Print Friendly

Il provvedimento è disponibile nelle seguenti lingue:

ЗАКОН ЗА

ЦРВЕНИОТ КРСТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

“Сл. весник на Р Македонија” бр.41/94 од 05.08.1994 година

 

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

 

Член 1

Со овој закон се уредуваат положбата и задачите на Црвениот крст на Република Македонија, употребата и заштитата на амблемот и името на Црвениот крст и начинот на финансирање на задачите на Црвениот крст на Република Македонија (во натамошниот текст: Црвениот крст.)

 

Член 2

Црвениот крст е доброволна, масовна, самостојна и независна хуманитарна организација на граѓаните на Република Македонија.
Црвениот крст е невладина и вонпартиска организација.
Црвениот крст остварува определени хуманитарни цели и задачи од областа на здравството, социјалната заштита и воспитанието, врз принципите на хуманизмот и солидарноста.

Задачите од став 3 на овој член се од јавен интерес и Црвениот крст ги врши како јавни овластувања.

 

Член 3

Црвениот крст е единствена организација на Црвениот крст на територијата на Република Македонија, која ја сочинуваат организациите на Црвениот крст на општините и градот Скопје.
Организацијата, делокругот и начинот на работа на органите и службите преку кои Цревниот крст ги врши задачите, бројот, начинот на изборот на членовите на органите и службите се уредува со Статутот на Црвениот крст.

 

Член 4

Црвениот крст своите цели и задачи ги остварува, врз основа на хуманост, непристрасност, неутралност, независност, доброволност, единственост и универзалност, како фундаментални принципи на меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

 

Член 5

Црвениот крст соработува со Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, националните друштва на Црвениот крст и Црвената полумесечина и со други меѓународни хуманитарни, здравствени и социјални организации.

 

Член 6

Црвениот крст има својство на правно лице. Седиштето на Црвениот крст е во Скопје.

 

II. УПОТРЕБА И ЗАШТИТА НА АМБЛЕМОТ И ИМЕТО НА ЦРВЕНИОТ КРСТ

 

Член 7

Амблемот на Црвениот крст е Црвен крст со пет еднакви квадрати на бело поле.

 

Член 8

Никој не смее да го употребува амблемот и името црвен крст ако според одредбите на овој закон и на женевските конвенции нема право да го употребува амблемот, односно името црвен крст.
Амблемот црвен крст може да се употребува како амблем на означување, како амблем на припадност и како амблем на заштита, во согласност со женевските конвенции, во случаите и под условите определени со овој закон.

 

Член 9

Само Црвениот крст има право на името црвен крст.

 

Член 10

Во мир со амблемот црвен крст можат да бидат означени:
1) згради, уреди, санитетски материјал и превозни и преносни средства на организациите, односно установите од областа на здравството и на организациите, односно установите во областа на социјалната заштита за згрижување на лицата на кои им е потребна постојана медицинска нега (во натамошниот текст: здравствени организации);
2) превозни и преносни средства на други организации што се употребуваат за превоз на ранети и болни лица, ако за носење на амблемот црвен крст добијат одобрение од Црвениот крст и
3) места определени за давање на прва медицинска помош во населените места, на сообраќајниците, во претпријатијата и во други правни лица, како и места каде што е сместен санитетски материјал и опрема што служат за давање на прва медицинска помош.

 

Член 11

Во мир и во вонредна и воена состојба амблем на црвен крст можат да употребуваат, односно да бидат означени како со амблем на припадност: 1) работници, згради, средства и материјали на Црвениот крст; и
2) персонал, средства и материјали на странски национални друштва на Црвениот крст, за времето додека во Република Македонија, по одобрение на Владата на Република Македонија вршат дејност на Црвениот крст.

Во вонредна и воена состојба, амблемот на припадност што го употребуваат организациите и лицата од ставот 1 на овој член мора да превземено од www.pravo.org.mk биде со помали размери од амблемот на заштита и не смее да се става на лента околу раката, врз покрив на зграда и на превозни средства.

