Print Friendly

Il provvedimento è disponibile nelle seguenti lingue:

ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ДЕНАЦИОНАЛИЗАЦИЈА

Службен весник на РМ, бр. 72 од 27.05.2010 година

 

Член 1

Во Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ брoj 20/98, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 14/2009 и 20/2009), во членот 49 се додава нов став 5, кој гласи: „Органот за денационализација, односно судот по истекот на рокот од ставот 3 на овој член, за уваженото барање ќе определи надоместок, а ќе врати имот само доколку не настапиле правни или фактички пречки до денот на мериторното одлучување.”

 

Член 2

Членот 57 се брише.

 

Член 3

Членот 58 се менува и гласи:
“Против решението на органот за денационализација може да се поведе управен спор.”

 

Член 4

Членот 64 се менува и гласи:
“Во период од пет години од денот на влегувањето во сила на овој закон заклучно со 7 мај 2003 година, не е дозволено располагање со имотот што е предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кој се создаваат обврски за барателот.
По истекот на периодот од ставот 1 на овој член, без оглед кога е поднесено барање за денационализација, располагањето со имотот што е предмет на денационализација како и искористување на таков имот со кој се создаваат обврски за барателот, е дозволено.
Склучените правни дела и дадените еднострани изјави на волја во периодот од ставот 1 на овој член, а со кои се располагало со имот предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот се ништовни, само доколку поднесеното барање за денационализација до истекот на периодот од ставот 1 на овој член било прибележано во јавната книга за запишување на правата на недвижностите врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација.“

 

Член 5

Одредбите од членовите 1 и 4 на овој закон не се применуваат по предметите по кои барател за денационализација се верски храмови, манастири и вакафи, како и по предметите по кои предмет за денационализација е земјоделско земјиште.

 

Член 6

Започнатите постапки за денационализација до денот на влегувањето во сила на овој закон за кои не се донесени првостепени решенија, ќе продолжат според одредбите на овој закон.
По предметите по кои постапува надлежната Второстепена комисија на Владата на Република Македонија или за кои се води управен спор се применуваат одредбите на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 20/98, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 14/2009 и 20/2009). По предметите од ставот 2 на овој член кои ќе бидат вратени на повторно постапување пред органот за денационализација, се применуваат одредбите на овој закон.

 

Член 7

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Trascina file per caricare