The measure is available in the following languages:
ЗАКОН ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ
Сл. Весник на Р. Македонија бр.92/09 од 24.07.2009 година
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Предмет на законот
Член 1
Со овој закон се уредуваат внатрешните работи, организацијата и надлежноста на Министерството за внатрешни работи (во натамошниот текст: Министерството), категориите, статусот и посебните должности и овластувања на работниците во Министерството, контролата на вршењетo на работите на Министерството, правата и обврските од работен однос на работниците во Министерството, должностите на работниците во Министерството, материјалната одговорност, односно надоместокот на штета и дисциплинската одговорност на работниците во Министерството.
Внатрешни работи
Член 2
Внатрешни работи во смисла на овој закон се:
- остварување на системот на јавна и државна безбедност;
- спречување на насилно уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија;
- заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните;
- спречување на разгорување на национална, расна или верска омраза и нетрпеливост;
- спречување на вршење кривични дела и прекршоци, откривање и фаќање на нивните сторители и преземање на други со закон определени мерки за гонење на сторителите на тие дела;
- граѓански работи и
- други работи утврдени со овој и посебен закон.
Значење на одделни изрази
Член 3
Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:
- “Биро за јавна безбедност“ е орган во состав на Министерството кој ги врши полициските работи во Министерството и чија организација и надлежност е уредена со Законот за полиција;
- “Управа за безбедност и контраразузнавање“ е орган во состав на Министерството кој ги врши внатрешните работи поврзани со безбедноста и контраразузнавањето;
- “Работник во Министерството“ е:
- овластено службено лице согласно со овој закон;
- државен службеник согласно со Законот за државните службеници и
- работник во Министерството согласно со Законот за работните односи; 4. “Распоредување“ е:
- преместување на работник во Министерството од едно на друго работно место во Министерството и
- распоредување на работник на работно место во Министерството по завршување на приправничкиот стаж;
- “Слободно работно место“ е работно место на кое со договор за вработување или со решение не е распореден, односно унапреден работник;
- “Упразнето работно место“ е работно место на кое работникот оправдано отсуствува поради здравствени или други причини подолг временски период;
- “Унапредување“ e движење на овластено службено лице во системот на кариера, на начин што:
а) на работното место на кое работи, преоѓа во повисок платен ранг со што се стекнува со додаток за кариера на платата и б) е прераспоредено на друго работно место, кое согласно со хиерархијата на
работни места утврдени во актот за систематизација на работните места е еден степен повисоко од работното место на кое дотогаш работел;
- “Ментор“ е работник назначен со решение на министерот за внатрешни работи, кој:
- обучува приправник во Министерството и - обучува работник за самостојно вршење на работите за одредено работно место во Министерството;
- “Непосреден раководен работник“ е работник кој раководи, односно менаџира со работата на организациската единица во која работникот работи и
- “Профил на работно место“ е опишување на познавања, способности, како и искуство кои се потребни за извршување на работни задачи на соодветно работно место.
Овозможување за вршење на работите и укажување на стручна помош
Член 4
1) Граѓаните, правните лица и државните органи на Министерството му овозможуваат непречено вршење на работите од неговата надлежност.
2) Министерството во рамките на својата надлежност им укажува стручна помош на граѓаните, правните лица и на државните органи во остварувањето на пропишаните права и обврски, заштитата на животот и личната сигурност на граѓаните и имотот.
Известување на јавноста за прашања од надлежност на Министерството
Член 5
1) Министерството ја известува јавноста за прашањата од негова надлежност.
2) На граѓаните, правните лица и на државните органи, Министерството им дава информации, податоци и известувања за прашања од својот делокруг за кои тие се непосредно заинтересирани.
3) Нема да се даваат информации, податоци и известувања кои согласно со закон се определени со соодветен степен на класификација, освен кога се исполнети условите утврдени со посебен закон.
4) Информациите, податоците и известувањата од ставовите 1 и 2 на овој член ги дава министерот за внатрешни работи (во натамошниот текст: министерот) или од него овластен работник.
Обврска за работниците
Член 6
Работниците во Министерството се должни во вршењето на работите и задачите да го штитат и чуваат животот и имотот на граѓаните, да ги почитуваат слободите и правата на човекот и граѓанинот и да ги применуваат на пропишан начин само мерките и средствата на присилба што со овој закон или друг пропис се утврдени.
II. ОРГАНИЗАЦИЈА И НАДЛЕЖНОСТ
1. ОРГАНИЗАЦИЈА И НАДЛЕЖНОСТ НА МИНИСТЕРСТВОТО
Организација на Министерството
Член 7
Организациската структура на Министерството ја сочинуваат:
- организациски единици за потребите на Министерството и
- органи во состав на Министерството.
Организациски единици за потребите на Министерството
Член 8
Организациските единици за потребите на Министерството од членот 7 алинеја 1 на овој закон се организациски единици што се надлежни за вршење на работите за потребите на целото Министерство, и тоа:
- организациски единици надлежни за вршење на стручни работи и
- организациски единици надлежни за вршење на граѓански работи.
Органи во состав на Министерството
Член 9
Органи во состав во Министерството од членот 7 алинеја 2 на овој закон се:
- Биро за јавна безбедност и
- Управа за безбедност и контраразузнавање.
Надлежност на Министерството
Член 10
Министерството е надлежно за вршење на внатрешните работи од членот 2 на овој закон.
Надлежност на организациските единици за потребите на Министерството
Член 11
Организациските единици за потребите на Министерството, се надлежни за вршење на стручни и граѓански работи што се однесуваат на правни работи, управување со човечки ресурси, обука, финансиски, материјално-технички и логистички работи, Европската унија, меѓународни односи и соработка, внатрешна ревизија, односи со јавноста, управни работи во врска со граѓански работи од областа на државјанството, матичниот број, личното име, патните исправи за државјаните на Република Македонија, живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, личните карти, возачките и сообраќајните дозволи, управни работи во врска со издавање на одобрение и дозволи за оружје, делови од оружје и муниција, како и прашања во врска со регулирање на промет со оружје, муниција, експлозивни и опасни материи, прекршочни работи во надлежност на Министерството, азил, аналитички работи, работи од областа на информатиката и телекомуникациите, како и други работи и задачи.
2. БИРО ЗА ЈАВНА БЕЗБЕДНОСТ
Внатрешна организациска поставеност на Бирото за јавна безбедност
Член 12
1) Внатрешната организациска поставеност на Бирото за јавна безбедност (во натамошниот текст: Бирото), се заснова на линиски и територијален принцип и е уредена со Законот за полиција.
2) Во Бирото може да се формираат и други посебни организациски единици за извршување на работите од негова надлежност, како и организациски единици за извршување на административните, стручните и техничките работи за потребите на Бирото.
Надлежност на Бирото
Член 13
Бирото е надлежно за вршење на полициски работи, на начин и под услови утврдени со Законот за полиција.
Именување и разрешување на директор на Бирото
Член 14
Со Бирото раководи директор, кој се именува и разрешува на начин и под услови утврдени со Законот за полиција.
3. УПРАВА ЗА БЕЗБЕДНОСТ И КОНТРАРАЗУЗНАВАЊЕ
Внатрешна организациска поставеност на Управата за безбедност и контраразузнавање
Член 15
1) Внатрешната организациска поставеност на Управата за безбедност и контраразузнавање (во натамошниот текст: Управата), се заснова на линиски и територијален принцип.
2) Во Управата можат да се формираат посебни организациски единици за извршување на работите од нејзина надлежност и организациски единици за извршување на административните и техничките работи за потребите на Управата.
Надлежност на Управата
Член 16
1) Управата е надлежна за вршење на внатрешните работи поврзани со безбедноста и контраразузнавањето.
2) Безбедност и контраразузнавање во смисла на ставот 1 од овој член се работи кои се однесуваат на:
- контраразузнавачка активност;
- спротивставување и заштита од тероризам;
- заштита од други активности насочени кон загрозување или насилно уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија и
- потешки форми на организиран криминал кој потекнува од или е насочен кон демократските институции на системот утврдени со Уставот на Република Македонија и може да доведе до нивно загрозување или да има влијание врз безбедноста на државата.
Именување и разрешување на директор на Управата
Член 17
1) Со Управата раководи директор кој на предлог на министерот го именува и разрешува Владата на Република Македонија за време од четири години.
2) Директорот може да биде разрешен по негово барање, кога е осуден за сторено казниво дело на казна затвор од најмалку шест месеца или заради несовесно и нестручно вршење на работата.
Одговорност на директорот на Управата
Член 18
Директорот е самостоен во извршувањето на работите на Управата и за својата работа му одговара на министерот и на Владата на Република Македонија.
Собирање на податоци
Член 19
Во вршењето на работите од својата надлежност работниците на Управата можат да собираат податоци, известувања и информации од граѓани, со користење на јавни извори, вклучувајќи увид во регистри и збирки на податоци, како и со примена на посебни мерки и постапки за тајно собирање на податоци согласно со закон.
Претходна согласност од граѓани за собирање на податоци
Член 20
Собирањето на податоци од граѓани може да се врши само со претходна согласност на лицето со кое се врши разговорот.
Користење на податоци од државни органи, јавни претпријатија и други правни лица
Член 21
1) Управата може, во вршењето на работите од својата надлжност, да побара податоци од други државни органи, јавни претпријатија и други правни лица и да изврши увид во нивните регистри и збирки на податоци согласно со закон.
2) Државните органи, јавните претпријатија и другите правни лица се должни на Управата да и овозможат непречено вршење на работите од нејзина надлежност.
Собирање на податоци со користење на тајни соработници
Член 22
1) Управата може да собира податоци со користење на тајни соработници.
2) Соработката со државјани на Република Македонија и со странци се воспоставува на доброволна основа и никој не смее да биде присилен да биде таен соработник на Управата.
Употреба на посебни мерки и постапки за тајно собирање на податоци
Член 23
Управата може да собира податоци со користење на посебни мерки и постапки за тајно собирање на податоци под услови и на начин пропишани со закон.
Обработка на лични податоци
Член 24
Управата може да обработува лични податоци согласно со целите пропишани со закон и во согласност со прописите со кои се уредува заштитата на личните податоци.
III. СОРАБОТКА
Соработка меѓу Бирото и Управата
Член 25
1) Заради непречено извршување на работите од својата надлежност, Бирото и Управата остваруваат меѓусебна соработка за прашања од нивна надлежност, со цел за успешно вршење на внатрешните работи.
