Print Friendly, PDF & Email

Il provvedimento è disponibile nelle seguenti lingue:

ЗАКОН

ЗА ДАНОЦИТЕ НА ИМОТ

(“Службен Весник на Република Македонија” бр. 61/04, 92/07, 102/08, 35/11, 53/11 и 84/12)

 

ПРВ ДЕЛ

 

  1. Општа одредба

 

Член 1

Со овој закон се уредува начинот на оданочувањето на следните видови даноци на имот:

  1. Данок на имот;
  2. Данок на наследство и подарок и
  3. Данок на промет на недвижности.

 

  1. Дефиниции

 

Член 2

Одделни поими употребени во овој закон го имаат следново значење:

  1. Недвижен имот се земјишта (земјоделски, градежни, шумски и пасишта) и зградите-станбени згради или станови, деловни згради и деловни простории, административни згради и административни простории, згради и станови за одмор и рекреација и други градежни објекти, како и инсталациите подигнати врз нив или под нив и трајно споени со нив;
  2. Сопственик на недвижен имот е лице кое има право својата недвижност целосно да ја користи и да располага со неа по своја волја;
  3. Сосопственост е право на сопственост на повеќе лица на неподелен недвижен имот на кој делот на секој од нив е определен сразмерно според целината (идеален, сосопственички дел);
  4. Корисник е лице кое користи недвижен имот на кој сопственикот не е познат или не е достапен или користи недвижен имот во сопственост на државата и општината;
  5. Плодоуживател е лице кое правото на плодоуживање го стекнува врз основа на правно дело (договор, тестамент) и со одржувачка;
  6. Лице е физичко лице, трговско друштво, друго правно лице како и нивни здруженија;
  7. Пазарна вредност на недвижниот имот е вредноста на имотот која може да се постигне во слободниот промет во моментот на настанување на даночната обврска;
  8. Регистар на недвижен имот е база на податоци што го води општинската администрација, администрацијата на општините во градот Скопје и администрацијата на градот Скопје кој ги содржи имињата и адресите на даночните обврзници, вкупната површина на земјиштето и зградите, вредноста на имотот, даночните стапки и решенијата за платен данок и
  9. Регистар на подвижен имот е база на податоци што го води општинската администрација, администрацијата на општините во градот Скопје и администрацијата на градот Скопје кој ги содржи имињата и адресите на даночните обврзници, вкупната вредност на имотот, даночните стапки и решенијата за платен данок.

 

ВТОР ДЕЛ

ДАНОЦИ НА ИМОТ

 

  1. ДАНОК НА ИМОТ

 

Предмет на оданочување

Член 3

Данок на имот се плаќа на недвижен имот, освен за оној имот кој е ослободен од плаќање на данок според овој закон.

 

Даночен обврзник

Член 4

(1) Обврзник на данокот на имот е правно и физичко лице сопственик на имотот.

(2) Обврзник на данокот на имот е правно и физичко лице корисник на имотот, во случаи кога сопственикот не е познат или не е достапен.

(3) Обврзник на данокот на имот може да биде и плодоуживателот на имотот согласно со закон.

(4) Ако имотот е во сопственост на повеќе лица, секој од нив е обврзник на данокот на  имот сразмерно на сопственичкиот дел.

(5) Обврзник на данокот на имот е и правно и физичко лице-корисник на недвижен имот во сопственост на државата и општината.

 

Даночна основа

Член 5

(1) Основа на данокот на имот претставува пазарната вредност на недвижниот имот.

(2) Утврдувањето на пазарната вредност на недвижен имот ја врши лице проценувач кое е вработено во единицата на локалната самоуправа, а по барање на единицата на локалната самоуправа може да ја врши и лице кое е овластен проценувач.

(3) Пазарната вредност од ставот (1) на овој член се утврдува според Методологија за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот.

(4) Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот од ставот (3) на овој член ја пропишува Владата на Република Македонија, на предлог на министерот за финансии.

(5) Контрола и ревизија на утврдувањето на пазарната вредност од ставот (2) на овој член, врши Министерството за финансии.

 

Даночни стапки

Член 6

(1) Стапките на данокот на имот од членот 3 на овој закон се пропорционални и изнесуваат од 0,10% до 0,20%.

(2) Стапките на данокот на имот можат да се утврдуваат според видот на имотот.

(3) Стапките на данокот на имот за земјоделско земјиште кое не се користи за земјоделско производство можат да се зголемат од три до пет пати во однос на стапките пропишани во ставот (1) на овој член.

(4) Висината на стапките од ставовите (1) и (3) на овој член со одлука ја утврдува советот на општината.

(5) Висината на стапките од ставовите (1) и (3) на овој член со одлука ја утврдува советот на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје согласно Законот за градот Скопје.

 

Настанување на даночна обврска

Член 7

Даночната обврска за данокот на имот настанува со денот на стекнувањето на имотот,

издавањето на одобрение за употреба на недвижниот имот од надлежен орган или од денот

на отпочнување на користењето на имотот од обврзникот на данокот.

 

 

Даночни ослободувања и олеснувања

Член 8

Данок на имот не се плаќа на:

1) недвижен имот во државна сопственост кој го користат државните органи, недвижен имот во сопственост на општината кој го користат органите на општината, органите на општините во градот Скопје и органите на градот Скопје, освен недвижниот имот кој се користи од страна на физички или правни лица;

2) недвижен имот на странски дипломатски и конзуларни претставништва и на претставништва на меѓународни организации, ако се во нивна сопственост, под услов на реципроцитет;

3) недвижен имот во сопственост на Народната банка на Република Македонија;

4) зградите и земјиштето кои се во сопственост на верските заедници;

5) недвижности кои согласно со закон се прогласени за културно наследство;

6) објекти за заштита на земјиштето, водите и воздухот;

7) објектите на претпријатијата за работно оспособување, професионална рехабилитација и вработување на инвалиди;

8) земјиште што се користи за површински и подземен коп во рударството и за геолошките истражувања;

9) економските згради во земјоделството и

10) земјоделско земјиште што се користи за земјоделско производство.

 

Член 9

Обврзникот на данокот на имот за станбена зграда или стан, во кој живее со членовите на семејството има право на намалување на пресметаниот данок во висина од 50%.

 

  1. ДАНОК НА НАСЛЕДСТВО И ПОДАРОК

 

Предмет на оданочување

Член 10

(1) Данок на наследство и подарок се плаќа на недвижен имот и право на плодоуживање и користење на недвижен имот кои наследниците, односно примателите на подароци ги наследуваат, односно примаат врз основа на Законот за наследување, односно договорот за подарок.

(2) Данок на наследство и подарок се плаќа и на готови пари, парични побарувања, хартии од вредност и друг подвижен имот, ако пазарната вредност на наследството, односно договорот за подарок е повисока од износот на едногодишната просечна плата во Република Македонија во претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

(3) Вредноста на сите подароци од ставот (2) на овој член од ист вид, примени во текот на една календарска година, претставува една даночна основа.

(4) За вредноста на подароците општинската администрација, администрацијата на општините во градот Скопје и администрацијата на градот Скопје води евиденција, врз основа на која, на крајот на годината примателот на подароците може да се задолжи со данок, доколку во текот на годината прими повеќе подароци од ист вид и во висина над износот пропишан во ставот (2) на овој член.

(5) Формата, содржината и начинот на водење на евиденцијата од ставот (4) на овој член ја пропишува министерот за финансии.

 

Даночен обврзник

Член 11

(1) Обврзник на данокот на наследство и подарок е физичко и правно лице-резидент на Република Македонија кое наследува имот од членот 10 на овој закон, како и физичко и правно лице кое прима имот на подарок, во земјата и во странство.

