Print Friendly, PDF & Email

Il provvedimento è disponibile nelle seguenti lingue:

ЗАКОН ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ И ЗАШТИТА НА ПРАВАТА НА ПРИПАДНИЦИТЕ НА ЗАЕДНИЦИТЕ КОИ СЕ ПОМАЛКУ ОД 20% ОД НАСЕЛЕНИЕТО ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА


Службен весник на РМ, бр. 92 од 22.07.2008 година

 

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

 

Член 1

(1) Со овој закон се уредуваат постапката за следење на остварувањето и унапредувањето, заштита на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Република Македонија и надзор над спроведувањето на одредбите на законите со кои се утврдени тие права.

(2) Припадници на заедниците во смисла на ставoт (1) од овој член се граѓани кои припаѓаат на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Република Македонија, согласно со последниот попис на населението спроведен на територијата на Република Македонија (во натамошниот текст: припадници на заедниците).

 

Член 2

За спроведување на овој закон и за вршењето надзор над спроведувањето на законите со кои се уредуваат правата на припадниците на заедниците се оснoва Агенција за остварување на правата на заедниците.

 

Член 3

Остварувањето и унапредувањето на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Република Македонија, согласно со овој закон се однесува на правата во областа на вработувањето согласно со принципот на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците, употребата на јазикот, образованието (основно, средно и високо), културата и други области во кои со закон се уредени правата на припадниците на заедниците.

 

Член 4

За припадниците на заедниците од членот 1 став (2) на овој закон при вработувањето во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа се применува принципот на соодветна и правична застапеност во согласност со закон.

 

Член 5

Припадниците на заедници од членот 1 став (2) на овој закон имаат право на образование во сите степени на својот јазик во согласност со закон.

 

Член 6

Припадниците на заедниците од членот 1 став (2) на овој закон имаат право на информирање на свој јазик преку електронските и печатените медиуми во согласност со закон.

 

Член 7

Припадниците на заедниците од членот 1 став (2) на овој закон можат да основаат здруженија на граѓани и фондации заради остварување на нивните културни, образовни, уметнички и научни цели во согласност со закон.

 

Член 8

Припадниците на заедниците од членот 1 став (2) на овој закон имаат право на употреба на свои симболи во согласност со закон.

 

II. АГЕНЦИЈА ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВАТА НА ЗАЕДНИЦИТЕ

 

Член 9

Агенцијата за остварување на правата на заедниците е самостоен орган на државната управа со својство на правно лице со седиште во Скопје (во натамошниот текст: Агенцијата).

 

Член 10

Агенцијата својата надлежност ја спроведува врз основа на начелата на законитост, транспарентност, еднаквост, одговорност и правичност.

 

Член 11

(1) Со Агенцијата раководи директор кој го именува и разрешува Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: Владата) за време од четири години со право на повторно именување.


(2) Директорот на Агенцијата има заменик кој го именува и разрешува Владата за време од четири години.

(3) За директор, односно заменик-директор може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:

-  да е државјанин на Република Македонија,

-  да има познавање од областа на човековите права и работно искуство од три години,

-  да има високо образование и

-  да не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, деј ност или должност.

(4) На директорот или на заменик-директорот функцијата му престанува:

-  по негово барање,

-  ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца,

     - со исполнување на услови за стекнување на право на старосна пензија,
- со утврдување на трајно губење на способноста за вршење на функцијата,

-  со избор или именување на друга јавна функција и

-  поради смрт.


(5) Директорот, односно заменик-директорот се разрешува поради нестручно, несовесно и незаконито вршење на функцијата и на надлежностите кои му се доверени со закон.


(6) Владата донесува решение со кое се утврдува престанокот на функцијата од ставовите (4) и (5) на овој член. 


Член 12

(1) Директорот ја претставува Агенцијата, раководи со нејзината работа, ги врши работите определени со овој закон и донесува годишна програма за работа на Агенцијата.
(2) Директорот поднесува извештај за работата на Агенцијата до Владата најмалку еднаш годишно до 31 март во тековната година за претходната година.

 

Член 13

Агенцијата се грижи за:


- усогласување на работата на органите на државната управа за прашањата што се однесуваат за спроведување на Рамковниот договор, а кои се во функција за остварување на унапредувањето и заштитата на правата на припадниците на заедниците од членот 1 став (2) на овој закон,


- поддршка на Владата во реализацијата на стратешките приоритети поврзани со обврските што произлегуваат од Уставот на Република Македонија и законите, а особено за обезбедување на правичната и соодветната застапеност на граѓаните припадници на заедниците во органите на државната управа,


- подготвување на методологија за донесување на акциони планови на Владата во областа за спроведувањето на Програмата за работа на Агенцијата (во натамошниот текст: Програмата),


- изготвување на план за подготовка на програми и проекти на други субјекти и врши координација на нивното спроведување,


- координација на активностите со органите на државната управа и со донаторите,


- обезбедување на кохерентен пристап за зголемување на ефикасноста на процесот на спроведување на Програмата,


- обезбедување и реализација на финансиски средства потребни за успешно одвивање на процесот на реализација на обврските што произлегуваат од Програмата во рамките на Буџетот на Република Македонија и од донатори,


- одржување на комуникација со јавноста и другите целни групи преку медиумите и за ажурирање на веб страницата на Агенцијата,


- изготвување извештаи за информирање на Владата за нивото на спроведување на Програмата,


- потребите на Владата да подготвува стручно-аналитички материјали од своја надлежност,


- стручно мислење по материјалите кои се во функција на спроведување и унапредување на правата на припадниците на заедниците и


- други работи поврзани со спроведувањето на целите утврдени од Владата.

