Print Friendly, PDF & Email

The measure is available in the following languages:

ЗАКОН ЗА УПРАВАТА ЗА ЈАВНИ ПРИХОДИ

„Службен весник на Република Македонија, број 81/2005, 81/2008, 105/2009 и 145/2010

 

ДЕЛ ПРВИ

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

 

Член 1

(1) Со овој закон се уредуваат делокругот, организацијата, начинот на вршење на работата и раководењето со Управата за јавни приходи, како и овластувањата и одговорностите при собирањето, евидентирањето, обработката и заштитата на податоци во врска со работите на Управата за јавни приходи.

(2) Со овој закон се уредуваат специфичностите во правата, обврските и одговорностите на вработените од работен однос, кодексот на однесување, наградите и признанијата, како и финансирањето на Управата за јавни приходи.

 

Член 2

(1) Управата за јавни приходи е орган на државната управа во состав на Министерството за финансии, со својство на правно лице. (2) Седиштето на Управата за јавни приходи е во Скопје.

 

Член 3

Управата за јавни приходи функционира единствено на територијата на Република Македонија.

 

II. ДЕЛОКРУГ НА РАБОТА, ОРГАНИЗАЦИЈА И РАКОВОДЕЊЕ

 

1. Делокруг на работа на Управата за јавни приходи

 

Член 4

(1) Управата за јавни приходи ги извршува управните и други стручни работи кои се однесуваат особено на:

- спроведување на законите и други прописи за даноците;

- регистрација на даночните обврзници со доделување на единствен даночен број и водење единствен регистар на даночните обврзници;

- примање на даночни пријави и внесување на даночните побарувања во даночната евиденција;

- утврдување на даноците во согласност со закон;

- инспекциски надзор во согласност со закон;

- наплата на даноците;

- водење даночна евиденција;

- враќање на повеќе или погрешно наплатен данок;

- воведување, организирање, користење и развој на единствен даночен информационен систем;

- следење и анализирање на даночните приходи;

- следење и анализирање на примената на прописите за даноците и функционирањето на даночниот систем;

- соработка со даночни органи на други држави и проучување на даночни системи;

- следење на примената на меѓународните договори од областа на даноците;

- давање меѓународна правна помош во даночни предмети;

- издавање уверенија, потврди и други документи за платени даноци;

- донесување финансиски план, програма и планови за работа;

- донесување оперативни инструкции;

- планирање и спроведување обуки за усовршување и оспособување на службениците;

- давање појаснување на даночни обврзници во примена на прописите за даноците и обезбедување јавност во работата.

(2) Управата за јавни приходи собира и обработува податоци за утврдените и наплатените даноци и предлага измени во даночната политика, прописите за даноците и на други прописи заради унапредување на даночниот систем и зголемување на ефикасноста и ефективноста во наплатата на даноците.

(3) Управата за јавни приходи покрај работите од ставовите (1) и (2) на овој член, врши и работи што се однесуваат на утврдување и наплата на други јавни давачки,доколку тие работи и се доверени со закон,или врз основа на склучен договор, со надоместок кој е приход на Република Македонија.

(4) Управата за јавни приходи го управува и извршувањето заради наплата на паричните казни, односно глобите и трошоците изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки во корист на Република Македонија.

(5) Одлуката со која се утврдува паричната казна односно глобата и трошоците изречени во корист на Република Македонија од ставот (4) на овој член, се доставува до Управата за јавни приходи од страна на судод или од надлежниот орган кој ја донел.

 

2 . Организација и раководење

 

Член 5

(1) Управата за јавни приходи работите од својот делокруг ги извршува преку:

Генерална дирекција, Дирекција за големи даночни обврзници, регионални дирекции, даночни одделенија и даночни шалтери.

(2) Министерот за финансии, на предлог на директорот на Управата за јавни приходи, го донесува актот за организација и работа и актот за систематизација на работните места во Управата за јавни приходи.