2) Соработката од ставот 1 на овој член се остварува на барање на директорот на Бирото, односно Управата или од нив овластен работник.
Соработка меѓу организациските единици кои вршат стручни и граѓански работи и соработка меѓу нив и Бирото и Управата
Член 26
Организациските единици што вршат стручни и граѓански работи, за потребите на Министерството меѓусебно соработуваат и остваруваат соработка со Бирото и Управата.
IV. КАТЕГОРИИ, СТАТУС И ПОСЕБНИ ДОЛЖНОСТИ И ОВЛАСТУВАЊА НА РАБОТНИЦИТЕ ВО МИНИСТЕРСТВОТО
1. КАТЕГОРИИ И СТАТУС НА РАБОТНИЦИ
Државен секретар
Член 27
1) Државниот секретар на Министерството на предлог на министерот го именува и разрешува Владата на Република Македонија од редот на раководните работници во Министерството.
2) За државен секретар може да биде именувано лице кое покрај општите услови за засновање на работен однос во Министерството предвидени со овој закон, ги исполнува и следниве посебни услови:
- да има завршено високо образование и
- да има работно искуство од најмалку десет години.
3) Државниот секретар може да биде разрешен по негово барање, кога е осуден за сторено казниво дело на казна затвор од најмалку шест месеца или заради несовесно и нестручно вршење на работата.
4) Мандатот на државниот секретар трае колку и мандатот на Владата на Република Македонија.
Статус на министерот, заменикот на министерот, државниот секретар и раководните работници
Член 28
Министерот, заменикот на министерот, државниот секретар и раководните работници во Министерството имаат статус на овластени службени лица.
Статус на работниците на Министерството
Член 29
1) Во Министерството работниците имаат статус на:
- овластени службени лица, согласно со овој закон;
- државни службеници, согласно со Законот за државните службеници и
- работници, согласно со Законот за работните односи.
2) Овластени службени лица од ставот 1 алинеја 1 на овој член се:
- овластени службени лица за вршење стручни или граѓански работи;
- овластени службени лица за безбедност и контраразузнавање и
- полициски службеници.
Акти за организација и работа и за систематизација на работните места
Член 30
1) Министерот донесува акти за организација и работа и за систематизација на работните места во Министерството, Бирото и Управата.
2) Во актите за систематизација на работните места од ставот 1 на овој член се утврдуваат:
- називот на работното место; - бројот на извршители;
- статусот: овластено службено лице за вршење на стручни или граѓански работи, овластено службено лице за безбедност и контраразузнавање, полициски службеник, државен службеник или работно место согласно со Законот за работните односи; - посебните услови за засновање на работен однос, односно за распоредување или унапредување и
- описот и пописот на работните задачи и друго.
3) Актите за организација и работа и за систематизација на работните места во Бирото и Управата, министерот ги донесува на предлог на директорот на Бирото, односно на директорот на Управата.
2. ПОСЕБНИ ДОЛЖНОСТИ И ОВЛАСТУВАЊА НА РАБОТНИЦИТЕ
Работници во Министерството кои имаат посебни должности и овластувања
Член 31
Работниците во Министерството кои се со статус на овластени службени лица, имаат посебни должности и овластувања, утврдени со овој и друг закон, поради видот, сложеноста и тежината на работата, како и условите и начинот на нејзиното вршење.
Вршење на посебните должности и овластувања
Член 32
1) Овластените службени лица посебните должности и овластувања ги вршат на начин и под услови утврдени со овој закон и други прописи.
2) Овластените службени лица кои се полициски службеници, применуваат полициски овластувања и постапуваат на начин и под услови утврдени со овој закон, Законот за полиција и други прописи.
Собирање на податоци, известувања и информации
Член 33
Oвластените службени лица за вршење стручни или граѓански работи во вршењето на посебните должности и овластувања собираат податоци, известувања и информации од делокругот на работата на Министерството, согласно со закон.
Полициски овластувања на овластените службени лица за безбедност и контраразузнавање
Член 34
1) Министерот во актот за систематизација на работните места во Управата, ги утврдува работните места на кои овластените службени лица за безбедност и контраразузнавање имаат и можат да ги применуваат полициските овластувања на полициските службеници, на начин и под услови утврдени со Законот за полиција.
2) Овластените службени лица за безбедност и контраразузнавање од ставот 1 на овој член ги применуваат полициските овластување под услови и во обем неопходни за остварување на работите од надлежност на Управата.
3) За овластените службени лица за безбедност и контраразузнавање за кои согласно со ставот 1 на овој член е утврдено дека имаат и можат да ги применуваат полициските овластувања на полициските службеници, соодветно се применуваат и одредбите од Законот за полиција, што се однесуваат на правата и обврските на полициските службеници (редовна проверка на психофизичката и општата здравствена состојба, осигурување, покривање на трошоци во врска со лекување и слично).
Службена легитимација и значка
Член 35
1) На овластените службени лица за вршење стручни или граѓански работи и на овластените службени лица за безбедност и контраразузнавање Министерството им издава посебни службени легитимациии и значки.
2) На полициските службеници Министерството им издава службени легитимации и значки согласно со Законот за полиција.
Бесплатна правна помош
Член 36
1) Aкo против овластеното службено лица се поведе или води кривична, прекршочна или парнична постапка поради употреба на средства за присилба или заради други интервенции во вршењето на работата, како и за учество во сообраќајна незгода со моторно возило при вршењето на работата, Министерството му обезбедува бесплатна правна помош во врска со водење на постапката.
2) Министерството ќе му обезбеди бесплатна правна помош и на граѓанин кој му укажал помош на овластено службено лице во вршење на службената должност, ако против него е поведена кривична, прекршочна или парнична постапка, за дејствие сторено во врска со укажаната помош.
- V. КОНТРОЛА НА ВРШЕЊЕТО НА РАБОТИТЕ НА МИНИСТЕРСТВОТО
Видови на контрола
Член 37
Контролата на вршењето на работите на Министерството се остварува како внатрешна и надворешна контрола.
Внатрешна контрола
Член 38
1) Внатрешната контрола ја остварува посебна организациска единица за потребите на Министерството која спроведува постапки за оценување на законитоста на постапувањето на работник во Министерството.
2) Заради заштита и остварување на своите права и кога смета дека со постапувањето на работникот во Министерството се повредени неговите слободи и права, граѓанинот има право да поднесе претставка до Министерството.
3) Министерството е должно да изврши проверка на наводите во претставката од ставот 2 на овој член и во рок не подолг од 30 дена од приемот на претставката, во писмена форма да го извести подносителот за утврдената состојба и преземените мерки.
Надворешна контрола
Член 39
Надворешна контрола на работата на Министерството вршат Собранието на Република Македонија и Народниот правобранител.
Контрола од Собранието на Република Македонија
Член 40
Собранието на Република Македонија (во натамошниот текст: Собранието), врши контрола, односно надзор над работата на Управата преку соодветна комисија (во натамошниот текст: комисијата на Собранието).
Програма и извештај до комисијата на Собранието за работата на Управата
Член 41
1) До Комисијата на Собранието Управата доставува програма и извештај за работа.
2) Програмата од ставот 1 на овој член се доставува до крајот на јануари за тековната година, а извештајот за работа за претходната година се доставува до крајот на февруари наредната година.
3) Управата двапати годишно ја известува Комисијата на Собранието за извршување на активностите утврдени во програмата.
Известувања, податоци и информации што Управата ги дава на Комисијата на Собранието
Член 42
1) На барање на Комисијата на Собранието, Управата овозможува увид и ги дава на Комисијата на Собранието потребните известувања, податоци и информации од делокругот на работата на Комисијата на Собранието.
2) Сите податоци, известувања и информации доставени до Комисијата на Собранието или изнесени на седница на Комисијата, претставуваат информација со соодветен степен на класификација.
3) Членовите на Комисијата на Собранието се должни да ги заштитуваат класифицираните информации за кои дознале или до кои имале пристап во текот или во врска со работата во Комисијата на Собранието, согласно со прописите за класифицирани информации.
4) Обврската за заштита на тајноста на класифицираните информации продолжува и по престанувањето на функцијата - член на Комисијата на Собранието, односно со престанок на мандатот во Собранието, согласно со прописите за класифицирани информации.
Извештај до Собранието за работата на Комисијата
Член 43
1) Комисијата на Собранието до Собранието доставува извештај за извршената работа најмалку еднаш годишно.
2) Извештајот на Комисијата од ставот 1 на овој член претставува класифицирана информација со степен на класификација соодветен на степенот на класификација на извештајот доставен од страна на Управата.
3) Заклучоците во врска со извештајот на Комисијата на Собранието, Собранието ги доставува до Владата на Република Македонија.
Контрола од Народниот правобранител
Член 44
Народниот правобранител врши контрола на работата на работниците во Министерството на начин и под услови утврдени со посебен закон.
VI. РАБОТНИ ОДНОСИ
1. ЗАСНОВАЊЕ НА РАБОТЕН ОДНОС
Прописи со кои се уредени правата и обврските од работен однос на работниците во Министерството
Член 45
Правата и обврските од работниот однос, работниците во Министерството ги остваруваат согласно со овој закон, Законот за полиција, Законот за државните службеници, прописите за работните односи и Колективниот договор на Министерството.
Услови за засновање на работен однос во Министерството
Член 46
1) Работен однос во Министерството може да заснова лице кое ги исполнува следниве општи услови:
- да е државјанин на Република Македонија;
- да е полнолетен;
- да има завршено најмалку четиригодишно средно образование;
- да е здравствено и психофизички способно и
- со правосилна пресуда да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност.
2) Со актот за систематизација на работните места во Министерството, Бирото и Управата, можат да се утврдат и посебни услови за засновање на работен однос во Министерството.
Здравствена комисија
Член 47
1) Психофизичката и општата здравствена способност на лицата и работниците од членот 46 став 1 алинеја 4 и членот 89 став 1 на овој закон, ја утврдува здравствена комисија, што ја формира министерот.
2) Здравствената комисија од ставот 1 на овој член е составена од претседател и четири члена, од кои најмалку двајца лекари - специјалисти. По потреба, здравствената комисија може да има и повеќе лекари - специјалисти.
Принципи на правична застапеност и еднаквост меѓу половите
Член 48
1) При вработување во Министерството треба да бидат соодветно и правично застапени и граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, со почитување на критериумите на стручност и компетентност.
2) При вработување во Министерството се почитува принципот на еднаквост на половите.
