The measure is available in the following languages:
ЗАКОН ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КОНФИСКУВАН ИМОТ, ИМОТНА КОРИСТ И ОДЗЕМЕНИ ПРЕДМЕТИ ВО КРИВИЧНА И ПРЕКРШОЧНА ПОСТАПКА
Законот е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 98 од 04.08.2008 година.
Измени на законот објавени се во „Службен весник на Република Македонија“ број 145 од 05.11.2010 година, 104 од 24.07.2013 година.
Автентично толкување на член 48 став 1 на законот е објавено во „Службен весник на Република Македонија“ број 36 од 23.03.2011 година
Измените се составен дел од овој пречистен текст.
(Пречистен текст)
I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ
Општа одредба
Член 1
Со овој закон се уредуваат управувањето, користењето и располагањето со привремено конфискуваниот имот, имотна корист и привремено одземените предмети, како и конфискуваниот имот, имотната корист и одземените предмети со правосилна одлука во кривична и прекршочна постапка, како и основањето, надлежноста, управувањето, раководењето и други прашања поврзани со работата на Агенцијата за управување со одземен имот (во натамошниот текст: Агенцијата).
Значење на изразите во овој закон
Член 2
Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:
1. “Одземен имот“ се подразбира привремено конфискуваниот имот, имотната корист и привремено одземените предмети и конфискуваниот имот, имотната корист и одземените предмети со правосилна одлука во кривична и прекршочна постапка;
2. “Привремено конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети“ се подразбираат наведениот имот, имотна корист и одземени предмети за чија конечна конфискација односно одземање не е донесена правосилна одлука и 3. “Конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети“ се подразбираат наведениот имот, имотна корист и предмети конфискувани или одземени со правосилна одлука.
Начела на Законот
Член 3
При постапувањето и управувањето со одземениот имот се постапува согласно со начелата на законитост, економичност, ефикасност, трaнспарентност, постапување со внимание на добар домаќин, одговорност, стручност, професионалност и ажурност.
Класифицирани информации
Член 4
Информациите до кои во текот на вршењето на должноста ќе дојдат вработените во Агенцијата претставуваат класифицирани информации со соодветен степен на тајност согласно со прописите за класифицирани информации.
II. АГЕНЦИЈА ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ОДЗЕМЕН ИМОТ
Статус на Агенцијата
Член 5
Агенцијата има својство на правно лице со права, обврски и одговорности утврдени со овој закон.
Агенцијата има Статут.
Седиштето на Агенцијата е во Скопје.
За својата работа Агенцијата одговара пред Владата на Република Македонија.
Статус на вработените во Агенцијата
Член 5 – а
Вработените во Агенцијата имаат статус на државни службеници.
Вработените во Агенцијата кои вршат помошни и технички работи немаат статус на државни службеници и во врска со нивните права, обврски и одговорности од работниот однос, се применуваат одредбите од Законот за работните односи, прописите од областа на здравственото, пензиското и инвалидското осигурување и колективен договор.
Делокруг на работа на Агенцијата
Член 6
Агенцијата ги врши следниве работи:
– управува со конфискуваниот имот, имотната корист и одземените предмети,
– со согласност на судот и надлежниот орган управува со привремено
конфискуваниот имот и имотна корист и привремено одземените предмети со цел да се заштити вредноста на имотот согласно со овој закон,
– ја спроведува постапката за извршување на конфискацијата на имот и имотна корист,
– го чува и складира одземениот имот,
– врши процена,
– води евиденција на целокупниот одземен имот,
– го продава одземениот имот,
– изготвува статистички, финансиски и други извештаи за одземениот имот,
– планира, организира и спроведува обука за вработените во Агенцијата и другите субјекти вклучени во постапувањето со одземениот имот,
– дава мислења во врска со примената на овој закон и
– врши други работи утврдени со закон.
Управниот одбор на Агенцијата со подзаконските акт го пропишува начинот на водење евиденција на податоци за одземениот имот.