 

Член 6

Управата за јавни приходи - Генерална дирекција ги извршува управните и другите стручни работи што се однесуваат особено на:

- предлагање на измени во даночната политика, прописите за даноците и други прописи за унапредување на даночниот систем и за поефикасно собирање на даноците;

- воведување и уредување на даночни евиденции;

- обработка на податоци за утврдување и наплата на даноците;

- координација, надзор и контрола на работењето на Дирекцијата за големи даночни обврзници, регионалните дирекции, даночните одделенија и даночните шалтери во поглед на законитоста и правилната примена на даночните прописи;

- координирање на спроведување на постапката даночната контрола над даночни обврзници;

- координирање на спроведување на постапката за редовна и присилна наплата на данок;

- издавање на одобренија и маркици или други ознаки за обележување, следење на производството, прометот и употребата на поединечни производи, во согласност со законите што ги уредуваат посебните видови на данок;

- тековно следење на примената на прописите за даноците и обезбедување на единственост во постапувањето и спроведувањето на законските и подзаконските акти;

- воведување, организирање, користење и развој на единствен даночен информационен систем,

- давање стручна помош на регионалните дирекции со даночните одделенија заради единственост во постапувањето на Управата за јавни приходи;

- обезбедување на меѓународна правна помош, проучување на даночните системи на други држави и соработка со меѓународни организации и здруженија;

- следење на обезбедување на примената на меѓународните договори во областа на даноците и

- организирање на стручно усовршување на службениците на Управата за јавни приходи.

(2) Управата за јавни приходи - Генерална дирекција за планираните и реализирани работи од членот 4 на овој закон, доставува месечен извештај до Министерството за финансии.

 

Член 7

Дирекцијата за големи даночни обврзници и регионалните дирекции вршат управни и други стручни работи што се однесуваат особено на:

- примање на даночни пријави и утврдување на даночните побарувања;

- утврдување на правилност, законитост и точност на поднесените даночни пријави;

- воведување и уредување на даночни евиденции;

- воведување и уредување на регистар на даночни обврзници;

- утврдување на даночни основи и даночен долг во прв степен;

- спроведување даночна контрола над даночни обврзници;

- споведување на наплатата и активности во врска со наплата на данок;

- враќање на повеќе или погрешно платени даноци;

- поднесување на барања за поведување на прекршочна постапка и кривична пријави;

- издавање на исправи/документи за работи за кои води службена евиденција и

- давање појаснување на даночни обврзници во примената на прописите за даноците.

 

Член 8

Даночните одделенија и даночните шалтери вршат управни и други стручни работи

што се однесуваат особено на:

- примање на даночни пријави;

- утврдување на правилност, законитост и точност на поднесените даночни пријави;

- воведување и уредување на даночна евиденција;

- издавање на исправи/документи за работи за кои води службена евиденција и

- давање појаснувања на даночни обврзници во примената на прописите за даноците.

 

Член 9

(1) Со работата на Управата за јавни приходи раководи директор.

(2) Директорот на Управата за јавни приходи (во натамошниот текст: директор) може да има заменик.

(3) Директорот и заменикот на директорот, на предлог на министерот за финансии, ги именува и разрешува од должност Владата на Република Македонија за период од четири години со право на повторно именување.

(4) Именувањето на директорот и заменикот на директорот се врши врз основа на нивната стручност и компетентност.

(5) Мандатот на директорот и на заменикот на директорот може да престане само доколку:

- истекол периодот на четири години од денот кога е именуван;

- поднесе доброволна писмена оставка;

- е осуден за кривично дело кое е поврзано со надлежноста на Управата за јавни приходи, а со кое би се нарушил угледот на органот;

- ја изгуби работната способност за вршење на функцијата;

- ја извршува функцијата на начин што е неефикасно за Управата за јавни приходи.

 

Член 10

Директорот за својата работа и работата на Управата за јавни приходи е одговорен пред Владата на Република Македонија и министерот за финансии.

 

Член 11

(1) Директорот раководи и ја претставува Управата за јавни приходи; организира и обезбедува законито и ефикасно вршење на работите и задачите преку донесување оперативни инструкции во писмена форма од сите области на даночното работење; донесува финансиски план, програма и планови за работа;

одлучува за вработување, распоредување, за правата и должностите на вработените, за суспендирање и престанок на работен однос на вработените во Управата за јавни приходи, согласно одредбите на овој закон; одлучува за започнување на постапка за откривање на случаи на несоодветно однесување или прекршување на должностите од страна на вработените во Управата за јавни приходи.

(2) Директорот при одлучување за вработување треба да обезбеди правична и соодветна застапеност од сите заедници кои живеат во Република Македонија, без да се нарушат критериумите на стручност и компетентност.

(3) Директорот може во писмена форма да пренесе одделни негови надлежности на раководни службеници во Управата за јавни приходи.