Начини на засновање работен однос во Министерството
Член 49
1) Работен однос во Министерството се заснова врз основа на јавен оглас на начин и под услови утврдени со овој и посебен закон.
2) По исклучок, работен однос без јавен оглас во Министерството се заснова за работни места, што во актот за систематизација на работните места се утврдени со статус - овластени службени лица, како и за стипендисти на Министерството.
3) Работен однос без јавен оглас во Министерството може да се заснова и со работник на друг орган на државната управа, општинската администрација и администрацијата на градот Скопје, ако за тоа се согласат функционерите кои раководат со тие органи и работникот.
Засновање на работен однос на работно место - полицаец
Член 50
1) На работно место - полицаец, работен однос во Министерството се заснова само врз основа на јавен оглас, на начин и под услови утврдени со овој и посебен закон.
2) Од лицата кои се јавиле на огласот од ставот 1 на овој член, врз основа на спроведена постапка за селекција се врши избор на лица - кандидати за полицаец.
3) Кандидатите за полицаец од ставот 2 на овој член се упатуваат на основна обука за полицаец во Центарот за обука на Министерството (во натамошниот текст: Центарот).
4) Договор за вработување за работно место - полицаец се склучува со кандидатот за полицаец, кој ја завршил основната обука за полицаец и кој врз основа на постигнатите резултати соодветно е внесен во ранг-листата изготвена од страна на Центарот.
Видови на договори за вработување
Член 51
1) Со лице кое за првпат започнува да врши работа, соодветна на видот на своето стручно образование и нема претходно работно искуство, Министерството склучува договор за вработување како приправник за одредено работно место и лицето се оспособува за самостојно вршење на работите со спроведување на обука на начин и под услови утврдени со овој закон. Приправничкиот стаж трае девет месеца.
2) Со лице кое започнува да врши работа во Министерството соодветна на видот на своето стручно образование и има претходно работно искуство, но не во областа за која се склучува договорот за вработување, се склучува договор за вработување за конкретното работно место и лицето се оспособува за самостојно вршење на работите со спроведување на обука во траење од девет месеца, на начин и под услови утврдени со овој закон.
3) Со лице кое започнува да врши работа во Министерството соодветна на видот на своето стручно образование и има претходно работно искуство во областа за која се склучува договорот за вработување, се склучува договор за вработување за конкретното работно место за кое е утврдена потреба за пополнување.
Изјава
Член 52
1) Лицата кои склучуваат договор за вработување се должни при вработување во Министерството да потпишат изјава со следниов текст: “Се обврзувам дека во својата работа ќе ги почитувам Уставот и законите на Република Македонија и дека совесно и уредно ќе ги вршам внатрешните работи и ќе ги почитувам основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори“.
2) Потпишаната изјава од ставот 1 на овој член се чува во персоналното досие на работникот на Министерството.
3) Ако работникот на Министерството одбие да ја потпише изјавата од ставот 1 на овој член, ќе се смета дека договорот за вработување не е склучен.
2. ОБУКА
Обврска за обука
Член 53
1) Работник на Министерството има право и должност да се обучува во согласност со потребите на Министерството.
2) На работникот од ставот 1 на овој член кој ќе заврши обука во Центарот, му се издава потврда за завршена обука.
Случаи кога се спроведува обука во Министерството
Член 54
Обука во Министерството се спроведува во следниве случаи:
- кога определено лице за прв пат заснова работен однос (обука на приправник);
- кога определено лице врз основа на спроведена постапка за селекција е избрано за кандидат за полицаец (основна обука за полицаец);
- заради оспособување на работник за самостојно вршење на работите на одредено работно место и
- заради континуирана обука на работник.
Испит за приправник и за работник кој се оспособува за самостојно вршење на работите во Министерството
Член 55
Во случаите од членот 54 алинеи 1 и 3 на овој закон работникот по истекот на обуката полага посебен испит на начин и во постапка утврдени со Колективниот договор на Министерството.
Договор за обука на работник во Министерството
Член 56
1) Со работник што се упатува на обука Министерството склучува договор во писмена форма.
2) Со договорот од ставот 1 на овој член се уредуваат меѓусебните права и обврски на работникот и Министерството, на начин и под услови утврдени со овој закон и се утврдува дека работникот е должен да остане во работен однос во Министерството на работно место на кое се вршат исти или сродни работи двапати повеќе од времето поминато на обука, односно најмалку две години ако обуката траела помалку од една година.
3) Работникот кој нема да ги исполни условите од ставот 2 на овој член е должен да ги надомести трошоците направени за неговата обука зголемени за три пати.
Надлеженост за спроведување на обука
Член 57
1) Обуката од членот 54 на овој закон, во Министерството се спроведува од страна на:
- ментор или - Центарот.
2) Обука на работници може да се врши и на друг начин, со ангажирање на други лица и субјекти.
2.1. ОБУКА ОД СТРАНА НА МЕНТОР
Обука од страна на ментор
Член 58
1) За ментор се назначува работник во Министерството, на предлог на раководен работник.
2) Назначувањето од ставот 1 на овој член го врши министерот со посебно решение.
3) Менторот врши обука на:
- приправник кога Министерството склучува договор за вработување со помалку од седум лица и
- работник за самостојно вршење на работите за одредено работно место.
Начин на спроведување обука од страна на ментор
Член 59
1) Обуката на лицата од членот 58 на овој закон менторот ја врши врз основа на програма.
2) Содржината на програмата и начинот на спроведување на обуката од страна на менторот ги утврдува министерот, на предлог на раководителот на сооодветната организациска единица во Министерството, Бирото и Управата.
3) По истекот на обуката, менторот изготвува извештај за спроведената обука што го доставува до раководителот на организациската единица каде што работникот се обучува.
2.2. ОБУКА ВО ЦЕНТАР
Видови на обука
Член 60
Во Центарот се спроведува:
- обука заради оспособување за самостојно вршење на работите кога се склучува договор за вработување со седум или повеќе лица во Министерството кои за прв пат засноваат работен однос (обука на приправници);
- основна обука за полицаец;
- обука заради оспособување на работник за самостојно вршење на работите на одредено работно место и
- континуирана обука.
2.3. ОБУКА НА ПРИПРАВНИЦИ
Договор за обука со приправници на Министерството
Член 61
1) За упатување на обука за приправници кога Министерството склучува договор за вработување, Министерството со работникот што се упатува на обука за приправник склучува договор согласно со членот 56 на овој закон.
2) Работникот кој нема да ги исполни условите од договорот од ставот 1 на овој член е должен да ги надомести трошоците направени за неговата обука зголемени за три пати.
2.4. ОСНОВНА ОБУКА ЗА ПОЛИЦАЕЦ
Комисија за избор на кандидати за полицец
Член 62
1) Основна обука за полицаец се врши на кандидатите за полицаец избрани на јавниот оглас од членот 50 став 1 на овој закон.
2) Изборот на лица - кандидати за полицаец од членот 50 став 2 на овој закон го врши Комисија за избор на кандидати за полицаец, врз основа на спроведена постапка за селекција.
3) Комисијата од ставот 2 на овој член е составена од претседател, четири члена и нивни заменици.
4) Комисијата ја формира министерот.
5) На основна обука за полицаец од ставот 1 на овој член, Комисијата упатува за 10% поголем број на лица сметано од вкупниот број на лица за кои е утврдена потреба да се склучи договор за вработување во Министерството за работното место полицаец.
Договор за основна обука за полицаец
Член 63
1) Со кандидатите за полицаец од членот 62 став 1 на овој закон, Министерството склучува договор за основна обука за полицаец.
2) Со договорот за обука од ставот 1 на овој член се регулираат посебните права и обврски меѓу Министерството и кандидатот за полицаец.
Траење на основната обука за полицаец
Член 64
Основната обука за полицаец трае една година.
Интернатско сместување
Член 65
Во текот на основната обука за полицаец, кандидатот за полицаец задолжително престојува во Центарот (интернатско сместување), каде што има обезбедено сместување и исхрана.
Потврда за спроведена основна обука за полицаец
Член 66
По истекот на обуката од членот 64 на овој закон, Центарот врз основа на покажаните резултати на кандидатите за полицаец во текот на обуката, изготвува ранг-листа и на кандидатите за полицаец им се издава потврда за завршена основна обука за полицаец.
Договор за вработување
Член 67
1) Со кандидатите за полицаец од ранг-листата од членот 66 на овој закон, Министерството склучува договор за вработување, со кој кандидатите за полицаец се стекнуваат со статус на полицаец - приправник.
2) Со договорот од ставот 1 на овој член се уредуваат меѓусебните права и обврски и се утврдува дека полицаецот - приправник е должен да остане на работа во Министерството најмалку пет години сметано од денот на склучувањето на договорот за вработување.
3) Полицаецот - приправник кој нема да ги исполни условите од ставот 2 на овој член е должен да ги надомести трошоците направени за неговата обука зголемени за три пати.
Право на лицето - кандидат за полицаец, кој не склучил договор за вработување со Министерството
Член 68
1) Лицето - кандидат за полицаец, од ранг-листата од членот 66 на овој закон, кој не склучил договор за вработување со Министерството, а повторно конкурира на друг јавен оглас објавен за работно место - полицаец во Министерството, за кое ги исполнува условите за засновање на работен однос во Полиција согласно со Законот за полиција, е должно да достави и потврда за завршена основна обука за полицаец во Министерството.
2) Со лицето од ставот 1 на овој член, Министерството не склучува договор за основна обука за полицаец и лицето не го испраќа повторно на обука, туку врз основа на приложената потврда за завршена основна обука за полицаец и остварените резултати на обуката што ја посетувало кога ја стекнало потврдата, Центарот го внесува во ранг-листата што ја изготвува за кандидатите за полицаец.
Должност за надоместување на трошоците за сместување, исхрана и задоволување на други потреби во Центарот
Член 69
Кандидатот за полицаец кој ќе биде исклучен по негова вина од натамошно спроведување на основната обука за полицаец, кандидадот за полицаец на кого по негово барање ќе му престане основната обука за полицаец, како и полицаец - приправник кој ќе одбие да работи на работно место - полицаец, на кое ќе биде распореден по завршувањето на основната обука и склучување на договорот за вработување, е должен да ги надомести трошоците за сместување, исхрана и задоволување на другите потреби во Центарот.
Траење на приправничкиот стаж на полицаец-приправник
Член 70
Приправничкиот стаж на полицаецот - приправник трае шест месеца.
