The measure is available in the following languages:
СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
(Бр. 07-5042/1, 11 декември 2010 година)
Тргнувајќи од одредбите на Уставот на Република Македонија, а согласно со преземените обврски на Република Македонија од:
Резолуцијата 1096 на Парламентарното собрание на Советот на Европа, 1996 година - мерки за напуштање на наследството на поранешните комунистички тоталитарни системи;
Резолуцијата 1481 на Парламентарното собрание на Советот на Европа, 2006 година - повик до сите комунистички партии во земјите членки кои досега не го сториле, да направат преоцена на историјата на комунизмот и на нивното сопствено минато, јасно да се дистанцираат од злосторствата направени од тоталитарните комунистички режими и недвосмислено да ги осудат;
Декларацијата за извинување на жртвите на режимот во периодот од 1945 до 1990 година, донесена од Собранието на Република Македонија во 2006 година;
Законот за определување на дополнителен услов за вршење на јавна функција со кој Собранието се определи за справување со последиците од минатото;
Тргнувајќи од тоа што историчарите се согласуваат дека не се можни целосно објективни интерпретации на историските факти, како и фактот дека не постојат објективни историски записи;
Имајќи предвид што ниедно политичко тело или политичка партија нема монопол за интерпретирање на историјата;
Согледувајќи ја потребата дека треба да заврши транзициониот процес и дефинитивно да се создаде стабилна плуралистичка демократија базирана врз владеењето на правото и почитувањето на човековите права и различноста и дека принципите на слобода на избор, еднакви можности, економски плурализам и транспарентност во процесот на донесување на одлуки играат улога во овој процес, а имајќи предвид дека поделбата на власта, слободата на медиумите, заштитата на приватната сопственост и развојот на граѓанското општество се некои од начините коишто можат да се искористат за постигнување на овие цели, како што се и децентрализацијата, демилитаризацијата, демонополизацијата и дебирократијата;
Подржувајќи го процесот на лустрација започнат согласно со Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција („Службен весник на Република Македонија“ број 14/2008 и 64/2009), врз основа на членот 68 став 2 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 11 декември 2010 година, донесе
ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ПРОЦЕСОТ НА ЛУСТРАЦИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И ОСУДА НА ОБИДИТЕ ЗА НЕГОВА ДЕВАЛВАЦИЈА
1. Собранието се залага процесот на лустрација да се одвива врз принципот на владеењето на правото и да се осудат заканите против основните човекови права и процесот на демократизација;
2. Се осудуваат обидите за спроведување на таканаречена улична лустрација со која се нарушува моралниот интегритет на носителите на јавни функции;
3. Собранието цени дека во меѓусебната комуникација (и во своите настапи и во своето однесување) носителите на јавни функции треба да се почитуваат меѓусебно и да се придржуваат кон законите и кодексите за етичко однесување;
4. Собранието препорачува заедно со процесот на лустрација да се одвива и процесот на рехабилитацијата на лицата осудени за ,,кривични дела“ кои во едно цивилизирано општество не претставуваат кривични дела и на оние кои биле неправедно осудени;
5. Собранието оценува дека процесот на лустрација мора да вклучи трансформација на менталитетот чија главна цел треба да биде елиминацијата на стравот, непочитувањето на различноста, екстремниот национализам, нетолеранцијата, расизмот и ксенофобијата кои се дел од наследството на старите режими;
6. Собранието смета дека најдобрата гаранција за ослободување од времето на тоталитарното наследсто се темелните политички, правни и економски реформи кои водат кон формирање на автентичен демократски менталитет и политичка култура;
7. Декларацијата ќе се достави до Владата на Република Македонија и до Комисијата за верификација на фактите;
8. Оваа декларација ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Бр. 07-5042/1
11 декември 2010 година
Скопје
Претседател на Собранието
на Република Македонија,
Трајко Вељаноски, с.р.