 

Член 12

(1) Заменикот го заменува директорот со сите негови овластувања и одговорности во раководењето во случај на негова отсутност или спреченост.

(2) Заменикот во соработка со директорот врши работи од надлежност на директорот што тој ќе му ги довери.

 

III. ДАНОЧНИ НАДЛЕЖНОСТИ

 

Надлежности на Управата за јавни приходи

Член 13

Управата за јавни приходи работите од својата надлежност ги врши согласно со овој закон, Законот за даночна постапка и законите со кои се уредуваат одделни видови даноци.

 

Член 14

Управата за јавни приходи е должна, под условите пропишани со овој или со друг закон, да ги презема сите мерки и активности што ги смета за неопходни заради обезбедување правилна примена на законите и другите прописи за даноците.

 

Член 15

(1) За обезбедување на податоци потребни за вршење на работите на оданочување, секој субјект што води службени регистри и други јавни бази на податоци е должен, на барање на Управата за јавни приходи, да и дава податоци од службените регистри и другите јавни бази на податоци.

(2) Управата за јавни приходи има право пред надлежниот суд кај кого е поведена постапка за статусни промени (спојување, припојување или поделба) или други промени над даночниот обврзник во трговскиот регистар (регистрација, пререгистрација) да иницира постапка за суспендирање на отпочнување на постапката за период од 60 дена, заради утврдување на неплатени јавни давачки.

(3) Надлежниот суд пред кого е поведена која било постапка од ставот (2) на овој член е должен за истата да ја извести Управата за јавни приходи.

 

Член 16

На барање на Управата за јавни приходи, податоците за вршење на работите во платниот промет на учесникот во платниот промет, не претставуваат деловна тајна за носителот на платен промет и е должен да ги достави во определениот рок во барањето.

 

Член 17

Управата за јавни приходи во даночна постапка не плаќа такси, надоместоци и други трошоци за работите кои во таа постапка и ги даваат државни органи, органи надлежни за водење на регистри, носители на платен промет, како и судски трошоци.

 

Член 18

Управата за јавни приходи соработува со даночните управи на други земји на полето на даночното работење, обуки на даночните службеници, унапредување на техничкиот развој и друго, во согласност со меѓународни договори што ги ратификувала Република Македонија.

 

2. Даночни службеници

 

Член 19

(1) Даночни службеници се вработените во Управата за јавни приходи кои вршат работи од областа на даноците и даночниот систем и водат постапки за сторени прекршоци за кои е надлежна Управата за јавни приходи.

(2) Даночните службеници од ставот (1) на овој член се лица со посебни должности и овластувања, определени со овој и друг закон.

(3) Даночните службеници се овластени да спроведуваат постапки и работи во согласност со одредбите на Законот за даночна постапка и законите што ги уредуваат одделените видвови даноци.

(4) Даночните службеници кои вршат работи од инспекциски надзор и контрола се даночни инспектори и даночни контролори.

(5) Даночните инспектори освен овластувањата од ставот (3) на овој член, се овластени и за:

- привремено одземање на предмети и документи кои можат во прекршочна или кривична постапка да послужат како доказ;

- одземање на добра пуштени во промет за кои не се платени акцизи, како и добра ставени во промет кои не се прописно евидентирани;

- привремена забрана за вршење на дејност со запечатување на објект, опрема или просторија во која ја врши дејноста, во согласност со закони

- да изречат мандатна казна.

(6) Даночните контролори освен овластувањата од ставот (3) на овој член во контрола се овластени само за:

- контрола на приходите кај даночните обврзници по одредбите од Законот за персонален данок на доход;

- физички попис кај даночните обврзници и

- контрола над спроведувањето на Законот за регистрирање на готовинските плаќања.

 

Член 20

(1) Даночните инспектори, даночните контролори и даночните извршители имаат службена легитимација.

(2) Министерот за финансии, на предлог на директорот, ги пропишува формата, содржината, начинот на издавање и на одземање на службената легитимација на даночните инспектори, даночните контролори и даночни извршители.

 

Член 21

(1) Даночен службеник на Управата за јавни приходи може да преземе мерки со ставање пломба или други даночни обележја.

(2) Пломбите и другите даночни обележја може да бидат отстранети, сменети или уништени само од страна на даночните службеници на Управата за јавни приходи.

(3) Формата и содржината на пломба и на други даночни обележја ги определува директорот со посебен акт.