Донесување планови за работа
Член 7
Најдоцна до 1 септември во тековната година Управниот одбор на Агенцијата усвојува план за работа и ревидиран финансиски план на Агенцијата за наредната година.
Едукација и тренинг на вработените
Член 8
Вработените во Агенцијата имаат право и обврска на едукација и тренинг во согласност со годишната програма и годишниот план што го усвојува Управниот одбор на Агенцијата.
Службена легитимација
Член 9
Вработените во Агенцијата имаат службена легитимација која ја издава и одзема директорот на Агенцијата.
Формата и содржината на образецот на службената легитимација, начинот на нејзиното издавање и одземање со подзаконски акт го пропишува Управниот одбор на Агенцијата.
Поднесување извештај за работа
Член 10
Агенцијата за својата работа изготвува годишен извештај и ревидиран финансиски извештај.
Извештаите од ставот 1 на овој член ги усвојува Управниот одбор по што се поднесуваат до Владата на Република Македонија најдоцна до 31 мај наредната година.
Извештаите од ставот 1 на овој член содржат податоци за работата на Агенцијата и податоци за користење, управување и располагање со конфискуваниот имот, имотната корист и одземените предмети.
Доставување извештаи до судовите и до јавното обвинителство
Член 11
На барање на надлежниот суд или друг надлежен орган, Агенцијата му доставува извештај за постапувањето со конкретниот предмет.
Агенцијата доставува квартални извештаи на органите од ставот 1 на овој член за постапувањето по конкретен предмет за привремено конфискуван имот, имотна корист и привремено одземени предмети.
III. ОРГАНИ НА УПРАВУВАЊЕ И РАКОВОДЕЊЕ СО АГЕНЦИЈАТА
Органи на Агенцијата
Член 12
Органи на Агенцијата се Управниот одбор и директорот.
Состав на Управниот одбор
Член 13
Со Агенцијата управува Управниот одбор кој е составен од пет члена и тоа по еден член на предлог од Министерството за правда, Министерството за финансии, Државното правобранителство, Судскиот совет на Република Македонија и Советот на јавниoт обвинител на Република Македонија.
Именување и разрешување на членови на Управниот одбор
Член 14
Членовите на Управниот одбор ги именува и разрешува Владата на Република Македонија за период од пет години, без право на повторен избор.
Членовите на Управниот одбор избираат претседател од своите редови на првата седница на Управниот одбор.
Кога некој член на Управниот одбор ќе престане да ја врши должноста пред истекот на мандатот, на негово место се именува друг член до истекот на мандатот на членот кој се заменува.
Владата на Република Македонија може да го разреши претседателот или член на Управниот одбор пред истекот на мандатот:
- на негово барање,
- кога му е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност на раководно лице во институцијата,
- поради долготрајна тешка болест, која го спречува во извршувањето на обврските,
- ако ја изгуби деловната способност,
- доколку се утврди дека при извршување на функцијата сам или заедно со друг член на Управниот одбор дејствува спротивно на основните цели на законот, а кое може да се утврди од извештајот на ревизорот за степенот на постигнување на законските надлежности на Агенцијата и
- поради нестручно, непрофесионално и несовесно извршување на функцијата претседател или член на Управниот одбор на полето на материјалното и финансиското работење, констатирано во извештајот на ревизорот.
Надлежност и начин на работата на Управниот одбор на Агенцијата
Член 15
Управниот одбор на Агенцијата ги врши следниве работи:
- донесува Статут на Агенцијата на кој согласност дава Владата на Република Македонија,
- донесува деловник за работа,
- усвојува годишен план и ревидиран финансиски план на Агенцијата,
- усвојува годишен извештај и ревидиран финансиски извештај,
- усвојува подзаконски прописи за спроведување на овој закон и
- други работи утврдени со овој закон и Статутот на Агенцијата.
Управниот одбор работи и одлучува на седници.
