Print Friendly, PDF & Email

The measure is available in the following languages:

ЗАКОН ЗА ДЕНАЦИОНАЛИЗАЦИЈА

(пречистен текст)

“Сл. весник на Р Македонија” број 43/2000 од 30.05.2000 година

 

 

I.        ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

 

Член 1

Со овој закон се определуваат условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање надомест за имот одземен во корист на државата (во натамошниот текст: денационализација).

 

Член 2

Се враќа имот односно се дава надомест за имот на физички лица и на верски храмови, манастири и вакафи одземени од 2 август 1944 година:

1)       врз основа на прописите со кои е вршено општо одземање и ограничување на сопственоста;

2)       врз основа на прописите за одземање на имот заради остварување на општокорисни цели, како и имот експроприран заради остварување на општокорисни цели, односно општ интерес, ако не се исполнети условите за враќање на имотот според одредбите за експропријација и

3)       без правна основа.

 

Член 3

Определени изрази од член 2 на овој закон го имаат следново значење:

1)       “верски храм” христијанска црква и молитвен дом, исламска џамија и еврејска синагога и

2)       “верски вакаф”  неотуѓив имот наменет за религиозни и хумани

         цели.

 

Член 4

Предмет на денационализација е и имотот што државата го презела како голем имот, односно како вишок на имот за предавање на управување согласно со членот 6 ставови 1 и 2 од Законот за постапување со имот којшто сопствениците морале да го напуштат во текот на окупацијата и имотот кој им е одземен од страна на окупаторот и неговите помагачи (“Службен лист на ДФЈ” бр. 36/45), односно членовите 3, 5, 10 и 11 од Законот за потврда и измени на Законот за постапување со имот кој што сопствениците морале да го напуштат во текот на окупацијата и имотот кој им е одземен од страна на окупаторот и неговите помагачи (“Службен лист на ФНРЈ бр. 64/46).

Предмет на денационализација е и имотот: отстапен со изјава на волја дадена под закана и присилба и тоа за земјиште до денот на влегувањето во сила на прописите за аграрна реформа и колонизација за стопанските објекти до денот на влегувањето во сила на прописите за национализација на приватните стопански претпријатија и за згради и делови од згради до денот на влегувањето во сила на прописите за национализација на наемните згради и градежното земјиште.

 

Член 5

Одредбите од овој закон се применуваат и кога имотот е одземен со конфискација изречена за казниви дела до влегувањето во сила на Кривичниот законик (“Службен лист на ФНРЈ бр. 13/51), освен за дела на воени злосторства кога воените злосторници се верификувани од меѓународната комисија на Обединетите нации.

При враќање на имотот, односно давање на надомест за имот според одредбите на овој закон одземен со конфискација, кога се исполнети условите од став 1 на овој член, не се зема предвид имотот кој од извршувањето на конфискацијата бил изземен согласно со членовите 6 и 29 од Законот за конфискација на имотот и за извршување на конфискацијата (“Службен лист на ДФЈ” бр. 40/45), односно членовите 4 и 26 од Законот за конфискација на имотот и за извршување на конфискацијата (“Службен лист на ФНРЈ” бр. 61/46).

Третите лица кои согласно со членовите 22 и 23, односно членовите 21 и 22 од законите наведени во став 2 на овој член не истакнале изрично барање во постапката за извршување на конфискација, или такво барање во таа постапка не им било уважено, имаат положба на барател според одредбите на овој закон, а ако не се живи, положба на барател имаат нивните наследници.

Барањето за преиначување и укинување на одлуката со која е изречена казна конфискација на имот се поднесува до надлежниот суд според живеалиштето на осудениот во време на осудата во рок од три години од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Кон барањето од ставот 4 на овој член се приложува одлуката со која е изречена казната конфискација на имот во оригинал или во службено заверен препис.

По барањето од ставот 4 на овој член, судот ќе постапи согласно со членот 389 од Законот за кривичната постапка, така што оцената дали се исполнети условите за укинување на казната конфискација утврдени со ставот 1 на овој член ќе ја изврши врз основа на одлуката приложена согласно со ставот 5 на овој член и ќе ја преиначи со пресуда правосилната одлука, кога конфискацијата е изречена како споредна казна, односно ќе ја укине правосилната одлука, кога конфискацијата е изречена како единствена казна.

По барањето од став 4 на овој член судот е должен да донесе одлука најдоцна во рок од три месеца по поднесувањето на барањето.

