Print Friendly, PDF & Email

The measure is available in the following languages:

АГЕНЦИЈА ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ОДЗЕМЕН ИМОТ

 

Врз основа на член 1, 6 и 15 од Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/08 и 145/10), и во согласност со член 17 од Статутот на Агенцијата за управување со одземен имот, Управниот одбор на  Агенцијата  за управување со одземен имот на Република Македонија на седницата одржана на ден 31.7.2013 година, го донесе следниот

 

П Р А В И Л Н И К

ЗА ПОСТАПУВАЊЕ СО ОДЗЕМЕН ИМОТ

 

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

 

Член 1

Со овој Правилник се уредува начинот на постапување со конфискуваниот имот,имотната корист и одземените предмети во кривична и прекршочна постапка, неговото евидентирање, сместување, чување и предавање, како и начинот на продажба на одземените предмети,постапката на продажба со јавно наддавање, полагање и уплаќање на цената во Буџетот на Република Македонија и преземањето на предметите од страна на купувачот.

Вработените во Агенцијата за управување со одземен имот (во понатамошниот текст:Агенцијата) со конфискуваниот имот, имотна корист и одземени предмети се однесуваат како добри домаќини и совесни стопанственици.

 

Член 2

Одредени поими во овој Правилник го имаат следното значење:

1.„Конечно одземени предмети и имот“ се подразбираат предмети и имот кои се одземени во кривична и прекршочна постапка, за кои е завршена со правосилна одлука.

2.„Привремено конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети“ се подразбираат предмети, имот и имотна корист за кои се води кривична и прекршочна постапка и за чие одземање нема правосилна одлука.

3.„Јавни извршители на Агенцијата“ се лица вработени во Агенцијата кои го превземаат одземениот имот во кривична и прекршочна постапка и понатаму го сместуваат и чуваат во некој од складовите на Агенцијата во Република Македонија и странство.

4.„Предавач на предметите” е овластеното лице од надлежната институција која ги одзела предметите, имотот и имотната корист.

 

II. ИЗВЕСТУВАЊЕ И ПРЕДАВАЊЕ НА ОДЗЕМЕНИТЕ ПРЕДМЕТИ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ОДЗЕМЕН ИМОТ

 

Член 3

Судот или друг државен орган кој донел конечна правосилна одлука или одлука за привремено одземање на имот, имотна корист или предмети веднаш ја известува Агенцијата и на истата и ги предава одземените предмети, конфискуваниот имот и имотната корист.

 

Член 4

Предавањето на имотот, имотната корист и одземените предмети, кога се работи за недвижност се предава на еден од извршителите на Агенцијата во местото каде што се наоѓа недвижноста, при што се составува записник за примопредавање, во 3 примерока, со кој се потврдува приемот на одземената недвижност и целокупната документација.

Предавањето на имотот, имотната корист и одземените предмети, кога не се работи за недвижност, по правило се врши во главниот магацин на Агенцијата во КПУ Идризово или во некој друг склад или магацин на Агенцијата, при што се составува записник за примопредавање, во 3 примерока, со кој се потврдува приемот на одземените предмети и целокупната документација.

Постапувањето со одземениот недвижен имот од овој член се уредува со посебен Правилник за постапување со недвижен имот.

Записникот за примо-предавање на одземените предмети, имот и имотна корист е уреден со посебен Правилник за формата и содржината на образецот на записникот за одземениот имот, имотна корист и одземените предмети на Агенцијата.

 

Член 5

За одземениот имот, имотната корист и одземените предмети се води евиденција. Начинот на водењето на евиденцијата е уредено со посебен Правилник за начинот на водење евиденција на податоци за одземениот имот.

 

Член 6

Извршителите на Агенцијата по примањето на одземениот имот се должни да се однесуваат со истиот како добри домаќини и добри стопанственици.

Раководителот на одделението за јавни извршители на Агенцијата врши контрола на начинот на чување и постапување со одземениот имот и предмети, и во случај да се утврди неправилност во постапувањето, веднаш да бидат преземени мерки за доведување на имотот во правилна состојба, а доколку утврдената неправилност е сторена со намера или со крајно невнимание раководителот е должен да поведе и соодветна постапка против одговорните лица.

 

Член 7

Доколку поради оправдани причини предавањето на конечно одземените предмети на Извршителот од Агенцијата не може да се изврши веднаш, истиот е должен телефонски или преку е-маил на институцијата која го одзела предметот да ја извести дека не е во можност веднаш да ги превземе предметите и да му наложи на одговорното лице соодветно привремено да го чува имотот во нивните магацински складови.