Директор на Агенцијата
Член 16
Со Агенцијата раководи директор.
Директорот на Агенцијата го избира и разрешува Владата на Република Македонија.
Именување на директор
Член 17
За директор на Агенцијата може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:
- да има завршено најмалку високо образование од областа на правото или економијата,
- да има најмалку пет години работно искуство по дипломирањето и
- да е државјанин на Република Македонија.
Мандат на Директорот
Член 18
Директорот има мандат кој трае пет години.
Разрешување на директорот
Член 19
Директорот на Агенцијата може да биде разрешен пред истекот на мандатот во случај:
- ако со својата несовесна и неправилна работа предизвика нарушување во вршењето на работите на Агенцијата и причини штета утврдена во постапка согласно со закон,
- ако не работи и не постапува според закон, Статутот и актите на Агенцијата, или неоправдано не ги спроведува одлуките на Управниот одбор, или постапува спротивно со нив,
- кога му е изречена санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност на раководно лице во институцијата,
- ако ја изгуби деловната способност,
- ако не достави извештај согласно со членот 15 од овој закон, односно ако и по истекот на рокот определен во истиот став не ги отстрани недостатоците и/или во тој рок повторно има недостатоци и/или загуби во финансиското работење и - на негово барање.
Работи што ги врши директорот
Член 20
Директорот на Агенцијата ги врши следниве работи:
- ја претставува и ја застапува Агенцијата,
- ја организира работата и раководи со стручните служби на Агенцијата,
- ги извршува одлуките на Управниот одбор,
- изготвува и му предлага на Управниот одбор годишен план и ревидиран финансиски план,
- изготвува и му предлага на Управниот одбор годишен извештај и ревидиран финансиски извештај,
- изготвува и предлага на Управниот одбор подзаконски прописи за спроведување на овој закон,
- ги донесува актите за организација и систематизација на работните места на Агенцијата,
- се грижи за законито работење и трошење на финансиските средства на Агенцијата,
- донесува поединечни акти за вработените од областа на работните односи и - одлучува и за други прашања утврдени со овој закон и со статутот на
Агенцијата.
Директорот на Агенцијата е должен секои шест месеца да доставува извештај за работата до Владата на Република Македонија и до Управниот одбор на Агенцијата.
Овластување за вршење на работи
Член 21
Директорот на Агенцијата може да овласти вработен во Агенцијата да потпишува акти, да решава за определени прашања и да врши други работи од надлежност на Агенцијата, освен за акти и работи кои во согласност со закон се во исклучива надлежност на директорот.
Директорот на Агенцијата може во секое време да го одземе даденото овластување од ставот 1 на овој член.
Даденото овластување од ставот 1 на овој член не го спречува директорот да ги врши работите.
Утврдување на внатрешна организација
Член 22
Внатрешната организација на Агенцијата се утврдува согласно со нејзиниот делокруг на работа утврден со овој закон.
Статут на Агенцијата
Член 23
Агенцијата има Статут со кој особено се уредуваат:
– работите од надлежностите на Агенцијата и начинот на нивното извршување,
– надлежностите на Управниот одбор и на директорот,
– начинот на избор и разрешување на членовите на Управниот одбор,
– меѓународната соработка на Агенцијата и
– други прашања од значење за работењето на Агенцијата.
IV. ОДНОСИ НА АГЕНЦИЈАТА СО ДРУГИ ОРГАНИ
Известување на Агенцијата за привремено одземен имот
Член 24
По донесената одлука на судот или друг орган за привремено одземање на имот, имотна корист или предмети судот или друг орган, без одлагање, ја известувааат Агенцијата.
Имотот, имотната корист и предметите од ставот 1 на овој член, освен оние за кои судот одлучи поинаку се предаваат на Агенцијата.
