачот на експропријацијата. На расправата се утврдуваат постоењето на јавниот интерес, правото на сопственост и другите имотни права, видот и висината на надоместот како и други факти и околности од значење за експропријацијата. Органот е должен по доставувањето на предлогот за експропријација до сопственикот на недвижноста или носителите на други имотни права на недвижноста, да закаже и одржи расправа по предлогот, најдоцна во рок од 15 дена од денот на доставување на предлогот на сопственикот на недвижноста или носителите на други имотни права на недвижноста.

 

5. Расправа за спогодување

 

Член 30

(1)Расправата може да заврши со спогодба за надомест (порамнување ).

(2)Со спогодбата од ставот (1) на овој член се определува видот на надоместот (плаќање во пари или давање на друга соодветна недвижност), висината на тој надомест ако е утврден во пари и рокот во кој треба да биде исплатен.

(3) Спогодбата се внесува во записник кој ги содржи сите податоци неопходни за исполнување на обврските на предлагачот на експропријацијата и сопственикот на недвижноста или носителот на други имотни права.


(4) Спогодбата е склучена кога двете страни ќе го потпишат записникот.


(5) Спогодбата е основ за запишување на правото на сопственост на предлагачот

на експропријација.


(6) Спогодбата од став (4) на овој член има својство на извршна исправа а со склучувањето на спогодбата се смета дека постапката за експропријација и постапката за определувањето на надоместот се правосилно завршени.

 

6. Решение за експропријација

 

Член 31

(1)Ако не се постигне спогодба од член 30 на овој закон, органот за експропријација во зависност од фактите утврдени во постапката ќе донесе решение за експропријација.

(2) Решението со кое се усвојува предлогот за експропријација содржи податоци за:

-предлагачот на експропријацијата;

-недвижноста што се експроприра, со наведување на податоци од катастарот на недвижностите;

-сопственикот на недвижноста (лично име или назив, живеалиште, престојувалиште, односно седиште);

-носителите на други имотни права на недвижноста (лично име или назив, живеалиште, престојувалиште, односно седиште) и

-градењето на објектот или изведувањето на работи за кои се предлага експропријацијата.

 

Член 32

Против решението за експропријација може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 15 дена од денот на доставувањето на решението.

 

7. Владение на експроприраната недвижност

 

Член 33

(1) Предлагачот на експропријацијата се стекнува со владение на експроприраната недвижност во рок од осум дена од денот на постигнувањето на порамнувањето (спогодбата), од член 30 на овој закон, ако предлагачот на експропријацијата и сопственикот на експроприраната недвижност поинаку не се договорат, односно со правосилноста на решението од членот 31 на овој закон.

(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, Владата на Република Македонија на образложен предлог на предлагачот на експропријацијата може да одлучи недвижноста да се предаде во владение на предлагачот на експропријацијата пред правосилноста, а по конечноста на решението за експропријација, ако оцени дека тоа е неопходно заради итност за градење на објекти или изведување на работи од членовите 6 и 7 на овој закон, или заради отстранување на позначителна материјална штета и опасност по здравјето на луѓето и животната средина.

(3) Ако предлагачот на експропријацијата влегол во владение на експроприраната недвижност пред правосилноста на решението, а предлогот за експропријација во понатамошната постапка биде правосилно одбиен, предлагачот на експропријацијата е должен на сопственикот да му ја врати недвижноста во рок од 15 дена по правосилноста на решението со кое е одбиен предлогот за експропријација, ако недвижноста постои, како и да му ја надомести штетата настаната со влегување во владение на недвижноста, односно ако недвижноста не постои или неможе да му се врати, да му ја надомести штетата.

(4) Органот за експропријација е должен да состави записник, во кој ќе ја утврди состојбата на имотот пред влегувањето во владение, доколку состојбата на имотот е од значење за обештетувањето. На сопственикот му се доставува примерок од записникот, потпишан од органот, предлагачот на експропријацијата и сопственикот на недвижноста.

(5) Кога сопственикот живее во експроприрана станбена зграда, односно стан или врши дејност во експроприраната зграда или деловна просторија, има право на времено сместување.

 

8.Откажување од предлог за експропријација

 

Член 34

Предлагачот на експропријацијата може до правосилноста на решението за експропријација да се откаже од предлогот за експропријација.

 

9. Поништување на правосилно решение за експропријација

 

Член 35

(1) По барање на поранешниот сопственик ќе се поништи правосилното решение за експропријација во целост или делумно ако во рок од 10 години не е реализирана целта заради која е извршена експропријација за градење објекти односно изведување на работи од значење за Република Македонија, односно шест години за градење на објекти или изведување на работи од локално значење.