Правосилната судска одлука за укинување односно преиначување на одлуката за конфискација е основа за поведување на управна постапка за денационализација согласно со одредбите на овој закон.

 

Член 6

Лицата од членот 13 на овој закон кои според одредбите на овој закон имаат право да бараат враќање на имот, односно давање на надомест можат во рок од пет години по неговото влегување во сила да бараат враќање на имот или плаќање на надомест според одредбите на овој закон од:

1)       секое лице кое според членот 3, односно членот 13 став 1 од законите наведени во членот 4 од овој закон не го предало на државата нивниот имот како имот на присилно отсутните лица, на што било должно независно од начинот како тој имот го стекнало во сопственост или во посед и

2)       свој близок роднина, односно наследник кој нивен имот добил на управување, односно наследство, а не влегува во кругот на лицата кои според одредбите на овој закон имаат право да бараат враќање на имот, односно плаќање на надомест, кога такво право имаат наследниците на поранешниот сопственик.

 

Член 7

Предмет на денационализација не е имот:

1)       одземен според Законот за ревизија на доделување земја на колонистите и аграрните интересенти во Народна Република Македонија и во Автономната Косовско- Метохиска област;

2)       одземен по основа на губење државјанство по сила на закон или врз основа на правосилна пресуда и

3)       за кој е склучена меѓудржавна спогодба (договор) за обесштетување за одземен имот.

         Предмет на денационализација не се предмети и објекти од особено културно и историско значење и природни реткости определени со закон.

 

Член 8

Предмет на денационализација не е одземен имот за кој е платен, односно даден надомест.

По исклучок од став 1 на овој член, ако одземениот имот за кој е даден надомест постои, имотот може да се врати при што барателот е должен да врати надомест во износ, на начин и постапка утврдени со прописот на Владата на Република Македонија од членот 37 став 2 на овој закон.

 

Член 9

Враќањето и надоместот за одземен имот се врши без право на надомест на обична штета и надомест за испуштена корист.

 

Член 10

Не се враќа во сопственост поради постоење на јавен интерес, а се дава надомест за:

1) имот кој по одземањето според закон станал добро во општа употреба и тоа: јавни плоштади, улици, сообраќајници, паркови, јавно-сообраќајни површини и други објекти на комунална инфраструктура;

2) имот кој се користи и е во функција за потребите на одбраната и безбедноста на Република Македонија;

3) неизградено градежно земјиште на кое според урбанистичкиот план е предвидена изградба на објекти од точките 1) и 2) на овој член и на други објекти од јавен интерес и

4) имот кој по одземањето се користи за вршење на дејности одјавен интерес утврден со закон.

 

Член 11

Не се враќа во сопственост, а се дава надомест за:

1)       имот на кој до денот на влегувањето во сила на овој закон право на сопственост стекнало друго физичко или правно лице со правно дело или одлука на надлежен орган и

2)       национализиран сточен фонд (стада овци, кози, крупен добиток и друг сточен фонд).

 

Член 12

Начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот во државна сопственост кој е предмет на денационализација, со пропис ја определува Владата на Република Македонија.

 

Член 13

Право да поднесе барање за денационализација има поранешниот сопственик, односно лицата кои се негови наследници, според прописите за наследување (барател).

Барател во смисла на став 1 на овој член е лице кое на денот на влегувањето во сила на овој закон е државјанин на Република Македонија.

 

Член 14

Барателите од член 13 на овој закон имаат право да поднесат барање за прогласување на наследници на правото за денационализација на имотот одземен од нивните претходници кои според одредбите на овој закон се враќа или за кој се дава надомест.

Кон барањето од став 1 на овој член се приложува актот за одземање на имотот од поранешниот сопственик како и извод од матичната книга на умрените за поранешниот сопственик, односно правосилно решение за прогласување на наследници ако такво решение било донесено порано, кои се доставуваат во оригинал или во службено заверен препис.

Прогласувањето на наследниците и утврдувањето на нивните наследнички делови на правото за денационализација, како и на другите права и обврски кои за барателите на денационализација произлегуваат од одредбите на овој закон, се врши според прописите за наследувањето. Прогласувањето на наследниците се врши врз основа на актот за одземање од став 2 на овој член. При донесувањето на решението за прогласување на наследници сообразно се применува одредбата од член 54 став 1 точки 1) до 3) и 6) до 8) на овој закон, а постапката за прогласување на наследниците се спроведува според прописите на вонпарничната постапка.