(2) Обврзник на данокот на наследство и подарок е и странско физичко и правно лице-нерезидент за недвижниот и подвижниот имот што го наследува, односно прима на подарок на територијата на Република Македонија.

 

Член 12

(1) Ако наследникот кој се прифатил за наследник го отстапи наследството во корист на лице кое би дошло до тоа наследство и во случај наследникот да не му го отстапил, данокот го плаќа лицето во чија сопственост преминува наследениот имот.

(2) Ако наследникот отстапи наследство на определено лице, кое не би дошло до наследство во случај наследникот да не му го отстапил, тогаш наследникот кој го отстапил наследството плаќа данок на наследство, а лицето во чија корист е отстапено наследството плаќа данок на подарок.

 

Даночна основа

Член 13

Основа на данокот на наследство и подарок претставува пазарната вредност на наследениот, односно на подарок примениот имот во моментот на настанувањето на даночната обврска, намалена за долговите и трошоците што го товарат имотот кој е предмет на оданочување.

 

Член 14

Пазарната вредност на наследениот или на подарок примениот имот се утврдува според Методологијата од членот 5 став (4) на овој закон.

 

Настанување на даночната обврска

Член 15

(1) Даночната обврска во однос на наследството настанува во моментот на правосилноста на решението за наследување.

(2) Даночната обврска во однос на подарокот настанува со денот на склучувањето на договорот за подарок.

(3) Ако недвижниот имот кој е предмет на наследување, односно подарок, е оптоварен со право на плодоуживање, обврската на наследството и подарок настанува по престанокот на правото на плодоуживање.

(4) Ако со закон е забранета продажбата на наследениот, односно на подарок примениот подвижен имот од членот 10 став (2) на овој закон, даночната обврска настанува на денот на правосилноста на решението за дозвола за продажба, односно на денот на продажбата.

(5) Ако правосилното решение за наследување или договорот за подарок не се пријавени или не се пријавени навремено, даночната обврска настанува на денот на откривањето на наследениот имот, односно на подарок примениот имот.

 

Даночни стапки

Член 16

(1) Стапките на данокот на наследство и подарок се пропорционални и различни во зависност од наследниот ред.

(2) Данокот на наследство и подарок за обвврзник од втор наследен ред се пресметува по стапка од 2% до 3%, а за обврзник од трет наследен ред или обврзник кој не е во сродство со оставителот, данокот се пресметува по стапка од 4% до 5%.

(3) Висината на стапките од ставот (2) на овој член со одлука ја утврдува советот на општината.

(4) Висината на стапките од ставот (2) на овој член со одлука ја утврдува советот на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје согласно со Законот за градот Скопје.

 

Даночни ослободувања

Член 17

Данок на наследство и подарок не плаќа:

1) наследникот, односно примателот на подарок од прв наследен ред.

2) наследникот, односно примателот на подарок од втор наследен ред на еден наследен, односно на подарок примен стан, односно семејна станбена зграда ако со оставителот, односно давателот на подарок живеел во заедничко домаќинство најмалку една година пред смртта на оставителот, односно во моментот на приемот на подарокот, под услов тој и членовите на неговото семејство да немаат друг стан, односно станбена зграда и

3) наследникот, односно примателот на подарок од втор наследен ред на кој земјоделството му е основна дејност што ќе наследи, односно прими на подарок земјоделско земјиште и економски згради, ако со оставителот, односно давателот на подарокот живеел во заедничко домаќинство најмалку една година пред смртта на оставителот, односно во моментот на приемот на подарокот.

 

Член 18

Од данок на наследство и подарок се ослободени државните органи, органите на општините, органите на општините во Градот Скопје и органите на Градот Скопје, Народната банка на Република Македонија, организациите на Црвениот крст, хуманитарните, социјалните, научните, образовните, културните установи и верските заедници за подарокот што го примиле во вид на недвижен или подвижен имот, хартии од вредност, парични средства и побарувања.

 

  1. ДАНОК НА ПРОМЕТ НА НЕДВИЖНОСТИ

 

Предмет на оданочување

Член 19

На остварениот промет на недвижности се плаќа данок на промет на недвижности.

Под промет на недвижности, во смисла на овој закон, се смета преносот со и без надоместок на правото на сопственост, како и друг начин на стекнување на недвижности со и без надоместок меѓу правни и физички лица.

Под промет на недвижности не се смета физичката делба на недвижниот имот.

 

Даночен обврзник

Член 20

(1) Обврзник на данокот на промет на недвижности е правно и физичко лице-продавач на недвижноста.

(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, обврзник на данокот на промет на недвижности може да биде правно лице и физичко лице - купувач на недвижноста, доколку во договорот за купопродажба на недвижноста, е договорено данокот да го плати купувачот.

(3) При замена на недвижности даночен обврзник е учесникот во замената кој дава во замена недвижност од поголема вредност.

(4) Ако се пренесува идеален дел на сопственост на недвижноста, даночен обврзник е секој сопственик посебно.

(5) Ако правото на сопственост на недвижноста се пренесува врз основа на договор за доживотно издржување, даночен обврзник е примателот на недвижноста, односно неговите наследници.

(6) При продажба на недвижност во стечајна и извршна постапка, како и при реализација на договори за хипотека, даночен обврзник може да биде и купувачот на недвижноста.

 

Даночна основа

Член 21

(1) Основа на данокот на промет на недвижности е пазарната вредност на недвижноста во моментот на настанувањето на обврската.

(2) При замена на недвижности даночна основа е разликата на пазарните вредности на недвижностите кои се заменуваат.

(3) При пренос на идеален дел на сопственоста на недвижноста, даночна основа е пазарната вредност на идеалниот дел на недвижноста.

(4) При продажбата на недвижноста во стечајна и во извршна постапка, даночна основа е постигнатата продажна цена по пат на јавно наддавање или со непосредна спогодба, доколку по две последователно спроведени постапки на јавно наддавање не е извршена продажба на недвижноста.

(5) Пазарната вредност се утврдува според Методологијата од членот 5 став (4) на овој закон.

 

Даночни стапки

Член 22

(1) Стапките на данокот на промет на недвижности се пропорционални и изнесуваат од 2% до 4%.

(2) Висината на стапките од ставот (1) на овој член со одлука ја утврдува советот на општината.

(3) Висината на стапките од ставот (1) на овој член со одлука ја утврдува советот на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје согласно со Законот за градот Скопје.

 

Настанување на даночната обврска

Член 23

(1) Даночната обврска на данокот на промет на недвижности настанува со денот на склучувањето на договорот за пренос на правото на сопственост на недвижности, односно на замена на недвижностите.

(2) Ако не е склучен полноважен договор, во смисла на одредбата од ставот (1) на овој член, даночната обврска настанува на денот кога купувачот, односно учесникот во замената, стапил во посед на недвижноста.

(3) Ако пренос на правото на сопственост се врши врз основа на одлука на судот или друг државен орган, даночната обврска настанува на денот на правосилноста на таа одлука.

(4) Ако се врши пренос на правото на сопственост на градежни објекти кои се во градба, даночната обврска настанува на денот на предавањето на објектот на купувачот.

(5) Ако договорот за промет на недвижноста или одлуката на судот не се пријавени или не се пријавени навремено, даночната обврска настанува на денот на откривањето на извршениот промет.

 

Член 24

Ако преносот на сопственоста на недвижности се врши врз основа на договор за доживотно издржување, даночната обврска настанува во моментот на смртта на примателот на издржувањето.