 

Член 12

Во мир и во вонредна и воена состојба амблемот на црвениот крст може да се употребува, односно да се носи како амблем на означување и како амблем на заштита на лицата, на санитетските единици и установи, на зградите, уредите, санитетските материјали и на превозните и преносните средства (копнени, поморски и воздухопловни), што í припаѓаат на санитетската служба на вооружените сили на Република Македонија. Одредбите од ставот 1 на овој член се однесуваат и на санитетската служба на вооружените сили на други држави за време додека на територијата на Република Македонија, врз основа на одобрение од Владата на Република Македонија, врши санитетска дејност.

 

Член 13

Во вонредна н воена состојба амблемот црвен крст се употребува, односно се носи како амблем на заштита на:


1) згради, уреди, санитетски материјали, превозни и преносни средства и на работници во здравствени организации;

2) згради, уреди, санитетски материјали и превозни и преносни средства на Црвениот крст и на лицата определени за пронаоѓање, прибирање, пренесување и нега на ранети и болни или за спречување на болести;


3) единици на цивилната заштита за давање на прва медицинска помош;

4) болнички бродови;

5)екипи за давање прва медицинска помош што ги организираат здравствените организации, други установи и претпријатија и Црвениот крст за времето додека ги извршуваат тие работи и


6) средства на копнениот, водениот и воздушниот сообраќај што служат за пренесување на бродоломници, ранети, болни и санитетски материјали (санитетски транспорт).

По исклучок од одредбите на ставот 1 на овој член, надлежниот орган на управата може да ја ограничи употребата, односно носењето на амблемот црвен крст како амблем на заштита на одделни згради и уреди, на превозни и преносни средства и на лицата од тој состав ако тоа го бараат посебните интереси на одбраната и безбедноста.

Во вонредна и воена состојба амблемот црвен крст може да се употребува, односно да се носи како амблем на заштита на персоналот, зградите, уредите, санитетските материјали и на превозните и преносните средства во составот на санитетските служби на странски организации на Црвениот крст, на Црвената полумесечина и на други странски доброволни друштва за помош, кога по одобрение на Владата на Република Македонија, на територијата на Република Македонија вршат санитетска дејност.

 

Член 14

Во вонредна и воена состојба амблемот црвен крст може да се употребува како амблем на означување и како амблем на заштита на санитетските зони и на местата определени заради заштита на ранети и болни, како и на лицата што во тие зони и места работат врз згрижување и нега на ранетите и болните што се сместени во нив.
Санитетските зони и местата од ставот 1 на овој член ги определува Владата на Република Македонија.

 

Член 15

Лицата од членот 13 на овој закон, кои имаат право на носење на амблемот црвен крст, мораат во вонредна и воена состојба да имаат легитимација со своја фотографија и втиснат сув жиг, која служи како доказ дека работат во определени организации, односно установи и во определено својство. Во легитимациите мораат да бидат назначени работите што ги вршат тие лица.

 

Член 16

Лицата од членот 8 на овој Закон мораат додека се на служба, кај себе да ја имаат легитимацијата од членот 15 на овој закон и на левата рака да носат лента со амблемот црвен крст и со отисок на жиг отпорен на влага. Лицето што ќе го изгуби својството врз основа на кое добило легитимација и лента со амблем црвен крст, должно е да му ја врати легитимацијата и лентата на органот што ја издал легитимацијата, односно лентата.

 

Член 17

Надлежниот орган на управата им ја издава легитимацијата од членот 15 и лентата од членот 16 на овој закон на определени лица во случај на вонредна и воена состојба и за тоа да води евиденција.

 

Член 18

Санитетскиот транспорт, организациите и единиците, санитетските материјали, уредите и превозните и преносните средства од членот 13 на овој закон, како и санитетските зони и местата од членот 14 на овој закон, ако во вонредна и воена состојба за нив се употребува амблемот црвен крст како амблем на заштита, мораат да бидат обележани со амблемот црвен крст на видлив начин и на определено место.

 

III. ЗАДАЧИ НА ЦРВЕНИОТ КРСТ


 

Член 19

Црвениот крст:


  1. Организира собирање помош на државните органи, претпријатија и други донатори во Република Македонија ја даваат заради ублажување и отстранување на последиците од елементарни непогоди, епидемии или вооружени судири и ја распределува во земјата и ја испраќа во странство;
  2. Учествува во распределбата на хуманитарната помош примена од националните друштва, Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина и од други меѓународни и национални хуманитарни организации;
  3. Соработува со здравствената служба, Санитетската служба на Армијата на Република Македонија и единиците и штабовите на Цивилната заштита во згрижувањето на повредените и болните во случај на војна или масовни елементарни непогоди и несреќи;
  4. Соработува со државните органи во прифаќањето и сместувањето на евакуираното население и во спроведувањето мерки, за згрижување на настраданото и загрозеното население;

  5. Ги врши работите што произлегуваат од одредбите на Женевската конвенција за подобрување на положбата на ранетите и болните во вооружените сили во војна.