2.5. ОБУКА ЗАРАДИ ОСПОСОБУВАЊЕ НА РАБОТНИК ЗА САМОСТОЈНО ВРШЕЊЕ НА РАБОТИТЕ НА ОДРЕДЕНО РАБОТНО МЕСТО
Договор за обука
Член 71
1) За упатување на обука заради оспособување за самостојно вршење на работите на одредено работно место, Министерството со работникот што се упатува на обука склучува договор за обука.
2) Со договорот од ставот 1 на овој член се регулираат посебните права и обврски меѓу Министерството и работникот.
3) Работникот кој нема да ги исполни условите од договорот од ставот 1 на овој член, е должен да ги надомести трошоците направени за неговата обука зголемени за три пати.
2.6. КОНТИНУИРАНА ОБУКА
Цел на континуираната обука
Член 72
Континуирана обука на работници во Министерството се врши заради поуспешно вршење на работните задачи од страна на работникот на работното место на кое е распореден, односно заради обезбедување на ефикасно извршување на функцијата на Министерството.
2.7. СПРОВЕДУВАЊЕ НА ОБУКА ОД СТРАНА НА РАБОТНИК ВО МИНИСТЕРСТВОТО
Спроведување на обука од страна на работник во Министерството
Член 73
1) Обука може да врши и работник кој работи на одредено работно место во организациска единица во Министерството, согласно со природата на работите што се вршат на работното место на кое е распореден и по претходно завршена обука.
2) Со работникот од ставот 1 на овој член Министерството склучува договор за обучувач.
3) Работникот од ставот 2 на овој член не може по потреба на Министерството или по негово барање да биде распореден на работно место на кое не се вршат исти или сродни работи со работите што се вршат на работното место на кое е распореден во рок од три години од склучувањето на договорот за обучувач.
4) По исклучок од ставот 3 на овој член, доколку работникот по негово барање биде распореден на работно место на кое не се вршат исти или сродни работи со работите што се вршат на работното место на кое дотогаш бил распореден, е должен да ги надомести трошоците за обуката зголемени за три пати.
3. ПЛАТА И НАДОМЕСТОК НА ПЛАТА НА РАБОТНИЦИТЕ ВО МИНИСТЕРСТВОТО
Плата и надоместок на плата
Член 74
1) Работникот има право на плата и надоместок на плата, согласно со закон, Колективен договор на Министерството и договор за вработување.
2) Плаќањата од ставот 1 на овој член се остваруваат согласно со овој закон, Законот за полиција, Колективниот договор на Министерството и прописите за работните односи.
Составни делови на плата
Член 75
1) Платата на овластено службено лице во Министерството се состои од: - основна компонента и - исклучителна компонента.
2) Основната компонента на платата ја сочинуваат:
- основна плата;
- зголемување за 20%, односно за 30% за овластени службени лица и
- додаток за кариера.
3) Исклучителната компонента на платата ја сочинуваат:
- додаток за работна успешност;
- работен додаток на плата и
- вонреден работен додаток на плата (прекувремена работа).
3.1. ОСНОВНА КОМПОНЕНТА НА ПЛАТА Основна плата
Член 76
1) Со основната плата се вреднува образованието и сложеноста на работите на работното место утврдено со актот за систематизација на работните места, на кое овластеното службено лице е рапоредено, како и неговото работно искуство.
2) Образованието и сложеноста од ставот 1 на овој член се вреднуваат согласно со Колективниот договор на Министерството, во зависност од видот и природата на работите што се вршат на работното место.
3) Работното искуство се вреднува во износ од 0,5% од делот на основната плата со кој се вреднува образованието и сложеноста за работното место, за секоја започната работа пензиски стаж, а најмногу до 20%.
Зголемување на износот на средствата наменети за плата за 20% и за 30%
Член 77
Поради видот, природата и сложеноста на работите што се извршуваат, како и поради тежината на работите и посебните услови под кои тие се извршуваат, на овластените службени лица во Министерството се врши вреднување на работата со зголемување на износот на средствата наменети за плата, и тоа:
- на овластените службени лица кои вршат стручни или граѓански работи и на овластените службени лица за безбедност и контраразузнавање, кои согласно со актот за систематизација на работните места во Управата немаат полициски овластувања се врши зголемување за 20% и
- на полициските службеници согласно со Законот за полиција и на овластените службени лица за безбедност и контраразузнавање кои согласно со актот за систематизација на работните места во Управата имаат полициски овластувања, се врши зголемување за 30%.
Додаток за кариера
Член 78
1) Со додатокот за кариера се врши вреднување на професионалноста на овластеното службено лице во Министерството со што се обезбедува стимулација за успешност и стручно извршување на работите, професионален развој на работното место и постојаност во работата.
2) Стекнувањето на додатокот за кариера зависи од овластеното службено лице - поединец кој треба да ги исполни условите утврдени со овој закон за унапредување во платен ранг.
3) Вреднувањето од ставот 1 на овој член се врши во процентуален износ во висина од 5%, што се смета на основната плата, доколку овластеното службено лице на работното место на кое работи е унапредено во платен ранг утврден со овој закон.
4) Утврдениот износ од ставот 3 на овој член претставува составен дел на основната плата и на тој износ се врши наредното вреднување на додатокот за кариера, кога лицето е унапредено во нов повисок платен ранг.
3.2. ИСКЛУЧИТЕЛНА КОМПОНЕНТА НА ПЛАТА
Додаток за работна успешност
Член 79
1) Додатокот за работна успешност на овластеното службено лице се определува сразмерно на извршените работи на работното место на кое работи, односно доверените работи и неговиот придонес во вкупното работење на организациската единица во која работи и Министерството во целина.
2) Додатокот од ставот 1 на овој член, постапката на неговото утврдување, како и висината се уредува со Колективниот договор на Министерството.
Работен додаток на плата и вонреден работен додаток на плата
Член 80
1) Работниот додаток на плата се исплаќа за ноќна работа, работа во недела, работа за време на празници утврдени со закон, работа во смени, како и заради посебни услови за работа и опасност по живот, односно постоење на висок ризик во извршувањето на работите и задачите на овластените службени лица во одредени организациски единици утврдени со Колективниот договор на Министерството.
2) Вонредниот работен додаток на плата се исплаќа за работа подолга од полно работно време - прекувремена работа.
3) Работниот додаток на плата од ставот 1 на овој член и вонредниот работен додаток на плата од ставот 2 на овој член, како и нивната висина и постапката за нивно утврдување се уредуваат со Колективниот договор на Министерството.
4. ПЛАТА НА ПРИПРАВНИК И ПЛАТА НА РАБОТНИК ЗА ВРЕМЕ НА ОБУКА
Плата на приправник и плата за време на обука на работник кој нема статус на приправник
Член 81
1) Платата на приправник се утврдува во висина од 80% од износот на најниската основна плата што се исплаќа во Министерството за соодветниот вид на образование.
2) За време на обуката на работникот кој нема статус на приправник му се исплаќа плата во висина од 80% од основната плата утврдена за работното место за кое е склучен договорот за вработување.
Плата за време на обука заради оспособување на работник за самостојно вршење на работите на одредено работно место
Член 82
За време на обуката заради оспособување на работник за самостојно вршење на работите на работното место на кое е распореден, на работникот му се исплаќа 80% од основната плата утврдена за работното место на кое се распоредува.
5. НАДОМЕСТОЦИ НА ПРИПАДНИК НА РЕЗЕРВЕН СОСТАВ
Надоместоци што им припаѓаат на припадниците на резервниот состав
Член 83
1) За извршување на работите и задачите на припадниците на резервниот состав им припаѓаат следниве надоместоци:
- надоместок за извршување на работите и задачите; - трошоци за сместување;
- еднократна парична помош во случај на смрт, повреда или оштетување на организмот; - погребни и други трошоци и
- други надоместоци на плата утврдени со Колективниот договор на Министерството.
2) Припадниците на резервниот состав кои се во работен однос или вршат самостојна дејност, примаат паричен надоместок по основ на невработеност или примаат пензија, имаат право на паричен надоместок во висина на плата или надоместок исплатен за последниот месец пред повикувањето или ангажирањето, односно во висина на пензијата.
3) Припадниците на резервниот состав кои не се во работен однос имаат право на паричен надоместок во висина на нето платата на работник на Министерството на работно место полицаец, за полно работно време и просечен ефект.
4) Припадниците на резервниот состав од ставот 2 на овој член имаат право и на разлика од надоместокот до висината на нето платата на работник на Министерството на работното место полицаец, доколку надоместокот е понизок од платата.
5) Висината на другите надоместоци од ставот 1 на овој член се утврдува согласно со Колективниот договор на Министерството.
6) Средствата за надоместок од ставот 1 на овој член се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.
6. РАСПОРЕДУВАЊЕ НА РАБОТНИК
Распоредување на друго работно место
Член 84
1) Работник во Министерството може во текот на работниот однос да биде распореден на друго работно место, различно од она на кое претходно работел, во транспарентна постапка, на негово барање или по потреба на Министерството.
2) По исклучок од ставот 1 на овој член, транспарентноста на постапката не се однесува на распоредување на работници на определени работни места во Бирото и Управата.
3) Одлука за распоредување на работникот од ставот 1 на овој член донесуваат посебни комисии од членот 106 на овој закон.
Услови за распоредување на работник
Член 85
Распоредување на работник може да се изврши само ако се исполнети следниве услови:
- работното место на кое се распоредува работникот е во организациска единица во местото на живеалиште на работникот;
- работното место на кое се распоредува е слободно или упразнето;
- работникот во целост ги исполнува условите пропишани во актот за систематизација на работните места утврдени за работното место на кое се врши распоредување (вид на образование, потребно работно искуство и слично) и
- на работното место на кое работникот се распоредува, се вршат исти или сродни работи со работите што се вршат на работното место од кое работникот се распоредува.
Распоредување од времен карактер
Член 86
1) Распоредување на работник на друго работно место може да биде и од времен карактер, поради замена на привремено отсутен работник.
2) Распоредувањето од ставот 1 на овој член може да трае најмалку еден месец, а најмногу една година.
Распоредување на барање на работникот
Член 87
Работник во Министерството може да биде распореден на друго работно место и на негово барање, доколку ги исполнува условите од членот 85 на овој закон.
