Print Friendly, PDF & Email

Il provvedimento è disponibile nelle seguenti lingue:

 

 
 

Одлуки на Виш Управен Суд

 

11/22/2012   УЖ.БР.1063/2012

ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

ВИШИОТ УПРАВЕН СУД, во совет составен од судиите: Виолета Илиевска-претседател на советот, Анита Данилова и Д-р.Џемали Саити-членови на советот, со записничар Верица Гавровска-Петровска, судски соработник, одлучувајќи по жалбата на тужителите Борис Стојанов, Иванка Балканска, Бранко Стојанов сите од С. и Владимир Радевски од Б. против Пресудата на Управниот суд У-2.бр.256/2010 од 25.05.2011 година, во постапка за денационализација, на седницата одржана на ден 22.11.2012година, донесе

 

 

П Р Е С У Д А

 

 

Жалбата на тужителите Борис Стојанов, Иванка Балканска, Бранко Стојанов сите од С. и Владимир Радевски од Б. СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНА.

 

Пресудата на Управниот суд У-2.бр.256/2010 од 25.05.2011 година СЕ ПОТВРДУВА.

 

О б р а з л о ж е н и е

           

            Управниот суд со Пресуда У-2.бр.256/2010 од 25.05.2011 година, ја одбил како неоснована тужбата на тужителите Борис Стојанов, Иванка Балканска, Бранко Стојанов сите од С. и Владимир Радевски од Б., поднесена против Решението на Комисијата за решавање во управна постапка во втор степен од областа на денационализацијата при Владата на Република Македонија УПбр.44-2526 од 07.12.2009 година.

 

Против пресудата на Управниот суд, во законски предвидениот рок, жалба изјавиле тужителите, незадоволни од висината на определениот надоместок, па предлагаат Вишиот управен суд да донесе пресуда со која би им било вратено предметното земјиште, ако е тоа можно, или пак да донесе пресуда со која би им бил исплатен надомест во обврзници во износ од 16.560.000,00 денари.

 

Вишиот управен суд по проучување на списите по предметот, ценејќи ги наводите во жалбата и одговорот на жалбата и испитувајќи ја побиваната пресуда во смисла на член 354 став 1 од Законот за парничната постапка најде:

 

Жалбата е неоснована.

 

Тужителите Борис Стојанов, Иванка Балканска, Бранко Стојанов сите од С. и Владимир Радевски од Б. поднеле Барање за денационализација 19-08-458/1(1055) од 25.04.2003 година за недвижен имот – градежно земјиште на КП.бр.13406 во површина на 920 м2 за КО Скопје – Центар, одземено од владение од правниот претходник на барателите Боне Блажев, со Решение за денационализација бр.09/2-5474/1 од 16.11.1966 година на Собранието на Општина Идадија – С..

 

            Комисијата за одлучување по барања за денационализација, со седиште во Општина Центар-Скопје донела Решение под ДН.бр.20-08-1529/1 (1055) од 23.04.2009 година, со кое го уважила барањето за денационализација поднесено од барателите и на истите им определила надомест за одземеното земјиште во вкупен износ од 1.840.000,оо денари, и тоа на секој од барателите спрема големината на наследниот дел. Првостепениот орган утврдил дека предметната КП е градежно изградено земјиште зафатено со објект на студентскиот центар Невена Георгиева Дуња и во дел со улица Белградска, па истиот не може да се врати. Од друга страна на барателот му бил исплатен надомест за одземениот имот.

 

            Против вака донесеното решение барателите за денационалзиација поднеле жалба до Комисијата за Решавање во управна постапка во втор степен од областа на денационализацијата при Владата на Република Македонија. Решавајќи по жалбата на жалителите Комисија донела Решение УП.бр.44-2526 од 07.12.2009 година со кое жалбата на жалителите се одбива како неоснована. Комисијата смета дека првостепениот орган правилно ја утврдил фактичката состојба и правилно го применил Законот за денационализација.

           

            Незадоволни од решението на Комисијата за решавање во управна постапка во втор степен од областа на денационализицијата, барателите за денационализација поднеле тужба до Управниот суд, со која ја оспориле законитоста на решението, со предлог истото да биде поништено, а на барателите за одземениот недвижен имот да им се определи надомест во вид на обврзници во износ од 16.560.000,00 денари.

