The measure is available in the following languages:
ЗАКОН ЗА ДЕНАЦИОНАЛИЗАЦИЈА
“Службен весник на Р Македонија” бр. 20/98 од 29.04.1998 год.
I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој закон се уредува начинот, условите и постапката за враќање во
сопственост на имот, односно давање надомест на физички лица државјани
на Република Македонија за имот одземен во корист на државата (во
натамошен текст: денационализација).
Член 2
Предмет на денационализација е имотот одземен по 2 август 1944 година
врз основа на следниве закони и други прописи:
1) Закон за аграрна реформа и колонизација (“Службен лист на ДФЈ” број
64/45) и толкувањето на Законот (“Службен лист на ФНРЈ” број 16/46),
Закон за потврда и измените на Законот за аграрна реформа и
колонизација (“Службен лист на ФНРЈ” број 24/46) и Закон за аграрната
реформа и колонизација на територијата на Федерална Македонија
(“Службен весник на ФМ” број 25/45, “Службен весник на НРМ” број 11/46,
3/48, 10/49, 32/57 и “Службен весник на СРМ” број 15/65);
2) Основен закон за постапување со експроприраните и конфискуваните
шумски поседи (“Службен весник на ФНРЈ” број 61/46) и Закон за
регулирање теретите укнижени на недвижностите што преминале во
сопственост на државата врз основа на Законот за аграрна реформа и
колонизација и Основниот закон за постапување со експроприраните и
конфискуваните шумски поседи (“Службен лист на ФНРЈ” број 106/47);
3) Закон за национализација на приватните стопански претпријатија
(“Службен лист на ФНРЈ” број 98/46 и 35/48) и задолжителните толкувања
на Законот (“Службен лист на ФНРЈ” број 63/48 и 27/53);
4) Закон за уредување сопственоста на земјишните поседи на сточарите
кои се занимаваат со номадско сточарење, во врска со спроведувањето на
аграрната реформа (“Службен весник на НРМ” број 4/46) и Закон за
национализација на големите сточни поседи (“Службен весник на НРМ”
број 11/48);
5) Закон за селско- стопанскиот земјишен фонд на општонародниот имот и
за доделување земја на селско- стопанските организации (“Службен лист
на ФНРЈ” број 22/53, 52/53, 4/57 и 46/62 и “Службен лист на СФРЈ” број
10/65) и Закон за максимумот на обработлива земја што се остава на
семејни задруги и земјоделски домаќинства на подрачјето на
Социјалистичка Република Македонија (“Службен весник на СРМ” број
16/65);
6) Резолуција за осигурување на условите за проширување на станбениот
фонд по градовите и градските општини (“Службен лист на ФНРЈ” број
23/53), Закон за национализација на наемните згради и градежното
земјиште (освен одредбите кои се однесуваат на градежното земјиште)
(“Службен лист на ФНРЈ” број 52/58) и задолжителните толкувања на
Законот (“Службен лист на ФНРЈ” број 24/59, 24/61 и 1/63);
7) Закон за промет со земјишта и згради (“Службен лист на ФНРЈ” број
26/54, 19/55 и “Службен лист на СФРЈ” број 15/65 и 53/69) и Закон за
промет со земјишта и згради (“Службен весник на СРМ” број 36/75, 41/75,
10/79 и 51/88) во однос на имотот што државата го одзела над
дозволениот максимум и
8) Закон за деловните згради и деловните простории (“Службен весник на
СРМ” број 36/75) во однос на имотот што државата го одзела над
дозволениот максимум.
Член 3
Предмет на денационализација е и имотот што државата го презела како
голем имот, односно како вишок на имот за предавање на управување
согласно со членот 6 ставови 1 и 2 од Законот за постапување со имот
којшто сопствениците морале да го напуштат во текот на окупацијата и
имотот кој им е одземен од страна на окупаторот и неговите помагачи
(“Службен лист на ДФЈ” број 36/45), односно членовите 3, 5, 10 и 11 од
Законот за потврда и измени на Законот за постапување со имот којшто
сопствениците морале да го напуштат во текот на окупацијата и имотот кој
им е одземен од страна на окупаторот и неговите помагачи (“Службен лист
на ФНРЈ” број 64/46).