Судот е должен решение по барање за прогласување на наследници согласно со став 1 од овој член да донесе во рок од два месеца по приемот на барањето, освен кога повикувањето на наследниците се врши со оглас и кога наследничките изјави треба да ги дадат пред друг суд или во странство.

Правосилното решение за прогласување на наследници се приложува кон доказите и во форма предвидени во член 49 ставови 3 и 4 на овој закон.

 

Член 15

По барање за денационализација одлучува министерот за финансии. Министерот за финансии може да формира една или повеќе комисии за  одлучување  по  барањата  за  денационализација  (орган  за

денационализација).

 

Член 16

Во постапката за денационализација се применуваат одредбите на Законот за општа управна постапка доколку со овој закон поинаку не е определено.

 

Член 17

Во постапката за денационализација правна заштита на имотните права и интереси на Република Македонија врши Јавното правобранителство на Република Македонија.

 

Член 18

Постапката за денационализација е итна. Органот за денационализација е должен барањата за денационализација да ги земе во работа по редот како што ги примил, освен ако сложеноста на случајот или посебни околности налагаат поинаку да се постапи.

 

Член 19

Во постапката за денационализација не се плаќаат такси.

 

II.      ВРАЌАЊЕ ВО СОПСТВЕНОСТ

 

Член 20

Недвижност се враќа во сопственост во целост или дел во состојба во која што се наоѓа на денот на влегувањето во сила на овој закон.

Недвижност се враќа како дел, кога не е можно целосно враќање, кога со тоа се согласил барателот и доколку е тоа возможно, ако со друг закон поинаку не е определено.

 

Член 21

За недвижност чија вредност по одземањето е зголемена, на барателот му се понудува по следниов приоритет:

1)       враќање во сопственост на недвижноста доколку барателот ја плати разликата за зголемената вредност на недвижноста;

2)       воспоставување сопственички дел до висината на првобитната вредност на недвижноста и

3)       давање надомест.

Разликата во вредноста на недвижноста од став 1 точка 1) на овој член барателот е должен да ја плати во рок од една година од правосилноста на решението за денационализација.

 

Член 22

Недвижноста чија вредност по одземањето е намалена, се враќа во сопственост со давање надомест за разлика за намалената вредност на недвижност.

Разликата на вредноста од ставот 1 на овој член државата е должна да ја надомести на начин предвиден со одредбите од овој закон.

 

Член 23

Кога се враќа недвижност во сопственост, помошните и на нив слични простории и објекти, како и прирастоците и споредните предмети ја делат судбината на недвижноста.

 

Член 24

Имотот вратен во сопственост се предава во владение по исполнување на условите утврдени во правосилното решение за денационализација.

Предавањето на имот што се враќа во сопственост ќе го изврши органот за денационализација по барање на барателот согласно со ставот 1 на овој член.

Ако имотот вратен во сопственост е во владение на корисник, тој е должен на барателот да му го предаде имотот согласно со ставот 1 на овој член во присуство на органот за денационализација, а во случај на договор меѓу барателот и корисникот нема да се спроведе административно извршување во управна постапка.

Ако баратели се повеќе наследници на поранешниот сопственик, органот за денационализација ќе го предаде имотот на чување на доверливо лице кое може да биде еден од можните наследници или друго лице кое ќе го определат мнозинството од можните наследници. За оваа мерка органот за денационализација ќе го извести надлежниот суд согласно со Законот за вонпроцесна постапка.

Ако предавањето во владение не е извршено согласно со ставот 1 на овој член на барателот му следува закупнина до денот на предавање во владение, во висина вообичаена за тој вид имот и за месноста во која тој имот се наоѓа, која паѓа на товар на корисникот на имотот кој не го предава во владение.

Корисникот на посеано, односно насадено земјоделско земјиште има право да ги собере плодовите за што може да бара предавањето на земјиштето во владение да се одложи најдоцна за 12 месеци од исполнувањето на условите од ставот 1 на овој член, ако поинаку не се договори со барателот.

 

Член 25

Кога се враќа во сопственост недвижност издадена во закуп во поглед на престанокот на закупот и закупнината се применуваат прописите иа облигационото право што се однесуваат на отуѓување на закупен предмет, доколку со овој закон поинаку не е определено.