 

Член 22

Како доказ во прекршочната и/или кривичната постапка може да се користат записници со факти утврдени во согласност со законот кој ги уредува даночните постапки и со друг закон за чие спроведување е надлежна Управата за јавни приходи.

 

Член 23

Управата за јавни приходи може да побара од Министерството за внатрешни работи помош во спроведувањето на одредбите на овој закон или други закони за чие спроведување е надлежна Управата за јавни приходи.

 

ДЕЛ ВТОРИ

IV. СПЕЦИФИЧНОСТИ ВО ПРАВАТА, ОБВРСКИТЕ И ОДГОВОРНОСТИТЕ НА ВРАБОТЕНИТЕ

 

1. Општи одредби

 

Член 24

(1) За даночните службеници во Управата за јавни приходи, во однос на правата, обврските и одговорностите од работен однос, покрај овој закон се применуваат и одредбите од Законот за работите односи, прописите од областа на здравственото, пензиското и инвалидското осигурување и Колективниот договор на Управата за јавни приходи.

(2) За вработените во Управата за јавни приходи кои вршат работи од областа на финансиското, општо-административно, материјалното работење и јавните набавки во однос на правата, обврските и одговорностите од работен однос се применуваат одредбите од Законот за државните службеници и прописите од областа на здравственото, пензиското и инвалидското осигурување.

(3) За вработените во Управата за јавни приходи кои вршат технички и помошни работи, во однос на правата, обврските и одговорностите од работен однос, се применува Законот за работите односи, прописите од областа на здравственото, пензиското и инвалидското осигурување и Колективниот договор на Управата за јавни приходи.

 

Член 25

За начинот и постапката за вработување, пробната работа, суспендирањето и престанокот на работниот однос на даночните службеници и вработените кои вршат општи, административно-технички и помошни работи во Управата за јавни приходи ќе се применуваат одредбите од Законот за работните односи и Колективниот договор на Управата за јавни приходи.

 

Член 26

- се брише -

 

Член 27

- се брише -

 

Член 28

- се брише -

 

Член 29

- се брише -

 

Член 30

- се брише

 

Безбедност на работа и здрава работна околина

Член 31

Директорот е должен да ги обезбеди потребните услови за заштита при работа во согласност со овој закон, друг закон и колективен договор. Обезбедувањето на безбедна и здрава работна околина за работниците е морална и правна одговорност на директорот во согласност со меѓународни стандарди.

 

3. Обврски на вработените

 

Член 32

(1) Вработениот е должен:

- работните задачи да ги врши совесно, стручно, ефикасно, уредно и навремено, во согласност со Уставот, закон и други акти на Управата за јавни приходи;

- да ја врши својата работа непристрастно и без влијание од страна на политичките партии, да не се раководи од свои политички уверувања, од лични финансиски интереси, да не ги злоупотребува овластувањата и статусот на вработен и да го штити угледот на Управата за јавни приходи;

- да ги извршува наредбите од непосредно претпоставениот раководител и да постапува по нив во согласност со Уставот, закон и друг акт;

- во согласност со закон и прописите на Управата за јавни приходи, по барање на даночните обврзници, да дава информации заради остварување на нивните права и обврски, освен информации кои претставуваат даночна тајна;

- не смее да користи привилегии, ниту да бара и да прима материјална или друга корист при исполнување на своите обврски;

- стручно да го усовршува своето знаење заради унапредување на професионалните барања со постојано почитување и применување на прописите за вршење на своите службени должности;

- да го почитува пропишаното работно време;

- опремата што му е дадена на користење за извршување на неговите должности да ја употребува правилно и како добар домаќин во согласност со нејзината намена и истата да не ја користи во приватни цели;

- да се однесува во согласност со Кодексот на однесување на Управата за јавни приходи и пропишаните правила за ред и дисциплина на Управата за јавни приходи.

(2) Вработениот за непридржување кон обврските пропишани со ставот (1) на овој член е дисциплински одговорен, како и прекршочно или кривично одговорен во согласност со закон.

(3) Постапката за прекршочната или кривичната одговорност од ставот (2) на овој член може да биде покренета и против лица на кои им престанал работниот однос во Управата за јавни приходи во согласност со закон.

 

Член 33

- се брише -

 

4. Забрана на други активности

 

Член 34

(1) Вработените не смеат да вршат никаква друга функција, должност или дејност поврзана со остварување на профит која е во судир со нивната службена должност.