Предмет на денационализација е и имотот: отстапен со изјава на волја
дадена под закана и присилба и тоа за земјиште до денот на влегување во
сила на прописите за аграрна реформа и колонизација, за стопанските
објекти до денот на влегувањето во сила на прописите за национализација
на приватните стопански претпријатија и за згради и делови од згради до
денот на влегувањето во сила на прописите за национализација на
наемните згради и градежното земјиште, ако постоењето на заканата и
присилбата се докаже во судска постапка.
Член 4
Одредбите од овој закон се применуваат и кога имотот е одземен со
конфискација изречена за казниви дела до влегување во сила на
Кривичниот законик (“Службен лист на ФНРЈ” број 13/51), освен за дела на
воени злосторства.
Одредбата од став 1 на овој член не се применува за осуда за казниви
дела што за последица имале:
- смрт, тешка телесна повреда на едно или повеќе лица или други тешки
насилства врз лица;
- разурнување или оштетување на туѓ имот од поголем обем, експлозија
или друг акт на тероризам и
- кражба, грабеж, разбојништво или разбојничка кражба.
При враќање на имот, односно давање на надомест за имот според
одредбите на овој закон одземен со конфискација, кога се исполнети
условите од ставовите 1 и 2 на овој член, не се зема предвид имотот кој од
извршувањето на конфискацијата бил изземен согласно со членовите 6 и
29 од Законот за конфискација имотот и за извршување конфискацијата
(“Службен лист на ДФЈ” број 40/45) односно членовите 4 и 26 од Законот
за конфискација на имотот и за извршување на конфискација (“Службен
лист на ФНРЈ” број 61/46).
Третите лица кои согласно со членовите 22 и 23, односно членовите 21 н
22 од законите наведени во став 3 на овој член не истакнале изречно
барање во постапката за извршување на конфискација, или такво барање
во таа постапка не им било уважено, имаат положба на барател според
одредбите на овој закон, а ако не се живи, положба на барател имаат
нивните наследници.
Барањето за преиначување и укинување на одлуката со која е изречена
казна конфискација на имот се поднесува до надлежниот суд според
живеалиштето на осудениот во време на осудата во рок од една година од
денот на влегувањето во сила на овој закон.
Кон барањето од ставот 5 на овој член се приложува одлуката со која е
изречена казната конфискација на имот во оригинал или во службено
заверен препис.
По барањето од ставот 5 на овој член судот ќе постапи согласно со членот
389 од Законот за кривичната постапка, така што оцената дали се
исполнети условите за укинување на казната конфискација утврдени со
ставовите 1 и 2 на овој член ќе ја изврши врз основа на одлуката
приложена согласно со ставот 6 на овој член и ќе ја преиначи со пресуда
правосилната одлука, кога конфискацијата е изречена како споредна
казна, односно ќе ја укине правосилната одлука, кога конфискацијата е
изречена како единствена казна.
Правосилната судска одлука за укинување односно преиначување на
одлуката за конфискација е основа за поведување на управна постапка за
денационализација согласно со одредбите на овој закон.
Член 5
Лицата од членот 11 на овој закон кои според одредбите на овој закон
имаат право да бараат враќање на имот, односно давање на надомест
можат во рок од пет години по неговото влегување во сила да бараат
враќање на имот или плаќање на надомест според одредбите на овој закон
од:
1) секое лице кое според членот 3, односно членот 13 став 1 од законите
наведени во членот 3 од овој закон не го предало на државата нивниот
имот како имот на присилно отсутните лица, на што било должно
независно од начинот како тој имот го стекнало во сопственост или во
посед и
2) свој близок роднина, односно наследник кој нивен имот добил на
управување, односно наследство, а не влегува во кругот на лицата кои
според одредбите на овој закон имаат право да бараат враќање на имот,
3 односно плаќање на надомест, кога такво право имаат наследниците на
поранешниот сопственик.
Член 6
Предмет на денационализација не е имот:
1) одземен според Законот за ревизија на доделување земја на
колонистите и аграрните интересенти во Народна Република Македонија и
во Автономната Косовско- Метохиска област,
2) одземен по основа на губење државјанство по сила на закон или врз
основа на правосилна пресуда и
3) за кој е склучена меѓудржавна спогодба (договор) за обесштетување за
одземен имот.
Предмет на денационализација не е одземено градежно земјиште и
експроприран имот а имотно правните односи за овој имот се расправаат
во согласност со прописите за градежно земјиште и експропријација.
Предмет на денационализација не е земјоделско земјиште и шуми
опфатени со арондација, односно комасација, а имотно правните односи се
расправаат во согласност со прописите за арондација и комасација на
земјоделско земјиште и шуми.