 

Член 8

За преземање на одземените предмети со поголема тежина, или од специфична природа за специјален транспорт (опасни или запаливи материи, оружје, муниција и експлозивен материјал, дрога, психотропни супстанци и прекурзори) за чие превземање ги нема потребните транспортни средства, Агенцијата е должна веднаш да достави барање за овој вид услуга до овластената транспортна фирма избрана со понуда согласно Законот за јавни набавки или ќе ги користи транспортните услуги на МВР.

 

Член 9

При преземањето на одземените предмети, еден од извршителите на Агенцијата (истиот кој се потпишал на записникот) одземените предмети и целокупната документација за истите ги прегледува, ги споредува податоците од записникот и реалната состојба на одземените предмети.

 

Член 10

При примо-предавањето на одземените предмети кои веќе се наогаат на чување во некој од складовите на институциите кои ги одземале во кривична и прекршочна постапка пред да започнат со работа извршителите на Агенцијата, се составува нов записник за превземање на предметите,имотот и имотната корист од страна на извршителите на Агенцијата, и се проверува дали истите предмети,имот и имотна корист одговараат на податоците од записникот кога првпат било извршено примопредавање на предметите во складовите на надлежните институции од каде се преземаат.

 

Член 11

Доколку извршителите утврдат дека податоците при превземање на одземените предмети од складовите и магацините од член 13 како и фактичката состојба на предметите, имотот и имотната корист кои се превземаат, не одговараат на податоците од првобитниот записник од член 10 со кој првпат било извршено примопредавање должни се да го известат Директорот на Агенцијата за да ја извести Владата на Република Македонија.

 

III. ПОСТАПУВАЊЕ СО ОДЗЕМЕН ИМОТ

 

Член 12

Агенцијата веднаш по предавањето на одземените предмети, имот и имотна корист

врши проценка на нивната пазарна вредност од страна на овластен проценител при што може да користи услуги и од други овластени проценители.

Откако ќе се изврши проценка на вредноста на имотот истата се доставува до надлежниот орган, надлежниот Суд, Јавното Обвинителство, Државното правобранителство и лицето од кое е одземен имотот.

 

Член 13

Привремено одземените предмети од историска,научна или уметничка вредност се фотографираат од страна на извршителите и нивните фотографии се приложуваат во досието за одземени предмети.

Одземените предмети од посебна, научна или уметничка вредност, Агенцијата ги предава на чување во соодветна институција како национална установа Музеј на Македонија, Природно научен музеј, Архив на Република Македонија, Универзитетска Библиотека Св.Климент Охридски или други надлежни установи за чување во зависност од видот на предметот, за што се составува записник.

Директорот на Агенцијата склучува Договор за чување на предметите со надлежната институција каде се предадени предметите од став 1 на овој член.

По правосилноста на одлуката со која се конфискуваат предметите со одлука на Управниот Одбор и решение Директорот на Агенцијата ги отстапува без надоместок на некоја од институциите во став 2 од овој член.

 

Член 14

На привременото одземени скапоцени камења, благородни метали, денари, девизи им се утврдуваат карактеристики и квалитет од Народната банка за што се составува записник.

За одземените денари и девизи, покрај податоците од ставот 1 во записникот за одземени предмети поединечно се внесуваат апоени и сериски броеви.

Привремено одземените скапоцени камења,благородни метали Агенцијата ги предава на чување на Народна Банка на Република Македонија за што се составува записник и Директорот на Агенцијата склучува Договор за чување на истите.

По правосилноста на одлуката Народната Банка на Република Македонија ги враќа на Агенцијата предметите од став 1 на овој член.

 

1) Постапување со  одземените хартии од вредност

 

Член 15

Продажбата на акциите и уделите се врши врз основа на одлука за продажба на акции односно удели донесена од страна на Управниот одбор  на АУОИ.

 

Член 16

Акциите се продаваат по пат на јавна берзанска аукација, согласно со Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал и правилата за тргување на Македонска Берза.

 

Член 17

Врз основа на одлуката за продажба на акции од член 15 на овој Правилник, АУОИ доставува предлог за продажба на акциите до Владата на Република Македонија за добивање на согласност за продажба.

По добиената согласност од ставот 1 на овој член, АУОИ ја спроведува продажбата на акциите.

 

Член 18

1) Продажбата на акциите по пат на јавна берзанска аукција се објавува во рок од 15 дена до 30 дена пред денот определен за јавна берзанска аукација, во најмалку два дневни весника што излегуваат на територијата на Република Македонија.