При преземањето на имотот, имотната корист и предметите од ставот 1 на овој член се составува записник кој содржи податоци за видот, количината, состојбата во која се примаат, лицето од кое е одземен, како и процена на вредноста утврдена од овластен проценител и други релевантни податоци за одземениот имот, имотната корист и предметите.
Управниот одбор со подзаконски акт го пропишува образецот на записникот од ставот 3 на овој член.
Известување на Агенцијата за конфискуваниот имот со правосилна одлука
Член 25
По донесената правосилна одлука на судот или на друг орган со која се конфискува имот, имотна корист или се одземаат предмети судот, односно органот задолжително веднаш ја известува Агенцијата и ги предава конфискуваниот имот, имотната корист или предметите доколку претходно не се предадени на Агенцијата.
V. ПОСТАПУВАЊЕ СО ОДЗЕМЕН ИМОТ
Постапување на Агенцијата со одземен имот
Член 26
Со одземениот имот Агенцијата постапува согласно со начелото на добар домаќин и добар стопанственик.
При постапувањето со одземениот имот Агенцијата може да бара извршување на одредени работи од други специјализирани правни и физички лица за процени за потребите за процена на имотот, негово продавање и слично.
Процена на вредноста на одземениот имот
Член 27
По примањето на имотот, Агенцијата врши процена на неговата пазарна вредност, при што може да користи услуги на овластени проценители или Бирото за судски вештачења на Република Македонија.
За висината на проценетата вредност на имотот Агенцијата го известува надлежниот суд, Јавното обвинителство, Државното правобранителство, друг надлежен орган и лицето од кое е одземен имотот.
Јавното обвинителство, Државното правобранителство или друга засегната страна може да поднесе приговор за проценетата вредност до органот кој донел одлука за одземање на имотот.
Извршување на одлука на суд или друг орган за одземање имот
Член 28
Одлуката за одземање имот ја извршува Агенцијата.
Во извршувањето од ставот 1 на овој член Агенцијата може да побара асистенција од Министерството за внатрешни работи.
Постапување со предмети од историско и уметничко значење
Член 29
Ако привремено се одземени предмети со посебна историска, научна или уметничка вредност, Агенцијата ги предава на чување во соодветна институција надлежна за чување на овој вид предмети.
По правосилноста на одлуката со која се конфискуваат предметите од ставот 1 на овој член тие, без надоместок, се отстапуваат на соодветна институција надлежна за чување на овој вид предмети, определена со посебен закон.
Постапување со одземени скапоцени камења и благородни метали
Член 30
Доколку привремено се одземени скапоцени камења и благородни метали, Агенцијата до правосилноста на одлуката ги предава на чување на Народната банка на Република Македонија.
По правосилноста на одлуката Народната банка на Република Македонија ги враќа на Агенцијата предметите од ставот 1 на овој член.
Отстапување на недвижен одземен имот
Член 31
Доколку е одземен недвижен имот со правосилна одлука, Агенцијата ја известува Владата на Република Македонија која може да донесе одлука за отстапување на недвижниот имот на друг државен орган без надоместок, во согласност со закон.
За отстапување на недвижниот имот од ставот 1 на овој член Владата на Република Македонија одлучува во рок од еден месец од денот на известувањето.
Чување на привремено одземен недвижен имот
Член 32
Агенцијата ги презема сите неопходни мерки за чување и одржување на привремено одземениот недвижен имот.
Трошоците за чување и одржување на имотот од ставот 1 на овој член се на товар на Агенцијата.
Управување со одземени хартии од вредност
Член 33
Продажбата и управувањето на одземениот имот со правосилна одлука кој се состои од хартиии од вредност се врши согласно со прописите со кои е уреден прометот на хартии од вредност.
Управувањето и располагањето со одземениот имот од ставот 1 на овој член го вршат банки и овластени финансиски институции согласно со Законот за хартии од вредност.
Постапка за продажба на одземени предмети
Член 34
Продажбата на одземените предмети се врши со јавно наддавање.