Член 7
Предмет на денационализација не е одземен имот за кој е определен и
примен надомест.
По исклучок од став 1 на овој член, ако одземениот имот за кој е примен
надомест постои, имотот може да се врати при што барателот е должен да
врати надомест во износ, на начин и постапка утврдени со прописот на
Владата на Република Македонија од членот 31 став 2 на овој закон.
Член 8
Враќањето и надоместок за одземен имот се врши без право на надомест
на обична штета и надомест за испуштена корист.
Член 9
Не се враќа во сопственост, а се дава надомест за:
1) имот кој по одземањето според закон станал добро во општа употреба и
тоа: јавни плоштади, улици, сообраќајници, паркови, јавно- сообраќајни
површини и други објекти на комунална инфраструктура;
2) имот на кој до денот на влегувањето во сила на овој закон право на
сопственост стекнало друго физичко или правно лице со правно дело или
одлука на надлежен орган;
3) национализиран сточен фонд (стада овци, кози, крупен добиток и друг
сточен фонд);
4) имот кој се користи и е во функција за потребите на одбраната и
безбедноста на Република Македонија;
5) имот даден од државата под концесија и
6) имот што се користи во јавно здравствените установи и установи за
социјална и детска заштита и државното образование (училишта,
амбуланти и болници).
По исклучок од точката 2 на став 1 од овој член не се дава надомест за
имот стекнат со правно дело до влегувањето во сила на прописите за
постапување со имотот којшто сопствениците морале да го напуштат и
имотот кој им е земен од страна на окупаторот и неговите помагачи,
согласно со членот 3 од овој закон, а сопственикот на имотот има право да
бара од лицето кое на денот на влегувањето во сила на тие прописи било
држател на неговиот имот, односно неговите правни наследници да му го
врати имотот или да му плати надомест за истиот, а ако сопственикот не е
жив, тоа право го имаат неговите наследници.
Барањето од ставот 2 на овој член може да се поднесе во рок од пет
години по влегувањето во сила на овој закон.
Член 10
Начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот во државна
сопственост кој е предмет на денационализација, со пропис ја определува
Владата на Република Македонија.
Член 11
Право да поднесе барање за денационализација има поранешниот
сопственик, односно лицата кои се негови наследници на денот на
влегување во сила на овој закон, според прописите за наследување
(барател).
Барател во смисла на ставот 1 на овој член е лице кое на денот на
влегувањето во сила на овој закон е државјанин на Република Македонија.
Член 12
По барање за денационализација одлучува Министерството за финансии -
Управата за имотно- правни работи.
Член 13
Во постапката за денационализација се применуваат одредбите на Законот
за општа управна постапка доколку со овој закон поинаку не е
определено.
Член 14
Во постапката за денационализација правна заштита на имотните права и
интереси на Република Македонија врши Јавното правобранителство на
Република Македонија.
Член 15
Во постапката за денационализација не се плаќаат такси.
II. ВРАЌАЊЕ ВО СОПСТВЕНОСТ
Член 16
Недвижност се враќа во сопственост во целост или дел во состојба во која
што се наоѓа на денот на влегувањето во сила на овој закон.
Недвижност се враќа како дел, кога не е можно целосно враќање, кога со
тоа се согласил барателот и доколку е тоа возможно, ако со друг закон
поинаку не е определено.
Член 17
За недвижност чија вредност по одземањето е зголемена преку една
половина државата на барателот му понудува по следниов приоритет:
1) враќање во сопственост доколку се плати разлика за зголемената
вредност на недвижноста;
2) воспоставување яяяяяяясосопственички дел до висината на првобитната
вредност на недвижноста и
3) плаќање надомест.
Разликата во вредноста од ставот 1 точка 1 на овој член барателот е
должен да ја плати во рок од една година од правосилноста на решението
за денационализација, а ако разликата не ја плати во определениот рок се
воспоставува сосопственички дел до висината на првобитната вредност на
недвижноста, со државата.
Член 18
Недвижноста чија вредност по одземањето е намалена преку една
половина се враќа во сопственост со плаќање на разлика за намалената
вредност на недвижноста.
Разликата во вредноста од ставот 1 на овој член државата е должна да ја
надомести на начин предвиден со овој закон.
Член 19
Кога се враќа недвижност во сопственост, помошните и на нив слични
простории и објекти, како и прирастоците и споредните предмети ја делат
судбината на недвижноста.