Женевската конвенција за подобрување на положбата на ранетите, болните и бродоломниците на вооружените сили на море и Женевската конвенција за заштита на граѓанските лица за време на војна од 12 август 1949 година и Дополнителните протоколи кои женевските конвенции I и II од 10 јуни 1977 година и другите меѓународни обврски што ги презема Република Македонија во таа област;

  1. Собира, средува, чува и дава податоци за жртвите од масовно- елементарни и други несреќи и вооружени судири;

  2. Ја организира и раководи работата на Службата за барање;

  3. Организира екипи и одреди за интервенција во случај на масовни елементарни непогоди и несреќи;
  4. Учествува во организирањето и давањето на социјално‡хуманитарна помош и здравствената заштита на граѓаните во случај на елементарни непогоди, епидемии и други поголеми несреќи или војна;

  5. Учествува во популаризирањето на крводарителството и ги организира акциите за доброволно давање крв, во мирновременски и вонредни услови;
  6. Учествува во здравственото воспитание на населението и учествува во организирањето на повеќе облици на меѓусебна помош на граѓаните во духот на хуманизмот и солидарноста;

  7. Учествува во оспособување на населението за давање на медицинска прва помош;
  8. Ги оспособува граѓаните за домашно гледање на болни и организира услуги и оспособува кадри за оваа дејност;

  9. Оспособува кадри за безбедност на вода и учествува во организирањето за безбедност на водата во туристичките региони и другите водни објекти;
  10. Оспособува кадри за безбедност на планина и учествува во давањето на медицинска прва помош на планина и

  11. Врши и други задачи определени со закон.

 

Член 20

Во случај на масовни елементарни несреќи, епидемии, друга поголема несреќа или војна, Црвениот крст во извршувањето на своите задачи има право на приоритет во превозот на лица и материјали на сите средства од јавниот сообраќај и право на соопштување на вести и соопштенија, преку средствата за јавно информирање.

 

Член 21

Во вршењето на задачите определени со членот 19 од овој закон, Црвениот крст соработува со Владата на Република Македонија, надлежните министерства, Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за патишта, Санитетската служба на Армијата на Република Македонија и единиците и штабовите на цивилната заштита, здравствената и социјалната служба, со претпријатијата и со други органи и организации.

Органите и организациите од ставот 1 на овој член во рамките на својот делокруг и овластувања на Црвениот крст му обезбедуваат финансиска и друга помош, заради успешно извршување на своите програмски цели и задачи.

 

IV. СЛУЖБА ЗА БАРАЊЕ

 

Член 22

Црвениот крст формира Служба за барање, заради извршување на задачите утврдени со членот 19 став 1 точките 5 и 6 од овој закон.

 

Член 23

Организацијата и начинот на работа на Службата за барање се уредува со акт на Црвениот крст, на кој согласност дава Владата на Република Македонија.

 

Член 24

Црвениот крст може да дава услуги за сместување и исхрана и за други потреби на лица на кои таква форма на помош им е потребна од социјални, здравствени и други причини и да организираат исхрана во случај на вонредни состојби.

Црвениот крст може да основа организација за давање на услуги од ставот 1 на овој член.
Давањето на услуги за сместување и исхрана од став 1 на овој член, не се сметаат за угостителска дејност.

 

Член 25

Црвениот крст во извршување на задачите од членот 19 од овој закон води матична книга, картотека и издава уверенија, потврди, списоци и други документи.