Продажбата на одземените предметит се објавува најмалку седум дена пред одржувањето на јавното наддавање најмалку во еден дневен весник, како и на интернет страницата на Агенцијата каде што ќе се презентира и листа со детален опис на предметите што се продаваат.
Продажбата на предметите ја спроведува комисија формирана од директорот на Агенцијата.
Продажба под проценета вредност
Член 35
Одземените предмети не можат да се продадат под проценетата вредност согласно со членот 27 од овој закон.
Ако на првото наддавање не е постигната цена во висина на проценетата вредност, Агенцијата ќе определи ново наддавање на кое предметите можат да се продадат под проценетата вредност, но не под проценетата цена намалена за една четвртина од проценетата вредност.
Полагање на цената и преземање на предметите
Член 36
Купувачот е должен цената да ја уплати во Буџетот на Република Македонија и предметите да ги преземе веднаш по заклучувањето на наддавањето.
Купувачот станува сопственик на купените предмети. На купувачот не му припаѓаат правата врз основа на гаранција, поради недостаток на предметите.
Купувач не може да биде осуденото или лицето против кое се водела кривичната или прекршочната постапка, вработените во Агенцијата или друго лице кое службено учествува во постапката за продажба.
Продажба на одземена недвижност
Член 37
Врз основа на акт за извршување од судот или органот кој ја донел правосилната одлука за одземање на недвижниот имот, а на предлог на Агенцијата, Владата на Репубилка Македонија донесува одлука за продажба на одземениот недвижен имот.
Агенцијата, врз основа на одлуката од ставот 1 на овој член, донесува заклучок за продажба на недвижноста со кој се определуваат начинот и условите на продажбата, како и времето и местото на продажбата. Заклучокот за продажба, Агенцијата го објавува во „Службен весник на Република Македонија", во најмалку еден дневен весници и на интернет страницата на Агенцијата.
Продажбата се спроведува во рок од 15 до 30 дена од објавувањето на заклучокот за продажба во средствата за јавно информирање.
Продажба по пат на јавно наддавање
Член 38
Продажбата на одземената недвижност се врши со усно јавно наддавање.
Усното јавно наддавање за продажба го спроведува комисија формирана од директорот на Агенцијата.
Услови за продажба
Член 39
Условите за продажба, покрај другите податоци содржат:
1) поблизок опис на одземената недвижност;
2) лицето во чија корист постои законско или укнижено право на уживање или укнижено право на станување (домување) на конфискуваната недвижност, како и полските и куќните службености;
3) вредноста на недвижноста утврдена согласно со членот 27 од овој закон;
4) цена по која недвижноста може да се продаде;
5) рок во кој купувачот е должен да ја положи цената;
6) начин на продажба;
7) износ на гаранција и
8) клаузула дека данокот за промет го плаќа купувачот.
Продажбата на недвижноста со јавно наддавање се врши во седиштето на Агенцијата.
Рокот во кој купувачот е должен да ја положи цената не може да биде подолг од 15 дена од денот на продажбата.
По исклучок, а по претходна согласност од Владата на Република Македонија, рокот може да биде продолжен најмногу до три месеца.
Полагање гаранција
Член 40
Во јавното наддавање можат да учествуваат само лица кои претходно положиле гаранција.
Гаранцијата изнесува една десеттина од утврдената вредност на одземената недвижност.
На понудувачите чија понуда не е прифатена, гаранцијата им се враќа веднаш по заклучувањето на јавното наддавање.
Повторување на јавното наддавање
Член 41
Јавното наддавање нема да се одржи доколку присуствува само еден понудувач.
Во случај од ставот 1 на овој член Агенцијата во рок од 30 дена закажува ново јавно наддавање.
Субјекти кои не можат да учествуваат на јавното наддавање
Член 42
Купувачи не можат да бидат вработените во Агенцијата или други лица кои службено учествуваат во постапката за продажба, како и осуденото или лицето против кое се водела судската или прекршочната постапка.
