Print Friendly

Il provvedimento è disponibile nelle seguenti lingue:

ЗАКОН ЗА МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА ВО КРИВИЧНАТА МАТЕРИЈА

Службен весник на РМ, бр. 124 од 20.09.2010 година

 

 

ГЛАВА I

 

ОПШТИ ОДРЕДБИ

 

Основни одредби

 

Член 1

Со овој закон се уредуваат условите и постапката за меѓународна соработка во кривичната материја (во натамошниот текст: меѓународна соработка).

 

Член 2

Меѓународната соработка се врши согласно со одредбите од овој закон, освен ако со меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот на Република Македонија (во натамошниот текст: меѓународен договор) или со правен акт кој ги регулира кривичните постапки на меѓународен суд чија надлежност ја признава Република Македонија поинаку не е уредено.

 

Член 3

(1)  Меѓународната соработка се дава во сите постапки во однос на кривични дела чие гонење во времето на поднесување на замолницата за меѓународна правна помош во кривична материја или барањето за меѓународна соработка во кривичната материја е во надлежност на правосуден орган на државата барател.

(2)    Меѓународната соработка се дава и во прекршочни постапки кои се водат пред прекршочните органи за дела за кои согласно со прописите на Република Македонија се предвидени прекршочни санкции и во случаите кога по нивните одлуки може да се поведе постапка пред судот кој е стварно надлежен за кривична материја.

(3)    Меѓународната соработка се дава во постапките пред Европскиот суд за човекови права, Европскиот суд на правда, Меѓународниот кривичен суд, а кога тоа е определено со меѓународен договор и во однос на други меѓународни организации чија членка e Република Македонија.

(4)    Одредбите од овој закон се применуваат и на меѓународната соработка во постапка спрема малолетници.

 

Видови на меѓународна соработка

 

Член 4

Меѓународната соработка во кривична материја опфаќа:

1)  меѓународна правна помош;

2)  преземање и отстапување на кривично гонење;

3)  екстрадиција и

4)   извршување на кривични пресуди и трансфер на осудени лица

 

Значење на одделни изрази употребени во овој закон

 

Член 5

Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:

  1. “Домашен надлежен орган“ е Министерството за правда, домашен правосуден орган или прекршочен орган што постапува по барањата за меѓународна соработка во Република Македонија;
  2. “Странски надлежен орган“ е орган на странска држава кој според законодавството на странската држава, односно според меѓународен договор е надлежен за меѓународна соработка;
  3. “Домашен правосуден орган“ е суд или јавно обвинителство кои со закон се надлежни за меѓународна соработка во Република Македонија;
  4. “Држава барател“ е Република Македонија или странска држава чиј надлежен орган поднел барање за меѓународна соработка во кривичната материја од областа на преземање и отстапување на кривично гонење, екстрадиција, извршување на странски кривични пресуди и трансфер на осудени лица;
  5. “Државата од која се бара меѓународна соработка“ е држава чиј надлежен орган постапува по барањето за преземање и отстапување на кривично гонење, екстрадиција, извршување на странски кривични пресуди и трансфер на осудени лица;
  6. “Држава молител“ е Република Македонија или странска држава чиј надлежен орган поднел замолница за меѓународна правна помош;
  7. “Замолена држава“ е Република Македонија или странска држава чиј надлежен орган постапува по замолница за меѓународна правна помош;
  8. “Замолница за меѓународна правна помош“ е акт со кој се бара меѓународна правна помош и
  9. “Барање за меѓународна соработка во кривична материја“ е акт со кој се бара меѓународна соработка во кривичната материја од областа на преземање и отстапување на кривично гонење, екстрадиција, извршување на странски кривични пресуди и трансфер на осудени лица.

 

Начин на комуникација

 

Член 6

(1)     Домашниот надлежен орган доставува замолница за меѓународна правна помош (во натамошниот текст: замолница) или барање за меѓународна соработка во кривична материја (во натамошниот текст: барање) до странските надлежни органи согласно со одредбите на овој закон.

(2)    Замолницата или барањето од странскиот надлежен орган се испраќа во писмена форма преку Министерството за правда (во натамошниот текст: Министерството).

(3)   Домашниот надлежен орган замолницата или барањето го доставува директно до странскиот надлежен орган, во услови на заемност или кога тоа е предвидено со меѓународен договор, а примерок од замолницата или барањето се доставува и до Министерството.

(4)   Во случај од ставот (3) на овој член, во итни случаи, замолница или барање се доставува преку каналите на меѓународната полициска соработка, а примерок од замолницата или барањето се доставува и до Министерството.

(5)    Во случај кога не постои меѓународен договор или кога со меѓународен договор е предвиден дипломатски пат на комуникација, Министерството доставува замолница или барање по дипломатски пат преку Министерството за надворешни работи.

(6)    Замолницата или барањето може да се прими по електронски пат или на друг начин по пат на телекомуникација за што се составува писмен запис, а оригиналот се доставува по редовна пошта.

 

Итност на постапувањето

 

Член 7

Министерството без одлагање ја доставува замолницата или барањето до домашниот надлежен орган, освен ако замолницата или барањето треба да се одбијат.

 

Постапување по замолницата или барањето

 

Член 8

Домашниот надлежен орган постапува по замолницата или барањето согласно со домашното законодавство, освен ако со меѓународен договор поинаку не е уредно.

 

Доставување на замолницата или барањето

 

Член 9

Ако домашниот надлежен орган на кого му е доставена замолницата или барањето не е надлежен да постапува, без одлагање ќе ги достави до домашниот надлежен орган, за што ќе го извести органот што му ја доставил замолницата или барањето.

 

Одбивање на меѓународна соработка

 

Член 10

(1) Домашниот надлежен орган ќе ја одбие замолницата, ако:

1)   постапувањето е во спротивност со Уставот на Република Македонија или го нарушува суверенитетот, сигурноста или безбедноста на Република Македонија;

2)   ако се однесува на дело кое се смета за политичко кривично дело, или дело поврзано со политичко кривично дело;

3)  се однесува на кривично дело кое се состои во повреда на воените должности

и

4)    оправдано може да се претпостави дека лицето чие предавање се бара во времето на предавање било кривично гонето или е казнето поради својата расна, национална и социјална припадност или поради своето политичко или верско уверувања, односно дека неговата положба би била отежната поради една од тие причини.

(2) Домашниот надлежен орган ќе го одбие барањето, ако:

1)    за истото кривично дело против обвинетиот во Република Македонија од материјално-правни причини постапката е запрена или е донесена ослободителна пресуда или е ослободен од казна или санкцијата е извршена или не може да се изврши согласно со законодавството на државата во која е донесена пресудата;

2)    против обвинетиот во Република Македонија се води кривична постапка за исто кривично дело и

3)   кривичното гонење, извршувањето на санкцијата, мерките на безбедност или заштитните мерки, согласно со законодавството на Република Македонија биле исклучени поради апсолутна застареност.

(3) Одредбите од ставот (2) точки 1 и 3 на овој член не се применуваат во случаите кога во Република Македонија ќе дојде до повторување на кривичната постапка.

(4) Одлуката со која се одбива замолницата или барањето треба да биде образложена, освен ако со меѓународен договор поинаку не е определено.

 

Одлагање на меѓународна соработка

 

Член 11

Домашниот надлежен орган може да ја одложи меѓународната соработка, ако тоа влијае на кривичното гонење, на текот на истрагата, или на постапка која е во тек пред домашниот надлежен орган, а која е поврзана со замолницата или барањето и за тоа ќе го извести странскиот надлежен орган што ја упатил замолницата или барањето.

 

Заемност

 

Член 12

(1)  По барањето на странскиот надлежен орган со кој Република Македонија нема склучено договор за меѓународна соработка, домашниот надлежен орган ќе постапи доколку странскиот надлежен орган даде писмена гаранција дека ќе постапи по исто такво барање на домашен надлежен орган.

 

(2)   Писмената гаранција од ставот (1) на овој член странскиот надлежен орган треба да ја достави до домашниот надлежен орган без одлагање.

 

(3)    Писмената гаранција од ставот (1) на овој член нема да се бара заради извршување на достава на судска одлука, поднесоци и други исправи.

 

Трошоци

 

Член 13

Трошоците што настанале во текот на постапувањето по замолницата или барањето ги сноси Република Македонија, ако настанале на нејзина територија, освен ако со меѓународен договор или со овој закон поинаку не е уредено.

 

Јазици во употреба

 

Член 14

Домашниот надлежен орган ја доставува замолницата или барањето со документацијата на македонски јазик и неговото кирилско писмо, со превод на јазикот на соодветната држава или на еден од службените јазици кои се употребуваат во Советот на Европа.

 

 

ГЛАВА II

 

МЕЃУНАРОДНА ПРАВНА ПОМОШ

 

Поим

 

Член 15

 

Меѓународната правна помош опфаќа:

-    извршување процесни дејствија како што се доставување на списи, писмени докази и предмети што се во врска со кривичната постапка во државата молител,

-  доставување на спонтани информации,

-  размена на определени информации и известувања,

-  привремен пренос на лица лишени од слобода,

-  прекугранично набљудување,

-  контролирана испорака,

-  користење на лица со прикриен идентитет,

-  заеднички истражни тимови,

-  следење на комуникации,

-  испитување по пат на видеоконференција,

-  испитување по пат на телефонска конференција,

-  претрес на простории и лица,

-   привремено обезбедување на предмети, имот или средства кои се во врска со кривичното дело,

-   привремено замрзнување, запленување и задржување на фондови, банкарски сметки и финансиски трансакции или приноси од кривично дело,

-  конфискација на имот и имотна корист,

-  одземање на предмети,

-  заштита на личните податоци,

-  кривична и граѓанска одговорност на функционерите и

-  доставување на изводи од казнена евиденција.