 

Член 26

Земјиштето кое на денот на влегувањето во сила на овој закон е земјоделско земјиште, шуми, шумско земјиште, пасишта и утрини се враќа во сопственост.

 

Член 27

Кога не е реализирана целта заради која било одземено земјоделското земјиште, како и кога била реализирана целта заради која било одземено земјоделско земјиште, кое при поднесување на барањето за денационализација е градежно неизградено земјиште, барателот може да бара:

1)       враќање на земјиштето во сопственост ако ја плати разликата меѓу надоместот што за одземеното земјиште му следува определен според член 37 став 2 од овој закон и вредноста на градежното земјиште утврдена врз основа на прописите за определување на вредноста на градежното земјиште;

2)       да му се даде ново земјоделско земјиште од ист вид, површина и бонитет како одземеното и

3)       да му се даде надомест согласно со одредбите на овој закон.

 

Член 28

Градежно земјиште се враќа во сопственост:

1)       на лице кое на денот на одземањето на сопственоста врз градежното земјиште било сопственик на градба изградена на тоа земјиште, а му е признаено право на користење врз тоа градежно земјиште

         и

2)       кога не е реализирана целта заради која било одземено градежно земјиште, како и кога била реализирана целта заради која било одземено градежно земјиште, а тоа при поднесувањето на барањето за денационализација претставува градежно неизградено земјиште.

 

Член 29

Станбени згради и станови се враќаат во сопственост.

 

Член 30

Имот даден од државата под концесија се враќа во сопственост. Предавањето во владение на имотот од став 1 на овој член на лицето

на кое му се враќа во сопственост ќе се изврши по истекот на концесискиот рок.

Лицето на кое му се враќа во сопственост имотот даден под концесија, има право на надомест до предавањето на имотот во негово владение во износ утврден со концесискиот акт, односно договор за концесија.

 

Член 31

Деловни згради и деловни простории се враќаат во сопственост ако со овој закони поинаку не е определено.

 

Член 32

Движен предмет се враќа во сопственост ако постои и може да се идентификува, освен ако поинаку не е определено со закон.

 

Член 33

За одземен имот кој се наоѓал во претпријатие трансформирано според прописите за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, Агенцијата на Република Македонија за трансформација на претпријатијата со општествен капитал врз основа на правосилно решение за денационализација во рок од 30 дена од презентирањето, му ги предава на барателот во сопственост акциите, уделите и недвижностите во висина на резервираниот дел кои со договор се пренесени на Агенцијата, како и закупнината и другите погодности, намалени за трошоците, односно акциите, уделите и дивидендите што произлегуваат од нив во согласност со членовите 38 став 3 и 39 став 1 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.

Барателот има право да бара разлика, доколку со тоа што му е вратено согласно со ставот 1 на овој член не остварил надомест определен со членот 37 став2 од овој закон.

Разликата од ставот 2 на овој член ќе биде надоместена согласно со одредбите за надомест од овој закон.

 

Член 34

Барателот има право на надомест според одредбите на овој закон и во случаите кога тој не поднел барање во постапката за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, односно кога во таа постапка поднел барање, но не можел да биде намирен, како и кога одземениот имот не постои.

 

Член 35

Кога не е извршена трансформација на претпријатие со општествен капитал се враќа во сопственост недвижност или друго средство за кое е поднесено барање за денационализација, ако во времето на поднесувањето на барањето претпријатието располага со нив доколку барателите не се договорат поинаку, за да не се наруши градежната, техничката и технолошката целина на претпријатието.

 

Член 36

Во вредноста на имотот од членовите 33,34 и 35 на овој закон не се засметува вредноста на деловите од претпријатието кои се припоиле кон него по извршеното одземање, како и вредноста на градежното земјиште на кое се изградени објекти на претпријатието.

 

III. НАДОМЕСТ

 

Член 37

Надомест се дава за имот кој не се враќа, како и кога имотот не се враќа затоа што престанал да постои.

Надомест во смисла на став 1 од овој член се определува според состојбата на имотот во моментот на одземањето, согласно со Уредбата за процена на вредноста и утврдување надомест за денационализиран имот што ја донесува Владата на Република Македонија.

 

Член 38

За имот од член 37 став 1 на овој закон како надомест се дава:

1)       друг имот од ист вид во сопственост на државата и

2)       акции и удели во сопственост на државата.

Кога надоместот не се дава согласно со став 1 од овој член, надомест за имот од член 37 став 1 на овој закон се дава во вид на обврзници.