 

V. ФИНАНСИРАЊЕ НА ЦРВЕНИОТ КРСТ

 

Член 26

Црвениот крст остварува финансиски средства од:
- надоместоци;
- подароци и завештанија од недвижен имот, парични средства и други приходи утврдени со овој и други закони;

- програмски активности од областа на здравствената заштита што ќе се финансираат од Фондот за здравствено осигурување;
- програмски активности од областа на социјално- хуманитарната дејност што ќе се финансираат од средствата на Буџетот на Република Македонија, наменети за социјално- хуманитарни дејности;

-  услужни дејности сврзани со функцијата на Црвениот крст;

-  членарина од своето членство;

-  програмски активности за реализирани шишиња на крв по утврдена цена од Фондот за здравствено осигурување;

-  игри на среќа во согласност со закон и

-  Буџетот на Република Македонија, буџетите на единиците на локалната самоуправа и Буџетот на градот Скопје за Службата за барање и учество во подготовките и активностите за интервенции во случај на масовни елементарни непогоди и несреќи во земјата и странство.
Со приходите со кои се здобил Црвениот крст, располага Црвениот крст. 


 

Член 27

Во корист на Црвениот крст се плаќаат надоместоци и тоа:
- 3% за влезницата за културно- забавни манифестации, (концерти и фестивали) од локален, државен и меѓународен карактер, клубови (диско, барови и казино), циркуски и акробатски претстави и саемски (државен и меѓународни) манифестации, за кои се наплатува влезница, освен за театарски претстави, изложби на слики, скулптури и други претстави и приредби, што ги организираат ученици и студенти во кругот на училиштата и факултетите;


  • - 3% на секоја изнајмена видеокасета и носачи на звук;
  • - 3% на секоја влезница за спортски натпревари и
  • - 0,5% од регистрацијата на моторни возила. Основица за плаќање на надоместокот е цената на влезницата, односно цената на изнајмување на касети, односно носачи на звук.
Средствата од ставот 1 на овој член се уплатуваат на жиро‡сметката на Црвениот крст.
Распределбата на средствата од ставот 1 на овој член, со одделни одлуки ја врши органот на Црвениот крст.
Во однос на наплатата, уплатата, контролата и казните за надоместоците од овој член се применуваат одредбите од Законот за данокот на промет на производи и услуги. 


 

Член 28

Во текот на традиционалните акции и манифестации: “Недела на борба против ракот”, “Недела на Црвениот крст”, “Недела на солидарноста”, “Недела на борба против сидата” и “Недела на борба против градните болести и туберкулозата”, во полза на Црвениот крст се плаќа надоместок: - 5% на цената на секој продаден билет во внатрешниот и меѓународен железнички, автобуски, авионски и езерски сообраќај и 
- 50% од номиналната вредност на поштенската марка за писма до 100 грама на секоја поштенска пратка во внатрешниот и меѓународен поштенски сообраќај, освен за книги, весници и списанија.

Во текот на акциите и манифестациите од ставот 1 на овој член, Црвениот крст издава пригодни доплатни поштенски марки.
Средствата од “Неделата на борба против ракот” се уплатуваат на жиро- сметката на Фондот на борба против ракот, средствата од “Неделата против сидата” се уплатуваат на жиро-сметката на Фондот на борба против сидата, а средствата од “Неделата на Црвениот крст”, “Неделата на солидарноста” и “Неделата на борба против градните болести и туберкулозата” на жиро- сметката на Фондот за солидарност на Црвениот крст.

Црвениот крст со акт ги утврдува деновите кога се организираат акциите и манифестациите од ставовите 1 и 2 на овој член.

 

Член 29

Републиката од својот буџет обезбедува средства за Службата за барање и за програмските задачи, што Црвениот крст ги врши во согласност со членот 19 точките 1, 3, 4, 5, 6, 7 и 8 на овој закон.
Во смисла на ставот 1 на овој член, единиците на локалната самоуправа и градот Скопје од своите буџети, соодветно обезбедуваат средства за организациите на Црвениот крст на општините и градот Скопје во Република Македонија.

 

VI. НАДЗОР

 

Член 30

Надзор над спроведувањето на Законот во делот за извршувањето на задачите на Црвениот крст кои се финансираат според членовите 27, 28 и 29 на овој закон вршат надлежните органи на Република Македонија.

 

Член 31

Црвениот крст може на органите надлежни за вршење надзор над извршувањето на овој закон да им предлага мерки од значење за правилното користење на амблемот црвен крст и за спречување на неговата злоупотреба.