 

Даночни ослободувања

Член 25

Данок на промет на недвижности не се плаќа:

1) на прометот на недвижности во постапката на комасација и експропријација;

2) кога странско дипломатско, односно конзуларно претставништво го пренесува правото на сопственост на недвижности, под услов на реципроцитет;

3) кога правото на сопственост се пренесува заради намирување на обврските по основа на јавни приходи во постапката за присилна наплата;

4) на прометот на недвижности меѓу државни органи, меѓу државни органи и општините и меѓу општините;

5) кога правото на сопственост на недвижност се пренесува на давателот на доживотното издржување кој во однос на примателот на издржувањето се наоѓа во прв наследен ред и тоа само за делот на недвижноста кој би го наследил според Законот за наследување и без давање на издршката;

6) на првиот промет на станбени згради и станови кој ќе се изврши во период до пет години по изградбата на кој е пресметан данок на додадена вредност;

7) при вложување на недвижности во капиталот на трговските друштва;

8) на тргувањето со хартии од вредност, во смисла на Законот за хартии од вредност и

9) кога правото на сопственост на недвижност се пренесува на банките како доверители, заради наплата на парично побарување, доколку во рок од три години го продадат стекнатиот имот.

 

ТРЕТ ДЕЛ

УТВРДУВАЊЕ И НАПЛАТА НА ДАНОЦИТЕ НА ИМОТ

 

  1. Утврдување и наплата

 

Член 26

(1) Утврдување и наплата на даноците на имот од членот 1 на овој закон врши општинската администрација, администрацијата на општините во градот Скопје и администрацијата на градот Скопје на подрачјето на општината каде што се наоѓа имотот.

(2) Ако имотот се наоѓа на подрачјето на две или повеќе општини, данокот го утврдува општинската администрација за вредноста на имотот што се наоѓа на подрачјето на односната општина.

(3) За наследениот, односно подарениот движен имот, данокот го утврдува општинската администрација и администрацијата на градот Скопје каде што е живеалиштето на даночниот обврзник.

(4) Решение за утврдениот данок од ставовите (1), (2) и (3) на овој член донесува градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје.

 

Член 27

Данокот на имот се утврдува врз основа на податоците од даночната пријава, деловните книги на обврзниците и другите податоци со кои располага општинската администрација, администрацијата на општините во градот Скопје и администрацијата на градот Скопје.

 

Член 28

Содржината на даночната пријава од членот 27 на овој закон ја пропишува министерот за финансии.

 

Член 29

(1) Обврзникот на данокот на имот е должен да поднесе даночна пријава до 31 јануари во годината за која се врши утврдување на данокот.

(2) Обврзникот на данокот на имот од ставот (1) на овој член кој поднел даночна пријава нема обврска за истиот имот да поднесе нова пријава, доколку нема промени на податоците содржани во претходно поднесената даночна пријава, а кои се од влијание за висината на даночната обврска.

(3) За имотот што го стекнува или почнува да го користи во текот на годината или ако по некоја друга основа настанува даночна обврска, обврзникот е должен да поднесе даночна пријава во рок од 15 дена од денот на стекнувањето на имотот, или од отпочнувањето на користењето на имотот, односно од настанувањето на даночната обврска.

(4) Пријава од ставот (1) на овој член се поднесува до општинската администрација, администрацијата на општините во градот Скопје и до администрацијата на градот Скопје каде што се наоѓа имотот.

 

Член 30

Градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје донесува решение за висината на данокот на имот најдоцна до 31 март во годината за која се утврдува данокот на имот и му доставува решение на даночниот обврзник за утврдениот данок.

 

Член 31

(1) Обврзникот на данокот на наследство и подарок е должен да поднесе даночна пријава во рок од 15 дена од денот на настанувањето на даночната обврска од членот 15 на овој закон.

(2) Пријавата од ставот (1) на овој член се поднесува до општинската администрација, администрацијата на општините во градот Скопје и до администрацијата на градот Скопје каде што се наоѓа недвижниот имот кој обврзникот го наследува или прима на подарок.

(3) Ако обврзникот наследува или прима на подарок подвижен имот, пријавата се поднесува до општинската администрација, до администрацијата на општините во градот Скопје и до администрацијата на градот Скопје каде што обврзникот има живеалиште.

 

Член 32

Судот е должен во рок од 15 дена од денот на правосилноста на решението за наследување, да го достави решението до општинската администрација, до администрацијата на општините во градот Скопје, односно до администрацијата на градот Скопје каде што се наоѓа наследениот имот.

 

Член 33

(1) Градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје донесуваат решение за висината на данокот на наследство и подарок најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на даночната пријава и на даночниот обврзник му доставуваат решение за утврдениот данок.

(2) Доколку градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје не донесе решение за висината на данокот на наследство и подарок, односно не донесе решение за одбивање на даночната пријава во рокот пропишан во ставот (1) од овој член, подносителот на даночната пријава има право во рок од три работни дена да поднесе барање до писарницата на градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје надлежен за донесување на решение за висината на данокот на наследство и подарок и градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје да донесе решение.

3) Формата и содржината на барањето од ставот (2) на овој член ги пропишува министерот за финансии.

(4) Градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје надлежен за донесување на решение за висината на данокот на наследство и подарок, е должен во рок од пет работни дена од денот на поднесување на барањето од ставот (2) на овој член до писарницата на Градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје да донесе решение со кое барањето за донесување на решение за висината на данок на наследство и подарок е уважено или одбиено. Доколку градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје нема писарница, барањето се поднесува во писарницата на надлежната општина.

(5) Кон барањето за донесување на решението за висината на данок на наследство и подарок барателот доставува и копија од пријавата од ставот (1) на овој член.

(6) Доколку градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје надлежен за донесување на решение за висината на данокот на наследство и подарок, не донесе решение во рокот од ставот (4) на овој член, подносителот на барањето може да го извести Државниот управен инспекторат во рок од пет работни дена.

(7) Државниот управен инспекторат е должен во рок од десет дена од денот на приемот на известувањето од ставот (6) на овој член да изврши надзор во општинската администрација, администрацијата на општините во градот Скопје и администрацијата на градот Скопје дали е спроведена постапката согласно со закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор да го информира подносителот на известувањето за преземените мерки.

(8) Инспекторот од Државниот управен инспекторат доколку утврди повреда на правилата на постапката по извршениот надзор согласно со закон донесува решение со кое го задолжува градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје надлежен за донесување на решение за висината на данокот на наследство и подарок, во рок од десет дена да одлучи по поднесеното барање, односно да го уважи или одбие барањето и во истиот рок да го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој е одлучено по поднесеното барање.

(9) Доколку градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје надлежен за донесување на решение за висината на данокот на наследство и подарок, не одлучи во рокот од ставот (8) на овој член, инспекторот ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка за прекршок утврден во Законот за управната инспекција и ќе определи дополнителен рок од пет работни дена, во кој градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје ќе одлучи по поднесеното барање за што во истиот рок ќе го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој одлучил по поднесеното барање. Инспекторот во рок од три работни дена ќе го информира подносителот на барањето за преземените мерки.

(10) Доколку градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје не одлучи и во дополнителниот рок од ставот (9) на овој член, инспекторот во рок од три работни дена ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител и во тој рок ќе го информира подносителот на барањето за преземените мерки.

(11) Доколку инспекторот не постапи по известувањето од ставот (6) на овој член, а согласно со ставовите (7) и (8) на овој член, подносителот на барањето во рок од пет работни дена има право да поднесе приговор до писарницата на директорот на Државниот управен инспекторат. Доколку директорот нема писарница, приговорот се поднесува во писарницата на седиштето на Државниот управен инспекторат.