 

Член 39

Во случаите кога за одземена недвижност која денес не постои, во надомест е дадена друга недвижност, тогаш како надомест се смета дадената недвижност.

 

Член 40

За надоместот кој се дава во вид на обврзници Република Македонија издава обврзници.

Обврзниците гласат во цврста валута со камата. Издавањето на обврзниците се врши со посебен закон.

Прометот на обврзниците е слободен и не подлежи на плаќање данок на промет.

 

Член 41

Обврзниците можат да се употребуваат:

- за акции и удели на претпријатијата кои ги поседува Агенцијата на Република Македонија за трансформација на претпријатијата со општествен капитал;

-за акции и удели на претпријатијата кои се резервирани за поранешните сопственици согласно со Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал;

-за побарување на Агенцијата за санација на банка од претпријатијата, а кои се предмет на продажба;

-за купување на државен имот кој е понуден на продажба и за чиј откуп е предвидена можност за плаќање со државни обврзници;

- за купување на акции и удели на државен капитал во процесот на неговата приватизација;

- за плаќање на надомест на концесија на државен имот;

- за купување или плаќање на закуп на државен имот;

- за плаќање на обврски кои произлегуваат од овој закон и

- за друг еквивалент на сопственост определен со закони.

 

Член 42

Отплатата на обврзниците се врши во денари со среден курс на Народната банка на Република Македонија на денот на плаќањето.

Отплатата на обврзниците од став 1 на овој член ќе се врши почнувајќи од 2003 година.

 

Член 43

Средствата за отплата на годишните рати од обврзниците се обезбедуваат од:

1)       дел од средствата што се остваруваат со трансформација на претпријатијата со општествен капитал;

2)       средствата од продажба на имот на Република Македонија кои со друг закон не се определени за друга намена;

3)       средствата остварени од закуп на државен имот ако со друг закон не се определени за друга намена;

4)       средствата што се остваруваат според одредбите од овој закон (надомест за вратен имот, надомест за зголемена вредност на вратен имот и данок на наследство);

5)       дел од средствата на Буџетот на Република Македонија и

6)       други приходи утврдени со закон.

 

Член 44

Средствата од членот 43 на овој закон се прибираат во Буџетот на Република Македонија, ако со овој закон поинаку не е определено.

 

Член 45

Прибирањето, исплатата и евиденцијата на средствата од членот 44 на овој закон го врши Министерството за финансии, ако со овој закон поинаку не е определено.

 

Член 46

Работите на евидентирањето на обврзниците и пресметувањето и сервисирањето на отплатата на обврзниците, во име и за сметка на Република Македонија може да се доверат и на друг од Владата овластен правен субјект за работи со хартии од вредност во Република Македонија кој ќе понуди поповолни услови.

Договор за вршење на работите од ставот 1 на овој член во име и за сметка на Република Македонија склучува министерот за финансии.

 

IV.     ПОСТАПКА

 

Член 47

Постапката за денационализација се поведува на предлог од барателот (барање) ако со овој закон поинаку не е определено.

Ако барање од став 1 на овој член поднесува барател кој не е прогласен за наследник, органот за денационализација ќе го упати барателот да поднесе барање за прогласување на наследник до надлежниот суд.

Кога за една иста недвижност, еден или повеќе движни предмети се поднесени барања од повеќе поранешни сопственици, или од повеќе наследници на еден, односно повеќе поранешни сопственици, по сите барања се води една постапка и се донесува едно решение за денационализација.

 

Член 48

 

Барањата се поднесуваат до органот за денационализација. Барањата кои се однесуваат на недвижен имот се поднесуваат до

органот за денационализација на подрачјето каде што се наоѓал тој имот во време на одземањето.

Барањата кои се однесуваат на движен имот се поднесуваат до органот за денационализација на подрачјето каде што се наоѓало живеалиштето на поранешниот сопственик во време на одземањето на тој имот.

 

Член 49

Барањето од членот 47 на овој закон се поднесува на образец што го пропишува министерот за финансии.

Образецот од ставот 1 на овој член особено треба да содржи податоци за имотот за кој се бара враќање, замена, односно плаќање на надомест, правна основа за одземањето, како и за видот и начинот на враќањето.