(2) Вработените не смеат да вршат дејност која е во судир со нивната службена должност како сопственици или партнери во трговски друштва, членови на управни одбори или на надзорни органи на трговски друштва.

(3) Вработените можат да вршат други работи и дејности само со претходно одобрение од директорот.

(4) Работите и дејностите кои се во судир со службените должности на вработените ги пропишува директорот со оперативна инструкција.

(5) Службениците кои се однесуваат спротивно на одредбите на овој член, дисциплински одговараат.

 

5. Обврска на вработените за доверливост

 

Член 35

(1) Вработениот не смее во неовластени цели да користи и да даде која било информација, која ја осознал во даночната постапка.

(2) Обврската на вработениот за чување на даночна или службена тајна утврдена со овој закон и посебни прописи, важи и по престанокот на работниот однос во Управата за јавни приходи, сé до престанокот на периодот за ограничување.

(3) Вработениот за непридржување кон обврските пропишани со одредбите на овој член е дисциплински одговорен, како и прекршочно или кривично одговорен во согласност со закон.

(4) Постапката за прекршочната или кривичната одговорност од ставот (3) на овој член може да биде покренета и против лица на кој им престанал работниот однос во Управата за јавни приходи во согласност со закон.

 

6. Права на вработените

 

Член 36

Вработениот ги има особено следниве права:

- на загарантирана работа на која е склучен договор за работа во согласност со овој закон;

- да е заштитен од страна на надлежни органи во извршувањето на своите должности;

- на работни услови соодветни за извршување на службените должности;

- да се пријави за слободно работно место од повисок ранг;

- при остварувањето на своите работни права да бара заштита од надлежен суд, синдикат или друг надлежен орган во согласност со закон;

- на плата и надоместоци;

- на одмор, отсуства и слободни денови;

- на стручно оспособување и обука во согласност со потребите на Управата за јавни приходи и

- да основа и да биде член на синдикат и стручни организации во согласност со закон.

 

Член 37

- се брише

 

Член 38

- се брише

 

Член 39

- се брише

 

Член 40

- се брише -

 

7. Месечна плата, надоместоци, награди и бонуси

 

Член 41

(1) Вработените имаат право на плата, надоместоци на плата и други надоместоци.

Платата на службениците, надоместоците на плата и другите надоместоци се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

(2) Вработените можат да добиваат до 30%, но најмногу до 50% од платата како надополнување на редовната плата во текот на месецот за посебната одговорност која произлегува од работното место и е од особено значење за ефикасноста на Управата за јавни приходи.

(3) Вработените добиваат парични награди и бонуси во врска со оценувањето на работењето, по постигнати исклучителни резултати во работењето.

(4) Системот на наградување на вработените поблиску го определува министерот за финансии по предлог на директорот.

 

Член 42

- се брише -

 

VI. КОДЕКС НА ОДНЕСУВАЊЕ

 

1. Кодекс на однесување

 

Член 43

(1) Вработените треба постојано да ги почитуваат највисоките стандарди на сопствениот интегритет и интегритетот на Управата за јавни приходи во извршувањето на сите активности утврдени со кодекс на однесување.

(2) Кодексот на однесување го донесува директорот.

(3) Кодексот на однесување ги опишува стандардите на однесување кои треба да се почитуваат од сите вработени и дава насоки и упатства за решавање на етичките прашања за оние кои работат во Управата за јавни приходи.

(4) Случаите на однесување спротивно на Кодексот на однесување може да бидат предмет на дисциплински мерки, вклучувајќи ја и мерката за престанок на работен однос со отказ за потешките повреди на однесување.

 

Член 44

- се брише

 

Член 45

- се брише

 

Член 46

- се брише -

 

VII. НАГРАДИ И ПРИЗНАНИЈА

 

Член 47

За долгогодишна стручна работа, организациски унапредувања, успех во поединечни подрачја на работа во вршењето на работните задачи, подобрување на угледот на службата, на вработените во Управата за јавни приходи им се доделуваат признанија и парични награди.

 

VIII. ФИНАНСИРАЊЕ

 

Член 48

(1) Средствата за вршење на работите на Управата за јавни приходи се обезбедуваат од:

- Буџетот на Република Македонија;

- приходи од склучени договори за вршење на контрола и наплата на јавни давачки и

- други приходи утврдени со пропис.

(2) Покрај средствата од ставот (1) на овој член Управата за јавни приходи остварува средства во висина од 25% од приходите од откриени и наплатени даноци, како и од наплатените камати за ненавремено платени даноци.

