The measure is available in the following languages:
ЗАКОН ЗА
РАТИФИКАЦИЈА НА СПОГОДБАТА МЕЃУ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И СРБИЈА И ЦРНА ГОРА ЗА ЗАШТИТА НА МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО МАЛЦИНСТВО ВО СРБИЈА И ЦРНА ГОРА И ЗАШТИТА НА СРПСКОТО И ЦРНОГОРСКОТО НАЦИОНАЛНО МАЛЦИНСТВО ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
“Сл. весник на Р Македонија” бр.83/04 од 24.11.2004 година
Член 1
Се ратификува Спогодбата меѓу Република Македонија и Србија и Црна Гора за заштита на македонското национално малцинство во Србија и Црна Гора и заштита на српското и црногорското малцинство во Република Македонија, потпишана на 6 јули 2004 година во Скопје.
Член 2
Договорот во оригинал на македонски и српски јазик гласи:
СПОГОДБА МЕЃУ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И СРБИЈА И ЦРНА ГОРА ЗА ЗАШТИТА НА МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО МАЛЦИНСТВО ВО СРБИЈА И ЦРНА ГОРА И ЗАШТИТА НА СРПСКОТО И ЦРНОГОРСКОТО НАЦИОНАЛНО МАЛЦИНСТВО ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Република Македонија и Србија и Црна Гора (во натамошниот текст: Договорни страни),
Поаѓајќи од фактот за постоење на македонско национално малцинство во Србија и Црна Гора и на српско и црногорско национално малцинство во Република Македонија(во натамошниот текст: национални малцинства);
Нагласувајќи ја својата заедничка цел за создавање демократско општество, кое на граѓаните ќе им обезбеди целосно остварување на човековите права и основни слободи, како слободно изразување на нивните легитимни интереси и стремежи;
Решени да обезбедат највисоко ниво на правна заштита на националните малцинства и развој на нивниот национален, културен, јазичен и верски идентитет; Свесни дека идентитетот на националните малцинства и остварувањето на човековите права и слободи на нивните припадници се вредности кои треба да се чуваат и развиваат;
Констатирајќи дека соработката во врска со заштитата на националните малцинства придонесува за унапредување на добрососедските односи, заемно разбирање, пријателство и соработка меѓу државите и јакнење на безбедноста во регионот;
Имајќи го предвид определувањето на Договорните страни за вклучување во евроатланските интеграции;
Почитувајќи ги меѓународните принципи и норми за заштита на националните малцинства содржани во следните документи:
- Повелбата на Обединетите нации, Општата декларација за правата на човекот, Меѓународната конвенција за укинување на сите облици на расна дискриминација, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, Меѓународниот пакт заекономски, социјални и културни права, Конвенцијата на УНЕСКО за борба против дискриминацијата во областа на образованието, Декларацијата на ОН за укинување на сите облици на нетолеранција и дискриминација кои се темелат на вероисповедта или верувањето, Декларација на ОН за правата на лицата кои припаѓаат на национални или етнички, верски и јазични малцинства;
- Завршниот документ на КЕБС за човековата димензија од Копенхаген 1990 година, Париската повелба за нова Европа 1990, Хелсиншкиот документ на КЕБС од 1992 година, Повелбата за безбедност на Европа од Истанбул 1999 година;
- Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, Европската повелба за регионални или малцински јазици, Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства;
- Членот 4 од Договорот за регулирање на односите и унапредување на соработката меѓу Република Македонија и СРЈ, 1996 година;
Се договорија:
Член 1
Припадноста кон националните малцинства се заснова на слободен сопствен избор. Поради изборот, како и поради остварување на правата поврзани со изборот, припадниците на малцинствата нема да имаат никакви негативни последици.
Припадниците на националните малцинства ќе уживаат рамноправен третман пред законот и еднаква правна заштита. Договорните страни се обврзуваат да ги унапредуваат условите потребни за одржување и развивање на идентитетот и правата на националните малцинства во целина.
Член 2
Припадниците на националните малцинства имаат право на изразување, зачувување и развивање на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет.
Договорните страни ќе се воздржуваат од политика и мерки кои имаат за цел асимилација ка припадниците на малцинствата и ќе ги штитат од практиката чија цел е асимилацијата.
Член З
Договорните страни им го признаваат правото на припадниците на националните малцинства усмено и писмено да го користат мајчиниот јазик во приватниот и јавниот живот, како и правото личните имиња да им бидат запишани во личните и официјалните документи и на мајчиниот јазик и писмо. Во рамките на националното законодавство, Договорните страни ќе им овозможат на припадниците на националните малцинства користење на мајчиниот јазик во локалната администрација, пред административните и судски органи, како и истакнување на топографски натписи, имиња на места, улици и јавни установи на јазиците на малцинствата.
Член 4
Со соодветни законодавни мерки Договорните страни ќе им овозможат на припадниците на националните малцинства да го изучуваат својот мајчин јазик или да се школуваат на својот мајчин јазик, Договорните страни ќе ја поттикнуваат просветната соработка и размена во врска со образованието на националните малцинства - особено по пат на размена на стручни лица, училишни програми, учебници и друг наставен материјал, со доделување стипендии и учество на наставници и учители. на семинари посветени на стручно усовршување, како и соработка на училиштата и заемни посети на ученици и учители. Договорните страни ќе го поттикнуваат образованието на сите припадници на општеството за историјата и културата на националните малцинства.