Спроведување на јавно наддавање
Член 43
На првото јавно наддавање недвижноста не може да се продаде под утврдената вредност согласно со членот 27 од овој закон.
Ако одземената недвижност не може да се продаде на првото јавно наддавање, Агенцијата ќе закаже второ јавно наддавање со почетна цена на предметната недвижност намалена за една четвртина од проценетата вредност.
Од првото до второто јавно наддавање мора да изминат најмалку 15 дена, но не повеќе од 30 дена.
Откако ќе утврди дека се исполнети условите за одржување на јавното наддавање, претседателот на Комисијата која го спроведува јавното наддавање пристапува кон наддавање.
Наддавањето се заклучува по истекот на три минути непосредно по истакнувањето на најповолната понуда.
По заклученото наддавање претседателот на Комисијата констатира кој понудувач понудил најдобра цена и дека на тој понудувач му се продава недвижноста.
За продажба на недвижноста Комисијата изготвува записник и донесува заклучок за продажба кој го доставува до сите учесници на наддавањето.
Против заклучокот од ставот 7 на овој член дозволена е тужба за поведување управен спор пред Управниот суд во рок од 15 дена од приемот на заклучокот.
Поднесената тужба не го задржува спроведувањето на заклучокот за продажба.
По уплатата на цената на недвижноста, Агенцијата во рок од три дена донесува заклучок за извршената продажба кој претставува правна основа за стекнување на правото на сопственост.
Агенцијата ќе донесе заклучок за продавање на недвижноста, откако ќе утврди дека се исполнети условите за полноважност на продажбата.
Заклучокот за продавање на недвижноста се доставува до сите лица до кои се доставува заклучокот за продажбата, до купувачот и до сите учесници во наддавањето во рок од осум дена од донесувањето.
Полагање на цената
Член 44
Купувачот е должен да ја положи цената во рокот утврден во членот 39 од овој закон.
Доколку купувачот во определениот рок не ј а положи цената, Агенцијата со заклучок ќе ја огласи продажбата како неважечка и ќе определи нова продажба.
Од положената гаранција ќе се намират трошоците на новата продажба.
Предавање во владение на недвижноста
Член 45
По уплатата на цената од страна на купувачот, во рок од осум дена, Агенцијата донесува заклучок за предавање на недвижноста во владение на купувачот.
Заклучокот се доставува до сите лица до кои се доставува заклучокот за продажба на недвижноста.
Недвижности кои не се продале и по второто јавно наддавање
Член 46
За недвижностите кои не можат да се продадат и на второто наддавање Агенцијата доставува предлог до Владата на Република Македонија за нивно користење или отстапување.
Продажба на одземен удел
Член 47
По приемот на правосилната одлука за одземање на удели Агенцијата ќе го запише уделот во Книгата на удели и Трговскиот регистар.
Продажба на удели се врши согласно со одредбите за продажба на подвижни ствари согласно со одредбите на овој закон.
Продажба и отстапување на привремено одземен имот
Член 48
Привремено одземен недвижен имот не може да биде предмет на продажба.
Агенцијата со добиена претходна согласност на судот или органот кој ја донел одлуката за привремено одземање ќе донесе одлука за продажба или отстапување на привремено одземен подвижен имот доколку процени дека со чувањето на имотот се намалува неговата вредност или трошоците за неговото чување се несразмерно големи. Агенцијата барањето за претходна согласност за продажба и отстапување го доставува до судот или органот кој донел одлука за привремено одземање подвижен имот во рок од десет дена од денот на добивањето на известувањето за привремено одземениот подвижен имот.
Согласноста за продажба или отстапување на привремено одземен подвижен имот од ставот 2 на овој член судот или органот ќе ја донесе во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на Агенцијата.