Член 20
Имот вратен во сопственост се предава во владение по исполнување на
условите утврдени во правосилното решение за денационализација.
Предавањето на имот што се враќа во сопственост ќе го изврши органот за
денационализација по барање на барателот согласно со ставот 1 на овој
член.
Ако имотот вратен во сопственост е во владение на корисник, тој е должен
на барателот да му го предаде имотот согласно со ставот 1 на овој член во
присуство на органот за денационализација, а во случај на договор меѓу
барателот и корисникот нема да се спроведе административно извршување
во управна постапка.
Ако баратели се повеќе наследници на поранешниот сопственик, органот
за денационализација ќе го предаде имотот на чување на доверливо лице
кое може да биде еден од наследниците или друго лице кое ќе го
определат мнозинството од наследниците, односно можните наследници.
За оваа мерка органот за денационализација ќе го извести надлежниот суд
согласно со Законот за вонпроцесна постапка.
Ако предавањето во владение не е извршено согласно со ставот 1 на овој
член на барателот му следува закупнина до денот на предавање во
владение, според прописите на облигационото право, која паѓа на товар на
корисникот на имотот кој не го предава во владение.
Корисникот на посеано, односно насадено земјоделско земјиште има право
да ги собере плодовите за што може да бара предавањето на земјиштето
во владение да се одложи најдоцна за 12 месеци од исполнувањето на
условите од ставот 1 на овој член, ако поинаку не се договори со
барателот.
Член 21
Кога се враќа во сопственост недвижност издадена во закуп во поглед на
престанокот на закупот и закупнината се применуваат прописите на
облигационото право што се однесуваат на отуѓување на закупен предмет,
доколку со овој закон поинаку не е определено.
Член 22
Земјиштето кое на денот на влегување во сила на овој закон е земјоделско
земјиште, шуми, шумско земјиште, пасишта и утрини се враќа во
сопственост.
Кога се враќа во сопственост земјоделско земјиште, шуми, шумско
земјиште, пасишта и утрини во состав на комплекси се стекнува право на
сосопственост врз земјиштето со државата.
Имотно- правните, односи меѓу државата и соопштениот, односно
сосопствениците, во рамките на комплексите се уредуваат според
прописите на имотно право, со тоа што при физичка делба на земјиштето
на сопственикот му припаѓа земјиштето вратено согласно со ставот 1 од
овој член.
Член 23
Се враќаат во сопственост станбени згради и станови во кои не живеат
носители на право па користење, како и станбени згради и станови во кои
живеат носители на право на користење, а кои имаат станбена зграда или
стан во сопственост, со денот на влегување во сила на овој закон.
Станбени згради и станови во кои живеат носители на право на користење,
а немаат станбена зграда или стан во сопственост не се враќаат во
сопственост, а поранешните сопственици имаат право на надомест според
одредбите на овој закон.
Член 24
Деловни згради и деловни простории се враќаат во сопственост ако со овој
закон поинаку не е определено.
Член 25
Движен предмет се враќа во сопственост ако постои и може да се
идентификува, освен ако поинаку не е определено со закон.
Член 26
За одземен имот кој се наоѓал во претпријатие трансформирано според
прописите за трансформација на претпријатијата со општествен капитал,
Агенцијата на Република Македонија за трансформација на
претпријатијата со општествен капитал врз основа на правосилно решение
за денационализација, во рок од 30 дена од презентирањето на
обврзниците од серијата “А” му ги предава на барателот во сопственост
акциите, уделите и недвижностите во висина на резервираниот дел кои со
договор се пренесени на Агенцијата како и закупнината и другите
погодности, намалени за трошоците, односно акциите, уделите и
дивидендите што произлегуваат од нив во согласност со членовите 38 став
3 и 39 став 1 од Законот за трансформација на претпријатијата со
општествен капитал.
Барателот има право да бара разлика, доколку со тоа што му е вратено
согласно со ставот 1 на овој член не остварил надомест определен со
членот 31 став 2 од овој закон.
Разликата од ставот 2 на овој член ќе биде надоместена согласно
одредбите за надомест од овој закон.
Член 27
Барателот има право на надомест според одредбите на овој закон и во
случаите кога тој не поднел барање во постапката за трансформација на
претпријатијата со општествен капитал, односно кога во таа постапка
поднел барање, но не можел да биде намирен, како и кога одземениот
имот не постои.