2) Објавата содржи:

- назив и седиште на друштвото;

- основна главнина во друштвото;

- вредност на капиталот што се продава;

- процентуално учество  на акциите на АУОИ во главнината на друштвото;

- прочетна продажна цена на една акција;

- модел на продажба;

- начин на плаќање;

- точниот датум на одржување на јавна берзанска  аукација.

 

Член 19

1) Доколку во последните 12 месеци пред денот на објавувањето на продажбата на акциите имало тргување на берзата, почетна цена на акциите на првата јавна берзанска аукација се утврдува во висина на просечната цена постигната за таа акција во последните 12 месеци според податоците од Македонската берза, пред денот на донесувањето на одлуката од членот 15 на овој Правилник.

2) Доколку во последните 12 месеци пред денот на објавувањето на продажбата на акциите немало тргување на берзата, почетната цена се утврдува во висина на номиналната вредност на акциите кои ќе се продаваат во пет последователни трговски дена. Доколку по првите пет трговски дена на берзанската аукција останат непродадени акциите, АУОИ може во наредните пет последователни трговски дена да ја намали цената на акциите за 25% од номиналната вредност на акцијата, се до крајната нивна продажба.

 

Член 20

Продажба на акциите се врши според моделот „се или ништо“ при што акциите се продаваат во пакет преку трансакција или според моделот „на парче“ преку повеќе трансакции.

 

Член 21

Продажбата и плаќањето на акциите се врши во готово во денари.

 

Член 22

Агенцијата за управување со одземен имот по примањето на правосилната одлука за одземање на удели го запишува истиот во Книгата на Удели и Трговскиот регистар. Одземениот удел се проценува од овластен проценител и се продава на јавно наддавање.

Постапката за продажба на уделите ќе се спроведе согласно член 47 став 2 од Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка и согласно членовите за продажба на одземените предмети по пат на јавно наддавање пропишани во овој правилник.

 

Член 23

Управувањето со хартиите од вредност и уделите во смисла на членот 6 од Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, АУОИ го врши согласно законските прописи со кои се уредува начинот на управување со трговките друштва.

 

2) Постапување со останатите одземени предмети

 

Член 24

Одземените наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори се предаваат на чување во Министерството за внатрешни работи кое ги исполнува пропишаните услови за чување за што се составува записник каде и се вештачи истата.

Доколку судот донесе одлука за продажба одземените наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори Директорот на Агенцијата носи одлука за продажба со посебно одобрение од Министерство за здравство, за што се формира Комисија за продажба на наркотични дроги каде еден член е претставник од Бирото за лекови кој го именува Директорот на Агенцијата.

Вештачената дрога се понудува на продажба на најголемите трговски друштва во Република Македонија регистрирани за промет и производство на лекови. Со најдодбриот понудувач однодно трговското друштво за промет и производство на лекови, Агенцијата склучува договор за продажба на одземената дрога, психотропни супстанци и прекурзори.

 

Член 25

Во случај кога надлежниот суд ќе донесе одлука за уништување на одземените дроги, психотропни супстанци и прекурзори Министерот за Правда формира Комисија за уништување составена од пет члена и тоа:претставник од Судот, Јавното Обвинителство,Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за управување со одземен имот.

Уништувањето на одземената дрога, психотропни супстанци и прекурзори се врши со палење во соодветна депонија или институција која ги исполнува условите пропишани со закон.

 

Член 26

Оружјето, муницијата и експлозивниот материјал поради немање услови за чување Аагенцијата ги предава на чување во Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана.

Оружјето, муницијата и експлозивниот материјал се вештачи во Министерството за внатрешни работи и истото донесува одлука за уништување на неисправното оружје за што се составува Комисијата за уништување од член 25 на овој Правилник.

Уништувањето на одземеното оружје, муниција и експлозивниот материјал се врши во топилница која поседува условите за уништување.

Исправното оружје, муниција и експлозивен материјал се издвојува и може да се отстапи по барање на Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија, Управата за извршување санкции, Финансиска полиција, судската полиција, или друг орган кој има право да користи оружје, со претходна согласност на Владата на Република Македонија.

Исправното оружје, муниција и експлозивен материјал кое нема да се отстапи без надоместок како во овој член од овој Правилник се дава јавно наддавање на правни лица кои се занимаваат со промет на оружје и муниција на физички лица кои имаат одобрение за набавување на оружје.