 

Управниот суд постапувајќи по тужбата на тужителите Борис Стојанов, Иванка Балканска, Бранко Стојанов сите од С. и Владимир Радевски од Б., на ден 25.05.2011 година донел Пресуда суд У-2.бр.256/2010 од 25.05.2011 година со која тужбата на тужителите ја одбил како неоснована.

           

Вишиот управен суд наоѓа дека пресудата на Управниот суд е правилна и законита.

 

Согласно член 1 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 43/2000-пречистен текст), со овој закон се определуваат условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање надомест за имот одземен во корист на државата.

 

Согласно член 2 од Законот за денационализација, се враќа имот односно се дава надомест за имот на физички лица и на верски храмови, манастири и вакафи одземени од 2 август 1944 година, врз основа на прописите со кои е вршено општо одземање и ограничување на сопственоста; врз основа на прописите за одземање на имот заради остварување на општокорисни цели, односно општ интерес, ако не се исполнети условите за враќање на имотот според одредбите за експропријација, како и имот одземен без правна основа.

 

Согласно член 37 од Законот за денационализацијата, надомест се дава за имот кој не се враќа, а надоместот се определува според состојбата на имотот во моментот на одземањето, согласно Уредбата за процена на вреднсота и утврдување надомест за денационализиран имот што ја донесува Владата на Република Македонија.

 

Согласно член 14 од Уредбата за начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот кој е предмет на денационализацијата, вредноста на градежното земјиште кое е предмет на денационализација се проценува и надоместува според реонизацијата и зоните на градовите и населените места во Република Македонија, прикажани во графичкиот прилог кој е составен дел на оваа Упредба.

 

Вишиот управен суд смета дека Управниот суд правилно ги применил горенаведените законски одредби. Управниот суд при одлучувњето правилно го применил членот 37 од Законот за денационализација, каде се наведува дека се дава надомест за имот кој не се враќа, а надоместокот се определува според состојбата на имотот во моментот на одземањето, согласно со Упредбата за процена на вредноста и утврдување на надомест за денационализиран имот, што ја донесува Владата на Република Македонија. Според член 14 од Уредбата за начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот кој е предмет на денационализација, вредноста на градежното земјиште  се проценува и надоместува според реонизацијата и зоните на градовите и населените места во Република Македонија дадени во табеларниот преглед, составен дел на оваа Упредба. Правилно утврдил дека земјиштето за кое е поднесено барање за денационализација, од страна на барателите, не може да биде предмет на реално враќање од причини што истото е изградено, зафатено со објекти на студентскиот центар – Невена Георгиева Дуња, а дел од земјиштето е зафатено и со улицата „Белградска“. Управниот суд правилно утврдил дека на барателите за денационализација им е утврден надоместок од по 2.000,00 денари по метар квадратен, што претставува максимален износ предвиден со Уредбата и табеларниот преглед, притоа имајќи го во предвид реонот и зоната во Градот Скопје.

 

Вишиот управен суд смета дека, со оглед да земјиштето за кое е поднесено барање за денационализација, не може да биде предмет на реално враќање, а на барателите за денационализација им е определен максималниот износ предвиен во погоре наведената Уредба правилно постапил Управниот суд кога тужбата на тужителите ја одбил како неоснована.

 

Вишиот управен суд при одлучувањето ги ценеше и останатите наводи истакнати во жалбата дека со определениот надоместок не може да се купи простор од 920 м2 земјиште во прва зона во Скопје, дека продажната цена на земјиште во Општина Карпош по пат на елктронско наддавање е три пати поголема од определениот надомест за 1 зона во Скопје, дека Студентскиот центар Невена Ѓеогиева Дуња е руиниран, никој не престојува, па оттаму не постоела посебна причина земјиштето да не им се врати. Судот смета дека ваквите наводи не се основ за донесување поинаква одлука од страна на судот, а заради горенаведените причини.

 

Од овие причини Вишиот управен суд одлучи како во изреката на пресудата, согласно член 357 од Законот за парничната постапка и член 7-а од Законот за управните спорови.

           

Пресудено во Виш управен суд на ден 22.11.2012 година под УЖ.бр.1063/2012.

 

Записничар-судски соработник

Претседател на совет – Судија                        

Верица Гавровска- Петровска с.р.

        Виолета Илиевска с.р

 

Trascina file per caricare