Распоредување по потреба на Министерството
Член 88
1) По потреба на Министерството, работник може да биде распореден на друго работно место, кога:
- се исполнети условите од членот 85 на овој закон и кога за работното место на кое се распоредува работникот е утврдена основна плата што е еднаква со основната плата од работното место од кое се распоредува и - во Министерството се вршат промени во организациската структура или во
однос на бројот на работните места во актите за организација и работа и за систематизација на работните места на Министерството, а нема потреба да се намали бројот на вработените, доколку се исполнети условите од членот 85 на овој закон и кога за работното место на кое се распоредува работникот е утврдена основна плата што е еднаква со основната плата од работното место од кое се распоредува.
2) Во случај кога поради причините од ставот 1 алинеја 2 на овој член нема слободно работно место, работникот се распоредува на друго работно место за кое се исполнети условите од членот 85 алинеи 1, 2 и 3 на овој закон, при што ја задржува основната плата од работното место од кое се распоредува, доколку за него е поповолна.
Распоредување во други случаи
Член 89
1) Покрај распоредувањето од членот 88 на овој закон, работник може да биде распореден на друго работно место согласно со членот 85 на овој закон и кога со одлука на здравствената комисија е утврдено дека работникот е неспособен за вршење на работите и задачите на работното место каде што работи заради нарушена психофизичка или општа здравствена способност која настапила како последица од повреда при работа или професионална болест.
2) Работникот од ставот 1 на овој член ги задржува сите права од работен однос од работното место од кое се распоредува.
Распоредување на работник на Министерството надвор од местото на неговото живеалиште
Член 90
1) По исклучок од членот 85 алинеја 1 на овој закон работник на Министерството по негово барање или по потреба на Министерството, може да биде распореден и во организациска единица различна од организациската единица на Министерството во која дотогаш работел која е надвор од местото на неговото живеалиште, во случај кога се исполнети условите од членот 85 алинеи 2, 3 и 4 на овој закон, заради:
- недостаток на работници со соодветна стручна подготовка и работна способност за конкретните работи и задачи и - давање стручна помош во извршувањето на работите и задачите на
организациската единица во која се распоредува работникот.
2) Распоредувањето на работникот од ставот 1 на овој член се врши за временски период од најмногу шест месеца и не може да се изврши распоредување на работникот по истиот основ пред истекот на четири години од истекот на последното распоредување.
Права на работникот во случај на негово распоредување надвор од местото на неговото живеалиште
Член 91
1) Рaботникот распореден согласно со членот 90 на овој закон има право на основна плата во висина на основната плата што ја имал на работното место од кое е распореден, доколку за него е поповолна. Доколку со распоредувањето од членот 90 на овој закон се врши унапредување на работникот, работникот има право на основна плата во висина на основната плата на работното место на кое се распоредува, односно унапредува.
2) Покрај правото од ставот 1 на овој член работникот има право и на надоместок во висина на едномесечна нето плата остварена во последниот месец пред распоредувањето, надоместок за патни и селидбени трошоци, обезбедено сместување или стан, седум дена платено отсуство по истекот на три месеца и надоместок на трошоци за превоз заради посета на потесното семејство од кое работникот живее одвоено.
Причини поради кои работникот не може да биде распореден на друго работно место
Член 92
Работник во Министерството не може да биде распореден на друго работно место за време на отсуство од работа поради болест или повреда, бременост, раѓање и родителство, како и за време на другите случаи на платено и неплатено отсуство од работа, согласно со овој закон и прописите за работни односи.
Начин на вршење на распоредување
Член 93
1) Распоредување на работник се врши со решение што го донесува министерот или од него овластен раководен работник.
2) Во решението од ставот 1 на овој член се образложуваат и причините поради кои се врши распоредувањето.
3) На работник кој од неоправдани причини во рок од три дена од денот на врачувањето на решението не се јави на работното место на кое е распореден, Министерството му го откажува договорот за вработување.
Задржување на бројот на остварените платни рангови од претходното работно место
Член 94
Ако работникот е распореден на друго работно место, за кое е утврдена основна плата што е еднаква со основната плата од работното место од кое се распоредува работникот и ако на работното место на кое се распоредува се вршат исти или сродни работи со работите што ги вршел работникот на претходното работно место, работникот го задржува бројот на платните рангови што ги остварил на работното место од каде што е распореден.
7. УНАПРЕДУВАЊЕ НА ОВЛАСТЕНИ СЛУЖБЕНИ ЛИЦА НА МИНИСТЕРСТВОТО
Унапредување на овластени службени лица
Член 95
Овластено службено лице на Министерството може да биде унапредено:
- во повисок платен ранг на работното место на кое работи и
- на друго работно место, кое согласно со хиерархијата на работни места утврдени во актот за систематизација на работните места е еден степен повисоко од работното место на кое дотогаш работело.
Критериуми за унапредување
Член 96
1) Унапредувањето се врши во транспарентна постапка, врз основа на професионалните квалитети и квалификации на овластеното службено лице, неговите работни способности, завршените обуки во текот на работниот однос и начинот на извршување на работните обврски, независно од полот, расата, бојата на кожата, политичкото и верското уверување.
2) По исклучок од ставот 1 на овој член транспарентноста на постапката нема да се однесува на унапредување на работници на определени работни места во Бирото и Управата.
7.1. УНАПРЕДУВАЊЕ ВО ПОВИСОК ПЛАТЕН РАНГ
Платен ранг
Член 97
1) На работно место, за кое во актот за систематизација е утврден статус на овластено службено лице, работникот може да биде унапреден најмногу за пет платни ранга.
2) Со унапредување во првиот платен ранг, како и во секој нареден повисок платен ранг, овластеното службено лице стекнува додаток за кариера на основната плата, на начин и под услови утврдени со овој закон.
Услови за унапредување во повисок платен ранг
Член 98
1) Овластено службено лице може да биде унапредено во повисок платен ранг на работното место на кое работи, доколку ги исполнува следниве услови:
- најмалку три години работи на работното место на кое е распоредено – за унапредување во прв платен ранг, односно работи најмалку три години во претходниот платен ранг на работното место - за унапредување во повисок платен ранг и - во временскиот период од ставот 1 алинеја 1 на овој член има добиено вкупно
три позитивни оцени “задоволува“ или “се истакнува“.
2) Овластеното службено лице кое ќе биде оценето со оцена “се истакнува“ две години едноподруго може да биде унапредено во повисок платен ранг за една година порано од рокот утврден во ставот 1 алинеја 1 на овој член.
Временски период во кој овластеното службено лице не може да биде унапредено во повисок платен ранг
Член 99
Овластено службено лице не може да биде унапредено во повисок платен ранг и покрај тоа што ги исполнува условите од членот 98 на овој закон, пред истекот на две години од денот на правосилноста на одлуката со која во дисциплинска постапка му е изречена дисциплинска мерка од членот 142 на овој закон.
Временска динамика за проверка на исполнувањето на условите за унапредување во повисок платен ранг
Член 100
Исполнувањето на условите за унапредување во повисок платен ранг се проверува три пати годишно и тоа на 1 јануари, 1 мај и 1 септември за сите овластени службени лица на Министерството.
Постапка за унапредување во повисок платен ранг
Член 101
1) Овластеното службено лице, на предлог на непосредниот раководен работник, се унапредува во соодветен платен ранг на работното место на кое работи, со одлука на министерот, односно директорот на Бирото или директорот на Управата, во зависност од организациската поставеност на организациската единица во која работи овластеното службено лице чие унапредување се предлага, ако ги исполнува условите за унапредување во повисок платен ранг, утврдени со овој закон.
2) На работникот од ставот 1 на овој член за кој е утврдено дека ги исполнува условите за унапредување во повисок платен ранг, му се издава решение со кое се утврдува платниот ранг во кој е унапреден.
3) Решението од ставот 2 на овој член се донесува во рок од 30 дена од денот на утврдување дека се исполнети условите утврдени со овој закон, врз основа на кое на овластеното службено лице му следува плата во согласност со овој закон од првиот ден на наредниот месец од месецот на издавање на решението.
7.2. УНАПРЕДУВАЊЕ НА ДРУГО РАБОТНО МЕСТО
Услови за унапредување на друго работно место
Член 102
Овластено службено лице може да биде унапредено на друго работно место согласно со членот 95 алинеја 2 на овој закон, доколку ги исполнува следниве услови:
- работното место на кое се унапредува е слободно;
- во целост ги исполнува условите утврдени во актот за систематизација на работните места за работното место на кое се врши унапредувањето;
- ги има завршено обуките утврдени за работното место на кое се унапредува;
- било оценето со оцени на начин и под услови утврдени со овој закон;
- поминала најмалку една година од неговото последно унапредување и
- во последните три години не било казнувано поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со закон, Колективен договор на Министерството и договор за вработување.
Категории во кои се врши унапредување на овластени службени лица на друго работно место
Член 103
1) За унапредување на друго работно место се утврдени следниве категории:
- I раководни работници со високо образование;
- II стручни работници со високо образование и
- III работници со средно образование.
2) Унапредувањето во категориите од ставот 1 на овој член се врши на начин и под услови утврдени со овој закон.
Начин на унапредување на друго работно место
Член 104
1) Овластено службено лице од III категорија може да биде унапредено на повисоко работно место, доколку пет пати биде оценето со оцена “задоволува“, или три пати биде оценето со оцена “се истакнува“.
2) Овластено службено лице од II и I категорија може да биде унапредено на повисоко работно место, доколку четири пати биде оценето со оцена “задоволува“, или три пати биде оценето со оцена “се истакнува“.
3) Овластено службено лице од II категорија може да биде унапредено на работно место од I категорија, доколку пет пати биде оценето со оцена “се истакнува“.
4) По исклучок, овластено службено лице може да биде унапредено на повисоко работно место кога ќе биде оценето со оцена “се истакнува“ и неговата работа заради исклучителна оспособеност, доверливост и постигнатите резултати е од посебно значење за работата на Министерството.
5) Бројот на унапредувањата од ставoт 4 на овој член не смее да надмине 5% од вкупниот број на унапредувања.
6) За унапредувањето од ставoт 4 на овој член се одлучува на предлог на непосредниот раководен работник.
Забрана за прескокнување на работни места
Член 105
Во процесот на унапредувањето на друго работно место не смее да се врши прескокнување на степенот на работно место во хиерархијата на работни места утврдени во актот за систематизација на работните места.
- 8. ОДЛУКА ЗА РАСПОРЕДУВАЊЕ И УНАПРЕДУВАЊЕ
Комисии за распоредување и унапредување
Член 106
1) Одлука за распоредување и унапредување на овластени службени лица донесуваат посебни комисии за распоредување и унапредување, што ги формира министерот.