(12) Директорот на Државниот управен инспекторат е должен во рок од три работни дена од денот на приемот да го разгледа приговорот од ставот (11) на овој член и доколку утврди дека инспекторот не постапил по известувањето од подносителот на барањето од ставот (6) на овој член и не поднел пријава согласно со ставот (10) од овој член, директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка за прекршок утврден во Законот за управната инспекција за инспекторот и ќе определи дополнителен рок од пет работни дена во кој инспекторот ќе изврши надзор во надлежниот орган дали е спроведена постапката согласно законот и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор да го информира подносителот на барањето за преземените мерки.

(13) Доколку инспекторот не постапи и во дополнителниот рок од ставот (12) на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител против инспекторот и во рок од три работни дена ќе го информира подносителот на барањето за преземените мерки.

(14) Во случајот од ставот (13) на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат веднаш, а најдоцна од еден работен ден ќе овласти друг инспектор да го спроведе надзорот веднаш.

(15) Во случајот од ставот (14) на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат во рок од три работни дена ќе го информира подносителот на барањето за преземените мерки.

(16) Доколку директорот на Државниот управен инспекторат не постапи согласно со ставот (12) од овој член, подносителот на барањето може да поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител во рок од осум работни дена.

(17) Доколку градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје не одлучи во рок од став (8) на овој член, подносителот на барањето може да поведе управен спор пред надлежниот суд.

(18) Постапката пред Управниот суд е итна.

(19) Подзаконскиот акт од ставот (2) на овој член се донесува во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(20) По донесувањето на подзаконскиот акт од ставот (2) на овој член истиот веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа се објавува на веб страницата на Министерството за финансии.

 

Член 34

(1) Обврзникот на данокот на промет на недвижности е должен да поднесе даночна пријава во рок од 15 дена од денот на настанувањето на даночната обврска од членот 23 на овој закон.

(2) Даночната пријава од ставот (1) на овој член се поднесува до општинската администрација, до администрацијата на општините во градот Скопје и до администрацијата на градот Скопје каде што се наоѓа недвижноста.

 

Член 35

Без доказ за платен данок или без судска пресуда, изјаснување на странките или со друг акт, не може да се изврши заверка на договорот за пренос на сопственоста на недвижноста кај нотар или надлежен суд, или упис на преносот на правото на сопственост на недвижности во катастарските и другите јавни книги.

 

Член 36

(1) Градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје донесуваат решение за висината на данокот на промет на недвижности во рок не подолг од десет дена од денот на приемот на даночната пријава и на даночниот обврзник, односно на купувачот на недвижноста му доставуваат решение за утврдениот данок.

(2) Доколку градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје не донесе решение за висината на данокот на промет на недвижности, односно не донесе решение за одбивање на даночната пријава во рокот пропишан во ставот (1) од овој член, подносителот на даночната пријава има право во рок од три работни дена да поднесе барање до писарницата на градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје надлежен за донесување на решение за висината на данокот на промет на недвижности и градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје да донесе решение.

(3) Формата и содржината на барањето од ставот (2) на овој член ги пропишува министерот за финансии.

(4) Градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје надлежен за донесување на решение за висината на данокот на промет на недвижности, е должен во рок од пет работни дена од денот на поднесување на барањето од ставот (2) на овој член до писарницата на градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје да донесе решение со кое барањето за донесување на решение за висината на данок на промет на недвижности е уважено или одбиено. Доколку градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје нема писарница, барањето се поднесува во писарницата на надлежната општина.

(5) Кон барањето за донесување на решението за висината на данок на промет на недвижности барателот доставува и копија од пријавата од ставот (1) на овој член.

(6) Доколку градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје надлежен за донесување на решение за висината на данокот на промет на недвижности, не донесе решение во рокот од ставот (4) на овој член, подносителот на барањето може да го извести Државниот управен инспекторат во рок од пет работни дена.

(7) Државниот управен инспекторат е должен во рок од десет дена од денот на приемот на известувањето од ставот (6) на овој член да изврши надзор во општинската администрација, администрацијата на општините во градот Скопје и администрацијата на градот Скопје дали е спроведена постапката согласно со закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор да го информира подносителот на известувањето за преземените мерки.

(8) Инспекторот од Државниот управен инспекторат доколку утврди повреда на правилата на постапката по извршениот надзор согласно со закон донесува решение со кое го задолжува градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје надлежен за донесување на решение за висината на данокот на промет на недвижности, во рок од десет дена да одлучи по поднесеното барање, односно да го уважи или одбие барањето и во истиот рок да го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој е одлучено по поднесеното барање.

(9) Доколку градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје надлежен за донесување на решение за висината на данокот на промет на недвижности, не одлучи во рокот од ставот (8) на овој член, инспекторот ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка за прекршок утврден со Законот за управната инспекција и ќе определи дополнителен рок од пет работни дена, во кој градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје ќе одлучи по поднесеното барање за што во истиот рок ќе го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој одлучил по поднесеното барање.Инспекторот во рок од три работни дена ќе гоинформира подносителот на барањето.

(10) Доколку градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје не одлучи и во дополнителниот рок од ставот (9) на овој член, инспекторот во рок од три работни дена ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител и во тој рок да го информира подносителот на барањето за преземените мерки.

(11) Доколку инспекторот не постапи по известувањето од ставот (6) на овој член, а согласно со ставовите (7) и (8) на овој член, подносителот на барањето во рок од пет работни дена има право да поднесе приговор до писарницата на директорот на Државниот управен инспекторат. Доколку директорот нема писарница, приговорот се поднесува во писарницата на седиштето на Државниот управен инспекторат.

(12) Директорот на Државниот управен инспекторат е должен во рок од три работни дена од денот на приемот да го разгледа приговорот од ставот (11) на овој член и доколку утврди дека инспекторот не постапил по известувањето од подносителот на барањето од ставот (6) на овој член и не поднел пријава согласно со ставот (10) од овој член, директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка за прекршок утврден во Законот за управната инспекција за инспекторот и ќе определи дополнителен рок од пет работни дена во кој инспекторот ќе изврши надзор во надлежниот орган дали е спроведена постапката согласно со закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор да го информира подносителот на барањето за преземените мерки.

(13) Доколку инспекторот не постапи и во дополнителниот рок од ставот (12) на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител против инспекторот и во рок од три работни дена ќе го информира подносителот на барањето за преземените мерки.

(14) Во случајот од ставот (13) на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат веднаш, а најдоцна од еден работен ден ќе овласти друг инспектор да го спроведе надзорот веднаш.

(15) Во случајот од ставот (14) на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат во рок од три работни дена ќе го информира подносителот на барањето за преземените мерки.

(16) Доколку директорот на Државниот управен инспекторат не постапи согласно со ставот (12) од овој член, подносителот на барањето може да поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител во рок од осум работни дена.

(17) Доколку градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје не одлучи во рок од ставот (8) на овој член, подносителот на барањето може да поведе управен спор пред надлежниот суд.

(18) Постапката пред Управниот суд е итна.

(19) Подзаконскиот акт од ставот 2 на овој член се донесува во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(20) По донесувањето на подзаконскиот акт од ставот (2) на овој член истиот веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа се објавува на веб страницата на Министерството за финансии.

 

Член 37

Данокот на имот се плаќа тримесечно и пристигнува за наплата во средината на секое тримесечје или во рок од 15 дена од денот од доставувањето на решението.

 

Член 38

Данокот на наследство и подароци и данокот на промет на недвижности се плаќаат во рок од 15 дена од денот на доставувањето на решението за утврдената даночна обврска.