 

Член 14

Агенцијата врши надзор за спроведувањето на одредбите на овој закон преку следење на спроведувањето на уставните и законските одредби поврзани со правата на припадниците на заедниците.

 

Член 15

(1) Агенцијата својата работа ја усогласува со работата на Секретаријатот за спроведување
развој и унапредување
припадниците на заедниците
образование и наука) и Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците во Република Македонија (орган во состав на Министерството за култура).

на Рамковниот договор, Управата за на образованието на јазиците на (орган во состав на Министерството за

(2) Агенцијата го следи извршувањето и спроведувањето на активностите поврзани со положбата, правата, обврските и развојните можности на припадниците на заедниците утврдени со овој и друг закон.

 

Член 16

(1) Агенцијата за реализација на надлежностите утврдени во овој закон соработува со надлежните органи и тела во врска со прашањата што се однесуваат на остварувањето, унапредувањето и заштитата на правата на припадниците на заедниците.

(2) Агенцијата соработува со невладини и други организации кои се занимаваат со правата на припадниците на заедниците, како и со општините и со свои мислења и предлози учествува во решавањето на прашањата поврзани со остварувањето на правата на припадниците на заедниците.

(3) За потребите на Владата, Агенцијата изготвува анализи, иницијативи и предлози за остварување на правата на припадниците на заедниците.
(4) Агенцијата учествува на меѓународни конференции, советувања, семинари од областа на правата на националните малцинства и другите човекови права и врши едукација за реализација на прашањата за правата на припадниците на заедниците во согласност со Уставот на Република Македонија и законите.

 

Член 17

(1) Во рамките на Агенцијата има посебен фонд на финансиски средства (во натамошниот текст: фондот) за остварување на посебни програми за спроведување и унапредување на правата на припадниците на заедниците.

(2) Фондот користи и располага со средства од Буџетот на Република Македонија, донации и други извори на финансирање наменети за остварување на програмите на Агенцијата и програмите за остварување на унапредувањето и заштитата на правата на припадниците на заедниците.

 

Член 18

Средствата од фондот можат да ги користат и здруженијата на граѓани и фондациите формирани во согласност со закон, ако со целите и задачите во статутот на здружението на граѓани или фондацијата има определена надлежност за вршење на работи поврзани со остварување на унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците.

 

Член 19

(1) За користење на средствата од членот 18 на овој закон потребно е да се достават до Агенцијата следниве документи:

- актот за основање и статутот на здружението на граѓани или фондацијата,

- програма за реализација на унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците од областа на образованието, науката, културата, информативната дејност, вработувањето и меѓународната соработка и

- акционен план за реализација на активностите предвидени со програмата (проектот).


(2) Документите од ставот (1) на овој член се доставуваат по претходно објавен оглас од страна на Агенцијата во првото тримесечје од годината.

 

Член 20

(1) За доделување на финансиските средства од членот 18 на овој закон, директорот на Агенцијата формира Комисија составенa од три члена од кои два члена се од Агенцијата и еден член се определува од органот на државната управа согласно со неговата законски утврдена надлежност во зависност за која област е поднесена програмата.

(2) Членовите на Комисијата имаат мандат од две години.


(3) Претседателот на Комисијата се избира од редот на членовите со мандат од една година.

 

Член 21

(1) Одлуката за одобрување на финансиски средства од фондот се донесува одделно за секоја програма.


(2) По завршувањето на рокот определен за спроведување на програмата (проектот) корисникот на средствата е должен до Агенцијата да поднесе годишен извештај за реализација на активностите и потрошените средства.

 

Член 22

(1) На предлог на Комисијата директорот ја донесува одлуката од членот 21 став (1) на овој закон најдоцна до 30 април за тековната година.


(2) Против одлуката од ставот (1) на овој член може да се поведе управен спор во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката.

 

III. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

Член 23

(1)  Агенцијата започнува со работа со именување на директорот.

(2)  Директорот и заменик-директорот на Агенцијата се именуваат во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(3) Директорот на Агенцијата во рок од 30 дена од денот на неговото именување ќе ги донесе актите за внатрешната организација и систематизација на Агенцијата.

 

Член 24

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во "Службен весник на Република Македонија".