Print Friendly

The measure is available in the following languages:

ЗАКОН ЗА ДРЖАВНИТЕ ПРАЗНИЦИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
закон на Република Македонија, Службен весник на Република Македонија”бр. 54/97 и 21/2007



Член 1

Со овој закон се утврдуваат државните празници на Република Македонија и другите празници и се определуваат неработените денови на празнувањето.


Член 2

Државни празници на Република Македонија се: - 24 Мај, “Св. Кирил и Методиј”- Ден на сесловенските просветители; - 2 Август, Ден на Републиката; - 8 Септември, Ден на независноста; - 11 Октомври, Ден на народното востание; - 23 Октомври, Ден на македонската револуционерна борба и - 8 Декември, “Св. Климент Охридски”. Празници на Република Македонија се: - 1 Јануари, Нова година; - Божик, првиот ден на Божик, 7 јануари според православниот календар; - Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар; - 1 Мај, Ден на трудот и - Рамазан Бајрам, првиот ден на Рамазан Бајрам.”


Член 3

Празниците од членот 2 на овој закон се неработни денови. Доколку празниците од членот 2 на овој закон паѓаат во недела, наредниот ден се смета за неработен.


Член 4

Во Република Македонија се празнуваат и неработни денови за верниците од православната вероисповед се: - Бадник, ден пред Божик ; - 19 Јануари, Богојавление (Водици); - Велики Петок, петок пред Велигден; - 28 Август, Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица); и - Духовден, петок пред Духовден. Во Република Македонија се празнуваат и неработни денови се: - Курбан Бајрам, првиот ден на Курбан Бајрам за верниците од муслиманската вероисповед; - 22 Ноември, Ден на Албанската азбука за припадниците на албанската заедница; - 21 Декември, Ден на настава на турски јазик за припадниците на турската заедница ; - Јом Кипур, првиот ден на Јом Кипур за припадниците на Еврејската заедница; - првиот ден на Божик, вториот ден на Велигден и Празникот на сите светци, според Грегоријанскиот календар за верниците од католичката вероисповед; - 27 Јануари, Свети Сава за припадниците на српската заедница ; - 8 Април, Меѓународен ден на Ромите за припадниците на ромската заедница ; - 23 Мај, Национален ден на Властите за припадниците на влашката заедница и - 28 Септември, Меѓународен ден на Бошњаците за припадниците на бошњачката заедница.


Член 5

Во неработените денови од членовите 2 и 4 на овој закон, работникот има право на надомест на плата, односно на зголемена плата во согласност со закон и колективен договор.


Член 6

Владата на Република Македонија со акт определува кои државни органи и други јавни служби , јавни претпријатија, трговски друштва, установи и други правни лица, се должни да работат во деновите на празниците од членовите 2 и 4 на овој закон.


Член 7

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за државните празници на Социјалистичка Република Македонија (,,Службен весник на СРМ” број 16/65 и 15/72) и Законот за празниците на Социјалистичка федеративна Република Југославија(,, Службен лист на СФРЈ” број 6/74).


Член 8

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Trascina file per caricare