2) Комисиите од ставот 1 на овој член се составени од претседател, четири члена и нивни заменици, од кои еден член и заменик се претставници на синдикатот, а еден член и заменик е променлив и е раководител на организациската единица каде што е систематизирано работното место за кое се спроведува постапка за распоредување, односно унапредување.
9. ОЦЕНУВАЊЕ НА ОВЛАСТЕНИ СЛУЖБЕНИ ЛИЦА НА МИНИСТЕРСТВОТО
Оценување на овластените службени лица
Член 107
1) Работата на овластените службени лица, освен работата на министерот, државниот секретар, заменикот на министерот и директорите на Бирото и Управата, се оценува најдоцна до крајот на првото тримесечје во тековната година за претходната календарска година.
2) Овластено службено лице кое отсуствало од работа подолго од шест месеца во текот на една календарска година (боледување, неплатено отсуство и слично), како и работникот во Министерството кој за првпат засновал работен однос во Министерството во годината за која се врши оценувањето и работел пократко од шест месеца, нема да биде оценувано.
Критериуми за оценување на овластено службено лице
Член 108
Оценување на овластено службено лице се врши врз основа на подготвен профил на работно место, како и критериумите што се однесуваат на резултатите од неговата работа, како и личните квалитети што тој ги покажал во текот на работењето, и тоа:
- стручност;
- обем на работа (колку работа завршил);
- навременост (кога ги завршил работите);
- самостојност;
- креативност;
- прецизност;
- доверливост;
- соработка;
- организирање на работата;
- интердисциплинарност;
- однос кон странките;
- комуникација и
- други способности поврзани со работата.
Видови на оцени
Член 109
Оценување на овластено службено лице се врши со следниве оцени:
- се истакнува;
- задоволува;
- делумно задоволува и
- не задоволува.
Субјект надлежен за оценување на овластено службено лице
Член 110
1) Оценувањето на овластено службено лице го врши неговиот непосреден раководен работник.
2) По исклучок од ставот 1 на овој член, доколку во организациската единица во која работникот работи, нема раководен работник, оценувањето го врши непосредно повисокиот раководен работник.
3) Доколку раководниот работник во организациската единица, во текот на годината биде распореден на друго работно место, или му престане вработувањето, оценувањето на овластените службени лица со кои раководел го врши новиот непосредно раководен работник, врз основа на писмен извештај што претходниот непосредно раководен работник задолжително го изготвува.
Обврска за известување на овластеното службено лице за извршеното оценување
Член 111
1) Овластеното службено лице мора да биде известено за извршеното оценување од страна на непосредниот раководен работник, најдоцна во рок од 15 дена од извршеното оценување.
2) Известувањето од ставот 1 на овој член работникот го потврдува во образецот за оценување.
Обврска за известување на непосредно претпоставениот раководен работник за извршеното оценување
Член 112
Раководниот работник кој го врши оценувањето е должен да го запознае непосредно претпоставениот раководен работник, односно министерот за извршеното оценување.
Право на приговор
Член 113
1) Овластеното службено лице кое не е задоволно од оцената може, во рок од осум дена од денот на известувањето за извршеното оценување, да поднесе приговор до комисиите за преиспитување на оцената што ги формира министерот.
2) Комисиите од ставот 1 на овој член се составени од претседател, двајца членови и нивни заменици, од кои еден член и заменик се претставници на синдикатот.
10. ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ НА РАБОТНИЦИТЕ ВО МИНИСТЕРСТВОТО
Должности на работникот при вршење на работите
Член 114
1) Работникот во Министерството е должен работите да ги врши совесно, стручно, ефикасно, уредно и навремено во согласност со Уставот, законите и другите прописи.
2) Работникот во Министерството е должен да ја врши својата работа непристрасно и без влијание, да не се раководи од своите лични финансиски интереси, да не ги злоупотребува овластувањата и статусот што ги има и да го штити угледот на Министерството.
Обврска за чување на тајноста на податоците и информациите
Член 115
1) Работникот во Министерството е должен да ја чува тајноста на информациите и податоците за кои дознал во вршењето или по повод вршењето на внатрешните работи, а кои согласно со закон или пропис донесен врз основа на закон претставуваат личен податок или се определени со соодветен степен на класификација.
2) Обврската за чување на тајноста на податоците и информациите од ставот 1 на овој член трае и по престанокот на работниот однос во Министерството.
Право на осигурување
Член 116
Министерството е должно да ги осигури работниците во Министерството за случај на смрт, телесно оштетување, или губење на работната способност.
Право во случај на губење на живот на работник во Министерството и права на граѓанин
поради укажување на помош на работник во Министерството
Член 117
1) Работник во Министерството кој при вршењето или во врска со вршењето на работите ќе го загуби животот, ќe се погребе на трошок на Министерството, a на семејството на работникот му припаѓа еднократен паричен надоместок во висина на вкупниот износ од остварените нето плати во последните 12 месеца.
2) Граѓанин кој на барање од работник во Министерството му укажe помош при вршење на работите и притоа биде повреден, настапи болест како последица или во врска со активностите што ги преземал и поради тоа биде спречен за работа најмалку три месеца, а не е осигуран по друг основ има право на лекување на трошок на Фондот за здраствено осигурување, а во случај да стане неспособен за работа, ги има истите права од пензиско-инвалидско и здравствено осигурување како и лицата кои претрпеле несреќа на работа.
3) Ако при укажувањето на помошта од ставот 2 на овој член граѓанинот го загуби животот, семејството ги има правата од ставот 1 на овој член и правата од пензиско осигурување како семејство на работник во Министерството кој го загубил животот во вршењето на работите и задачите.
Право на штрајк
Член 118
1) Работниците во Министерството правото на штрајк можат да го остваруваат на начин и под услов битно да не се нарушува редовното извршување на внатрешните работи.
2) Заради спречување на евентуални штетни последици од неизвршување на внатрешните работи за време на штрајкот, министерот или од него овластен работник е должен да обезбеди потребно функционирање на организациските единици во процесот на работата.
3) Во случајот од ставот 2 на овој член работниците се должни да постапуваат по соодветните наредби.
4) Доколку работниците не постапат согласно со ставот 3 на овој член министерот, односно од него овластен работник е должен да го обезбеди остварувањето на работниот процес со заменување со соодветни работници.
Обврска за најавување на штрајк
Член 119
Организаторот на штрајкот е должен да го најави штрајкот на министерот и да ја достави одлуката за стапување во штрајк, како и програмата за начинот и обемот на вршење на работите и задачите кои е неопходно да се извршуваат за времето на штрајкот, најдоцна седум дена пред почетокот на штрајкот.
Работи што се вршат за време на штрајк
Член 120
За време на организиран штрајк во Министерството е неопходно да се извршуваат работите и задачите:
- за организирање и сервисирање на телекомуникациските и информатичките системи и системот на криптозаштита, за неодложни потреби;
- за издавање на лични исправи (патна исправа, лична карта, сообраќајна и возачка дозвола) на граѓаните за неодложни потреби;
- од делокругот на работа на Управата и
- други работи и задачи согласно со посебен закон.
Забрана за штрајк
Член 121
1) Се забранува штрајк во Министерството во воена, вонредна или кризна состојба.
2) Во случај на сложена безбедносна состојба, нарушување на јавниот ред и мир во поголем обем, природни непогоди и епидемии или загрозување на животот и здравјето на луѓето и имотот во поголем обем, во штрајк истовремено не може да учествуваат повеќе од 10% од работниците во Министерството и штрајкот не може да трае подолго од три дена.
3) Доколку штрајкот започнал пред настапувањето на кој било од условите од ставовите 1 и 2 на овој член, работниците во Министерството се должни штрајкот веднаш да го прекинат.
Награди, благодарници и признанија
Член 122
На работниците во Министерството и на други лица во согласност со посебен акт може да им се доделуваат награди, благодарници и признанија.
Право на неплатено отсуство
Член 123
1) Работник во Министерството на негово барање, а со согласност на министерот има право на неплатено отсуство во времетраење од најмногу две години, поради стручно усовршување кое не е финансирано од страна на Министерството.
2) Работникот е должен во рок од 15 дена по завршување на неплатеното тсуство од ставот 1 на овој член, да се врати на работа и да биде распореден на работно место кое одговара на видот на неговата стручна подготовка.
3) За време на неплатеното отсуство од ставот 1 на овој член на работникот му мируваат правата од работниот однос.
Работно време подолго од со закон пропишаниот максимум
Член 124
Работното време на работниците во Министерството може да трае и подолго од со закон пропишаниот максимум во работната недела, во услови кога се извршуваат неодложни работи и задачи oд членот 2 на овој закон или во врска со тие работи и задачи.
Одлагање, односно прекин на годишниот одмор
Член 125
1) Кога неодложни потреби на Министерството тоа го бараат, министерот или од него овластен работник може на работникот да му го одложи, односно прекине користењето на годишниот одмор.
2) Во случаите од ставот 1 на овој член работникот има право на надоместок на стварните трошоци настанати со одложувањето, односно прекинувањето на годишниот одмор.
Право на паричен надоместок во случај на привремена неспособност за работа
Член 126
1) Нa овластено службено лице во случај на привремена неспособност за работа настаната во вршење или по повод вршење на работите и задачите му припаѓа надоместок во висина на тековната плата, за време на отсуството од работа.
2) На овластеното службено лице му се исплатува надоместок во висина на платата утврдена со овој закон и во случај на лична неспособност за работа (болест), за време на отсуството од работа.
3) Исплатата на надоместоците од ставовите 1 и 2 на овој член се врши од страна на Министерството, сè додека трае отсуството од работа.
Право на извршување на определени работи надвор од работното време
Член 127
1) Работникот во Министерството, по претходна согласност на министерот, а на предлог од посебна комисија во Министерството може да извршува определени работи, самостојна или дополнителна стопанска или професионална дејност што не се во судир со внатрешните работи.
2) Согласноста од ставот 1 на овој член министерот ја дава на начин и под услови утврдени со прописите за работни односи.
3) Работникот во Министерството дејноста од ставот 1 на овој член е должен да ја врши надвор од работното време на Министерството и на начин, вршењето на таа дејност да не влијае врз законското и правилното извршување на внатрешните работи.
Забрана за основање, раководење и членување во раководство на политичка партија, истакнување на партиски симболи
Член 128
1) Работник во Министерството не смее да основа, да раководи, да ја застапува и претставува политичката партија и да биде член на органите на партијата утврдени со нејзиниот статут.