 

  1. Регистар на недвижен имот и Регистар на подвижен имот

 

Член 39

(1) Општинската администрација, администрацијата на општините во градот Скопје и администрацијата на градот Скопје водат регистар на недвижен имот и регистар на подвижен имот кои подлежат на оданочување.

(2) Општинската администрација, администрацијата на општините во градот Скопје и администрацијата на градот Скопје редовно ја усогласуваат состојбата на регистарот на недвижности со регистарот кој го води Агенцијата за катастар на недвижности.

(3) Општинската администрација, администрацијата на општините во градот Скопје и администрацијата на градот Скопје секоја година, а најдоцна до 31 декември во годината, податоците од состојбата на регистрите од ставот (1) на овој член ги доставуваат до Централниот регистар на Република Македонија и до Управата за јавни приходи-Генерална дирекција.

(4) Министерот за финансии ја пропишува формата, содржината и начинот на водење на регистарот на недвижности и регистарот на подвижен имот.

 

  1. Одлагање на извршување

 

Член 40

(1) На барање на даночниот обврзник, градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје, можат да го одложат извршувањето на решението, односно да дозволат одложено плаќање на обврските или плаќање на рати, до донесување на решение по жалба.

(2) Одложувањето на извршувањето од ставот (1) на овој член, може да се одобри доколку даночниот обврзник го обезбеди плаќањето на даночниот долг со инструмент за обезбедување на плаќање.

 

  1. Постапка и начин за обезбедување на плаќање на даночен долг, односно даночна обврска

 

Член 41

Градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје, ќе го одложат извршувањето на решението за даночен долг, односно плаќањето на даночна обврска ако даночниот обврзник приложи банкарска гаранција, уплати готовински депозит или обезбеди друг инструмент за обезбедување на плаќање (во натамошниот текст: инструмент за обезбедување на плаќање), освен за даночен долг, односно даночна обврска помала од 10.000,00 денари.

 

Член 42

Плаќањето на даночната обврска може да се одобри на 12 месечни рати.

 

Член 43

(1) За обезбедување на плаќањето на даночен долг, односно на даночна обврска може да се бара само еден инструмент за обезбедување.

(2) Инструментот за обезбедување, даночниот обврзник го доставува до општинската администрација, до администрацијата на општините во градот Скопје и до администрацијата на градот Скопје, кон барањето за одлагање на даночниот долг, односно на даночната обврска.

 

Член 44

(1) Вредноста на инструментот за обезбедување на плаќањето треба да одговара на висината на даночниот долг, односно на даночната обврска.

(2) Вредноста на готовинскиот депозит треба да одговара на една половина на даночниот долг, односно на даночната обврска.

 

Член 45

(1) Градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје, ќе го одложат плаќањето на даночниот долг, односно на даночната обврска имајќи ја предвид редовноста на даночниот обврзник при намирувањето на даночните обврски.

(2) Одлагање на плаќање на даночен долг, односно на даночна обврска не се одобрува доколку е донесено решение за присилна наплата.

(3) Против решението од ставот (2) на овој член со кое е одбиено барањето за одложување на плаќањето на даночниот долг, односно на даночната обврска не е допуштена жалба, освен против решението донесено по барањето од членот 40 став (1) на овој закон.

 

Член 46

Со издавање на банкарска гаранција, банката - гарант се обврзува дека даночниот обврзник ќе го намири даночниот долг, односно даночната обврска, а во спротивен случај, дека долгот, односно обврската ќе ја намири банката наместо даночниот обврзник.

 

Член 47

Банкарската гаранција како инструмент за обезбедување се наплатува во готово согласно со прописите кои важат за наплата на банкарските гаранции.

 

Член 48

Даночниот обврзник кон барањето е должен да приложи доказ за уплатен готовински депозит на посебна депозитна сметка на општинската администрација, на администрацијата на општините во градот Скопје и на администрацијата на градот Скопје.

 

Член 49

На уплатениот готовински депозит не се плаќа камата.

 

Член 50

Ако даночниот обврзник не изврши уплата на даночниот долг, односно на даночната обврска во рокот одобрен за одложено плаќање, односно не уплати две последователни рати во случај на одобрено плаќање на рати на даночниот долг, односно на даночната обврска, долгот, односно обврската се наплатува од готовинскиот депозит, односно од приложениот инструмент за обезбедување на плаќањето.

 

Член 51

(1) Ако даночниот обврзник го намирил даночниот долг, односно даночната обврска која ја обезбедил со инструмент за обезбедување на плаќањето, инструментот за обезбедување на плаќањето му се враќа.

(2) Даночниот обврзник, врз основа на писмено барање, може да го повлече готовинскиот депозит ако за даночниот долг, односно за даночната обврска приложи инструмент за обезбедување на плаќањето.

 

  1. Жалба

 

Член 52

(1) Против решението на градоначалникот на општината, на градоначалникот на општините во градот Скопје и на градоначалникот на градот Скопје може да се поднесе жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, до Министерството за финансии.

(2) Градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје е должен жалбата заедно со сите списи на предметот да ја достави до Министерството за финансии во рок од пет работни дена од денот на приемот на истата, а министерот за финансии или од него овластено лице донесува одлука во рок од 45 дена од денот на приемот на жалбата со списите на предметот. (3) Жалбата не ја одлага наплатата на утврдениот данок.

 

Член 52-а

(1) Доколку одлука по жалбата не е донесена во рокот пропишан со членот 52 став (2) од овој закон, подносителот на жалбата може да го извести Државниот управен инспекторат во рок од пет работни дена. Формата и содржината на известувањето ги пропишува министерот за финансии.

(2) Државниот управен инспекторат е должен во рок од десет дена од денот на приемот на известувањето од ставот (1) на овој член да изврши надзор во Министерството за финансии дали е спроведена постапката согласно со закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор ќе го информира подносителот на известувањето.

(3) Инспекторот од Државниот управен инспекторат по извршениот надзор доколку утврди повреда на правилата на постапката донесува решение со кое го задолжува министерот за финансии или од него овластено лице во рок од десет дена да одлучи по поднесената жалба, односно да ја отфрли, уважи или одбие жалбата и да го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој е одлучено по поднесената жалба.

(4) Доколку министерот за финансии или од него овластено лице не одлучи во рокот од ставот (3) на овој член, инспекторот ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка за прекршок утврден во Законот за управната инспекција и ќе определи дополнителен рок од пет работни дена, во кој министерот за финансии или од него овластено лице ќе одлучи по поднесената жалба за што во истиот рок ќе го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој одлучил по поднесената жалба. Инспекторот во рок од три работни дена го информира подносителот на жалбата за преземените мерки.

(5) Доколку министерот за финансии или од него овластено лице не одлучи и во дополнителниот рок од ставот (4) на овој член, инспекторот во рок од три работни дена ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител и во тој рок ќе го информира подносителот на жалбата за преземените мерки.

(6) Доколку инспекторот не постапи по известувањето од ставот (1) на овој член, а согласно со ставовите (2) и (3) на овој член, подносителот на жалбата во рок од пет работни дена има право да поднесе приговор до писарницата на директорот на Државниот управен инспекторат. Доколку директорот нема писарница, приговорот се поднесува во писарницата на седиштето на Државниот управен инспекторат.

(7) Директорот на Државниот управен инспекторат е должен во рок од три работни дена од денот на приемот да го разгледа приговорот од ставот (6) на овој член, и доколку утврди дека инспекторот не постапил по известувањето од подносителот на жалбата од ставот (1) на овој член и не поднел пријава согласно со ставот (5) од овој член, директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка за прекршок утврден во Законот за управната инспекција за инспекторот и ќе определи дополнителен рок од пет работни дена во кој инспекторот ќе изврши надзор во надлежниот орган дали е спроведена постапката согласно со закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор да го информира подносителот на жалбата за преземените мерки.