 

Форма и содржина на замолницата

 

Член 16

(1)  Замолницата се поднесува во писмена форма.

(2)  Замолницата содржи:

1)  назив на органот што ја составил и назив на органот до кој е упатена;

2)  правен основ за давање на меѓународна правна помош;

3)  опис на дејствијата и причината за поднесување на замолницата;

4)  законски назив на кривичното дело и краток опис на фактичката состојба;

5)      лични податоци и државјанство на лицето во врска со кое се бара меѓународната правна помош;

6)  својството на лицето во постапката и

7)   назив на списот што се доставува и име и адреса на примателот во случај на достава на судски и други списи.

(3) Замолницата и списите мора да бидат потпишани и заверени со печат на правосудниот или другиот надлежен орган од кој се доставуваат.

(4) Ако податоците содржани во замолницата и приложените списи не се доволни од органот што ги доставил, може да се побараат дополнителни податоци и списи во разумен рок од денот на добивањето на замолницата.

 

Начин на постапување

 

Член 17

(1)  Домашниот надлежен орган по замолницата ќе постапи на начин кој е означен во замолницата.

(2)   Домашниот надлежен орган решава по замолницата на странскиот надлежен орган без одлагање.

(3)  Кога домашниот надлежен орган ќе оцени дека не е во состојба да постапи по замолницата во посебно определениот рок во неа, а во образложението од ставот (2) на овој член изрично е наведено дека секое одлагање ќе доведе до значително нарушување на постапката пред странските надлежни органи, домашниот надлежен орган без одлагање ќе го извести странскиот надлежен орган за времето потребно за постапување по замолницата.

(4)     Ако по замолницата на странскиот надлежен орган не може да се постапи целосно или делумно, за тоа без одлагање домашниот надлежен орган ќе го извести странскиот надлежен орган, наведувајќи го начинот по кој може да се постапи и причините поради кои не може да се постапи во целост по замолницата.

 

Случаи кога замолницата не може да се одбие

 

Член 18

Домашниот надлежен орган не може да ја одбие замолницата за кривични дела против човечноста и меѓународното право и обиди за сторување и соучесништво во извршување на овие кривични дела.

 

Покана во меѓународна правна помош

 

Член 19

Кога при давање меѓународна правна помош се повикуваат лица, поканата не содржи предупредување за приведување.

 

Доставување

 

Член 20

(1)  Доставувањето на списите се докажува со доставница или со изјава дадена на записник кои содржат место и датум на приемот и потпис на примателот.

(2)   Во случај кога доставата не е извршена за причините веднаш се известува странската држава.

 

Испитување на лице со живеалиште во странство

 

Член 21

(1)    Лице со живеалиште во странство кое на покана на домашен правосуден орган ќе дојде во Република Македонија како сведок или вештак во кривична постапка, не може да биде гонето, притворено, ниту подложено на какво било ограничување на неговата лична слобода за дела или пресуди кои не се наведени во поканата, а кои потекнуваат пред неговото доаѓање.

(2)  Заштитата на лицето од ставот (1) на овој член нема да се примени ако лицето по напуштањето на територијата на Република Македонија, повторно ќе се врати или територијата на Република Македонија не ја напушти во рок од осум дена од денот на испитувањето.

 

Присуство на службено лице при преземање дејствија на правна помош

 

Член 22

(1)     По замолница на странски надлежен орган странско службено лице да присуствува при преземање дејствија за меѓународна правна помош пред домашен правосуден орган, домашниот правосуден орган без одлагање ќе го извести странскиот надлежен орган дали се согласува со барањето.

(2)    Ако домашниот правосуден орган се согласува ќе го извести странскиот надлежен орган за датумот и местото на преземање дејствија на соработка.

(3)    Претставници на странскиот надлежен орган и лица кои учествуваат во кривичната постапка, по согласност на домашниот правосуден орган можат да присуствуваат за време на преземање на дејствија за меѓународна правна помош.

(4)    Ако лицата од ставот (3) на овој член не се во можност да присуствуваат тие имаат право да достават прашања во писмена форма.

 

Привремено предавање и спроведување на лице лишено од слобода

 

Член 23

(1)     Ако странскиот надлежен орган за потребите на истрага или кривична постапка што е во тек во странска држава, достави покана притвореното лице или лицето кое се наоѓа на издржување казна затвор во Република Македонија, да биде испитано во својство на сведок или заради соочување, Република Македонија може привремено да го предаде на странската држава.

(2)    Одлуката за привремено предавање на бараното лице ја носи кривичниот совет на надлежниот суд по претходно мислење на јавниот обвинител.

(3)     Лицето од ставот (1) на овој член ќе биде привремено предадено на странскиот надлежен орган, ако даде гаранции во однос на неговата заштита и под услов да биде вратено во рокот определен од страна на Република Македонија.

(4)  Домашниот правосуден орган може да го одбие привременото предавање, ако: - лицето лишено од слобода не даде согласност за неговото привремено предавање на записник, - поради привремено предавање на лицето лишено од слобода дојде до

продолжување на неговото лишување од слобода и - постојат други причини што се спротивни на неговото привремено предавање.

(5)    Привременото предавање може да се одложи ако присуството на лицето лишено од слобода е потребно во кривичната постапка што се води пред домашните правосудни органи.

(6)    Во случајот од ставот (1) на овој член привременото предадено лице за потребите на постапката пред странскиот надлежен орган, останува во притвор во странската држава до неговото враќање во Република Македонија.

(7)   Кога трета држава треба да предаде на друга држава притворено лице или лице кое се наоѓа на издржување казна затвор преку територијата на Република Македонија, ако тоа лице не е државјанин на Република Македонија, неговото спроведување ќе биде одобрено од министерот за правда на Република Македонија.

 

Надоместок на трошоци

 

Член 24

(1)   Сведокот или вештакот што се јавил на поканата на домашниот правосуден орган има право на надоместок на патни и дневни трошоци во согласност со домашното законодавство.

(2)    Во поканите на лицата од ставот (1) на овој член се наведува правото на надоместок на трошоците, а по нивно барање им се дава аванс.

(3)     Вештачењето може да се услови со претходно полагање на аванс од домашниот правосуден орган пред кој се води постапката и тој паѓа на товар на странската држава.

(4)     Домашниот правосуден орган нема да бара надоместок на трошоци за вештачење:

- за награда за извршено вештачење и други трошоци што ќе настанат во врска со вештачењето и

- за трошоци за привремено предавање на лицата лишени од слобода, заради сведочење или соочување во државата молител.

 

Доставување спонтани информации

 

Член 25

(1)    Домашниот правосуден орган може под услов на заемност, без претходна замолница, на странскиот надлежен орган да му достави информации што се однесуваат на кривични дела кои се собрани за време на сопствени истраги, ако смета дека доставувањето на таквите информации би можеле да помогнат за започнување или спроведување на истрага или судска постапка или ако би можеле да доведат до поднесување замолница за меѓународна правна помош.

(2)  Домашниот правосуден орган ќе побара од странскиот надлежен орган на кого му се доставени информациите од ставот (1) на овој член извештај за секое дејствие преземено врз основа на информациите, како и достава на препис од донесените одлуки.

(3)   Домашниот правосуден орган што ги доставил информациите од ставот (1) на овој член, во согласност со прописите за заштита на личните податоци може да постави соодветни услови за нивно користење во странската држава во која се доставени.

 

Предавање на привремено одземени предмети, документи и имотна корист

 

Член 26

(1)   Предмети, документи и имотна корист што биле привремено одземени, како и списите и одлуките за привремено одземање ќе се предадат на странскиот надлежен орган по негово барање по завршувањето на постапката за меѓународна правна помош во Република Македонија.

(2)   Предметите, документите и имотната корист од ставот (1) на овој член ќе се предадат на странскиот надлежен орган, ако:

- странскиот надлежен орган гарантира нивно враќање без надоместок по завршувањето на доказната постапка,

- трето лице докаже дека не знаело и не можело да знае дека предметот, документот или имотната корист се стекнати со кривично дело и

- оштетениот, кој има живеалиште или престојувалиште во Република Македонија, или државниот орган, го истакне своето право врз доставените предмети, документи и имотна корист.

(3)    Во случај да се води кривична постапка пред домашен правосуден орган, предавањето ќе се одложи до правосилното завршување на постапката.

 

Конфискација на имот и имотна корист

 

Член 27

(1) Конфискација на имот и имотна корист во постапката за меѓународна правна помош, се врши согласно со одредбите од Кривичниот законик, Законот за кривичната постапка и меѓународните договори.

(2)    Со парите добиени од извршувањето на налогот за конфискација на имот располага Република Македонија на следниов начин:

1)  ако износот добиен од извршувањето на налогот за конфискација е под 10.000 евра или е еднаков на тој износ, износот се слева во Буџетот на Република Македонија и

2)   во сите други случаи 50% од износот добиен од извршувањето на налогот за конфискација Република Македонија префрла на странската држава.

(3)    Со имотот што не се состои во пари, добиен од извршувањето на налогот за конфискација, се располага на еден од следниве начини за што треба да одлучи домашен надлежен орган:

1)    имотот може да се продаде, во тој случај, со приходот од продажбата се располага во согласност со ставот (2) од овој член и

2)     имотот може да се префрли на странската држава, а ако налогот за конфискација опфаќа паричен износ, имотот може да се префрли на странската држава кога таа ќе даде согласност.

 

Предавање на одземени предмети и имотна корист

 

Член 28

(1)   Предметите и имотната корист што биле одземани со цел за нивна заштита можат да му бидат доставени на странскиот надлежен орган по негово барање.