Кон барањето од ставот 1 на овој член се поднесува:

1)       актот за одземање на имотот;

2)       доказ за државјанство на Република Македонија стекнато до денот на влегувањето во сила на овој закон и

3)       доказ за сопственост на имотот ако од актот за одземање на имотот не може да се идентификува одземениот имот, односно неговиот сопственик и тоа:

-за недвижности правото на сопственост се докажува со тапија, договор, пресуда и решение и

-за движни предмети писмени докази (договори за прибавување фактури и пресуди).

         Актите од ставот 3 на овој член се поднесуваат во оригинал или во службено заверен препис.

 

Член 50

Ако актот за одземање на имотот и доказите за сопственост барателот не може да ги приложи, а тие се наоѓаат кај сегашниот корисник или кај друг орган, односно организација, органот за денационализација ќе ги прибави од нив по службена должност.

Сегашниот корисник, органот и организацијата од ставот 1 на овој член се должни на органот за денационализација да му ја достават соодветната документација која ја имаат во рокот определен од органот за денационализација.

 

Член 51

Барањето може да се поднесе во рок од пет години од денот на влегувањето во сила на овој закон.

По истекот на рокот од ставот 1 на овој член, барање за враќање на имот може да се поднесе само доколку во меѓувреме не настапиле правни и фактички промени, а најдоцна во рок од седум години од денот на влегувањето во сила на овој закон.

По истекот на рокот од седум години од денот на влегувањето во сила на овој закон може со тужба во парнична постапка да се бара плаќање на надомест, а враќање на имот само ако нема правни и фактички пречки.

 

Член 52

Кога според одредбите на овој закон е признаено право на избор, барателот е должен изборот да го изврши пред донесувањето на решението за денационализација, во рок што ќе му го определи органот за денационализација.

Ако барателот, односно барателите не го извршат изборот во определениот рок, органот за денационализација приоритет ќе му даде на враќањето во сопственост.

 

Член 53

Решението за денационализација органот за денационализација е должен да го донесе најдоцна во рок од шест месеци од денот на поднесување на барањето, а во посложени случаи и по истекот на овој рок, но најдоцна шест месеци по решавањето на претходното прашање, ако со овој закон поинаку не е определено.

Решението од став 1 на овој член се донесува без одржување на расправа и сослушување на сведоци.

Примерок од решението за денационализација се доставува на барателот и јавниот правобранител.

 

Член 54

Решението за денационализација содржи податоци за:

1)       поранешниот сопственик на кој му е одземен имотот, односно поранешните сопственици на кои им бил одземен имотот;

 

2)       имотот што бил одземен и основот, односно актот на одземањето;

3)       имотот што се враќа, односно надоместот што се дава;

4)       лицата на кои им се враќа имотот, односно им се дава надоместот;

5)       видот и начинот на давање надомест;

6)       обврска на барателот во определен рок да плати зголемена вредност согласно со членот 21 став 2 од овој закон;

7)       обврска на државата да му плати на барателот разлика за намалена вредност согласно со членот 22 став 2 од овој закон;

8)       обврска на барателот да му се даде надомест според членот 33 од овој закон и

9)       рокот за предавање на имотот што се враќа, односно обврска на корисникот на имотот да му го предаде имотот на барателот.

         Правосилното решение од ставот 1 на овој член се доставува по службена должност до органот за јавни приходи и до органот за геодетски работи за евиденција во јавните книги, како основа за промена на правата на имотот, како и на институцијата која го наплатува надоместот за користење на градежно земјиште за утврдување обврска за плаќање на придонесот.

 

Член 55

Во решението за денационализација се означува дека имотот му се враќа, односно надоместот му се дава на поранешниот сопственик (поранешните сопственици) односно на неговите (нивните) наследници.

Кога баратели се наследници на денационализација, решението за денационализација гласи на наследниците прогласени со правосилно решение за прогласување на наследници донесено согласно со одредбите на овој закон според наследничките делови утврдени со решението.

 

Член 56

Кога актот за одземање имот гласи на друго лице, а не на поранешниот сопственик за што во постапката за денационализација и двете странки поднеле барање за денационализација, и меѓу нив се појавил спор, органот за денационализација, пред да го донесе решението од членот 54 став 1 на овој закон, со заклучок ќе ја упати странката на која гласи актот за одземање на имотот да поведе парница пред надлежниот суд во определен рок.

Правосилната судска пресуда го обврзува органот за денационализација во поглед на лицето на кое му се враќа имотот, односно му се плаќа надомест.