(8) Доколку инспекторот не постапи и во дополнителниот рок од ставот (7) на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител против инспекторот и во рок од три работни дена ќе го информира подносителот на жалбата за преземените мерки.

(9) Во случајот од ставот (8) на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат веднаш, а најдоцна од еден работен ден ќе овласти друг инспектор да го спроведе надзорот веднаш.

(10) Во случајот од ставот (9) на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат во рок од три работни дена да го информира подносителот на жалбата за преземените мерки.

(11) Доколку директорот на Државниот управен инспекторат не постапи согласно со ставот (10) од овој член, подносителот на жалбата може да поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител во рок од осум работни дена.

(12) Доколку министерот за финансии или од него овластено лице не одлучи во рок од ставот (4) на овој член, подносителот на жалбата може да поведе управен спор пред надлежниот суд.

(13) Постапката пред Управниот суд е итна.

(14) Подзаконскиот акт од ставот 2 на овој член се донесува во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(15) По донесувањето на подзаконскиот акт од ставот (1) на овој член истиот веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа се објавува на веб страницата на Министерството за финансии.

 

  1. Присилна наплата

 

Член 53

Наплатата на пристигнатиот даночен долг, паричните казни и каматите кои даночниот обрзник не ги платил доброволно во пропишаниот рок, општинската администрација, администрацијата на општините во градот Скопје и администрацијата на градот Скопје, ќе ја извршат по присилен пат (во натамошниот текст: присилна наплата).

 

Член 54

Пред пристапувањето кон присилна наплата општинската администрација, администрацијата на општините во градот Скопје и администрацијата на градот Скопје, му доставуваат писмена опомена на даночниот обврзник за да ги плати даночниот долг, паричните казни и каматата во рок од осум дена од денот на доставувањето на опомената на последната адреса што ја пријавил кај нив.

 

Член 55

(1) Присилната наплата на даночниот долг, паричната казна и каматата се врши врз основа на решение за присилна наплата, кое го донесува градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје, каде што се наоѓа имотот на даночниот обврзник.

(2) Решението за присилна наплата лично му се доставува на даночниот обврзник.

(3) Во решението за присилна наплата се искажува висината на долгот, начинот на извршување на присилната наплата и напомена дека трошоците на присилната наплата ќе паднат на товар на даночниот обврзник.

 

Член 56

(1) Трошоците во постапката за присилна наплата паѓаат на товар на даночниот обврзник, и тоа:

-4% од износот на главниот долг и камата при вршење на пописот и

-5% од износот на главниот долг и каматата при вршење на продажбата.

(2) Покрај трошоците од ставот (1) на овој член, даночниот обврзник ги поднесува и трошоците за секое излегување на службеното лице на општинската администрација,

администрацијата на општините во градот Скопје и администрацијата на градот Скопје во врска со пописот и продажбата. Износот на овие трошоци го определува градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје.

(3) Другите трошоци (трошоци за чување и превоз на предмети и слично), ги поднесува даночниот обврзник во вистинскиот износ.

(4) На проценувачите и на сведоците им следува надоместок од час на товар на даночниот обврзник. Висината на надоместокот го определува градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје.

 

Член 57

(1) Присилната наплата на даночниот долг се извршува од целокупниот имот, приходите и побарувањата на даночниот обврзник освен:

1) облеката, обувките, постелнината и садовите што му се неопходно потребни на даночниот обврзник и на членовите на неговото семејство и најнужниот мебел;

2) научни и стручни книги и учебници на членовите на семејството;

3) стипендија и кредити на ученици и студенти;

4) детски додаток и други примања врз основа на социјална заштита;

5) две третини од нето личните примања и примањата врз основа на социјалното осигурување и

6) примања врз основа на законско издржување.

(2) Предмет на присилна наплата не можат да бидат ни противпожарна опрема наменета за користење во деловните простории, лекови, медицински помагала и медицинска опрема наменета за користење на деловните простории.

 

Член 58

(1) Присилната наплата од имотот на даночниот обврзник се состои од попис со процена и продажба на имотот по пат на јавно наддавање.

(2) Доколку се попишуваат добра кои подлежат на расипување, односно чиј рок на употреба би истекол до завршување на постапката, продажбата може да се изврши веднаш со непосредна спогодба.

 

Член 59

Присилната наплата на даночниот долг се прекинува кога даночниот обврзник ќе го намири долгот со каматите и трошоците или кога на друг начин ќе престане обврската за плаќање на даночниот долг, за што даночниот извршител составува белешка.

 

Член 60

(1) Против решението за присилна наплата, даночниот обврзник може во рок од осум дена од денот на доставувањето на решението да изјави жалба до министерот за финансии.

(2) Во жалбата не може да се изнесуваат околности кои се однесуваат на утврдување на даночниот долг.

(3) Жалбата не го одлага извршувањето на присилната наплата.

 

Член 61

(1) Присилната наплата на даночниот долг, паричната казна и каматата ја врши овластено службено лице во општинската администрација, во администрацијата на општините во градот Скопје односно во администрацијата на градот Скопје-даночен извршител.

(2) Даночниот извршител има службена легитимација чија форма и содржина ја пропишува министерот за финансии.

(3) Даночниот извршител е должен да ја покаже службената легитимација во постапката на присилна наплата.

 

Член 62

Кога постои основано сомнение дека даночниот извршител ќе биде спречен да ја поведе постапката за присилна наплата може да побара присуство и помош од органот надлежен за јавниот ред.

 

Член 63

Пописот, по правило, го опфаќа имотот, приходите и побарувањата на даночниот обврзник од кој на најлесен и најбрз начин и со најмалку трошоци за даночниот обврзник ќе се обезбеди наплатата на даночниот долг.

 

Член 64

Пописот на имотот обично се врши во присуство на даночниот обврзник. Ако даночниот обврзник не е присутен, пописот се врши во присуство на двајца сведоци.

 

Член 65

(1) При пописот даночниот извршител врши и процена на имотот. Во случај на потреба, даночниот извршител може да повика и друго лице за проценител.

(2) По барање на даночниот обврзник, може да се повика проценител. Трошоците за проценителот паѓаат на товар на даночниот обврзник.

 

Член 66

(1) За извршениот попис и процената на имотот, даночниот извршител составува записник во кој се внесуваат сите податоци и поединости од пописот, а особено:

-име и презиме, адреса на даночниот обврзник, односно фирма и деловно седиште на даночниот обврзник, како и податоци за другите лица кои учествуваат во пописот и процената;

- констатација дека на даночниот обврзник му е доставено решение за присилна наплата;

- напомена дека даночниот обврзник бил повикан да го уплати должниот данок пред пристапувањето кон пописот и дека тој тоа не го сторил;

- местото и времето на извршувањето на пописот;

- износот на даночниот долг, каматата и трошоците за кои се врши попис;

- име и опис на попишаниот имот;

- изјава на даночниот обврзник или на трето лице за тоа во чија сопственост е имотот што е предмет на попис;

-поединечно проценетата вредност на попишаниот имот и

- потпис на службеното лице кое го врши пописот, на сведоците и на проценителот ако бил повикан.

(2) Примерок од записникот се врачува на даночниот обврзник.

 

Член 67

Доколку износот на даночниот долг за кој се врши присилна наплата не може да се наплати во целина од подвижниот имот на даночниот обврзник, присилната наплата ќе се изврши од неговиот недвижен имот.

 

Член 68

(1) Доколку обврзникот не сака сам да ги отвори деловните простории и да го стави на увид имотот заради вршење на попис и процена, даночниот извршител, е овластен присилно да ги отвори затворените простории во присуство на двајца сведоци и да оствари увид во имотот, за да може да изврши попис и процена.