(2) Барањето за поништување на решението за експропријација може да се поднесе по истекот на роковите од став (1) на овој член, но најдоцна до 15 години од денот на правосилноста на решението за експропријација.

(3) За поништување на решението за експропријација од ставовите (1) и (2) на овој член одлучува органот за експропријација.

(4) Во случај на поништување на решението за експропријација, надоместот за експроприраната недвижност се решава во постапка за определување на надоместот предвидена со овој закон.

 

10. Постапка за востановување право на службеност и за други ограничувања на правото на сопственост на земјиште

 

Член 36

Во постапката за востановување право на службеност и другите ограничувања на правото на правото на сопственост на земјиште соодветно се применуваат одредбите на овој закон кои се однесуваат на постапката за потполна експропријација.

 

III. ПОСТАПКА ЗА НАДОМЕСТ

 

1. Надомест за потполна експропријација

 

Член 37

Пазарната вредност на експроприраните недвижности и на недвижностите што се даваат како надомест, ја утврдува овластен проценувач согласно Законот за процена.

 

Член 38

Надоместот за експроприраната недвижност се определува по правило во пари ако поранешниот сопственик, односно носителите на други имотни права и предлагачот на експропријацијата не се договорат поинаку.

 

Член 39

Сопственикот на недвижноста што се експроприра има право на надомест и за насадите, посевите, шумите на земјиштето и плодовите, доколку не влегле во пазарната цена на земјиштето.

 

Член 40

Сопственикот на недвижноста што се експроприра нема право на надомест за вложувањата што ги извршил по денот кога му е доставен предлогот за експропријација.

 

Член 41

(1)Кога како надомест за експроприраната недвижност се нуди друга недвижност, таа треба да биде по вредност соодветна на експроприраната недвижност.

(2)Кога меѓу вредноста на експроприраната недвижност и недвижноста што се дава како надомест постои разлика во вредноста, предлагачот на експропријацијата, односно поранешниот сопственик е должен на другата страна да и ја надомести разликата.

(3)Кога обврската од став (2 ) на овој член ја има сопственикот на недвижност што се експроприра, тој може да ја плати разликата во пари или да стекне право на сопственост само на дел од недвижноста до висина на утврдениот надомест.

(4)Начинот, условите и роковите за исплата на разликата на вредноста од став (2) на овој член се утврдува со спогодба, односно одлука на судот.

 

Член 42

(1)Предлагачот на експропријацијата е должен на сопственикот на недвижноста што се експроприра кој во експроприраниот објект живее, односно врши дејност, ако тој тоа го бара, да му даде во замена друг соодветен по вредност објект.

(2) Сопственикот на недвижноста што се експроприра има право на надомест за селидбени трошоци.

 

Член 43

(1)Ако се експроприра недвижност во која се врши дејност, при определувањето на надоместот се зема предвид и штетата што се трпи заради прекинот на дејноста, како и штетата која настанала заради промена на локацијата, ако таква настанала.

(2)Висината на штетата од став (1) на овој член ја определува вешто лице во секој конкретен случај согласно Законот за вештачење.

 

Член 44

(1)Кога се определува надомест за објект кој заради својата природа не е во промет и за кој не се формира пазарна цена (бунари, оградни и потпорни ѕидови и слично), висината на надоместот се определува според пазарната вредност на материјалот и работната рака потребни за изградба на тие објекти, намалена за соодветниот износ на амортизација.

(2)Висината на надоместот од ставот (1) на овој член ја определува овластен проценувач во секој конкретен случај согласно Законот за процена.

 

Член 44-а

(1) Кога проценетата вредност на една или повеќе недвижности кои се предмет на една или повеќе поврзани постапки за експропријација надминува пет милиони евра во денарска противвредност пресметана по средниот курс на Народна банка на Република Македонија во моментот на изготвување на извештајот за процена, а на кои сопственик или носител на имотните права на недвижности е ист субјект, надоместокот се исплаќа во еднакви годишни рати во период до пет години, според динамика предложена од страна на предлагачот на експропријацијата.

(2) Кога проценетата вредност на една или повеќе недвижности кои се предмет на една или повеќе поврзани постапки за експропријација надминува дваесет и пет милиони евра во денарска противвредност пресметана по средниот курс на Народна банка на Република Македонија во моментот на изготвување на извештајот за процена, а на кои сопственик или носител на имотните права на недвижности е ист субјект, надоместокот се исплаќа во еднакви годишни рати во период до осум години, според динамика предложена од страна на предлагачот на експропријацијата.