Ако странката не ја поведе парницата во определениот рок на што била упатена согласно со ставот 1 на овој член, органот за денационализација решението за денационализација ќе го донесе согласно со актот за сопственост.

 

Член 57

Кога актот за одземање на имотот гласи на име на поранешен сопственик кој поднел барање за денационализација, а доказот за сопственост гласи на лице кое не поднело такво барање, со решението од членот 54 на овој закон ќе се врати имотот, односно ќе се определи да се плати надомест на барателот, односно на неговите наследници.

Со решението од ставот 1 на овој член не се задира во правото на трети лица со тужба пред надлежен суд да бараат лицата на кои им е вратен имотот или платен надомест ним да им го предадат вратениот имот,односно да им го предадат исплатениот надомест во роковите предвидени со прописите за имотното право.

 

Член 58

Кога барателот е поранешен сопственик, односно негов наследник во постапката за денационализација може да се склучи спогодба-порамнување за враќање на имот, односно давање на надомест за целиот или за дел од имотот.

Порамнувањето од ставот 1 на овој член го склучуваат поранешниот сопственик, односно неговиот наследник и јавниот правобранител, а ако се враќа земјоделско земјиште согласно со член 26 од овој закон, односно недвижност или друго средство согласно со членот 35 од овој закон, во склучувањето на порамнувањето учествуваат и корисниците на земјиштето.

Порамнувањето од ставот 1 на овој член е извршна исправа.

 

Член 59

Против решението на органот за денационализација може да се изјави жалба до Владата на Република Македонија.

 

Член 60

Против решението на Владата на Република Македонија може да се поведе управен спор.

 

Член 61

Кога е поднесено барање за имот од членот 4 став 1 на овој закон, а кон барањето не се поднесени ниту актот за одземање ниту докази за сопственост според членот 49 став 3 точки 1) и 3) од овој закон органот за денационализација, пред да го донесе решението од членот 54 став 1 на овој закон, со заклучок ќе го упати барателот во определен рок да поведе пред надлежниот суд парница за утврдување на постоење на правото на сопственост.

Ако во рокот определен согласно со ставот 1 на овој член барателот не поведе парница, органот за денационализација со решение ќе го одбие барањето за враќање на имот или за плаќање на надомест, а барателот може тоа барање да го истакне во тужба, ако не истекол рокот од членот 51 став 3 на овој закон и под условите предвидени во таа одредба.

 

Член 62

Правосилното решение за враќање на имот од членовите 54 и 57 став 1 на овој закон и порамнувањето за враќање на имот од член 58 на овој закон, се основа за запишување на сопственоста во евиденцијата за правата на недвижностите.

 

Член 63

Во постапката за денационализација не се применуваат одредбите за враќање во поранешна состојба и за обнова на постапката.

Заинтересираните лица можат своите права спрема лицата на кои им е вратен имотот или платен надомест според одредбите од овој закон да ги остваруваат со тужба пред надлежниот суд во рок од пет години по правосилноста на решението за денационализација.

 

Член 64

За поднесените барања за денационализација за донесените решенија и нивно извршување Министерството за финансии води посебна евиденција.

Министерот за финансии во согласност со министерот за правда ја пропишува формата, содржината и начинот на водење на евиденцијата од став 1 на овој член.

 

Член 65

Владата на Република Македонија донесува Уредба за спроведување на постапката за денационализација.

 

V.       ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ

 

Член 66

Предмет на денационализација се имотите на Евреите од Македонија кои своите имоти ги напуштиле со присилна депортација во фашистичките логори, а не го преживеале погромот и немаат наследници (член 6).

 

Член 67

Постапката за враќање на имотите, односно за плаќање на надомест за имотите од член 66 органот за денационализација ја поведува по службена должност штом дојде до сознанија дека такви имоти постоеле.

Во постапката од став 1 на овој член може да се вклучи Заедницата на Евреите во Република Македонија.

Ако по поведување на постапката од став 1 на овој член се појави наследник на поранешниот сопственик, кој го преживеал или не го преживеал погромот на Евреите од Македонија, кој наследник е државјанин на Република Македонија, може да поднесе барање согласно со член 47 од овој закон, а постапката ќе продолжи според одредбите од членовите 48 до 63 на овој закон.

 

Член 68

Вратениот имот, односно дадениот надомест од член 66 на овој закон влегува во состав на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Фондот од став 1 на овој член има својство на правно лице.

Фондот има свој статут на кој согласност дава Владата на Република Македонија.