(3) Средствата од ставот (2) на овој член се користат за осовременување, унапредување и опремување на работата на Управата за јавни приходи, како и за стимулирање на работата на вработените.

(4) Распоредот на средствата од ставот (3) на овој член се врши со финансискиот план на Управата за јавни приходи.

 

IX. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

Член 49

(1) Прописите чие донесување е предвидено со овој закон ќе се донесат во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(2) До денот на влегувањето во сила на прописите од ставот (1) на овој член се применуваат постојаните прописи.

 

Член 50

Со денот на влегувањето во сила на овој закон одредбите од членовите од 4 до 12, членот 14 и членовите од 21 до 23 од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи (“Службен весник на РМ, бр.13/2001, 61/2002, 24/2003, 77/2003 и 19/2004), престануваат да важат.

 

Член 51

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во Службен весник на Република Македонија”.

 

ОДРЕДБИ ОД ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА УПРАВАТА ЗА ЈАВНИ ПРИХОДИ ШТО НЕ ВЛЕГУВААТ ВО ПРЕЧИСТЕНИОТ ТЕКСТ

„Службен весник на Република Македонија” бр. 81/08

 

Член 32

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во Службен весник на Република Македонија”

„Службен весник на Република Македонија бр. 105/09

Член 3

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во Службен весник на Република Македонија”

Службен весник на Република Македонија” бр. 145/2010

 

Член 1

Во Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија број 81/2005,81/2008 и 105/2009 година”), во членот 4 ставот (3) се менува и гласи:

„Управата за јавни приходи покрај работите од ставовите (1) и (2) на овој член, врши и работи што се однесуваат на утврдување и наплата на други јавни давачки, доколку тие работи и се доверени со закон, или врз основа на склучен договор, со надоместок кој е приход на Република Македонија.”

По ставот (3) се додаваат два нови става (4) и (5) кои гласат:

(4) Управата за јавни приходи го управува и извршувањето заради наплата на паричните казни, односно глобите и трошоците изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки во корист на Република Македонија.

(5) Одлуката со која се утврдува паричната казна односно глобата и трошоците изречени во корист на Република Македонија од ставот (4) на овој член, се доставува до Управата за јавни приходи од страна на судод или од надлежниот орган кој ја донел.

 

Член 2

Во членот 24 став 2 по зборот „финансиско” сврзникот и се заменува со запирка и се додаваат зборовите: општо-административно,”.

Во ставот 3 зборот општи се брише, а зборовите: административно-технички е заменуваат со збороттехнички”.

 

Член 3

Актот за систематизација на работните места во Управата за јавни приходи ќе се усогласи со одредбите од овој закон во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

 

Член 4

Одредбата од членот 1 став (2) на овој закон со кој се дополнува членот 4 со два нови става (4) и (5) од Законот за Управата за јавни приходи (Службен весник на Република Македонија број 81/2005,81/2008 и 105/2009 година), се применува и на предметите поднесени на извршување од страна на Државното правобранителство на Република Македонија кај извршител, а за кои не се преземени извршни дејствија.

Државното правобранителство на Република Македонија е должно да ги повлече предметите од извршителот и да ги проследи до Управата за јавни приходи за натамошно постапување со денот на отпочнување со примената на одредбата од членот 1 став (2) на овој закон.

Предметите кои се наоѓаат во Државното правобранителство на Република Македонија заради започнување на постапка за извршување, а не се поднесени кај извршител до денот на отпочнување со примената на одредбата на членот 1 став (2) на овој закон, државниот правобранител на Република Македонија ги пренесува во надлежност на Управата за јавни приходи со денот на отпочнување со примената на одредбата на членот 1 став (2) на овој закон.

 

Член 5

Одредбата од членот 1 став (1) на овој закон со кој се дополнува членот 4 со нов став (3) од Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија број 81/2005, 81/2008 и 105/2009 година), ќе започне да се применува од 1 јануари 2011 година.

Одредбата од членот 1 став (2) на овој закон со кој се дополнува членот 4 со два нови става (4) и (5) од Законот за Управата за јавни приходи (Службен весник на Република Македонија број 81/2005, 81/2008 и 105/2009 година), ќе започне да се применува од 1 ноември 2010 година.

 

Член 6

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во Службен весник на Република Македонија”

Trascina file per caricare
Trascina file per caricare