2) Работник во Министерството со членување во политичка партија и со учество во нејзините активности не смее да ја доведе во прашање професионалноста, непристрасноста и законитоста во вршењето на работите на Министерството.
3) Работникот не смее да носи или да истакнува партиски симболи во просториите или во службените возила на Министерството, партиски да се организира или дејствува во Министерството.
11. ПРЕКИНУВАЊЕ НА ДОГОВОР ЗА ВРАБОТУВАЊЕ
Прекинување на договор за вработување
Член 129
На овластено службено лице во Министерството, му се прекинува договорот за вработување кога ги исполнува условите за остварување на правото на пензија утврдени со овој и посебен закон.
VII. МАТЕРИЈАЛНА ОДГОВОРНОСТ, ОДНОСНО НАДОМЕСТОК НА ШТЕТА
Должност за навремено и квалитетно извршување на работите и задачите сврзани за работното место
Член 130
Работникот е должен навремено и квалитетно да ги извршува работите и задачите сврзани со неговото работно место, да ги почитува правилата и прописите и да гради стручна и професионална одговорност, да ги чува средствата за работа и со нив одговорно да ракува и да ги користи.
Одговорност на работниците за штетата
Член 131
Работник кој намерно или од небрежност ќе предизвика штета на Министерството во работата, односно во врска со работата е должен да ја надомести.
Одговорност за штета предизвикана од повеќе работници
Член 132
1) Ако штетата ја предизвикале повеќе работници, секој работник е одговорен за делот од штетата што ја предизвикал.
2) Ако за секој работник поединечно не може да се утврди делот на штетата што ја предизвикал, се смета дека сите работници се подеднакво одговорни и штетата ја надоместуваат во еднакви делови.
3) Ако повеќе работници предизвикале штета со намерно казниво дејствие, за штетата одговараат солидарно.
Комисии за утврдување на материјална одговорност
Член 133
1) За водење постапка за утврдување на материјална одговорност на работник во Министерството се формираат комисии за утврдување на материјална одговорност.
2) Комисиите од ставот 1 на овој член ги формира министерот и се составени од претседател, двајца членови и нивни заменици.
Пријавување на штетата
Член 134
1) Секој работник има право и должност да пријави причинета штета.
2) Пријавата за штета се поднесува до подносителите на барањето од членот 135 на овој закон.
Поведување на постапка за надоместок на штета
Член 135
1) Постапката за надоместок на штетата се поведува со барање.
2) Барање за надоместок на штета можат да поднесат министерот, директорот на Бирото, директорот на Управата, раководниот работници или раководителот на соодветната организациска единица.
Водење на постапка за надоместок на штета
Член 136
Постапката за утврдување на одговорност на работникот во Министерството за причинета штета се води согласно со Колективниот договор на Министерството.
Ослободување од плаќање надоместок на штета
Член 137
1) Министерот може да го ослободи работникот од плаќање надоместок на штета во целост или делумно, во случај кога работникот според својата општа имотна состојба не е во можност да ја надомести штетата без последици за своето нужно издржување, како и за издржување на своето семејство.
2) Решение за ослободување од плаќање надоместок на штета министерот донесува на предлог на посебна комисија и во постапка утврдени со Колективниот договор на Министерството.
3) Постапката за ослободување од плаќање надоместок на штета се поведува врз основа на посебно образложено писмено барање поднесено од работникот кој е задолжен да ја надомести штетата.
VIII. ДИСЦИПЛИНСКА ОДГОВОРНОСТ
Причини за дисциплинска одговорност и случаи кога истата не е исклучена
Член 138
1) За кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните
обврски, работникот на Министерството одговара дисциплински.
2) Одговорноста за сторено кривично дело, односно прекршок не ја исклучува дисциплинската одговорност на работникот во Министерството.
Видови на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски
Член 139
Работник во Министерството одговара дисциплински за полесни и потешки случаи на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски.
Полесни случаи на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски
Член 140
Работникот врши полесно кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со закон, колективен договор, правила и прописи на Министерството и договор за вработување, доколку:
- не го почитува работниот ред и дисциплина;
- не ги извршува или несовесно и ненавремено ги извршува работните обврски;
- не се придржува кон прописите кои важат за вршење на работите на работното место;
- не се придржува на утврденото работно време, распоредот и користењето на работното време;
- не побара отсуство или навремено писмено не го извести министерот, односно раководителот на организациската единица или друг одговорен работник за отсуството од работа;
- поради болест или оправдани причини отсуствува од работа, а за тоа во рок од 48 часа писмено не го извести министерот, односно раководителот на организациската единица или друг одговорен работник;
- со средствата за работа не постапува совесно или во согласност со техничките упатства за работа;
- настане штета, грешка во работењето или загуба, а за тоа веднаш не го извести министерот, односно раководителот на организациската единица или друг одговорен работник;
- не ги одржува средствата и опремата за заштита при работа согласно со прописите за заштита при работа;
- предизвикува неред и насилнички се однесува за време на работата;
- незаконски или неовластено ги користи средствата на Министерството;
- не дава податоци или дава неточни податоци што според прописите им се даваат на овластените органи или граѓани;
- не укажува правна и друга помош во рамките на своите овластувања на странката во остварување на нејзините законски права и правни интереси и
- избегнува обука.
Потешки случаи на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски
Член 141
Работникот врши потешко кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, утврдени со закон, колективен договор, правила и прописи на Министерството и договор за вработување, доколку:
- неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година;
- го злоупотреби боледувањето;
- не се придржува кон прописите за здравствена заштита, заштита при работа, пожар, експлозија, штетно дејствување на отрови и други опасни материи и ги повредува прописите за заштита на животната средина;
- внесе, употреби или е под дејство на алкохол и наркотични средства;
- стори кражба или во врска со работата намерно или од крајно невнимание предизвика штета на Министерството;
- оддаде класифицирана информација;
- изврши злоупотреба на лични податоци;
- постапува спротивно на правилата и прописите на Министерството;
- го злоупотреби или пречекори даденото овластување;
- избегнува лекарски преглед заради утврдување на работната способност;
- непристојно се однесува спрема странки;
- противправно прибавува лична корист во врска со вршењето на работите и задачите;
- изврши послуга или овозможување на послуга на друго лице со пари или со други работи од вредност кои на работникот му се доверени во вршењето на работите и задачите;
- врши определени работи, самостојна или дополнителна стопанска или професионална дејност на начин и под услови спротивно на овој закон;
- изврши дејствие што претставува кривично дело или изврши дејствие кое претставува прекршок против јавниот ред и мир и
- основа, раководи, застапува, претставува политичка партија, членува во органите на партијата утврдени со нејзиниот статут, изразува и застапува партиски ставови и убедувања во вршењето на работите и задачите, носи или истакнува партиски симболи во просториите или во службените возила на Министерството и партиски се организира или дејствува во Министерството.
Видови дисциплински мерки
Член 142
1) Во случај на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, утврдени со овој закон, на работникот може со решение да му се изрече една од следниве дисциплински мерки:
- писмено предупредување;
- парична казна која не може да биде поголема од 15% од последната исплатена месечна нето плата на работникот, во траење од еден до шест месеца;
- распоредување на работно место кое согласно со хиерархијата на работни места утврдени во актот за систематизација на работните места е најмногу два степена пониско од работното место од кое работникот се распоредува;
- условно откажување на договорот за вработување и
- откажување на договорот за вработување.
2) При изрекување на дисциплинските мерки од ставот 1 на овој член се земаат предвид степенот на одговорноста на работникот, условите под кои е сторено кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, поранешната работа и однесување на работникот, тежината на повредата и нејзините последици, околностите под кои е сторена повредата е други олеснувачки и отежнувачки околности.
Условно откажување на договорот за вработување
Член 143
Доколку работникот во рок од една година од денот на изрекувањето на дисциплинска мерка - парична казна од членот 142 став 1 точка 2 на овој закон, повторно стори кршење на работниот ред и дисциплина или не ги исполнува работните обврски утврдени со овој закон, министерот му изрекува мерка условно откажување на договорот за вработување и истовремено определува дека таа мерка нема да се изврши ако работникот за времето што ќе го определи министерот, а кое не може да биде пократко од шест месеца ниту подолго од една година не стори ново кршење на работниот ред и дисциплина или повторно не ги исполнува работните обврски.
Право на отказен рок
Член 144
Доколку на работник во Министерството поради потешки случаи на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски му биде изречена мерката откажување на договорот за вработување, работникот има право на отказен рок, во траење од еден месец од денот на врачувањето на решението за откажување на договорот за вработување.
Отсуство од работа за време на отазниот рок
Член 145
За време на отказниот рок Министерството е должно на работникот да му овозможи отсуство од работа заради барање ново вработување, четири часа во текот на работната недела.
Право на плата за време на отказниот рок
Член 146
За време на отказниот рок и отсуство од работа заради барање на ново вработување на работникот му се утврдува и исплатува надоместок во висина на платата што работникот ја остварил во месецот пред донесувањето на решението за откажување на договор за вработување.
Причини поради кои не може да се откаже договорот за вработување
Член 147
Договорот за вработување не може да се откаже поради:
- членство во синдикат или учество во синдикални активности во согласност со закон и колективен договор;
- поднесување на тужба или учество во постапка против Министерството во врска со кршење на договорните и други обврски од работниот однос пред арбитражни, судски, управни и други органи;
- отсуство од работа за време на породилно отсуство;
- одобрено боледување;
- користење на одобрено отсуство од работа и годишен одмор;
- обука за потребите на работодавачот и
- случаи на мирување на работниот однос утврдени со закон.
Отстранување на работникот од работното место
Член 148
1) До донесување на решение во дисциплинска постапка што се води против одреден работник, работникот со писмена одлука се отстранува од работното место и од Министерството во случаите утврдени со прописите за работнита односи, ако настане една од следниве ситуации:
- непосредно се загрозува животот или здравјето на работниците или други лица или се оштетуваат средства од поголема вредност;
- присуството на работа и натамошната работа во Министерството штетно ќе се одрази врз работењето на Министерството;
- се осуетува или оневозможува утврдувањето на одговорноста за повреда на работните обврски и
- кога против работникот е покрената кривична постапка за кривично дело сторено на работа или во врска со работата.
2) За време на отстранувањето од работното место и од Министерството, на работникот му се утврдува и исплатува надоместок во висина од 80% од износот на платата што работникот ја остварил во месецот пред отстранувањето од работното место.