(2) Преземените дејства од ставот (1) на овој член и лицата присутни како сведоци задолжително се наведуваат во записникот за попис.

 

Член 69

(1) Доколку даночниот обврзник изјави дека движниот имот што се попишува е во сопственост на трето лице, а не даде докази за тоа, имотот ќе се попише и истото ќе биде наведено во записникот за попис.

(2) Даночниот извршител е должен да го извести третото лице од ставот (1) на овој член и да го упати дека во рок од осум дена од денот на известувањето може да поднесе излачна тужба до судот. Ако тоа лице во наведениот рок не поднесе доказ дека поднело тужба, постапката за присилна наплата ќе продолжи.

(3) Доколку третото лице кое полага право на сопственост над попишаниот имот било присутно на пописот, се известува усно, а тоа се констатира во записникот.

(4) Со поднесувањето на доказ за поднесена излачна тужба се одлага продажбата на попишаните предмети за кои е поднесена тужба до завршувањето на спорот и тој имот се остава на чување на даночниот обврзник.

(5) Даночниот обврзник е должен имотот од ставот (4) на овој член да го чува во непроменета состојба до завршувањето на спорот по излачната тужба.

 

Член 70

Ако по излачната тужба се утврди дека подносителот на излачната тужба не е сопственик, а даночниот обврзник го отуѓи, уништи или го оштети попишаниот имот, против него ќе се поднесе кривична пријава до надлежното јавно обвинителство, а заради наплата на долгот, без одлагање и без врачување на посебно решение за одредување на присилна наплата, ќе се изврши нов попис и процена на подвижниот имот.

 

Член 71

(1) Попишаниот имот може да се остави на чување кај даночниот обврзник, со забрана за отуѓување до намирување на даночниот долг. Забраната за отуѓување на недвижен имот градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје ја пријавува во органот надлежен за геодетски работи заради запишување на предбележано заложно право на недвижности.

(2) Доколку даночниот обврзник го отуѓи, уништи или го оштети имотот што му е оставен на чување, против него ќе се поднесе кривична пријава до надлежното јавно обвинителство.

(3) Попишаните пари, хартии од вредност, накитот и други драгоцености се одземаат од даночниот обврзник и се депонираат во сеф во банка, а на даночниот обврзник му се издава потврда.

 

Член 72

Пописот и одземање на подвижниот имот заради присилна наплата на даночниот долг, по правило не се врши ноќе, во недела и во деновите на верски и државни празници.

 

Член 73

(1) Градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје можат, заради наплата на даночниот долг, да донесат решение за забрана на користење на средствата на даночниот обврзник од неговите сметки, на личните примања од работен однос и на неговите побарувања, а на носителот на платниот промет, на должникот на даночниот обврзник, односно на исплатителот на личните примања да им наложи средствата да ги уплатат во корист на даночниот долг.

(2) Против решението од ставот (1) на овој член, даночниот обврзник и неговиот должник можат да поднесат жалба до министерот за финансии во рок од осум дена од денот на доставувањето на решението.

(3) Жалбата на даночниот обврзник не го одлага извршувањето на решението, додека жалбата на должникот на даночниот обврзник ја одлага наплатата по решението.

(4) Во жалбата не можат да се изнесуваат околности кои се однесуваат на утврдувањето на даночниот долг.

(5) Ако должникот на даночниот обврзник не изјавил жалба или ако неговата жалба се одбие, е должен да постапи по решението од ставот (1) на овој член.

(6) Ако носителот на платниот промет, должникот на даночниот обврзник или исплатителот на личните примања не постапат по решението од став (1) на овој член, наплатата ќе се изврши присилно на товар на нивните средства.

 

  1. Јавна продажба

 

Член 74

(1) Јавната продажба на попишаниот и проценетиот имот, по правило, се врши со јавно наддавање, освен во случаите од членот 58 став (2) на овој закон.

(2) Јавното наддавање се закажува со оглас кој содржи:

1) име, презиме и адреса на даночниот должник;

2) време и место на јавното наддавање и

3) список на предметите што ќе бидат изложени на јавно наддавање, со опис и назначување на почетната цена на предметите што се предмет на јавно наддавање.

 

Член 75

На јавното наддавање не може да учествуваат вработените во општинската администрација, во администрацијата на општините во градот Скопје и во администрацијата на градот Скопје, како и членовите на нивните семејства.

 

Член 76

(1) Јавната продажба се прекинува штом ќе се постигне износот од продадените движни предмети со кои се покриваат долгот, паричните казни, каматата и трошоците на постапката, а другите предмети му се враќаат на даночниот обврзник.

(2) Доколку со продажбата на попишаниот имот е остварена поголема вредност од износот на долгот, паричните казни, каматата и трошоците на постапката, разликата ќе му се врати на даночниот обврзник.

 

Член 77

(1) За јавната продажба се составува записник.

(2) Записникот го потпишуваат даночниот извршител и купувачот.

 

Член 78

Од наплатениот износ по присилен пат се намируваат обврските по следниов редослед:

1) трошоците на присилната наплата;

2) должниот данок и други јавни давачки;

3) паричните казни и

4) каматите на должниот данок.

 

  1. Камата за ненавремено платен данок

 

Член 79

На износот на данокот што не е платен во пропишаниот рок се плаќа камата во висина од 0,05% за секој ден задоцнување.

 

  1. Гаранција

 

Член 80

За наплата на аконтациите на даноците на имот, даночниот обврзник одговара со целиот свој имот.

 

Член 81

Ако даночниот обврзник го отуѓил имотот со правна работа во полза на друго лице, за да ја одбегне обврската за плаќање на данокот, градоначалникот на општината,

градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје можат таквата правна работа да ја побиваат пред судот, доколку купувачот знаел за таквата намера на обврзникот.

 

Член 82

(1) Ако даночниот обврзник умре пред да се утврди висината на даночната обврска, даночната обврска преминува на наследниците.

(2) Наплатата на утврдената обврска ќе се изврши од наследниците најмногу до висината на вредноста на наследениот имот.

 

  1. Враќање на повеќе или на погрешно уплатен данок

 

Член 83

(1) Даночниот обврзник има право на враќање на повеќе или на погрешно уплатениот данок, каматата и трошоците на присилна наплата.

(2) За враќање на данокот од ставот (1) на овој член решава градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје по барање на даночниот обврзник.

(3) Ако даночниот обврзник не поднесе барање за враќање на повеќе или погрешно платените износи, тие износи ќе се пресметаат во наредното плаќање на данокот.

 

  1. Застареност

 

Член 84

(1) Правото на утврдување на данокот застарува за пет години по истекот на годината во која требало да биде утврден.

(2) Правото на наплата на данокот и правото на наплата на трошоци за присилна наплата застарува за пет години по истекот на годината во која требало да се изврши наплатата.

(3) Правото на обврзникот на враќање на неправилно или на повеќе уплатени износи на име на данок, камата и трошоци на присилна наплата застарува за пет години по истекот на годината во која е извршена уплатата.

 

Член 85

(1) По секој прекин на текот на застареноста настапува нов тек на застареност.

(2) Правото на утврдување, наплата и враќање во секој случај застарува по истекот на десет години од истекот на годината во која данокот требало да биде утврден, наплатен, односно во која износите биле платени.

 

11-а. Отпис на даночни обврски

 

Член 85-а

На предлог на градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје, советот на општината, советите општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје, до крајот на годината можат да извршат траен отпис на даночните обврски што ги имаат во своите евиденции, доколку истекол рокот на застареност или висината на трошоците за наплата на даночната обврска значително ја надминува висината на ненаплатената обврска.