Член 28
Кога не е извршена трансформација на претпријатие со општествен
капитал се враќа во сопственост недвижност или друго средство за кое е
поднесено барање за денационализација, ако во времето на
поднесувањето на барањето претпријатието располага со нив и ако со тоа
не се нарушува градежната, техничката и технолошката целина на
претпријатието.
Дали се нарушува градежната, техничката и технолошката целина на
претпријатието од ставот 1 на овој член е претходно прашање кое се
разрешува во посебна постапка меѓу барателот за денационализација и
претпријатието, договорно или во случај на спор пред надлежен суд.
Член 29
За одземен имот што се наоѓа во претпријатие под стечај, како и за имот
кој се наоѓал во претпријатие на кое е спроведен стечај, на барателот му
припаѓа надомест согласно со членот 31 став 2 на овој закон.
Член 30
Во вредноста на имотот од членовите 26, 27, 28 и 29 на овој закон не се
засметува вредноста на деловите од претпријатието кои се припоиле кон него по извршеното одземање, како и вредноста на градежното земјиште
на кое се изградени објекти на претпријатието.
III. НАДОМЕСТ
Член 31
Надомест се дава за имот кој не се враќа, како и кога имотот не се враќа
затоа што престанал да постои.
Надомест во смисла на став 1 од овој член се определува според
состојбата на имотот во моментот на одземањето, согласно со Уредбата за
процена на вредноста и утврдување надомест за денационализиран имот
што ја донесува Владата на Република Македонија.
Член 32
Надоместок се дава во вид на обврзници.
Член 33
Во случаите кога за одземена недвижност која денес не постои, во
надомест е дадена друга недвижност, тогаш како надомест се смета
дадената недвижност.
Член 34
За надоместок кој се дава во вид на обврзници Република Македонија
издава обврзници.
Обврзниците гласат во ДЕМ и на нив не се пресметува камата.
Обврзниците гласат на доносител и се издаваат во апоени од 50, 100, 500
и 1.000 ДЕМ.
Прометот на обврзниците е слободен и не подлежи на плаќање данок на
промет.
Член 35
Содржината, формата и текстот на обврзниците ги пропишува министерот
за финансии.
Член 36
Обврзниците се издаваат во две серии и тоа како серија “А” и серија “Б”.
Корисникот на надоместок самостојно се определува дали надоместок ќе го
земе во обврзници од серијата “А” или во обврзници од серијата “Б”.
Корисникот на надоместок за кој веќе се резервирани акции или удели
согласно со Законот за трансформација на претпријатијата со општествен
капитал првенствено се намирува од обврзниците од серија “А”.
Член 37
Кога надоместок се зема во обврзници од серија “А” во тој случај
надоместувањето ќе се врши во висина од 100% од утврдениот надомест.
Член 38
Кога надоместок се зема во обврзници од серија “Б” во тој случај
надоместувањето ќе се врши во висина од 60% од утврдениот износ на
надомест, но не повеќе од денарска противвредност од 100.000 ДЕМ.
Член 39
Отплата на обврзниците од серија “А” се врши со замена на друг
еквивалент на сопственост и тоа:
- за акции и удели на претпријатијата кои ги поседува Агенцијата на
Република Македонија за трансформација на претпријатијата со
општествен капитал;
- за акции и удели на претпријатијата кои се резервирани за поранешните
сопственици согласно со Законот за трансформација на претпријатијата со
општествен капитал;
- за акции и удели на претпријатијата со кои управува Агенцијата за
санација на банка;
- за побарување на Агенцијата за санација на банка од претпријатијата, а
кои ќе предмет на продажба;
- за купување на државен имот кој е понуден на продажба и за чиј откуп е
предвидена можност за плаќање со државни обврзници и
- за друг еквивалент на сопственост определен со закон.
Отплатата на обврзниците од серијата “А” застарува во рок од десет
години од денот на издавањето на обврзниците.
Член 40
Отплатата на обврзниците од серија “Б” се врши во денари со среден курс
на Народна Банка на Република Македонија на денот на плаќањето.
Отплатата на обврзниците од став 1 на овој член ќе се врши во рок од 30
години во еднакви годишни рати, врз основа на купони што ги содржи
обврзницата, а кои пристигнуваат за отплата на 1 јули секоја година
почнувајќи од 1 јули 2000 година.
Обврските од обврзниците застаруваат за една година од денот на
пристигнувањето на отплатата.