 

Член 32

Во вршењето надзор над извршувањето на овој закон надлежните органи имаат право и должност:


1) да наредат отстранување на амблемот црвен крст што се употребува, односно што се носи во спротивност на условите донесени врз основа на овој закон;

2) да наредат други мерки потребни за спроведување на овој закон и на прописите донесени врз основа на него и


3) во случај на повреда на одредбите на овој закон, да поднесат до надлежниот орган барање за поведување на прекршочна постапка.

 

Член 33

3апознавање на населението на Република Македонија со текстот на женевските конвенции од членот 19 точка 5 на овој закон врши Црвениот крст.
3апознавање на лицата во вооружените сили на Република Македонија и на работниците во здравствените организации, односно установи со текстот на женевските конвенции ќе вршат надлежните органи во вооружените сили, односно во здравствените организации односно установи.

3апознавање на студентите на факултетите и Универзитетот со текстот на женевските конвенции ќе се врши на начин и по постапка утврдени со прописите на органот на државната управа надлежен за образованието.

 

VII. КАЗНЕНИ ОДРЕДБИ

 

Член 34

Со парична казна од 4 до 20 плати од просечната плата во Републиката исплатена во последниот месец објавен од Републичкиот завод за статистика (во натамошниот текст: плати) за прекршок ќе се казни правното лице ако не уплатува средства во полза на Црвениот крст на Република Македонија (членови 27 и 28).

За прекршокот од став 1 на овој член ќе се казни и одговорното лице во правното лице со парична казна од една десетина до една половина од платата.

 

Член 35

Со парична казна од 4 до 20 плати ќе се казни за прекршок здравствена организација, друга организација, односно установа или друго правно лице:


1) ако го употребува името црвен крст, а за тоа нема право (членот 9) и

2) ако го употребува амблемот црвен крст како амблем на означување, како амблем на припадност или како амблем на заштита во спротивност на одредбите од членовите 10, 11 и 13 на овој закон.
За прекршокот од ставот 1 на овој член ќе се казни и одговорното лице на правното лице со парична казна од една десетина од една половина плата.

 

Член 36

Со парична казна од една десетина до една половина плата ќе се казни за прекршок поединецот:


а) ако во вонредна и воена состојба го носи или го употребува амблемот црвен крст како амблем на заштита, а го нема својството на лицето од членот 13 став 1 на овој закон;

2) ако за време на службата кај себе ја нема легитимацијата од членот 15 на овој закон, или ако не ја носи лентата со амблемот црвен крст на пропишаниот начин или ако го изгуби својството на лице врз основа на кое ја добил легитимацијата и лентата, а не му ги врати на надлежниот орган (член 16).

 

VIII. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

Член 37

Се овластува министерот за одбрана да го пропише начинот на означувањето со амблемот црвен крст на воените санитетски единици и установи, на зградите, уредите, санитетските материјали и на транспортните средства што се во составот на санитетската служба на вооружените сали на Република Македонија и да ги определи органите на вооружените сили што можат да ја ограничат употребата, односно носењето на амблемот црвен крст како амблем на заштита на воените санитетски единици и установи, како и органите на вооружените сили што ќе се грижат за примената на тие прописи.

 

Член 38

Црвениот крст го уредува начинот на употребата на амблемот и името црвен крст во вршењето на својата дејност (членовите 9 и 11).

 

Член 39

Органот на државната управа надлежен за работите на здравството, на предлог на Црвениот крст, донесува прописи:


1) за начинот на употребата на амблемот црвен крст како амблем на означување на амблем на заштита (членовите 10 и 13) и

2) на легитимацијата и лентата на корисниците на амблемот црвен крст во вонредна и воена состојба и за водење на евиденцијата за издадените легитимации и ленти (членовите 15, 16 и 17).

 

Член 40

Со денот на влегувањето во сила на овој закон, престануваат да важат Законот за положбата и овластувањето на Црвениот крст на Македонија (“Службен весник на СРМ” број 27/77, 3/85, 10/85, 51/88, 28/89 и 23/91), Законот за положбата и овластувањата на Црвениот крст на Југославија (“Службен лист на СФРЈ” број 13/76) и Законот за употреба и заштита на знакот и називот црвен крст (“Службен лист на СФРЈ” број 13/82 и 24/88).

 

Член 41

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.