 

Член 27

Кога предмет на постапување според овој Правилник се лесно расипливи одземени предмети, одземени предмети со ограничен рок на траење, храна, лекови, земјоделски и раноградинарски култури, живи животни, отпадоци и остатоци кои се продаваат на трговско друштво за собирање на отпад и слично, Агенцијата ќе постапува во итна постапка, а ќе постапува најдоцна во рок од 5 дена со истата.

Останатиот одземен имот кој не може да се продаде, ниту да се отстапи без надоместок поради здравствени, ветеринарни, безбедносни, фитосанитарни и други причини, како фалсификат тутунски, алкохолни и и други производи за кои не постои декларација задолжително се уништуваат.

 

IV ПРОДАЖБА НА ОДЗЕМЕНИ ПРЕДМЕТИ

 

Член 28

Продажбата на одземените предмети, имот и имотна корист согласно овој Правилник се спроведува по пат на јавно наддавање.

 

Член 29

Јавното наддавање на одземените предмети го спроведува Комисијата за продажба назначена од страна на Директорот. Комисијата за продажба по пат на јавно наддавање има претседател и двајца членови од редовите на вработените во Агенцијата.

 

Член 30

Јавното наддавање се објавува со оглас во најмалку еден дневен весник седум дена пред одржувањето на јавното наддавање, како и на Интернет страницата на Агенцијата каде што ќе се презентира и листа на детален опис на предметите што се продаваат. Во огласот за јавно наддавање мора да бидат наведени условите на јавното наддавање, податоци за видот, количината и состојбата на стоката, почетна цена, ден, време, и место на јавното наддавање, износ и начин на уплаќање на гаранција за учество на јавното наддавање како и ден, време и место кога и каде ќе биде овозможен преглед и увид на предметите кои се продаваат, како и списокот на предметите кои ќе се продаваат објавен на интернет страницата на Агенцијата и во седиштето на Агенцијата. Агенцијата може да спроведе и електронско јавно наддавање преку веб страницата на Агенцијата.

 

Член 31

На јавното наддавање на одземените предмети можат да учествуваат сите физички лица и правни лица.

На јавното наддавање не смеат да учествуваат лица вработени во Агенцијата или друго лице кое службено учествува во постапката за продажба,осуденото лице или лицето против кое се водела кривичната или прекршочната постапка.

Кога предметот е купен од лице кое немало право да учествува на јавното наддавање истото нема правно дејствие и во тој случај внесената сума на купувачот не се враќа и се објавува ново јавно наддавање во пропишан рок кој не смее да биде помал од 15 дена.

 

Член 32

Пред започнувањето на јавното наддавање понудувачите мора да уплатат гаранција на сметката на Агенцијата за Управување со одземен имот или да приложат банкарска гаранција со која се гарантира плаќање на гаранцијата и која изнесува 10% од почетната цена на одземениот предмет или одземените предмети кои планираат да ги купат.

Крајниот рок ден,месец,година и час за внесување на гаранцијата се внесува во огласот за јавното наддавање.

На јавното наддавање учествува само понудувач кој ќе приложи доказ за уплатена гаранција.

Гаранцијата веднаш се враќа на учесниците на јавното наддавање кои не успеале, најдоцна во рок од пет дена по завршувањето на јавното наддавање.

За враќањето на гаранцијата потребно е учесникот да поднесе барање за враќање на гаранцијата потпишано од учесникот кој присуствувал на јавното наддавање.

На учесникот на јавното наддавање кој го напуштил јавното наддавање пред истото да заврши или неосновано не учествувал на јавното наддавање гаранцијата одноцно приложената банкарска гаранција не му се враќаат.

Учесникот кој што е прогласен за купувач не може да ја подигне гаранцијата и истата му се пресметува во вкупната вредност на купената стока.

 

Член 33

Предметите се продаваат во состојба такви какви што се во моментот на продажбата, и купувачот не може да приговара за недостатоците на купениот предмет.

Одземените предмети се даваат на јавно наддавање со почетна цена којашто е еднаква со проценетата вредност утврдена од страна на комисијата од член 12 на овој правилник.

Првото јавно наддавање смее да се спроведе доколку учествуваат најмалку двајца понудувачи.

 

Член 34

Одземените предмети на јавното наддавање се продаваат на купувачот кој што понудил највисока цена.

Секое физичко или правно лице на јавното наддавање може да учествува и преку полномошник, кој што треба да се легитимира со нотарско заверено уредно полномошно, во кое изрично ќе биде наведено овластувањето за учествување на конкретното јавно наддавање од името и за сметка на властодавецот. Во тој случај наддавачот приложува до Комисијата оригинал полномошно или нотарски заверена копија.