Член 41
Средствата за отплата на годишните рати од обврзниците од серија “Б” се
обезбедуваат од:
1) дел од средствата што се остваруваат со трансформација на
претпријатијата со општествен капитал;
2) средствата од продажба на имот на Република Македонија кои со друг
закон не се определени за друга намена;
3) средствата остварени од закуп на државен имот ако со друг закон не се
определени за друга намена;
4) средствата што се остваруваат според одредбите од овој закон
(надомест за вратен имот, надомест за зголемена вредност на вратен имот
и данок на наследство);
5) дел од средствата на Буџетот на Република Македонија и
6) други приходи утврдени со закон.
Член 42
Средствата од членот 41 на овој закон се прибираат во Буџетот на
Република Македонија.
Средствата од став 1 на овој член се водат на посебна жиро сметка -
Средства за денационализација.
Член 43
Прибирањето, исплатата и евиденцијата на средствата од членот 42 на
овој закон го врши Министерството за финансии.
Член 44
Работите на евидентирањето на обврзниците од серија “А” и серија “Б” и
пресметувањето и сервисирањето на отплатата на годишните рати од
обврзниците од серија “Б”, во име и за сметка на Република Македонија
може да се доверат и на друг од Владата овластен правен субјект за
работи со хартии од вредност во Република Македонија кој ќе понуди
поповолни услови.
Договор за вршење на работите од ставот 1 на овој член во име и за
сметка на Република Македонија склучува министерот за финансии.
IV. ПОСТАПКА
Член 45
Постапката за денационализација се поведува на предлог од барателот
(барање).
Кога за една иста недвижност, еден или повеќе движни предмети се
поднесени барања од повеќе поранешни сопственици, или од повеќе
наследници на еден, односно повеќе поранешни сопственици, по сите
барања се води една постапка и се донесува едно решение за
денационализација.
Член 46
Барањата се поднесуваат до Министерството за финансии - Управата за
имотно- правни работи (орган за денационализација) (член 12).
Барањата кои се однесуваат на недвижен имот се поднесуваат до
Министерството за финансии - Управата за имотно- правни работи на
подрачјето каде што се наоѓал тој имот во време на одземањето.
Барањата кои се однесуваат на движен имот се поднесуваат до
Министерството за финансии - Управата за имотно- правни работи на
подрачјето каде што се наоѓало живеалиштето на поранешниот сопственик
во време на одземањето на тој имот.
Член 47
Барањето од членот 45 на овој закон се поднесува на образец што го
пропишува министерот за финансии.
Образецот од ставот 1 на овој член особено треба да содржи податоци за
имотот за кој се бара враќање, замена, односно плаќање на надомест,
правна основа за одземањето, како и за видот и начинот на враќањето.
Кон барањето од ставот 1 на овој член се поднесува:
1) актот за одземање на имотот;
2) доказ за државјанство на Република Македонија стекнато до денот на
влегување во сила на овој закон и
3) доказ за сопственост на имотот ако од актот за одземање на имотот не
може да се идентификува одземениот имот односно неговиот сопственик и
тоа:
- за недвижности - правото на сопственост се докажува со тапија, договор,
пресуда и решение и
- за движни предмети - писмени докази (договори за прибавување фактури
и пресуди).
Актите од ставот 3 на овој член се поднесуваат во оригинал или во
службено заверен препис.
Член 48
Ако актот за одземање на имотот и доказите за сопственост барателот не
може да ги приложи, а тие се наоѓаат кај сегашниот корисник или кај друг
орган, односно организација, органот за денационализација ќе ги прибави
од нив по службена должност.
Сегашниот корисник, органот и организацијата од ставот 1 на овој член се
должни на органот за денационализација да му ја достават соодветната
документација која ја имаат во рокот определен од органот за
денационализација.
Член 49
Барањето може да се поднесе во рок од три години од денот на
влегувањето во сила на овој закон.
По истекот на рокот од ставот 1 на овој член барање за враќање на имот
може да се поднесе само доколку во меѓувреме не настапиле правни и
фактички промени, а најдоцна во рок од пет години од денот на влегување
во сила на овој закон.
По истекот на рокот од пет години од денот на влегувањето во сила на овој
закон може со тужба во парнична постапка да се бара плаќање на
надомест, а враќање на имот само ако нема правни и фактички пречки.
Член 50
Кога според одредбите на овој закон е признаено право на избор,
барателот е должен изборот да го изврши пред донесувањето на
решението за денационализација, во рок што ќе му го определи органот за
денационализација.