(2)  Предметите и имотната корист од ставот (1) на овој член ги опфаќаат:

1)  предметите со кои е извршено кривичното дело;

2)   предметите кои настанале како резултат на извршувањето на кривичното дело или нивна противвредност, приносите од кривичното дело или нивната противвредност и

3)   подароците дадени со цел да се поттикне извршување на кривично дело, како и наградите за кривичното дело или нивна противвредност.

(3)   Предавањето на предмети и имотна корист од ставот (1) на овој член може да се изврши врз основа на правосилна и извршна одлука на странскиот надлежен орган.

(4)  Предметите и имотната корист од ставот (1) на овој член трајно се задржуваат во Република Македонија во случај, ако:

1)   се добра под привремена заштита или културно наследство или се природни реткости на Република Македонија;

2)   оштетениот има живеалиште или престојувалиште во Република Македонија, а треба да му се вратат;

3)  домашен надлежен орган истакне право на Република Македонија над нив;

4)   лицето кое има живеалиште или престојувалиште во Република Македонија и не учествувало во извршувањето на кривичното дело, ќе докаже дека не знаело и не можело да знае дека предметот и имотната корист се стекнати со кривично дело во Република Македонија или во странство;

5)  се потребни за спроведување на кривична постапка која е во тек во Република Македонија;

6)    се потребни за примена на мерка конфискација на имот и имотна корист и одземање на предмети и

7)     станува збор за предметите што според Кривичниот законик мора да се одземат.

 

Привремени мерки

 

Член 29

(1) Домашниот правосуден орган по барање на странскиот надлежен орган ќе преземе привремени мерки за собирање на доказниот материјал и за обезбедување на веќе собраните докази или за заштита на загрозени правни интереси.

(2) По барањето од ставот (1) на овој член домашниот правосуден орган може да постапи делумно или извршувањето на замолницата временски да го ограничи.

 

Доверливост

 

Член 30

(1) Странскиот надлежен орган може да побара од Министерството и домашниот правосуден орган содржината на замолницата да остане доверлива, освен ако е тоа потребно за нејзиното извршување.

(2) Ако замолницата од ставот (1) на овој член не е можно да се изврши, без одлагање се известува странскиот надлежен орган.

 

Доставување на изводи од казнена евиденција

 

Член 31

(1)   Министерството ќе го извести странскиот надлежен орган за сите правосилни кривични пресуди што им се изречени на неговите државјани кои се заведени во казнената евиденција.

(2)  По барање на странскиот надлежен орган Министерството ќе достави:

1)  препис од пресудата;

2)  изводи и други податоци од казнената евиденција и

3)  податоци и за лица кои се државјани на замолена држава, а кои се под истрага или против кои е покрената кривична постапка во Република Македонија.

(3) За кривичните дела правење и пуштање во оптек фалсификувани пари, неовластено производство, пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, трговија со луѓе, прикажување на порнографски материјал на дете, како и за други кривични дела во однос на кои со меѓународни договори се предвидува централизација на податоците.

(4) Домашниот надлежен орган пред кој се води кривичната постапка е должен, без одлагање, да ги достави до Министерството за внатрешни работи податоците за кривичното дело, за сторителот и правосилната пресуда.

 

Известување за прописи

 

Член 32

(1)   Министерството, по барање на домашните правосудни органи, ќе прибави од странските надлежни органи одредби од законски прописи што се во важност кај другите земји и известувања за определени правни прашања.

(2)  На начинот од ставот (1) на овој член Министерството ќе постапи и кога тоа го бара странски надлежен орган.

 

Испитување по пат на видеоконференција

 

Член 33

(1)   Ако лицето кое треба да биде испитано во својство на сведок или вештак се наоѓа на територијата на друга држава, домашен правосуден орган може да бара, испитувањето на лицето да се спроведе по пат на видеоконференција.

(2)  Странскиот надлежен орган треба да даде согласност за испитување по пат на видеоконференција доколку тоа е во согласност со законодавството на странската држава и доколку таа располага со технички средства што овозможуваат спроведување на такво испитување. Ако странската држава не располага со такви средства, Република Македонија може нејзините средства да и ги стави на располагање, доколку странската држава се согласи со тоа.

(3)   Ако странски правосуден орган бара да биде испитано во својство на сведок или вештак лице кое се наоѓа во Република Македонија по пат на видеоконференција за барањето одлучува надлежен јавен обвинител.

(4)    Испитувањето по пат на видеоконференција може да се спроведе, ако се применуваат следниве правила:

-    испитување по пат на видеоконференцијата да се спроведува пред домашен правосуден орган според домашното законодавство, а по потреба во присуство на толкувач,

-   домашниот правосуден орган, пред кој се спроведува испитувањето, го утврдува идентитетот на лицето кое се испитува,

-   домашниот правосуден орган, пред кој се спроведува испитувањето, обезбеди мерки за заштита на лицето кое се испитува и

-   лицето кое се испитува да може да се повика на правото да не дава исказ во својство на сведок или вештак.

(5) За текот на видеоконференцијата се составува записник во кој се внесува датум и место на испитувањето, идентитетот на лицата кои се испитуваат, идентитетот и функциите на сите други лица кои учествувале во испитувањето, сите дадени заклетви и техничките услови под кои се одвивало испитувањето.

 

Испитување по пат на телефонска конференција

 

Член 34

(1)   Ако лицето кое треба да биде испитано во својство на сведок или вештак се наоѓа на територијата на друга држава, домашниот правосуден орган може да бара лицето да биде испитано по пат на телефонска конференција.

(2)   Ако странскиот надлежен орган бара да биде испитано во својство на сведок или вештак лице кое се наоѓа на територијата на Република Македонија по пат на телефонска конференција за барањето одлучува надлежен јавен обвинител на Република Македонија.

(3)  Испитувањето по пат на телефонска конференција може да се спроведе, ако: - лицето се согласило со испитувањето и - телефонската конференција е во согласност со домашното законодавство.

(4)   Барањето за спроведување на телефонската конференција треба да содржи податоци за времето и местото на испитувањето и напомена за дадената согласност од лицето кое треба да биде испитувано.

(5)  Домашниот правосуден орган кој ја спроведува телефонската конференција ги презема следниве дејствија:

- го известува лицето за времето и местото на испитувањето, - го утврдува идентитетот на лицето и

- потврдува дека лицето се согласило да биде испитано по пат на телефонска конференција.

 

Прекугранични набљудувања

 

Член 35

(1)      Ако во текот на истражна постапка во странска држава предмет на набљудување е лице за кое постои сомневање дека учествувало во вршење на кривично дело или лице за кое постојат сериозни причини да се верува дека може да помогне во идентификација на лице за кое постои сомневање дека учествувало во вршење на кривично дело за кое според одредбите на Законот за кривичната постапка може да се применат посебни истражни мерки, странската држава има право да побара од надлежното јавно обвинителство на Република Македонија да дозволи службени лица на странската држава да продолжат со започнатото набљудување на територијата на Република Македонија.

(2)    Врз основа на претходно поднесено барање за меѓународна правна помош надлежното јавно обвинителство на Република Македонија дава овластување да се продолжи со набљудувањето.

(3)    Овластени службени лица од домашни надлежни органи, имаат право да бараат од странски надлежни органи да дозволат продолжување на започнато набљудување на територијата на странската држава, кога истражната постапка се води во Република Македонија.

 

(4)     Кога поради особено итни причини не може да биде побарано претходното овластување од надлежното јавно обвинителство во Република Македонија, овластени службени лица на странската држава може да го продолжат набљудувањето под следниве услови:

1)     за преминување на границата државата молител веднаш да го извести надлежното јавно обвинителство на чија територија продолжува набљудувањето

и

2)   барањето за меѓународна правна помош согласно со ставот (1) на овој член, кое ги содржи причините за преминување на границата без претходно овластување, дополнително да се достави без одлагање.

(5) Набљудувањето од ставот (1) на овој член се запира веднаш, ако странската држава не го извести надлежниот јавен обвинител на Република Македонија за преминувањето на границата или ако овластувањето од ставот (4) на овој член не е добиено најдоцна во рок од пет часа по преминувањето на границата.

(6) При набљудувањето од ставовите (1), (3) и (4) на овој член:

1)      овластените службени лица на странскиот надлежен орган кои вршат набљудување на територијата на Република Македонија, треба да постапуваат согласно со законодавството на Република Македонија и да ги почитуваат наредбите на домашните надлежни органи;

2)     овластените службени лица на странскиот надлежен орган во текот на набљудувањето на територијата на Република Македонија, освен во случаите од ставот (4) на овој член, треба да имаат документ со кој се потврдува дека им е дадено овластување и треба да бидат во можност во секое време да го докажат своето службено својство;

3)      овластените службени лица на странскиот надлежен орган кои вршат набљудување на територијата на Република Македонија можат да го носат нивното службено оружје во текот на набљудувањето, освен ако поинаку не одлучиле домашните надлежни органи, а употребата на оружјето е забранета, освен во случај на самоодбрана;

4)   на овластените службени лица на странскиот надлежен орган им е забрането да влегуваат во живеалишта и места кои не се достапни за јавноста и

5)   странските надлежни органи од кои доаѓаат овластените службени лица кои вршат набљудување на територијата на Република Македонија, по барање на домашните надлежни органи и даваат помош на истрагата што следи по спроведеното набљудување.

 

Контролирана испорака

 

Член 36

(1) По барање на јавниот обвинител на Република Македонија или од него овластен надлежен јавен обвинител, надлежен судија на претходна постапка може со наредба да дозволи пристапување кон контролирана испорака на лица и предмети од странска држава на територијата на Република Македонија во рамките на кривичната истрага, за кривични дела за кои според одредбите на Законот за кривичната постапка може да се применат посебни истражни мерки.

(2)     Наредба за пристапување кон контролирана испорака надлежниот јавен обвинител на Република Македонија донесува за секој случај посебно, согласно со домашното законодавство.