3) Решението од ставот 1 на овој член го донесува министерот, директорот на Бирото, односно директорот на Управата или други работници овластени од министерот.
4) Работникот има право на приговор против решението од ставот 1 на овој член до посебна комисија, во рок од осум дена од денот на доставувањето на решението.
5) Комисијата од ставот 4 на овој член ја формира министерот и е составена од претседател и двајца членови и нивни заменици, од кои еден член и заменик се претставници на синдикатот.
6) Решението на комисијата од ставот 5 на овој член е конечно.
7) Приговорот против решението од ставот 3 на овој член не го одложува извршувањето на решението.
Решение за изрекување дисциплинска мерка
Член 149
1) Решение за изрекување дисциплинска мерка од членот 142 на овој закон донесува министерот на предлог на комисиите за утврдување на дисциплинска одговорност.
2) Решението за изрекување на дисциплинска мерка содржи и образложение за основот и причините за изрекување на дисциплинската мерка.
3) Решението за изрекување на дисциплинска мерка на работникот, министерот е должен да го донесе во рок од три месеца од денот на пријавувањето на повредата на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, а најдоцна во рок од шест месеца од денот кога е сторена повредата.
4) Како ден на пријавување се смета денот на поднесување на предлогот за покренување постапка за утврдување на дисциплинската одговорност од овластен подносител.
Приговор против решението за изрекување на дисциплинска мерка
Член 150
1) Против решението за изрекување на дисциплинска мерка, работникот има право на приговор во рок од осум дена од денот на приемот на решението.
Приговорот се поднесува преку Министерството до надлежната комисија во Владата на Република Македонија.
2) Приговорот против решението за престанок на договорот за вработување не го одлага извршувањето на решението до донесување на конечна одлука по приговорот.
Комисии за утврдување на дисциплинска одговорност
Член 151
1) За водење на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност во случаите утврдени со овој закон, министерот формира комисии за утврдување на дисциплинска одговорност (во натамошниот текст: комисиите).
2) Комисиите од ставот 1 на овој член се составени од претседател и двајца членови и нивни заменици.
Постапување на комисиите за утврдување на дисциплинска одговорност
Член 152
Комисиите за утврдување на дисциплинска одговорност постапуваат согласно со Колективниот договор на Министерството.
Други случаи за откажување на договорот за вработување
Член 153
На работникот во Министерството ќе му се откаже договорот за вработување и во случаите, ако:
- биде оценет со оцена “не задоволува“ двапати последователно или во последните пет години најмалку три пати;
- се утврди дека при вработувањето премолчил или дал невистинити податоци во однос на општите и посебните услови за вработување;
- во рок од 15 дена по завршувањето на неплатеното отсуство не се врати на работа согласно со членот 123 на овој закон и
- од неоправдани причини во рок од три дена од денот на врачувањето на решението за распоредување не се јави на работното место на кое е распореден.
Откажување на договорот за вработување поради правосилна пресуда
Член 154
1) На работник во Министерството на кој со правосилна одлука му е забрането да врши определени работи од работниот однос или ако му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, поради која не може да врши работи подолго од шест месеца или ќе мора заради издржување на казна затвор да отсуствува од работа повеќе од шест месеца, му се откажува договорот за вработување во Министерството со денот на врачувањето на правосилната пресуда.
2) Решението за откажување на договорот за вработување согласно со ставот 1 на овој член го донесува министерот.
IX. ОБРАБОТКА НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ И ДРУГИ ПОДАТОЦИ И ЕВИДЕНЦИИ
Собирање и обработка, анализирање, користење, оценување, пренесување, чување и бришење на податоци и обработка на лични податоци и евиденции
Член 155
1) Министерството собира, обработува, анализира, користи, оценува, пренесува, чува и брише податоци, обработува лични податоци под услови и на начин утврдени со овој и со посебен закон и води евиденции за личните и други податоци за чие собирање е овластено со овој или друг закон.
2) Министерството е должно личните податоци кои се вклучени во процесите на обработка веднаш да ги избрише во случаите кога ќе се утврди дека не се точни, или престанале причините, односно условите заради кои личните податоци биле вклучени во тие процеси.
Начин на собирање лични и други податоци
Член 156
Министерството може да собира лични податоци и други податоци согласно со закон, и тоа:
- од лице на кои тие податоци се однесуваат;
- од веќе постојни збирки на податоци, кои согласно со закон ги водат надлежни државни органи, јавни институции, установи и други правни лица и
- на друг начин утврден со закон.
Евиденции и лични податоци во евиденциите
Член 157
1) Mинистерството води евиденции за:
- работниците во Министерството;
- платите и
- повредите при работа.
2) Во евиденциите од ставот 1 на овој член се собираат, обработуваат и чуваат лични податоци утврдени во посебен закон.
3) Личните податоци од евиденциите од ставот 1 на овој член се обработуваат согласно со прописите за заштита на личните податоци.
4) Покрај податоците од ставот 2 на овој член, во евиденциите од ставот 1 алинеја 1 на овој член се внесуваат и следниве податоци:
- претходни вработувања;
- работно место на кое работникот е распореден, како и податоци за работните места на кои претходно бил распореден;
- унапредувања на работникот;
- оценувања;
- звање со кое се стекнал работникот;
- дозволен пристап до класифицирани информации;
- доделени награди, благодарници и признанија;
- изречени дисциплински мерки;
- пензиски стаж остварен во Министерството и
- период до остварување на право на пензија.
5) Покрај евиденциите од ставот 1 на овој член Министерството може да води и други евиденции под услови и на начин утврдени со овој и со посебен закон.
Персонални досиеја на работниците во Министерството
Член 158
Податоците од евиденцијата од членот 157 став 1 алинеја 1 на овој закон се ажурираат и чуваат во персонални досиеја на работниците.
Користење, давање на користење, право на пристап и исправка, чување и користење на лични податоци
Член 159
Личните податоци се користат, се даваат на користење, се овозможува право на пристап до истите и исправка, се чуваат и се користат на начин и под услови утврдени со овој закон и прописите со кои се уредува заштитата на личните податоци.
Надзор над обработката на лични податоци и нивна заштита
Член 160
Дирекцијата за заштита на личните податоци врши надзор над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци и нивната заштита утврдена со овој и со посебен закон.
X. ОВЛАСТУВАЊЕ ЗА ПОДЗАКОНСКИ ПРОПИСИ
Член 161
1) Министерот ќе донесе подзаконски прописи за:
- формата и изгледот на службена легитимација и значка и за начинот на издавање на службена легитимација и значка на овластено службено лице за вршење стручни и граѓански работи и овластено службено лице за безбедност и контраразузнавање;
- обуката во Министерството;
- цените на обрасците што ги издава Министерството;
- постапката и начинот на работа на комисијата за избор на кандидат за полицаец;
- начинот и постапката на селекција и избор на лица кои засноваат работен однос во Министерството;
- начинот и постапката за остварување на системот на кариера на овластените службени лица во Министерството;
- начинот и постапката на оценување на овластено службено лице, содржината на извештајот за извршеното оценување, образецот за оценување и начинот на водење на евиденција и
- формата и содржината на персоналните досиеја на работниците во Министерството и начинот на нивно менаџирање и чување.
2) Министерот во согласност со министерот за здравство донесува подзаконски пропис за здравствените и психофизичките способности што треба да ги исполнува лицето кое заснова работен однос во Министерството, начинот на нивно утврдување, начинот на контрола на здравствените и психофизичките способности на овластените службени лица за вршење стручни или граѓански работи и на овластените службени лица за безбедност и контраразузнавање, како и начинот на работа на здравствената комисија.
XI. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 162
1) Во преодниот период во траење од пет години, сметано од денот на започнувањето на примената на овој член, Министерството ги прекинува договорите за вработување на овластените службени лица и на работниците кои дополнително се стекнале со статус на овластено службено лице, по сила на закон, со навршување на 40 години пензиски стаж на овластеното службено лице, без оглед на неговите години на возраст.
2) Старосната пензија од ставот 1 на овој член се утврдува во висина од 80% од просечната месечна нето плата што работникот ја остварил во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж.
Член 163
Во преодниот период од членот 162 на овој закон на работникот кој стекнал право на пензија му следува еднократен надоместок во вид на отпремнина, во висина од пет просечни месечни нето плати остварени по работник во Република Македонија, објавена до денот на исплатата.
Член 164
1) Работник во Министерството, кој на денот на влегувањето во сила на овој закон, е распореден на работно место за кое не ги исполнува пропишаните услови по однос на потребното образование, бидејќи има средно или више образование, а во актот за систематизација на работните места е пропишано високо образование, го задржува распоредувањето на работното место за кое е пропишано високо образование, ако:
- во преодниот период во траење од пет години, сметано од денот на започнувањето на примената на членот 162 од овој закон ги исполни условите за остварување на правото на пензија утврдени со овој и друг закон и - во рок од четири години од денот на влегувањето во сила на овој закон го
дополни своето образование, односно во Министерството достави соодветно уверение за завршено високо образование.
2) Работниците кои согласно со ставот 1 алинеи 1 и 2 на овој член не ги исполнуваат условите, односно не го остварат правото за пензија, односно кои нема во Министерството да достават уверение за завршено високо образование, ќе бидат распоредени на работни места за кои ги исполнуваат условите утврдени во актот за систематизација на работните места со средно образование.
Член 165
1) Актите за организација и работа и за систематизација на работните места, согласно со овој закон, министерот ќе ги донесе во рок од шест месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.
2) Подзаконските прописи предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од шест месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.
3) До донесувањето на подзаконските прописи предвидени со овој закон ќе продолжат да се применуваат подзаконските прописи донесени врз основа на Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” број
19/95, 15/97, 55/97, 38/2002, 33/2003, 19/2004, 51/2005, 84/2008 и 6/2009),
доколку не се во спротивност со одредбите на овој закон.
Член 166
1) Одредбите од Главата VI. Работни односи точка 9. Оценување на овластени службени лица на Министерството на овој закон ќе се применуваат по осум месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.
2) Одредбите од членовите 162 и 163 на овој закон ќе се применуваат од 1 јануари 2010 година.
Член 167
Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија” бр. 19/95, 15/97, 55/97, 38/2002, 33/2003, 19/2004, 51/2005, 84/2008 и 6/2009) и членовите 116, 117 и 118 од Законот за полиција (“Службен весник на Република Македонија” бр. 114/2006 и 6/2009).
Член 168
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.