(3) Во случаите од ставовите (1) и (2) на овој член, на сопственикот или носителот на имотните права на недвижностите кои се предмет на експропријација му се исплаќа годишна камата, по фиксна каматната стапка еднаква на просечната каматна стапка на тримесечните државни записи (без девизна клаузула) постигната во изминатите шест месеци кои ги издало Министерството за финансии на Република Македонија на домашниот пазар. Каматата започнува да тече од денот на правосилноста на актот со кој е утврдена висината и динамиката на исплата на средствата и се пресметува на неисплатениот дел од определениот надоместок.

(4) Просечната каматна стапка ќе се пресметува како проста аритметичка средина од каматните стапки постигнати на аукциите од став (3) на овој член.

 

2.Надомест за службеност

 

Член 45

(1) За востановеното право на службеност се плаќа надомест кој опфаќа намалена пазарна вредност на послужната ствар и штета што е настаната со востановувањето на

правото на службеност.


(2)Надоместот од ставот (1) на овој член се утврдува во секој конкретен случај од странана овластенпроценувачсогласноЗаконотзапроцена.

 

3.Надомест за други ограничувања на правото на сопственост на земјиште

 

Член 46

(1) Надоместот за другите ограничувања на правото на сопственост на земјиште се определува според висината на закуп што се постигнува на пазарот за тој вид недвижности. 


(2) Ако со ограничувањето на правото на сопственост на земјиште се нанесе штета на сопственикот на недвижноста, тој има право на надомест на штета. 


(3) Надоместот на штета се определува во секој конкретен случај од страна на вешто лице согласно Законот за вештачење. 


 

4. Спогодба за надомест

 

Член 47

(1) Предлагачот на експропријацијата и сопственикот на недвижноста што се експроприра можат да постигнат спогодба за надомест до правосилноста на решението за експропријација, ако ако таква спогодба не се постигне органот за експропријација е должен во рок од 8 дена по правосилноста на решението за експропријација да закаже расправа заради спогодување за надоместот.

(2) Ако по одржаната расправа за спогодување не се постигне спогодба за надомест, органот за експропријација е должен во рок од осум дена по одржаната расправа, предметот со сите списи да го достави на надлежниот суд, заради определување на надоместот.

 

5. Исполнување на обврската за надомест

 

Член 48

(1) Предлагачот на експропријацијата е должен во рокот утврден во спогодбата од член 30 или член 47 на овој закон, односно во рок од 30 дена од правосилноста на одлуката на судот за надомест, да го исплати надоместот во пари, односно да ја предаде недвижноста што се дава како надомест за експроприраната недвижност.

(2) Ако предлагачот на експропријацијата во рокот од став (1) на овој член не го плати надоместот во пари или не ја предаде недвижноста што се дава како надомест во владение, должен е да плати надомест на штета, односно камата по референтна стапка на Народната банка на Република Македонија.

 

IV. ПОСЕБНИ ПОСТАПКИ

 

Член 49

(1) Градежното земјиште во државна сопственост на кое постои право на користење (корисници-правни и физички лица) ќе се одземе од користење заради градење на објекти и изведување на други работи од јавен интерес утврден со членовите 6 и 7 на овој закон, со решение на органот за експропријација.


(2) На корисниците на градежното земјиштето од ставот (1) на овој член им припаѓа надомест според одредбите на овој закон, ако правото на користење е врз основа на поранешна сопственост или е стекнато со надомест.

 

Член 50

(1) На корисниците на градежното земјиште од членот 49 на овој закон не им припаѓа надомест, ако правото на користење е стекнато без надомест.

(2) Корисниците на градежното земјиште од став (1) на овој член имаат право на надомест за извршените вложувања на земјиштето.

 

Запишување во катастарот на недвижности

Член 51

(1) Запишувањето на правото на сопственост во катастарот на недвижностите на експроприраната недвижност се врши врз основа на спогодбата од член 30, односно член 47 на овој закон или врз основа на правосилното решение за експропријација од член 31 на овој закон.

(2) Во катастарот на недвижности се запишува правото на службеност и другите ограничувања на правото на сопственост на земјиште од членовите 11, 15, 16 и 17 на овој закон.

 

V. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

Член 52

Започнатите постапки за експропријација до денот на влегување во сила на овој закон ќе се завршат согласно прописите што важеле до денот на влегување во сила на овој закон.

 

Член 53

По жалбите изјавени против решенијата за експропријација донесени до влегување во сила на овој закон, ќе одлучува Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

 

Член 54

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 33/95, 20/98, 40/99, 31/03, 46/2005, 10/2008, 106/2008, 156/2010 и 6/2012 ).

 

Член 55

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија“.

 

Trascina file per caricare