(3)       За дејствувањето, управувањето и контролата на активностите за контролираната испорака, надлежни се правосудната полиција и други службени лица овластени од надлежниот јавен обвинител на Република Македонија или од надлежниот судија на претходна постапка.

(4)    При контролираната испорака заради документирање за кривични дела за кои според одредбите на Законот за кривичната постапка може да се применат посебни истражни мерки, може да се применуваат техничките средства согласно со домашното законодавството.

(5) Надлежниот јавен обвинител на Република Македонија може да побара од странски надлежни органи на нејзината територија да биде организирана контролирана испорака на лица и предмети.

 

Користење на лица со прикриен идентитет

 

Член 37

(1)  Надлежниот јавен обвинител на Република Македонија може да побара помош од странска држава и да даде помош на странска држава во спроведување на кривични истраги на лица со прикриен идентитет.

(2)     За секој посебен случај од страна на надлежниот јавен обвинител на Република Македонија или судијата на претходна постапка се носи наредба, согласно со домашното законодавство, при што двете страни се договараат за траењето на користење на лица со прикриен идентитет, за условите и за правен статус на соодветните лица со прикриен идентитет.

(3)     Користење на лица со прикриен идентитет се спроведува согласно со домашното законодавството и на законодавството на државата на чија територија се спроведува кривична истрага, а Република Македонија и странската држава соработуваат заради обезбедување на подготовки и надгледување, како и за преземање мерки на безбедност на лицата со прикриен идентитет.

 

Заеднички истражни тимови

 

Член 38

(1)   Домашните надлежни органи за откривање и гонење организиран криминал и корупција можат да бидат дел од заедничкиот истражен тим со странски надлежни органи, формиран за определена цел и со ограничено траење и можност за негово продолжување кога постои согласност од државите кои го формирале тимот.

(2)   Државите кои го формирале тимот од ставот (1) на овој член со договор го определуваат составот на тимот и тој се формира на територија на една од државите.

(3)     Заедничкиот истражен тим може да се формира кога во рамките на истражната постапка треба да се спроведат сложени истражни дејствија поради мобилизација на значителни средства, како и кога е потребно координирано и усогласено постапување на заинтересираните страни заради комплексноста на случајот.

(4)   Заедничкиот истражен тим ги спроведува своите активности во согласност со законодавството на државата на чија територија се преземаат. Одговорно лице на тимот е претставник на надлежниот орган учесник во кривичната истрага на државата на чија територија тимот презема дејствија. Потребните организациони услови за дејствување на тимот ги обезбедува државата на чија територија тимот презема дејствија.

(5)    Кога заедничкиот истражен тим има потреба од помош од држава што не учествувала во формирање на тимот, барање за правна помош може да биде доставено и до таа држава.

 

Кривична одговорност на овластени лица

 

Член 39

Во текот на спроведувањето на активностите утврдени во членовите 35, 36, 37 и 38 од овој закон, овластените службени лица од странската држава на чија територија не се преземале дејствија, се изедначуваат со овластени служени лица

во Република Македонија каде што се преземале дејствијата во однос на делата кога тие се жртви или кои тие ги сториле, освен ако Република Македонија и странската држава поинаку не се договориле.

 

Граѓанска одговорност на овластени лица

 

Член 40

(1)    Кога во согласност со членовите 35, 36, 37 и 38 на овој закон овластени службени лица на странска држава се наоѓаат на задача на територијата на Република Македонија, странската држава од каде што тие доаѓаат е одговорна за штетите што тие ќе ги причинат во текот на преземањето на дејствијата.

(2)   Ако овластени службени лица на Република Македонија за време додека се наоѓаат на задача на територијата на странска држава, сторат штета, Република Македонија во целост го надоместува износот на штетата.

(3)     Одредбите од овој член не се применуваат, освен ако со ратификуван меѓународен договор поинаку не е уредено.

 

Заштита на лични податоци

 

Член 41

(1)    Личните податоци пренесени од Република Македонија во странска држава заради извршување на замолница врз основа на овој закон, можат да бидат употребени од странската држава во која биле пренесени само за:

а) потребите на постапките;

б) потребите на други судски или административни постапки непосредно поврзани со постапките и

в) спречување на непосредна и сериозна опасност за јавната безбедност.

(2)    По исклучок од ставот (1) на овој член пренесените лични податоци од Република Македонија во странска држава можат да бидат употребени за друга цел само ако за тоа постои претходна согласност од лицето чии податоци се предмет на пренос или се од Република Македонија.

(3)  Република Македонија може да одбие пренос на лични податоци, ако:

а) личните податоци се заштитени согласно со домашното законодавство и

б) странската држава на која треба да и бидат пренесени податоците ја нема ратификувано Конвенцијата за заштита на поединците во однос на автоматската обработка на личните податоци на Советот на Европа од 28 јануари 1981 година и Дополнителниот протокол кон Конвенцијата за заштита на поединците во однос на автоматската обработка на лични податоци во врска со надзорните тела и прекуграничниот пренос на податоци.

(4)    Република Македонија кога врши пренос на податоци добиени од странска држава заради извршување на некое барање направено врз основа на овој закон, може да бара од странската држава на која податоците и биле пренесени да ја информира за нивната употреба.

(5)   Личните податоци кои се предмет на пренос во странска држава веднаш се бришат или уништуваат кога ќе се утврди дека не се точни, или престанале причините, односно условите поради кои се пренесени.

(6)    Лицето чии податоци се или ќе бидат предмет на пренос, може да побара да биде информирано за личните податоци што се пренесуваат и за целите на нивната обработка, ако тоа е во согласност со домашното законодавство.

 

 

ГЛАВА III

 

ПРЕЗЕМАЊЕ И ОТСТАПУВАЊЕ НА КРИВИЧНО ГОНЕЊЕ

 

I. Преземање на кривично гонење

 

Преземање на кривично гонење во Република Македонија

 

Член 42

(1)   Барањето од странскиот надлежен орган во Република Македонија да преземе кривично гонење против државјанин на Република Македонија или на лице кое има живеалиште, односно престојувалиште во Република Македонија за кривично дело извршено во странство, се упатува со кривичните списи до надлежниот јавен обвинител на подрачјето каде што лицето има живеалиште, односно престојувалиште.

(2)     Ако до странски надлежен орган е поднесено имотно правно барање, домашниот правосуден орган ќе постапи како тоа барање да е поднесено во постапка пред домашен правосуден орган.

(3)    За одбивањето да се преземе кривично гонење, како и за правосилната одлука донесена во кривична постапка домашниот надлежен орган ќе го извести странскиот надлежен орган што го упатил барањето.

 

Преземање на кривична постапка

 

Член 43

(1)   Кривичната постапка ќе се преземе само кога кривичното дело за кое се бара кривично гонење е кривично дело според домашното законодавство.

(2)   Ако кривичната постапка е преземена се спроведува согласно со домашното законодавство.

(3)   Законот на странската држава во однос на видот и висината на кривичната санкција се применува доколку е поблаг за обвинетиот во кривичната постапка.

(4)  Кривичната постапка не може да се води во отсуство на обвинетиот.

 

Изедначување на истражните дејствија

 

Член 44

Секое истражно дејствие што го презел странскиот надлежен орган ќе биде изедначено со соодветно истражно дејствие во кривичната постапка според домашното законодавство.

 

Одлука за преземање кривично гонење

 

Член 45

(1)   Надлежниот јавен обвинител без одлагање го разгледува поднесеното барање и веднаш одлучува по истото.

(2)    За донесената одлука од ставот (1) на овој член надлежниот јавен обвинител преку Министерството без одлагање го известува странскиот надлежен орган и му доставува заверена копија од одлуката.

 

II. Отстапување на кривично гонење

 

Отстапување на кривично гонење на странска држава

 

Член 46

(1)   Ако на територијата на Република Македонија кривично дело сторил странец кој има живеалиште во странска држава, на странската држава можат надвор од условите предвидени во членот 50 од овој закон да и се отстапат сите кривични списи и докази заради кривично гонење и судење, ако странската држава не се противи на тоа.

(2)   Кон барањето за отстапување на кривично гонење се приложуваат оригинали или заверени преписи на кривични списи.

(3)    Ако обвинетиот се наоѓа во притвор, од странскиот надлежен орган ќе се побара најдоцна во рок од 30 дена од денот на поднесување на барањето да се достави известување дали го презема гонењето.

 

Одлука за отстапување на кривично гонење

 

Член 47

(1)   До влегувањето во правна сила на обвинителниот акт, одлука за отстапување на кривично гонење донесува надлежниот јавен обвинител.

 

(2)   По влегувањето во правна сила на обвинителниот акт, а до започнувањето на главната расправа, одлуката од ставот (1) на овој член по предлог на надлежниот јавен обвинител ја донесува судскиот совет согласно со одредбите од Законот за кривичната постапка. По започнување на главната расправа, по предлог на надлежниот јавен обвинител, одлучува надлежниот совет на судот согласно со одредбите на Законот за кривичната постапка.

(3)   Отстапувањето може да се дозволи за кривични дела за кои е предвидена казна затвор до десет години, како и за кривични дела загрозување на јавниот сообраќај.

(4)    Ако оштетениот е државјанин на Република Македонија, отстапувањето на кривично гонење не е дозволено ако тој му се противи на отстапувањето, освен ако е дадено обезбедување за остварување на неговото имотноправно барање.

 

Дополнителни информации

 

Член 48

Надлежниот јавен обвинител може да побара од странскиот надлежен орган дополнителни информации, списи или докази доколку смета дека тие се неопходни за натамошно водење на кривичната постапка и да определи рок за нивно доставување.