Ако првото јавно наддавање не успее ,се закажува второто кое може да се спроведе доколку учествуваат барем двајца понудувачи. Објавувањето на второто јавно наддавање мора да ги содржи истите податоци како првото,а во огласот треба да биде дополнително наведено дека се работи за второ јавно наддавање.

Почетната цена на одземените предмети од првото јавно наддавање може да се намали најмногу до една четвртина од износот на проценетата вредност.

 

Член 35

Ако првото јавно наддавање било неуспешно бидејки немало понудувачи, комисијата издава одлука одземените предмети да се продадат по пат на прибирање на понуди, а не со закажување на второ јавно наддавање.

Во случај да се закаже второ јавно наддавање и ако и тоа е неуспешно,одземените предмети се продаваат по пат на прибирање на понуди или со непосреден договор.

Ако одземените предмети не се продадат согласно одредбите на овој правилник,истите се уништуваат или бесплатно се отстапуваат.

 

Член 36

Комисијата составува записник за текот на јавното наддавање.Во него се запишуваат податоците за одземените предмети, почетната цена,учесници на јавното наддавање,дадени понуди, постигната продажна цена и купувач.

Записникот за јавното наддавање го потпишуваат претседателот и членовите на комисијата, двете најдобри понуди, купувачот, и присутните понудувачи. На записникот се прогласува купувачот односно победникот од јавното наддавање.

 

Член 37

Записникот за јавното наддавање се истакнува на огласната табла на Агенцијата за управување со одземен имот, во рок од два дена по завршената продажба и мора да остане истакнат три дена.

 

Член 38

Купувачот е должен веднаш по заклучувањето на јавното наддавање понудената цена да ја уплати на сметка на Буџет на Република Македонија.Доколку купувачот не ја уплати цената во рок од петнаесет дена од заклучувањето на јавното наддавање се смета дека купувачот се откажал од одземениот предмет и внесената гаранција од него служи за покривање на трошоците на јавното наддавање.

 

Член 39

Кога првиот купувач нема да ја уплати понудената цена од датумот на јавното наддавање во предвидениот рок Комисијата составува записник со кој се прогласува вториот по ред купувач кој ја понудил следната највисока цена која не смее да биде под утврдената проценета вредност од страна на Агенцијата, за што го известува писмено вториот купувач.

Купувачот должен е во рок од три дена да ја уплати понудената цена во Буџетот на Република Македонија. Купувачот станува сопственик на купените предмети во моментот на уплаќање на цената на сметката на Буџетот на Република Македонија.

 

Член 40

Директорот на Агенцијата донесува решение за давање на одземените предмети, имот на купувачот во рок од три дена по уплаќањето на цената на сметката на Буџетот на Република Македонија.

Решението за давање на предметот е и документ за продажба.Решението треба да содржи детален опис на предметот, цената по која е продаден, износот на увозните давачки пресметани од Царината доколку се работи за странска стока, данок на додадена вредност за што купувачот треба да приложи доказ дека е платен данокот.

 

Член 41

Сопственоста врз одземените предмети поминува на купувачот од датумот на издавањето на решението. Купувачот е должен веднаш да го подигне предметот.

Трошоците кои се поврзани со транспорт на купените предмети ги сноси купувачот.

 

Член 42

Трошоците кои се поврзани со транспорт, складирање, продажба на одземени предмети, и други трошоци и трошоци за извршени услуги се подмируваат од платената откупна цена на тој предмет или друг предмет.

 

Член 43

За привремено одземените предмети согласно член 20 од овој правилник, Судот или друг орган кој ги одзема предметите дава претходна согласност на Одлука на Управниот одбор на Агенцијата за продажба на одземените подвижни предмети доколку се намалува нивната вредност или трошоците за чување се несразмерно големи.

За привремено одземените предмети Управниот одбор итно донесува одлука за продажба на предметите според проценка на овластен проценител , за што Агенцијата за управување со одземен имот склучува Договор за продажба со купувачот кој понудил цена која не смее да биде пониска од проценетата пазарна вредност.

 

V. ЗАВРШНА ОДРЕДБА

 

Член 44

Овој правилник влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

 

Бр. 09-2845/4                                                                               

13 август 2013 година                                                          

 

Претседател

на Управен одбор, Скопје                                             

Владимир Спиркоски, с.р.