Ако барателот, односно барателите не го извршат изборот во определениот
рок, органот за денационализација приоритет ќе му даде на враќањето во
сопственост.
Член 51
Решението за денационализација органот за денационализација е должен
да го донесе најдоцна во рок од шест месеци од денот на поднесување на
барањето, а во посложени случаи и по истекот на овој рок, но најдоцна
шест месеци по решавањето на претходното прашање.
Решението од ставот 1 на овој член се донесува без одржување на
расправа и сослушување на сведоци.
Примерок од решението за денационализација се доставува на барателот,
јавниот правобранител и корисникот на имотот.
Член 52
Решението за денационализација содржи податоци за:
1) поранешниот сопственик на кој му е одземен имотот, односно
поранешните сопственици на кои им бил одземен имотот;
2) имотот што бил и основот, односно актот на одземањето;
3) имотот што се враќа, односно надоместок што се дава;
4) лицата на кои им се враќа имотот, односно им се дава надоместок;
5) начинот на давање надомест;
6) обврска на барателот во определен рок да плати зголемена вредност
согласно со членот 17 став 2 од овој закон;
7) обврска на државата да му плати на барателот разлика за намалена
вредност согласно со членот 18 став 2 од овој закон;
8) обврска на барателот да му се даде надомест според членот 26 од овој
закон и
9) рокот за предавање на имотот што се враќа, односно обврска на
корисникот на имотот да му го предаде имотот на барателот.
Правосилното решение од ставот 1 на овој член се доставува по службена
должност до органот за јавни приходи и до органот за геодетски работи за
евиденција во јавните книги, како основа за промена на правата на
имотот.
Член 53
Во решението за денационализација се означува дека имотот се враќа,
односно надоместок му се дава на поранешниот сопственик (поранешните
сопственици) односно неговите (нивните) наследници.
Кога поранешниот сопственик е умрен или прогласен за умрено лице,
решението за денационализација гласи за наследниците на поранешниот
сопственик без нивно именување.
Во случајот од ставот 2 на овој член, решението за денационализација ги
содржи сите елементи предвидени во членот 52 став 1 од овој закон, освен
имињата на наследниците, а без назначување на имињата на
наследниците се формулираат од членот 52 точките 6 до 9 на овој закон.
Правосилното решение за денационализација е основа за поведување
оставинска постапка во смисла на прописите за наследување, односно за
поведување оставински постапки. Правосилното решение органот за
денационализација му го доставува на судот надлежен за поведување
оставинска постапка според прописите на вонпарничната постапка.
Во решението за прогласување на наследници, покрај прогласените
наследници и нивните наследни делови, се внесуваат податоците од
членот 52 став 1 на овој закон, а правата и обврските на наследниците од
членот 52 став 1 точки 6 до 9 на овој закон се формулираат согласно со
наследничките делови.
Правосилното решение за прогласување на наследници судот го доставува
на:
1) органот за денационализација за постапување во согласност со членот
20 ставови 1 и 2 од овој закон и
2) органите наведени во членот 52 став 2 од овој закон.
Член 54
Кога актот за одземање имот гласи на друго лице, а не на поранешниот
сопственик за што во постапката за денационализација и двете странки
поднеле барање за денационализација, и меѓу нив се појавил спор,
органот за денационализација, пред да го донесе решението од членот 52
став 1 на овој закон, со заклучок ќе ја упати странката на која гласи актот
за одземање на имотот да поведе парница пред надлежниот суд во
определен рок.
Правосилната судска пресуда го обврзува органот за денационализација
во поглед на лицето на кое му се враќа имотот, односно му се плаќа
надомест.
Ако странката не ја поведе парницата во определениот рок на што била
упатена согласно со ставот 1 на овој член, органот за денационализација
решението за денационализација ќе го донесе согласно со актот за
сопственост.
Член 55
Кога актот за одземање на имотот гласи на име на поранешен сопственик
кој поднел барање за денационализација, а доказот за сопственост гласи
на лице кое не поднело такво барање, со решението од членот 52 на овој
закон ќе се врати имотот, односно ќе се определи да се плати надомест на
барателот, односно на неговите наследници.
Со решението на ставот 1 на овој член не се задира во правото на трети
лица со тужба пред надлежен суд да бараат лицата на кои им е вратен
имотот или платен надомест ним да им го предадат вратениот имот односно
да им го предадат исплатениот надомест во роковите предвидени со
прописите за имотното право.