 

Известување за трошоци

 

Член 49

(1)  Трошоците во кривичната постапка кои ги утврдил странскиот надлежен орган се додаваат на трошоците што настанале во кривичната постапка пред домашниот надлежен орган. Трошоците на странскиот надлежен орган не се надоместуваат.

(2)       Во случај на отстапување на кривично гонење на странската држава, домашниот правосуден орган ќе го извести странскиот надлежен орган за трошоците што настанале во кривичната постапка пред домашните правосудни органи кои нема да бараат надоместување на тие трошоци.

 

 

ГЛАВА IV

 

ЕКСТРАДИЦИЈА

 

ПРВ ДЕЛ

 

Дела за кои се дозволува екстрадиција

 

Член 50

(1)    Екстрадиција на лице врз основа на распишана меѓународна потерница се дозволува за кривични дела за кои според домашното законодавство е пропишана казна затвор од најмалку една година.

(2)    Екстрадицијата се дозволува заради извршување на правосилно изречена ефективна казна затвор, доколку лицето кое се бара има да доиздржи казна од најмалку четири месеци.

(3)   Екстрадиција во случаите од ставовите (1) и (2) на овој член ќе се дозволи ако делото за кое се бара екстрадиција е казниво според Кривичниот законик на Република Македонија.

 

Начело на специјалност

 

Член 51

Екстрадираното лице не може да биде гонето, судено или подложено на казна или на која било друга мерка на ограничување на слободата или екстрадирано во друга држава за кое било кривично дело сторено пред екстрадицијата, а кое не е предмет на екстрадиција, освен во следниве случаи, ако:

1)  надлежен орган даде одобрение за екстрадиција и достави документи согласно со членот 58 од овој закон заедно со изјава на записник од екстрадираното лице или

2)    екстрадираното лице, иако имало можност во рок од 45 дена од денот на неговото конечно пуштање на слобода, не ја напуштило територијата на државата во која е екстрадирано или ако по напуштањето на нејзината територија повторно се вратило.

 

ВТОР ДЕЛ

 

ПОСТАПУВАЊЕ КОГА ЕКСТРАДИЦИЈА СЕ БАРА ОД РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

Претпоставки за екстрадицијата

 

Член 52

Претпоставки за одобрување на екстрадицијата се:

1)     лицето чијашто екстрадиција се бара да не е државјанин на Република Македонија;

2)  да е утврден идентитетот на лицето чија екстрадиција се бара;

3)   делото поради кое се бара екстрадиција да не е извршено на територијата на Република Македонија против неа или против нејзин државјанин;

4)     делото поради кое се бара екстрадиција да е кривично дело и според домашното законодавство и според законодавството на државата во која е извршено и која бара екстрадиција;

5)     да не настапила застареност на кривичното гонење или застареност на извршувањето на казната;

6)    лице чијашто екстрадиција се бара да не е осудено поради истото кривично дело од домашен суд или за истото кривично дело да не е правосилно ослободено од домашен суд или против него да не е правосилно запрена кривичната постапка или обвинението правосилно да е одбиено или за истото дело да не е поведена постапка во Република Македонија или против неа или против државјанин на Република Македонија, освен ако не е дадена гаранција за остварување на имотно правното барање на оштетениот;

7)      да има доволно докази за основано сомневање дека лицето чијашто екстрадиција се бара сторило определено кривично дело или дека постои правосилна пресуда;

8)     лицето чијашто екстрадиција се бара да го сторило кривичното дело по наполнети 14 години и

9)   лицето чијашто екстрадиција се бара да е судено во отсуство, а странската држава барател да даде гаранција дека на лицето ќе му биде судено во негово присуство.

 

Политички кривични дела

 

Член 53

(1)    Екстрадицијата нема да се одобри за политички кривични дела или дела поврзани со тие кривични дела.

 

(2)   Не се смета за политичко кривично дело атентат на шеф на државата или на некој член од неговото семејство, кривично дело тероризам и кривично дело меѓународно злосторство.

 

Воени кривични дела

 

Член 54

За екстрадиција поради повреда на воени должности не се применуваат одредбите од овој закон.

 

Смртна казна

 

Член 55

Ако во странската држава за кривично дело за кое се бара екстрадиција е пропишана смртна казна, екстрадицијата може да се дозволи доколку странската држава даде доволна гаранција дека смртната казна нема да биде изречена.

 

 

Кривични дела поврзани со повреда на прописите за даноци, такси, царини и девизно работење

 

Член 56

(1)  За кривични дела поврзани со повреда на прописите за даноци, такси, царини и девизно работење, Република Македонија дозволува екстрадиција ако кривичното дело според домашното законодавство одговара со кривичното дело од ист вид во државата која бара екстрадиција.

(2)    Не може да се одбие екстрадиција ако согласно со домашното законодавство тој вид на данок или такса не се обврзувачки или поради тоа што не постојат даночни, таксени, царински или девизни прописи од ист вид како во странската држава.

 

Предавање лице на трета држава

 

Член 57

(1)    Министерот за правда (во натамошниот текст: министерот) по барање на странската држава може да дозволи предаденото лице да го екстрадира на трета држава за кривични дела сторени пред неговото предавање, освен во случаите на начелото на специјалност.

(2)    Министерството може да побара од трета држава да му бидат доставени списите со барањето за екстрадиција.

 

Документи кон барањето за екстрадиција

 

Член 58

(1)  Барањето за екстрадиција ги содржи податоците од членот 16 на овој закон, а кон барањето се приложуваат:

1)    податоци за утврдување на идентитетот на лицето чијашто екстрадиција се бара (опис, фотографија, отпечатоци од прсти и слично);

2)  уверение или други податоци за државјанство;

3)    обвинение, пресуда или одлука за притвор или на некој друг акт со исто правно дејствие, во оригинал или заверен препис во кој треба да биде назначено името и презимето на лицето чијашто екстрадиција се бара;

4)   опис на делото, законскиот назив на кривичното дело и докази за основано сомневање и

5)    препис од одредбите на Кривичниот законик на Република Македонија кој треба да се примени или е применет спрема лицето чијашто екстрадиција се бара, а ако делото е сторено на територијата на трета држава, тогаш е потребен и препис од одредби на Кривичниот законик на таа држава.

(2)     Барањето за екстрадиција Министерството го доставува до надлежниот домашен правосуден орган, со превод на македонски јазик и неговото кирилско писмо.

 

Дополнителни информации

 

Член 59

Ако списите кои ги доставила странската држава не се доволни за да може да се донесе одлука дали ќе се дозволи или не екстрадиција, на лицето чијашто екстрадиција се бара надлежниот правосуден орган до министерот може да побара дополнителни информации и да определи и рок во кој треба да му бидат доставени овие информации.

 

Основ за притворање поради екстрадиција

 

Член 60

(1)    Врз основа на распишана меѓународна потерница, односно врз основа на барање за екстрадиција, а кога се исполнети условите за определување притвор согласно со одредбите на Законот за кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител му предлага на судијата на претходната постапка определување мерка притвор.

(2)    Судијата на претходната постапка на надлежниот суд без одлагање одлучува по предлогот на надлежниот јавен обвинител. По решението на судијата на претходната постапка, право на жалба во рок од 24 часа од часот на предавањето на решението има лицето чијашто екстрадиција се бара, неговиот бранител и надлежниот јавен обвинител до кривичниот совет на судот. Жалбата не го одлага извршувањето на решението.

(3)     Врз основа на претходно распишана меѓународна потерница, овластени службени лица од Министерството за внатрешни работи може да го лишат од слобода лицето чијашто екстрадиција се бара согласно со одредбите на Законот за кривичната постапка и без претходно донесено решение за определување мерка притвор ако постои опасност дека лицето може да побегне или да се сокрие.

(4)     Странскиот надлежен орган барањето за екстрадиција го доставува до Министерството како домашен надлежен орган или по дипломатски пат.

(5)   Ако барањето за екстрадиција ги содржи потребните документи согласно со членот 58 од овој закон, судијата на претходна постапка по предлог на надлежниот јавен обвинител ќе донесе решение спрема странецот да се определи мерка притвор, ако постојат причини за определување притвор согласно со одредбите на Законот за кривичната постапка, освен ако од самото барање е очигледно дека не постои основ за екстрадиција.

(6)   Рокот за екстрадиција на лицето чијашто екстрадиција се бара не може да биде подолг од 180 дена од денот на неговото притворање.

(7)    Надлежниот судија на претходната постапка, доколку тоа го оправдуваат посебни причини, наместо притвор може да определи друга мерка за обезбедување присуство на лицето чијашто екстрадиција се бара согласно со закон.

 

Лишување од слобода и поука за правата

 

Член 61

(1)      При лишување од слобода на лицето чијашто екстрадиција се бара, полициските службеници од Министерството за внатрешни работи согласно со членот 60 од овој закон, веднаш мора да го поучат лицето лишено од слобода дека не е должно ништо да изјавува и дека има право на бранител и без одлагање да го известат надлежниот јавен обвинител кој поднесува предлог за определување притвор поради екстрадиција.

(2)   Полициските службеници од Министерството за внатрешни работи се должни лицето лишено од слобода најдоцна во рок од 24 часа да го изведат пред судијата на претходна постапка.

(3)   Домашниот надлежен орган е должен за лишувањето од слобода на негово барање без одлагање да го извести дипломатско-конзуларното претставништво на државата чиј државјанин е лицето лишено од слобода.

 

Постапување со лицето чијашто екстрадиција се бара

 

Член 62

(1)   Судијата на претходната постапка откако ќе го утврди идентитетот на лицето чијашто екстрадиција се бара, му соопштува дека е распишана меѓународна потерница за негова екстрадиција.

(2)    Судијата на претходната постапка ќе го поучи лицето дека може да земе бранител по свој избор, а доколку лицето само не избере бранител, судот ќе му определи бранител по службена должност.