Член 5
Припадниците на националните малцинства имаат право, поединечно или во заедница со останатите членови на својата група, да го изразуваат и развиваат својот етнички, јазичен и верски идентитет, а Договорните страни ќе создаваат услови и ќе донесуваат мерки потребни за таа цел. Во таа смисла Договорните страни ќе:
- го поддржуваат и помагаат слободното организирање и здружување на припадниците на националните малцинства со цел да се зачува националниот и културниот идентитет, востановување и функционирање на организации, здруженија и институции кои ги претставуваат интересите на националните малцинства и ќе обезбедат нивно учество во јавните работи, особено во оние кои се однесуваат на нив, во областа на културата, образованието и информирањето;
- го поттикнуваат одржувањето на слободни и директни контакти меѓу припадниците и организациите на националните малцинства со матичната земја, како и соработка со сонародниците во другите земји и со меѓународни и невладини организации; - го помагаат одржувањето на културни манифестации на националните малцинства кои придонесуваат за унапредување на идентитетот и културата на националните малцинства;
- овозможуваат издавачка дејност на националните малцинства, како и испраќање книги, списанија, носачи на слика и звук на малцинските организации за некомерцијални цели и како такви ослободени од царини и Придонеси.
Член 6
Договорните страни ќе обезбедат услови за зачувување на културното богатство на националните малцинства. Договорните страни зачувувањето на културното богатство на националните малцинства ќе го регулираат со посебна спогодба.
Договорните страни ќе ги поттикнуваат и поддржуваат научните истражувања и студии за историјата, културата и современата положба на националните малцинства. При таквите истражувања ќе го поттикнуваат учеството на припадниците на националните малцинства. Заради прибавување на научен материјал и граѓани кој што се однесува на историјата, културата и положбата на националните малцинства, договорните страни, согласно внатрешното законодавство, ќе овозможат увид во архивската фаѓа.
Член 7
Договорните страни го признаваат правото на малцинствата на информирање преку печат, радио и телевизија на јазикот и писмото на малцинството и ќе ја помагаат информативната дејност на малцинствата. Согласно внатрешното законодавство, Договорните страни ќе овозможат редовно емитување програми на радиото и телевизијата на јазикот на малцинството, во зона на покриеност и времетраење кое ќе биде спогодбено утврдено, како и преземање и дистрибуција на радио и телевизиска програма на матичната земја.
Член 8
Договорните страни ќе овозможат делотворно учество на малцинствата во донесувањето одлуки кои се однесуваат на правата и положбата на малцинствата на локално, регионално и на државно ниво и нивна соодветна застапеност во претставничките тела на сите нивоа. Договорните страни при менување на административните и изборните единици на ниво на држава и локална самоуправа ќе ги консултираат организациите на националните малцинства.
Член 9
Договорните страни ќе обезбедат услови за рамноправно учество на припадниците на националните малцинства во социјалниот и економскиот живот. Во таа смисла ќе донесуваат соодветни мерки за поттикнување на економскиот развој во подрачјата населени со национални малцинства. Договорните страни ќе се воздржуваат од мерки кои го менуваат етничкиот состав на населението во областите во кои живеат националните малцинства, а чија цел е ограничување на правата и слободите на припадниците на националните малцинства.
Член 10
Во интерес на националните малцинства, Договорните страни ќе ги поттикнуваат сите облици на прекугранична соработка и во нив ќе ги вклучуваат припадниците на националните малцинства..
Член 11
Договорните страни обврските од оваа Спогодба ќе ги земат предвид при склучување други заемни спогодби и програми за соработка, коишто се однесуваат на правата и положбата на националните малцинства.
Член 12
За остварување на обврските преземени со оваа Спогодба, Договорните страни ќе обезбедат соодветна, вклучувајќи и финансиска поддршка.
Член 13
Ниту една одредба од Спогодбата не смее да се толкува или спроведува во смисла на намалување на правата и слободите кои на припадниците на националните малцинства им се гарантирани во моментот на потпишување на оваа Спогодба.
Член 14
Договорните страни воспоставуваат посебна меѓу владина „Мешовита комисија која го следи спроведувањето "на оваа Спогодба. Договорните страни во Комисијата делегираат еднаков број претставници, а задолжително претставници на малцинствата.
Мешовитата комисија се состанува по потреба, односно најмалку еднаш годишно, наизменично во Република Македонија, односно Србија и Црна Гора.
Задачи на меѓувладината Мешовита комисија:
- ги разгледува актуелните прашања во врска со националните малцинства;
- го разгледува остварувањето на обврските од оваа Спогодба;
- им поднесува препораки на владите во врска со остварувањето на Спогодбата и евентуалните измени на Спогодбата.
Заклучоците на Мешовитата комисија се донесуваат врз основа на согласност на делегациите на Договорните страни.
Член 15
Оваа Спогодба подлежи на ратификација согласно националното законодавство на Договорните страни. Оваа Спогодба влегува во сила со денот на приемот на последната од нотите со кои Договорните страни по дипломатски пат се известуваат дека се исполнети условите кои ги бара националното законодавство за нејзино влегување во сила.
Член 16
Оваа Спогодба важи пет години од влегувањето во сила. Доколку ниту една од Договорните страни не ја откаже Спогодбата, во писмена форма, најмалку шест месеци пред истекот на нејзината важност, Спогодбата автоматски се продолжува за уште пет години.
Спогодбата е склучена на 06.07.2004 год Скопје во два оригинални примерока, на македонски и на српски јазик, кои се еднакво веродостојни.