 

ПЕТТИ ДЕЛ

 

  1. Надзор

 

Член 86

Надзор над спроведувањето на овој закон врши Министерството за финансии- Управа за јавни приходи.

 

Член 87

(1) Инспекциски надзор над утврдувањето и наплатата на даноците на имот врши овластен инспектор на општината, овластен инспектор на општините во градот и овластен инспектор на градот Скопје (во натамошниот текст: инспектор).

(2) Инспекторот од ставот (1) на овој член има легитимација чија форма и содржина ја пропишува министерот за финансии.

(3) Инспекторот врши проверка на состојбата и вредноста на недвижниот и подвижниот имот кој е предмет на оданочување, како и други работи утврдени со овој закон и друг пропис.

(4) За преземените дејства во постапката на инспекциски надзор, од ставот (3) на овој член инспекторот составува записник. Даночниот обврзник има право на приговор во рок од осум дена од денот на приемот на записникот. Ако во приговорот се изнесат нови факти и се предложат нови докази, за тоа ќе се состави дополнителен записник.

(5) Ако при инспекцискиот надзор се утврди дека даночниот обврзник не го уплатил или неправилно го уплатил данокот, со решение ќе му се наложи да го плати во определениот рок.

(6) Против решението од ставот (5) на овој член може да се поднесе жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, до министерот за финансии.

(7) Жалбата не го одлага извршувањето на решението.

 

Член 88

При вршењето на надзорот над работата на органите на општината, органите на општините во градот Скопје и на органите на градот Скопје, Министерството за финансии-Управа за јавни приходи ги врши следниве работи:

-ја следи законитоста на работата на органите на општината, органите на општините во градот Скопје и на органите на градот Скопје и презема мерки и активности и поднесува иницијативи за остварување на нивните надлежности утврдени со овој закон;

- им укажува на органите на општината, органите на општините на градот Скопје и на органите на градот Скопје на пречекорувањата на нивните надлежности утврдени со овој

закон и друг пропис и им предлага соодветни мерки за надминување на ваквата состојба;

-дава препораки за доследно спроведување на надлежностите на органите на општината, органите на општините во градот Скопје и на органите на градот Скопје во рамките на овој закон на нивно барање;

-го следи навременото донесување на прописите на општината, на прописите на општините во градот Скопје и на прописите на градот Скопје;

-поднесува иницијативи и предлози до општината, до општините во градот Скопје и до градот Скопје доколку констатира неспроведување на овој закон како резултат (последица) на судир на надлежности помеѓу органите на општината,

органите на општините во градот Скопје и органите на градот Скопје;

- го следи остварувањето на јавноста во работата на органите на општината, органите на општините на градот Скопје и на органите на градот Скопје, во остварувањето на надлежностите утврдени со овој закон, а особено од аспект на редовно, навремено, вистинито и потполно известување на граѓаните и

-навремено ги известува органите на општината, органите на општините во градот Скопје и органите на градот Скопје за констатираните состојби во нивната работа и за преземените мерки при вршење на надзорот.

 

Член 89

(1) Доколку и покрај укажувањата и преземените мерки и активности, органите на општината, органите на општините во градот Скопје и органите на градот Скопје не го обезбедат извршувањето на работите кои со овој закон се утврдени како нивна надлежност и за чие извршување е одговорна општината, општините во градот Скопје и градот Скопје, по сила на закон им се одзема соодветната надлежност.

(2) Вршењето на одземените работи од ставот (1) на овој член го презема Министерството за финансии-Управа за јавни приходи најмногу до една година од денот на нивното преземање.

(3) Министерството за финансии-Управа за јавни приходи вршењето на работите од надлежност на општината, на општините во градот Скопје и на градот Скопје од ставот (2) на овој член, ги врши во нивно име и за нивна сметка.

(4) За преземањето на работите од ставот (1) на овој член се известува Министерството за локална самоуправа.

 

ПЕТТИ ДЕЛ

ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

 

Член 90

(1) Глоба во износ од 2.000 до 2.500 евра во денарска противвредност за сторен прекршок ќе му се изрече на обврзникот на данокот-правно лице, ако:

1) во определениот рок не поднесе даночна пријава (членови 29, 31 и 34);

2) ја оневозможува постапката за присилна наплата (член 62) и

3) имотот не го чува во непроменета состојба (член 69 став (5)).

(2) За прекршокот од ставот (1) на овој член на одговорното лице кај правното лице ќе му се изрече глоба во износ од 500 до 750 евра во денарска противредност.

(3) За прекршокот од ставот (1) на овој член на обврзникот на данокот физичко лице ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 350 евра во денарска противредност.

 

Член 91

Глоба во износ од 500 до 750 евра во денарска противвредност за сторен прекршок, ќе му се изрече на одговорното лице во државен орган или во суд, ако:

1) во определениот рок на општинската администрација, на администрацијата на општините во градот Скопје и на администрацијата на градот Скопје, не им достави примерок од одобрението со кое се врши пренос на правото на сопственост (член 7) и 2) на општинската администрација, администрацијата на општините во градот Скопје и на администрацијата на градот Скопје не им достави примерок од решението за наследување (член 32).

 

Член 92

Глоба во износ од 500 до 750 евра во денарска противвредност за сторен прекршок ќе му се изрече на одговорното лице во општинската администрација, во администрацијата на општините во градот Скопје, односно во администрацијата на градот Скопје ако не ја примени Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот (член 5став (3)).

 

Член 93

(бришан)

 

Член 94

Глоба во износ од 2.000 до 2.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на носителот на платниот промет ако постапи спротивно на членот 73 став (6) на овој закон.

За прекршокот од ставот (1) на овој член на одговорното лице кај носителот на платниот промет ќе му се изрече глоба во износ од 500 до 750 евра во денарска противредност.

 

Член 95

Наплатените парични казни од членовите 90, 91, 92, 93 и 94 на овој закон се приход на општината, на општините во градот Скопје и на градот Скопје согласно со закон.

 

ШЕСТИ ДЕЛ

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

Член 96

Со денот на примената на овој закон престанува да важи Законот за даноците на имот (“Службен весник на Република Македонија” број 80/93, 3/94, 71/96, 54/2000 и 24/2003).

 

Член 97

Постапките за утврдување и наплата на даноците на имот што не се завршени до отпочнувањето на примената на овој закон, ќе се завршат според прописите што важеле до отпочнувањето на примената на овој закон.

 

Член 98

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува од денот на конституирањето на советите на општините и на градот Скопје и изборот на градоначалниците на општините и градоначалникот на градот Скопје по спроведувањето на првите наредни локални избори согласно со Законот за локалните избори (“Службен весник на Република Македонија” бр. 46/96, 12/2003, 35/2004, 52/2004 и 60/2004).

 

Член 10

( “Службен весник на Република Македонија” бр.92/2007)

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а одредбата од членот 1 на овој закон ќе се применува од 1 јануари 2008 година.

 

Член 5

( “Службен весник на Република Македонија” бр.53/2011)

Одредбите од членовите 3 и 4 на овој закон кои се однесуваат на постапувањето во жалбена постапка ќе се применуваат од 1 јануари 2012 година.

 

Член 6

( “Службен весник на Република Македонија” бр.53/2011)

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во "Службен весник на Република Македонија", а ќе отпочне да се применува по една година од денот на влегувањето во сила.

 

Член 2

( “Службен весник на Република Македонија” бр.84/2012)

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во "Службен весник на Република Македонија", а ќе се применува од 1 јануари 2013 година.

Trascina file per caricare
Trascina file per caricare