(3)     Судијата на претходната постапка ќе го поучи лицето дека може да даде согласност за екстрадиција во странска држава по скратена постапка за екстрадиција и дека со дадената согласност се откажува од примената на принципот на специјалност. Дадената согласност за екстрадиција по скратена постапка не може да се отповика.

 

Рок за доставување на барање за екстрадиција

 

Член 63

(1)   Барањето за екстрадиција и потребните списи се доставуваат во рок кој не може да биде подолг од 40 дена од денот на донесувањето на решението за притвор заради екстрадиција.

(2)   Ако лицето чијашто екстрадиција се бара биде пуштено од притвор поради истекот на рокот од ставот (1) на овој член, а странската држава повторно поднесе барање за притворање заради екстрадиција или барање за екстрадиција, на лицето чијашто екстрадиција се бара може повторно да му се определи притвор заради екстрадиција.

 

Извидни дејствија

 

Член 64

(1)     Судијата на претходна постапка спроведува извидни дејствија и му ги доставува списите на надлежниот јавен обвинител за давање писмено мислење за исполнетост на законските претпоставки за екстрадиција.

(2)   Списите и мислењето од надлежниот јавен обвинител судијата за претходна постапка ги доставува до советот на судот согласно со одредбите од Законот за кривичната постапка кој со решение утврдува дали се исполнети законските претпоставки за екстрадиција.

(3)  На решението од ставот (2) на овој член право на жалба во рок од три дена од денот на приемот има лицето чијашто екстрадиција се бара, неговиот бранител и надлежниот јавен обвинител до кривичниот совет на повисокиот суд.

(4)   Ако против лицето чијашто екстрадиција се бара пред надлежниот домашен суд е во тек друга кривична постапка, советот на судот согласно со одредбите од Законот за кривичната постапка ќе го назначи тоа во списите за преземените дејствија.

 

Постоење и непостоење на законски претпоставки за екстрадиција

 

Член 65

(1)     Ако советот на судот согласно со одредбите од Законот за кривичната постапка најде дека се исполнети законските претпоставки за екстрадиција на странец, тоа ќе го утврди со решение.

(2)   Против решението од ставот (1) на овој член право на жалба до надлежниот суд во рок од три дена има лицето чијашто екстрадиција се бара, неговиот бранител и јавниот обвинител.

(3)      Правосилното решение со кое се утврдило постоење на законските претпоставки за екстрадиција заедно со сите решенија за притвор, се доставуваат до Министерството.

(4)   Ако по доставување на списите до советот на судот согласно со одредбите од Законот за кривичната постапка во смисла на членот 64 став (2) од овој закон, советот на судот најде дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција, ќе донесе решение со кое утврдува дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција.

(5)   Решението од ставот (4) на овој член надлежниот домашен суд по службена должност ќе го достави до Врховниот суд на Република Македонија, кој по добиеното мислење на надлежниот јавен обвинител, ќе го потврди, укине или преиначи решението.

(6)     Ако лицето чијашто екстрадиција се бара е во притвор, советот на судот согласно со одредбите од Законот за кривичната постапка може да одлучи тој да остане во притвор до правосилноста на решението од ставот (4) на овој член.

 

Решение за екстрадиција

 

Член 66

(1)    Министерот донесува решение со кое се дозволува или не се дозволува екстрадиција.

(2)       Министерот нема да дозволи екстрадиција ако на лицето чијашто екстрадиција се бара му било судено во отсуство, а државата барател не достави доволни гаранции дека на лицето ќе му се дозволи повторно судење во негово присуство во кое ќе бидат почитувани правата на одбраната.

(3)   Министерот нема да дозволи екстрадиција на лицето чијашто екстрадиција се бара ако постојат сериозни причини на сомнение дека може да биде подложен на мачење и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или изрекување на смртна казна.

(4)   На предлог на министерот Владата на Република Македонија може да одлучи да не се дозволи екстрадиција, ако за тоа постојат посебно оправдани интереси за државата.

 

Решение со кое се дозволува екстрадиција

 

Член 67

Во решението со кое се дозволува екстрадиција министерот ќе наведе дека:

1)   екстрадираното лице не може да се гони за друго кривично дело сторено пред екстрадицијата, освен за она кривично дело за кое е дозволена екстрадицијата;

2)   спрема екстрадираното лице не може да се изврши казна за друго кривично дело сторено пред екстрадицијата;

3)   спрема екстрадираното лице не може да се примени потешка казна од онаа на која е осуден, ниту смртна казна;

4)   екстрадираното лице не смее да и се предаде на трета држава заради гонење за кривично дело сторено пред дозволената екстрадиција;

5)    спрема екстрадираното лице ќе биде повторена кривичната постапка ако е осуден во отсуство и

6)  должината на притворот за време на екстрадиционата постапка се засметува во казната.

 

Извршување на решение и предавање на лице чијашто екстрадиција се бара

 

Член 68

(1)    За решението со кое се дозволува екстрадиција ќе се извести странскиот надлежен орган преку домашниот надлежен орган или по дипломатски пат.

(2)   Решението со кое се дозволува екстрадиција ќе се достави до Министерството за внатрешни работи кое со странските надлежни органи ќе се договори во однос на местото, времето и начинот на предавањето на лицето чијашто екстрадиција се бара.

(3)    Предавањето на лицето чијашто екстрадиција е дозволена мора да биде извршено најдоцна во рок од 180 дена од денот на притворувањето.

(4)   Во случај на виша сила поради која не можело да се изврши предавањето, по барање на странската држава може да се договори нов датум за предавање на лицето согласно со ставот (2) на овој член.

 

Одложено извршување и привремено предавање

 

Член 69

(1)   Министерот може да донесе решение да се одложи екстрадицијата ако поради друго кривично дело кај домашен правосуден орган е во тек кривична постапка против лицето чијашто екстрадиција се бара или затоа што лицето чијашто екстрадиција се бара се наоѓа на издржување на казна затвор во Република Македонија.

(2)  Министерот може да донесе решение лицето чиешто предавање е одложено да се предаде на странската држава заради спроведување итни процесни дејствија ако тоа нема да има штетни последици за кривичната постапка што се води пред домашните правосудни органи, ако странската држава даде гаранција дека ќе го држи во притвор лицето во текот на престојот во странската држава, како и дека ќе го врати во Република Македонија во рокот што го определило Министерството.

 

Повторна екстрадиција

 

Член 70

(1)  Ако екстрадираното лице го одбегне кривичното гонење или извршувањето на казната на странската држава и повторно се најде на територијата на Република Македонија, ќе може да биде екстрадирано по повторно поднесено барање.

(2)   Во случајот од ставот (1) на овој член странската држава не е обврзана кон барањето да ја достави документацијата од членот 58 на овој закон.

 

Одлучување за екстрадиција во случај на барања од повеќе држави

 

Член 71

(1)     Ако екстрадиција бараат истовремено повеќе држави, поради исти или различни дела министерот, по претходна одлука на судот за исполнетост на законските претпоставки за секое од поднесените барања, ќе одлучи на која држава ќе го екстрадира лицето.

(2)   Ако за исто лице истовремено бараат екстрадиција повеќе држави, одлука на која држава ќе и биде предадено лицето, донесува министерот кој ќе ги земе предвид тежината на кривичното дело, местото на сторување на кривичното дело или на чија територија е сторен поголемиот дел од инкриминираните дејствија во случај на продолжено кривично дело, чиј државјанин е или на чија територија организаторот има живеалиште во случај на кривично дело од организиран криминал, датумите на одделните барања за екстрадиција и дали тие се поднесени заради водење на кривичната постапка или заради извршување на казната.

 

Скратена постапка за екстрадиција

 

Член 72

 

(1)    Лицето чијашто екстрадиција се бара може да даде согласност да биде екстрадирано на странската држава по скратена постапка за екстрадиција, како и да се откаже од правилото на специјалност, по што советот на судот согласно со одредбите од Законот за кривичната постапка по претходно добиено мислење од надлежниот јавен обвинител ја одобрува неговата екстрадиција.

(2)   Согласноста и откажувањето на правото од ставот (1) на овој член ќе бидат внесени во записникот на советот на судот од ставот (1) на овој член и се неотповикливи.

(3)    За согласноста по скратена постапка за екстрадиција, надлежниот суд без одлагање ќе го извести Министерството кое, најдоцна во рок од десет дена од денот на притворањето на лицето чијашто екстрадиција се бара, за ова ќе ја извести странската држава.

(4)   Во случајот од ставот (3) на овој член странската држава не е обврзана да доставува официјално барање за екстрадиција.

(5)  Ако лицето чијашто екстрадиција се бара даде согласност според ставот (1) од овој член по истекот на рокот од ставот (3) на овој член надлежниот суд ќе спроведе скратена постапка за екстрадиција ако сé уште не е примено барањето за екстрадиција.

(6)   Ако лицето кое се бара даде согласност од ставот (1) на овој член по истекот на рокот од ставот (3) на овој член, а во меѓувреме биде примено барањето за екстрадиција, надлежниот суд може да спроведе скратена постапка за екстрадиција.

 

Одлучување за екстрадиција по скратена постапка

 

Член 73

(1)  Ако лицето чијашто екстрадиција се бара се согласува со своето предавање по скратена постапка за екстрадиција судијата на претходна постапка, без одлагање, списите ги доставува до советот на судот кој најдоцна во рок од 48 часа одлучува за екстрадицијата.

(2)  Екстрадицијата по скратена постапка се дозволува со решение кое опфаќа:

-  име и презиме, датум и место на раѓање, како и државјанство на лицето чијашто екстрадиција се бара,

-  државата барател на која и се предава лицето чијашто екстрадиција се бара,

-  наведување на кривичното дело заради кое се предава,

-   изјава дека лицето чијашто екстрадиција се бара се согласило со екстрадиција во поедноставена постапка,

-   изјава дека лицето чијашто екстрадиција се бара се откажало од правилото на специјалност и

-    одлука дека лицето чијашто екстрадиција се бара не смее да се предаде на трета држава заради кривично дело сторено пред неговото предавање.