Агенцијата по добивањето на согласноста за продажба и отстапување на подвижниот имот од ставот 3 на овој член обезбедува процена на привремено одземениот подвижен имот од страна на овластен проценител или Бирото за судски вештачења
Уплата на средствата од продажба и отстапување на привремено одземени предмети
Член 49
Средствата добиени од продажба на привремено одземени предмети се уплатуваат на посебна приходна сметка на Агенцијата.
Доколку ќе биде донесена правосилна одлука за враќање на предметот кој е продаден, Агенцијата на сопственикот му ги исплаќа средствата добиени од продажбата од посебна приходна сметка на Агенцијата од ставот 1 на овој член.
Доколку ќе биде донесена правосилна одлука за враќање на отстапен привремено одземен предмет согласно со членот 48 став 2 од овој закон, Агенцијата на сопственикот му ги исплаќа средствата во висина утврдена со направената процена согласно со членот 48 став 4 од овој закон.“
Продажба на одземен имот со правосилна судска одлука
Член 50
Агенцијата го продава недвижниот имот и предметите одземени со правосилна одлука веднаш по правосилноста на одлуката, а добиените средства се уплатуваат во Буџетот на Република Македонија.
Отстапување на привремено одземен имот на државни органи, здруженија на граѓани и фондации
Член 51
Агенцијата може одредени предмети како храна, облека и безалкохолни пијалаци да ги отстапи без надоместок на државни органи, здруженија на граѓани и фондации, согласно со закон за што ја известува Владата на Република Македонија.
Управниот одбор со подзаконски акт го пропишува начинот на отстапување на привремено одземен имот на државни органи, здруженија на граѓани и фондации.
Отстапување на одземени предмети
Член 52
Агенцијата може да отстапи одземени предмети со правосилна пресуда на други државни органи, фондови, агенции, дирекции, јавни установи, независни регулаторни тела основани од Република Македонија, трговски друштва основани од Република Македонија и други основани од Република Македонија, како и единиците на локалната самоуправа, по претходна согласност на Владата на Република Македонија.
Агенцијата може да отстапи привремено одземени предмети за кои е добиена согласност согласно со членот 48 од овој закон на други државни органи, фондови, агенции, дирекции, јавни установи, независни регулаторни тела основани од Република Македонија, трговски друштва основани од Република Македонија и други основани од Република Македонија, како и единиците на локалната самоуправа, по претходна согласност на Владата на Република Македонија.“
Трајно одземени подвижни предмети
Член 52-а
Одредбите од членовите 48,49 и 52 од овој закон ќе се однесуваат и на трајно одземени подвижни предмети согласно со закон.“
Финансирање и средства за работа
Член 53
Средствата за работа на Агенцијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.
VI. ПОСТАПУВАЊЕ СО СТВАРИ НАДВОР ОД ПРОМЕТ
Постапување со одземени наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори
Член 54
Одземените наркотични дроги, психотропни сустанции и прекурзори се предаваат на чување во Агенцијата. Доколку во Агенцијата не постојат услови за чување на наркотичните дроги, психотропни сустанции и прекурзори тие се чуваат кај надлежен државен орган што ги исполнува пропишаните услови за нивно чување. При предавањето се составува записник.
Одземените наркотични дроги, психитропни супстанции и прекурзори се чуваат во посебна просторија.
Трошоците за чување, продажба и уништување на одземените наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори ги сноси Агенцијата.
Владата на Република Македонија со уредба ги уредува стандардите за безбедност и начинот на чување, продажба, уништување на одземените наркотични дроги, психотропни сустанции и прекурзори, како и постапката за нивно отстапување за научно-истражувачки цели.
Управниот одбор со подзаконски акт го пропишува образецот на записникот од ставот 1 на овој член.
Продажба на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори
Член 55
По одлука на судот одземените наркотичните дроги, психотропни супстанции и прекурзори во постапка пропишана со овој закон, можат да се продадат на трговски друштва со посебно одобрение на надлежен орган за промет и производство на лекови.