Член 56
Кога барателот е поранешен сопственик во постапката за
денационализација може да се склучи спогодба - порамнување за враќање
на имот, односно давање на надомест за целиот или за дел од имотот.
Порамнувањето од ставот 1 на овој член го склучуваат поранешниот
сопственик и јавниот правобранител, а ако се враќа земјоделско земјиште
согласно со членот 22 став 2 од овој закон во склучувањето на
порамнувањето учествуваат и корисниците на земјиштето.
Порамнувањето од ставот 1 на овој член е извршна исправа.
Член 57
Против решението на органот за денационализација може да се изјави
жалба до Владата на Република Македонија.
Член 58
Против решението на Владата на Република Македонија може да се поведе
управен спор.
Член 59
Кога е поднесено барање на имот од членот 3 став 1 на овој закон, а кон
барањето не се поднесени ниту актот за одземање ниту докази за
сопственост според членот 47 став 3 точки 1 и 3 од овој закон органот за
денационализација, пред да го донесе решението од членот 52 став 1 на
овој закон, со заклучок ќе го упати барателот во определен рок да поведе
пред надлежниот суд парница за утврдување на постоење на правото на
сопственост.
Ако во рокот определен согласно со ставот 1 на овој член барателот не
поведе парница, органот за денационализација со решение ќе го одбие
барањето за враќање на имот или за плаќање на надомест, а барателот
може тоа барање да го истакне со тужба, ако не истекол рокот од членот
49 став 3 на овој закон и под условите предвидени со таа одредба.
Член 60
Правосилното решение за враќање на имот од членовите 52 и 55 став 1 на
овој закон, за прогласување на наследници од членот 53 став 4 на овој
закон и порамнувањето за враќање на имот од членот 56 на овој закон, се
основа за запишување на сопственоста во евиденцијата за правата на
недвижностите.
Член 61
Во постапката за денационализација не се применуваат одредбите за
враќање во поранешна состојба и за обнова на постапката.
Заинтересираните лица можат своите права спрема лицата на кои им е
вратен имотот или платен надомест според одредбите од овој закон да ги
остваруваат со тужба пред надлежниот суд во рок од пет години по
правосилноста на решението за денационализација.
Член 62
За поднесените барања за денационализација за донесените решенија и
нивно извршување Министерството за финансии води посебна евиденција.
Министерот за финансии во согласност со министерот за правда ја
пропишува формата, содржината и начинот на водење на евиденцијата од
став 1 на овој член.
Член 63
Владата на Република Македонија донесува Уредба за спроведување на
постапката за денационализација.
V. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 64
Со денот на влегувањето во сила на овој закон не е дозволено
располагање со имотот што е предмет на денационализација, како и
искористување на таков имот со кое се создаваат обврски за барателот.
Правните дела и едностраните изјави на волја што се во спротивност со
став 1 на овој член се ништовни.
Член 65
Правото на залог на недвижност што се враќа во сопственост според
одредбите на овој закон престанува со правосилноста на решението за
денационализација.
Заложниот доверител може да бара засновање на залог по сила на овој
закон врз друга недвижност на заложниот должник, а ако должникот нема
таква може спрема него да бара присилна наплата од друг негов имот.
Кога согласно со ставот 1 на овој член престанува правото на залог, врз
недвижност, на барање од лицето кому недвижноста му е вратена се
запира постапката за засновање на заложно право врз недвижност,
односно постапката за продажба на недвижност ставена под залог.
Ако заложниот доверител не може да го наплати побарувањето согласно со
ставот 2 на овој член во тој случај правото на залог на недвижност не
престанува и недвижноста не се враќа во сопственост.
Член 66
Правото на службеност, врз имот што се враќа во сопственост според
одредбите на овој закон, освен стварните службености престанува со
правосилноста на решението за денационализација.
Член 67
Основаноста на барањето за враќање на имотот, односно надомест на
одземениот имот според одредбите на овој закон, ќе се цени без оглед на
тоа дали до влегувањето во сила на овој закон веќе правосилно одлучил
судот или друг државен орган по барање за враќање, односно надомест на
одземениот имот, а барањето било правосилно одбиено.
Член 68
Прописите што се предвидени со овој закон, ќе се донесат најдоцна во рок
од осум месеци од влегувањето во сила на овој закон.
Член 69
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во
“Службен весник на Република Македонија”.