(3) Решението од ставот (2) на овој член се доставува на лицето чијашто екстрадиција се бара, на неговиот бранител и на надлежниот јавен обвинител.

(4) Против решението на советот на судот лицето чијашто екстрадиција се бара и бранителот можат да поднесат жалба преку првостепениот суд до второстепениот суд согласно со Законот за кривичната постапка во рок од 24 часа од моментот на врачување на решението. По жалбата второстепениот суд е должен да одлучи во рок од 48 часа од денот на притворањето.

 

ТРЕТ ДЕЛ

ПОСТАПУВАЊЕ КОГА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА БАРА ЕКСТРАДИЦИЈА

 

Барање за екстрадиција на лице кое се наоѓа во странска држава

 

Член 74

(1)   Ако против лице кое се наоѓа во странска држава се води кривична постапка во Република Македонија или кое е осудено од домашен суд, министерот поднесува барање за екстрадиција.

(2)     Барањето од ставот (1) на овој член се поднесува до странскиот надлежен орган или по дипломатски пат и кон него се приложуваат документите од членот 58 на овој закон.

 

Барање за привремено притворање

 

Член 75

(1)   Кога постои опасност дека лицето чијашто екстрадиција се бара ќе побегне или ќе се сокрие, министерот може да бара против тоа лице да се преземат законските мерки заради негово привремено притворање.

(2)  Во барањето за привремено притворање посебно ќе се назначат податоците за идентитетот на лицето чијашто екстрадиција се бара, видот и називот на кривичното дело, бројот на одлуката, датумот, местото и називот на органот што го определил притворот, односно податоци за правосилноста на пресудата.

 

Постапка пред домашниот правосуден орган

 

Член 76

(1)       Домашниот правосуден орган кој распишал меѓународна потерница, целокупните списи во оригинал или заверени копии заедно со барањето за екстрадиција ги доставува до Министерството.

(2)   Кога против лицето чијашто екстрадиција се бара во тек е кривична постапка пред домашен правосуден орган, домашниот правосуден орган до Министерството доставува:

1) официјално барање за екстрадиција;

2) наредба за спроведување на истражна постапка;

3) обвинителен предлог или обвинителен акт;

4) решение за притвор;

5) наредба за издавање меѓународна потерница и 6) извод од текстот на Кривичниот законик на Република Македонија.

(3)   Кога лицето чијашто екстрадиција се бара правосилно е осудено, надлежниот суд или казнено-поправната установа до Министерството треба да достават:

1) барање за екстрадиција;

2) правосилна судска пресуда;

3) налог за упатување на издржување на казната затвор или упатен акт;

4) наредба за издавање меѓународна потерница и 5) извод од текстот на Кривичниот законик на Република Македонија.

 

Ограничувања на кривично гонење и изрекување на пресуда

 

Член 77

(1)   Ако лице чијашто екстрадиција се бара биде екстрадирано ќе може кривично да се гони, односно спрема него ќе се изврши казната само за кривичното дело за кое е одобрена екстрадицијата.

(2)  Ако екстрадицијата е одобрена под услови на видот или висината на казната и тие услови биле прифатени, надлежниот суд при изрекувањето на казната е врзан со тие услови, а ако се извршува изречена казна судот што судел во последен степен ќе ја преиначи пресудата и ќе ја сообрази изречената казна со условите за екстрадиција.

(3)   Ако екстрадираното лице е притворено во странска држава за кривично дело за кое е екстрадирано, времето поминато во притвор се засметува во казната.

(4)    Ако екстрадираното лице во странската држава е осудено во отсуство во секој случај кривичната постапка ќе биде повторена.

 

Дополнително барање за екстрадиција

 

Член 78

Ако против екстрадираното лице подоцна се дознае дека се во тек и други кривични постапки пред домашен суд, или дека правосилно е осудено од домашен суд за кривични дела сторени пред да биде дозволена екстрадицијата, домашниот суд или казнено-поправната установа може до Министерството дополнително да достави барање за екстрадиција согласно со членот 58 од овој закон заедно со изјава на записник на екстрадираното лице.

 

Транзит на лице преку територијата на Република Македонија

 

Член 79

(1)   Ако екстрадиција бара странска држава од друга странска држава, а лицето чијашто екстрадиција се бара треба да се спроведе преку територијата на Република Македонија, спроведувањето го дозволува министерот со решение, ако лицето не е државјанин на Република Македонија и ако екстрадицијата не се врши за политичко или воено кривично дело.

(2)     Барањето за спроведување на лицето преку територијата на Република Македонија треба да ги содржи сите податоци од членот 58 на овој закон, како и одлуката со која е дозволена екстрадицијата.

(3)    Министерството за одлуката ќе ги извести странскиот надлежен орган што барал транзит и Министерството за внатрешни работи кое го следи транзитот на лицето низ територијата на Република Македонија.

(4)  Под услов на заемност, трошоците за транзит на лицето преку територијата на Република Македонија паѓаат на товар на Буџетот на Република Македонија.

 

Јазик

 

Член 80

(1)      Во случај кога Република Македонија бара екстрадиција, домашниот правосуден орган барањето за екстрадиција и списите предвидени во членот 58 од овој закон до Министерството ги доставува на македонски јазик и неговото кирилско писмо со превод на јазикот на државата од која се бара екстрадиција или на еден од службените јазици на Советот на Европа.

(2)   Во случај кога екстрадиција бара странска држава од Република Македонија, списите наведени во ставот (1) од овој член Министерството до надлежниот суд ги доставува на јазикот на странската држава со заверен превод на македонски јазик и неговото кирилско писмо.

 

Трошоци

 

Член 81

 

(1)    Трошоците за преземање на лице чијашто екстрадиција и е одобрена на Република Македонија од договореното место на преземање паѓаат на товар на Буџетот на Република Македонија.

(2)    Во случаите на екстрадиција на лице од Република Македонија, трошоците на притворот и превозот на лицето чијашто екстрадиција е одобрена до договореното место на предавање во Република Македонија паѓаат на товар на Буџетот на Република Македонија.

 

ГЛАВА V

 

ИЗВРШУВАЊЕ НА КРИВИЧНИ ПРЕСУДИ И ТРАНСФЕР НА ОСУДЕНИ ЛИЦА

 

ПРВ ДЕЛ

 

ИЗВРШУВАЊЕ НА КРИВИЧНИ ПРЕСУДИ

 

Предмет на извршување

 

Член 82

Домашниот надлежен суд по барање на странски надлежен орган ќе изврши правосилна кривична пресуда во однос на санкцијата која ја изрекол странски или меѓународен суд, со пресуда со која ќе изрече санкција според Кривичниот законик на Република Македонија и соодветна санкција што ја изрекол странскиот суд, но не може да изрече построга санкција од санкцијата што ја изрекол странскиот суд.

 

Донесување на пресуда

 

Член 83

(1)  Во изреката на пресудата од членот 82 на овој закон домашниот надлежен суд ќе ја внесе во целост изреката и називот на судот од странската пресуда. Во образложението на пресудата ќе се наведат причините според кои домашниот надлежен суд се раководел при изрекувањето на санкцијата.

(2)   Домашниот надлежен суд донесува пресуда во советот на судот согласно со одредбите од Законот за кривичната постапка. За седницата на советот ќе се извести надлежниот јавен обвинител и бранителот на осудениот.

(3)   Ако видот и висината на санкцијата што ја изрекол странскиот суд не се во согласност со домашното законодавство, домашниот надлежен суд ќе изрече санкција според домашното законодавство што е предвидена за исто кривично дело за кое пресудата е донесена.

(4)    Времето поминато во притвор и издржување на санкцијата во странската држава се засметува во изречената санкција од домашниот надлежен суд.

(5)    Против пресудата од ставот (1) на овој член жалба можат да поднесат надлежниот јавен обвинител, осудениот или неговиот бранител согласно со одредбите од Законот за кривичната постапка.

 

Стварна и месна надлежност

 

Член 84

(1)  Стварно надлежен суд е судот определен со закон.

(2)    Месната надлежност на судот се определува според последното место на живеење на осуденото лице во Република Македонија, а ако осуденото лице немало место на живеење во Република Македонија, според местото на раѓање.

(3)   Ако осуденото лице немало место на живеење ниту е родено во Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија ќе определи еден од стварно надлежните судови пред кој ќе се спроведе постапката.

 

Извршување на странска кривична пресуда

 

Член 85

(1) Санкцијата изречена со правосилна пресуда на странски надлежен орган ќе се изврши согласно со домашното законодавство за извршување на санкции.

(2)    Извршувањето на странската кривична пресуда ќе биде прекинато ако во странската држава во која е изречена санкцијата настапила застареност за извршување на санкцијата или е укинато извршувањето.

(3)    Одлуката за помилување или амнестија донесена во странска држава, во однос на лицето за кое е преземено извршување на санкцијата, ќе се применува и на територијата на Република Македонија.

(4)     Одлуката за повторување на кривичната постапка ја носи странскиот надлежен орган.

(5)   Ако се извршува само одлуката за трошоците, на странскиот надлежен орган ќе му се врати преостанатиот износ по одбивањето на настанатите трошоци, под услов на заемност.

(6)   Одлуката на странскиот надлежен орган за трошоците ќе се преземе и ќе се изврши доколку тие трошоци се плаќаат во странската држава.