При формирањето на комисијата за продажба на наркотичните дроги, психотропни супстанции и прекурзори директорот на Агенцијата во Комисијата именува и член од Бирото за лекови во рамките на Министерството за здравство.
Отстапување на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори за научни истражувања
Член 56
Заради потребите за едукација и оспособување судот може да донесе одлука примерок од одземените наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори да биде отстапен на соодветна институција која врши научни истражувања.
Уништување на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори
Член 57
Одлука за уништување на одземени наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори донесува надлежниот суд.
Одземените наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори се уништуваат од комисија формирана од министерот за правда.
Комисијата од ставот 2 на овој член е составена од пет члена кои се претставници од судот, јавното обвинителство, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи и Агенцијата.
Уништувањето на одземените наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори се изведува со палење во објект со лиценца за палење на опасни материи.
За спроведеното уништување комисијата го известува надлежниот суд кој ја донел одлуката за уништување.
Постапување со одземено оружје, муниција и екплозивен материјал
Член 58
Оружјето, муницијата и експлозивниот материјал одземени во кривична или прекршочна постапка се предаваат на Агенцијата. Доколку Агенцијата нема услови за нивно чување, се чуваат во Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана.
Оружјето, муницијата и експлозивниот материјал чие набавување е забрането со закон, се уништува од комисијата од членот 57 на овој закон во објект што поседува соодветни услови за таа намена.
Исправното оружје, согласно со закон, со претходна согласност на Владата на Република Македонија може да биде отстапено без надоместок на судската полиција,
Министерството за внатрешни работи, Министертвото за одбрана, Армијата на Република Македонија, Управата за извршување на санкции, Финансиската полиција и други органи кои со закон имаат право да користат оружје.
Исправното оружје, муниција и експлозивен материјал согласно со закон можат да се продадат по пат на јавно наддавање во постапка пропишана со овој закон на правни лица што се занимаваат со промет на оружје и муниција и на физички лица кои имаат одобрение за набавување на оружје.
Уништување на друг одземен имот
Член 59
Одземениот друг имот кој не може да се продаде поради здравствени, ветеринарни, фитосанитарни, безбедносни и други причини се уништува од комисијата од членот 57 на овој закон.
Одземените тутунски, алкохолни и други производи за кои не постои декларација или доколку се фалсификати задолжително се уништуваат.
VI-а НАДЗОР
Член 59-а
Надзор на спроведувањето на одредбите од овој закон врши Државниот
управен инспекторат.
VI-б ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ
Член 59-б
Глоба во износ од 7.500 до 15.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на одговорното лице во органот ако постапи спротивно на членот 48 ставови 2 и 3 од овој закон.
Глоба во износ од 3.000 до 6.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на службеното лице во органот ако постапи спротивно на членот 48 ставови 2 и 3 од овој закон.
Глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на државниот службеник или службеното лице во органот ако постапи спротивно на членот 48 ставови 2 и 3 од овој закон.
Член 59-в
Прекршочни постапки ќе води и прекршочни санкции ќе изрече надлежен суд.“
VII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 60
Владата на Република Македонија во рок од три месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон го именува Упрвниот oдбор и директорот на Агенцијата.
Член 61
Подзаконските акти чие донесување е предвидено со одредбите на овој закон, ќе се донесат во рок од шест месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 62
Во рок од шест месеца од денот на почнувањето со работа на Агенцијата, судовите и другите органи ја известуваат за привремено одземениот имот.
Во рок од шест месеца од денот на почнувањето со работа на Агенцијата, судовите и другите органи ја известуваат за одземениот имот со правосилна одлука којшто не е продаден или отстапен и согласно со одредбите од овој закон го предаваат на управување на Агенцијата.
Член 63
Одредбите од други закони и подзаконските акти кои ја регулираат материјата за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка ќе се усогласат со одредбите од овој закон заклучно со 31 декември 2008 година.
Член 64
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија", а ќе започне да се применува од 1 јануари 2009 година.