Со Фондот управува управен одбор составен од еднаков број на претставници определени од Владата на Република Македонија и од Заедницата на Евреите од Република Македонија.

Седиштето на Фондот е во Скопје.

 

Член 69

Средствата од Фондот на член 68 се наменети за изградба на дом на холокаустот на Евреите од Македонија.

Со статутот на Фондот се утврдуваат и другите цели и активности за одбележување на споменот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Со статутот на Фондот можат да се утврдат и други извори на средства.

 

VI.     ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

Член 70

На носителите на станарско право стекнато согласно со закон, односно право на користење на кои согласно со член 29 од овој закон им престанува тоа право, државата им доделува друг стан на користење, односно им го продава според условите утврдени со Законот за продажба на општествени станови (“Службен весник на Република Македонија” бр. 36/90 и 62/92).

До доделувањето на друг стан на користење, односно до неговата продажба, лицата од став 1 на овој член продолжуваат да ги користат становите во кои живеат најмногу една година сметано од моментот кога согласно со одредбите на овој закон поранешниот сопственик или неговиот наследник се стекнал со правото да им биде вратен станот.

 

Член 71

Ако до влегувањето во сила на овој закон, пред или по влегувањето во сила на Законот за денационализација, била поведена парница за враќање на имот или за давање на надоместок за имот, кои имоти се предмет на денационализација, парниците ќе продолжат, а судот за тужбеното барање ќе одлучи во согласност со одредбите на Законот за денационализација, според состојбата на имотот при поднесувањето на тужбата.

Ако по влегувањето во сила на Законот за денационализација, било поднесено барање за враќање на имот или за плаќање на имот, кои имоти се предмет на денационализација, органот за денационализација ќе постапи по барањето според одредбите на Законот за денационализација.

Ако до влегувањето во сила на овој закон, по влегувањето во сила на Законот за денационализација, било поднесено барање на надомест за експроприраниот имот (член 2 точка 2), вонпарничната постапка ќе се заврши според одредбите на Законот за експропријација.

 

Ако до влегувањето во сила на овој закон, по влегувањето во сила на Законот за денационализација било поднесено барање за прогласување на наследници, судот ја спроведува постапката и донесува решение согласно со член 14 на овој закон.

Во постапката од ставовите 1, 3 и 4 на овој член и во постапката од член 60 на овој закон не се плаќаат судски такси.

 

Член 72

Со денот на влегувањето во сила на овој закон не е дозволено располагање со имотот што е предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кое се создаваат обврски за барателот.

Правните дела и едностраните изјави на волја што се во спротивност со став 1 на овој член се ништовни.

 

Член 73

Правото на залог на недвижност што се враќа во сопственост според одредбите на овој закон престанува со правосилноста на решението за денационализација.

Заложниот доверител може да бара засновање на залог по сила на овој закон врз друга недвижност на заложниот должник, а ако должникот нема таква може спрема него да бара присилна наплата од друг негов имот.

Кога согласно со ставот 1 на овој член престанува правото на залог врз недвижност, на барање од лицето кому недвижноста му е вратена се запира постапката за засновање на заложно право врз недвижност, односно постапката за продажба на недвижност ставена под залог.

Ако заложниот доверител не може да го наплати побарувањето согласно со ставот 2 на овој член во тој случај правото на залог на недвижност не престанува и недвижноста не се враќа во сопственост.

 

Член 74

Правото на службеност, врз имот што се враќа во сопственост според одредбите на овој закон, освен стварните службености престанува со правосилноста на решението за денационализација.

 

Член 75

Основаноста на барањето за враќање на имотот, односно надомест на одземениот имот според одредбите на овој закон, ќе се цени без оглед на тоа дали до влегувањето во сила на овој закон веќе правосилно одлучил судот или друг државен орган по барање за враќање, односно надомест на одземениот имот, а барањето било правосилно одбиено.

 

Член 76

Прописите што се предвидени со овој закон, ќе се донесат најдоцна во рок од еден месец од влегувањето во сила на овој закон.

 

Член 77

Министерството за финансии заклучно со месец февруари 2002 година ќе го утврди вкупниот износ на барањата за надомест кој се дава во вид на обврзници за барањата поднесени до крајот на 2001 година, а Владата на Република Македонија најдоцна до крајот на април 2002 година ќе му предложи на Собранието на Република Македонија донесување на закон за издавање на обврзници (член 40 став 3).

Trascina file per caricare