 

Услови за извршување

 

Член 86

Странската кривична пресуда ќе се изврши, ако:

1)  е правосилна и извршна;

2)   кривичното дело е предвидено како кривично дело и согласно со домашното законодавство;

3)  е донесена во присуство на осудениот и

4)  не настапила застареност за извршување на санкцијата согласно со домашното законодавство.

 

Документи кон барање на извршување на кривична пресуда на странски надлежен орган во Република Македонија

 

Член 87

Кон барањето за извршување на кривична пресуда на странскиот надлежен орган во Република Македонија се доставува:

1)    оригинал или заверена копија од пресудата со клаузула на правосилност и извршност;

2)  лични податоци за осуденото лице, државјанство и живеалиште;

3)  текст од законските одредби врз кои се заснова пресудата и

4)   документ за времето кое лицето го поминало во притвор и на издржување на казната.

 

Извршување на кривична пресуда

 

Член 88

Кон барањето за извршување на кривична пресуда на домашен суд во странска држава, се доставува:

1)    оригинал или заверена копија од пресудата со клаузула на правосилност и извршност;

2)  лични податоци за осуденото лице, државјанство и живеалиште;

3)  текст од законските одредби врз кои се заснова пресудата;

4)   документ за времето кое лицето го поминало во притвор и на издржување на казната и

5)   оригинал или заверена копија на списите, ако тоа го бара странската држава што ја извршува.

 

Барање за отстапување на извршување на правосилна кривична пресуда

 

Член 89

Барање за отстапување на извршување на правосилна кривична пресуда на домашен суд во странска држава доставува Министерството, врз основа на претходно доставено барање на домашниот суд што ја донел пресудата.

 

Запирање на извршување на правосилна кривична пресуда на домашен суд

 

Член 90

(1)    Ако странски надлежен орган извршува правосилна кривична пресуда на домашен суд, домашниот суд го запира извршувањето кога е започната постапка за нејзино извршување во странската држава на која и е доставено извршувањето.

(2)   Кривичната пресуда на домашниот суд не може да се изврши кога таа според прописите на државата на која и е доставено извршувањето во целост е извршена.

(3)   Осуденото лице може да биде притворено ако постои основано сомнение дека ќе ја избегне постапката за извршување на кривичната пресуда.

 

Известување за измени и откажување на извршување

 

Член 91

(1)   Ако по преземањето на извршувањето на кривична пресуда на домашен суд дојде до нејзина измена или откажување, за тоа мора да биде известена странската држава која го преземала извршувањето.

(2)   Ако извршувањето на санкција изречена со правосилна пресуда е преземено од странска држава, тоа може да се продолжи во Република Македонија, доколку осуденото лице побегне од извршување на санкцијата во странска држава.

 

ВТОР ДЕЛ

 

ТРАНСФЕР НА ОСУДЕНИ ЛИЦА

 

I. ТРАНСФЕР НА СТРАНСКИ ДРЖАВЈАНИН

 

Барање за трансфер

 

Член 92

(1)   Осудено лице кое не е државјанин на Република Македонија, а се наоѓа на издржување на казна затвор во Република Македонија врз основа на пресуда на домашен првостепен суд, може да поднесе барање за доиздржување на казната во државата чиј државјанин е.

(2)   Барањето од ставот (1) на овој член може да го поднесе осуденото лице до управата на казнено-поправната установа во која ја издржува казната, до домашниот првостепен суд или до Министерството.

(3)     Домашниот првостепен суд што ја донел пресудата во прв степен или управата на казнено-поправната установа во која осуденото лице ја издржува казната затвор, се должни да го запознаат осуденото лице со можноста казната да ја доиздржи во државата чиј државјанин е.

(4)    Барањето од ставот (1) на овој член може да го поднесе и државата чиј државјанин е осуденото лице.

(5) Барањето од ставот (1) на овој член ќе се разгледа само ако осуденото лице даде согласност да биде преместено во државата чиј државјанин е.

 

Списи кон барањето за трансфер

 

Член 93

Кон барањето за трансфер се доставуваат:

1)  заверен препис од правосилната пресуда со која е осудено лицето;

2)  законските одредби што се применети;

3)    податок за траењето на веќе издржаниот дел од казната и информација за притвор или секоја друга информација за издржувањето на казната и

4)  изјава со согласност на осуденото лице за трансферот.

 

Начин на комуникација

 

Член 94

(1)   Барањето за трансфер и списите согласно со членовите 92 и 93 од овој закон се доставуваат до Министерството, кое за тоа ја известува државата чиј државјанин е заради продолжување на издржувањето на казната затвор и спроведува постапка за преместување на осуденото лице врз основа на меѓународен договор или врз основа на заемност.

(2)   По барање на домашен надлежен орган странската држава ги доставува сите дополнителни информации и списи и обратно.

 

Постапка за трансфер

 

Член 95

(1)   Државата чиј државјанин е осуденото лице, по признавањето на пресудата на домашниот суд од страна на странскиот надлежен орган, преку Министерството ја доставува пресудата на осуденото лице.

(2)     Откако пресудата на странскиот надлежен орган со која се признава пресудата на домашниот суд ќе стане правосилна, Министерството дава согласност за трансферот.

(3)   Министерството за својата одлука за прифаќање или одбивање на барањето за трансфер ја известува државата во која ќе се извршува казната.

 

Услови за трансфер

 

Член 96

Трансфер може да се изврши само, ако:

1)  осуденото лице е државјанин на државата во која ќе се доиздржи казната;

2)  пресудата е правосилна;

3)    во времето на приемот на барањето за трансфер, осуденото лице има за доиздржување најмалку уште шест месеци од изречената казна и доколку дало согласност за тоа;

4)   осуденото лице или негов законски застапник или старател поради неговата возраст или психофизичка состојба даде согласност за трансфер;

5)   делата поради кои лицето е осудено претставуваат кривично дело во државата во кој се извршува казната и

6)   Република Македонија и странската држава се договараат за трансферот.

 

II. ТРАНСФЕР НА ДРЖАВЈАНИН НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

Барање и списи за трансфер

 

Член 97

(1)    Осудено лице кое е државјанин на Република Македонија и се наоѓа на издржување на казна затвор во странска држава може да биде преместено во Република Македонија заради доиздржување на казната затвор.

(2)    Барањето за трансфер на државјанин на Република Македонија заедно со списите предвидени во членот 93 од овој закон, преку Министерството, се доставуваат до стварно надлежниот суд на признавање.

(3)     Во постапката за признавање на странската кривична пресуда, стварно надлежниот суд е обврзан со видот и висината на казната, која може да биде иста или соодветна, но не и построга од казната во странската пресуда ниту да го надмине максимумот кој е предвиден во Кривичниот законик за тие дела.

(4)  Во случај на замена на казната, стварно надлежниот суд:

-  ќе се раководи од утврдените факти содржани во пресудата,

-  не може да ја замени казната лишување од слобода со парична казна и

-    ќе го одбие во потполност времето во кое осуденото лице го поминало во затвор.

(5)  Откако стварно надлежниот суд со пресуда ќе ја признае странската кривична пресуда, преку Министерството, ќе ја достави на осуденото лице државјанин на Република Македонија.

(6)     По правосилноста на пресудата на стварно надлежниот суд со која се признава странската кривична пресуда, предавањето на осуденото лице заради доиздржување на казната затвор може да се изврши во согласност со странската држава што ја изрекла казната и Министерството.

 

Последици од трансферот

 

Член 98

(1)      Со преземањето на осуденото лице кое е државјанин на Република Македонија се запира извршувањето на казната во странската држава во која е осуден.

(2)      За натамошниот тек на извршувањето на казната важи домашното законодавство во однос на помилувањето, амнестијата или намалување на казната согласно со Уставот или меѓународен договор.

 

Преиспитување на пресудата и престанок на издржување на казната

 

Член 99

(1)  Само странската држава што ја изрекла кривичната пресуда може да одлучува за секое барање за повторување на постапката.

(2)   Домашниот стварно надлежен суд треба да го запре извршувањето веднаш штом странскиот надлежен орган ќе го извести за одлуката или мерката со која казната престанала да биде извршна.

 

Известувања за извршување на казната

 

Член 100

Домашниот стварно надлежен суд ќе ги достави на странскиот надлежен орган сите информации што се однесуваат на извршувањето на казната, ако:

1)  смета дека извршувањето на казната е спроведено;

2)   осуденото лице побегне пред истекот на казната и

3) странскиот надлежен орган го побара тоа.

 

Трошоци

 

Член 101

Трошоците што настанале во врска со извршувањето на странските кривични пресуди ги сноси Република Македонија, освен трошоците што настанале исклучиво во странската држава.

 

Предавање и преземање на осудено лице

 

Член 102

Предавањето, односно преземањето на осудено лице заради доиздржување на казната го врши Министерството за внатрешни работи на Република Македонија - Меѓународната криминалистичка полициска организација - Интерпол.

 

Транзит

 

Член 103

(1)  Ако предавање на осудено лице заради доиздржување на казна бара странска држава од друга странска држава, а предавањето треба да се спроведе преку територијата на Република Македонија, транзитот може по барање на заинтересираната држава да го дозволи Министерството, под услови предвидени со овој закон за предавање на осудени лица заради извршување.

(2)     Ако при преземањето на осудено лице кое е државјанин на Република Македонија од странската држава што ја изрекла казната нема директен лет, од трета држава преку која треба да се изврши прелет или транзит, Министерството ќе побара дозвола за прелет или транзит од министерството за правда на странската држава.

 

ГЛАВА VI

 

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

Член 104

За процесните одредби кои не се уредени со овој закон ќе се применуваат одредбите од Законот за кривичната постапка, Законот за прекршоците, Законот за судови, Законот за Јавното обвинителство и Законот за спречување на корупцијата.

 

Член 105

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува со денот на започнувањето на примената на Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.).

Trascina file per caricare