The measure is available in the following languages:
ЗАКОН ЗА РАДИОДИФУЗНАТА ДЕЈНОСТ
Сл.Весник на Р.Македонија бр.100 од 21.11.2005 година
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој закон се уредуваат условите и начинот на вршење на радиодифузната дејност и работите од јавен интерес во областа на радиодифузијата.
Член 2
Целта на овој закон е да обезбеди:
- слобода на изразувањето во радиодифузната дејност во согласност со Уставот на Република Македонија и со меѓународните договори што ги ратификувала и кон кои пристапила Република Македонија;
- заштита на интересите на корисниците;
- поттикнување, унапредување и заштита на културниот идентитет, образовниот и научниот развој. Поттикнување на развој на творештвото, јазикот и традициите во радиодифузната дејност;
- унапредување и поттикнување на конкуренцијата и развој на радиодифузната дејност;
- транспарентност, независност и недискриминација во регулаторните процеси и независен и ефикасен јавен радиодифузен сервис.
Член 3
Радиодифузна дејност е емитување и пренос на радио и/или телевизиски програмски сервиси независно од техничките средства за пренесување, во кодиран или некодиран облик, наменети за прием од страна на јавноста.
Техничките услови за поставување и работа на радиостаниците, односно условите под кои се врши изградбата, одржувањето и употребата на мрежите и средствата за емитување на програмите и за пренос преку јавни комуникациски мрежи се уредува со прописите што ја уредуваат областа на електронските комуникации.
Член 4
Одделните изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:
1. Радиодифузер е правно или физичко лице кое има уреднички одговорности при составувањето на програмите на радиото, односно телевизиските програмски сервиси наменети за прием од страна на јавноста која ја пренесува, или за него ја пренесуваат трети лица во целост и неизменета;
2. Оператор на јавна комуникациска мрежа е правно лице кое има право да гради, поседува, изнајмува и работи со јавна комуникациска мрежа и придружни средства и може да дава јавни комуникациски услуги;
3. Емитување е изворно предавање на радио и/или телевизиски програмски сервиси наменети за прием од страна на јавноста што се распространуваат преку терестријален предавател, електронска комуникациска мрежа или сателит. Ова не ги опфаќа комуникациските услуги што се вршат врз основа на индивидуално барање;
4. Реемитување е примање и истовремено емитување преку какви било технички средства, на комплетни и неизменети радио или телевизиски програмски сервиси, или на важни делови на таквите сервиси, што други радиодифузери ги емитуваат за прием од страна на јавноста;
5. Радиодифузна дејност на државно ниво е радиодифузна дејност што ја врши радиодифузер што обезбедува опфат на слушаност, односно гледаност на најмалку 80% од населението на Република Македонија;
6. Радиодифузна дејност на регионално ниво е радиодифузна дејност што ја врши радиодифузер што обезбедува опфат на слушаност, односно гледаност на подрачје на повеќе општини што претставуваат засебна природна географска и демографска целина и кое опфаќа население меѓу 150.000 400.000 жители. Градот Скопје со неговата околина е посебен регион;
7. Радиодифузна дејност на локално ниво е радиодифузна дејност што ја врши радиодифузер што обезбедува опфат на слушаност, односно гледаност на подрачје на едно населено место со најблиската околина кое опфаќа до 150.000 жители;
8. Програмски сервис е целина од емисии и други елементи на еден единствен сервис што го обезбедува конкретен радиодифузер и што е наменет за прием од страна на јавноста;
9. Програма од сопствено производство е радио или телевизиска програма создадена по иницијатива и во организација на самиот радиодифузер. Како сопствена програма се смета и програмата што се создава по нарачка на радиодифузерот (нарачана продукција), како и програмата произведена во копродукција. Во сопствена програма не се сметаат рекламирањето, телешопингот и другите платени огласи;
10. Рекламирање е секое јавно огласување вклучено во програмата на радиодифузерот кое има за цел поттикнување на продажба, купување или изнајмување на производи или услуги, промовирање некоја акција или идеја или постигнување друг ефект посакуван од нарачателот или од самиот радиодифузер, што се врши со плаќање или со друг соодветен надоместок или за самопромотивни цели;
11. Прикриено рекламирање е презентација, преку зборови или слики, на производи или услуги, на името, заштитниот знак или активностите на некој производител на стоки или давател на услуги, во случај кога ваквото претставување е за рекламни цели и може да ја заведе јавноста во поглед на својот карактер;
12. Спонзорирање е учество на правно или физичко лице кое не врши радиодифузна дејност или не е вклучено во производството на аудиовизуелни дела, во директно или индиректно финансирање на програмите на радиодифузерите, со цел промовирање на неговото име фирма, заштитниот знак или имиџ;
13. Телешопингот е емитување на директни понуди до јавноста емитувани независно од техничките средства на пренос со цел за купување, продажба или изнајмување на производи и услуги, вклучувајќи и недвижности, права и обврски, со плаќање. Директна понуда се смета секоја понуда која покрај информациите за добавувачот и за карактеристиките на производот или услугата, содржи и некој од следниве елементи: цената, поштенската или електронската адреса и/или телефонскиот број преку кој може да се реализира купувањето;
14. Европски аудиовизуелни дела се:
а) делата што потекнуваат од државите членки на Европската унија или од трети европски држави страни потписнички на Европската конвенција за прекугранична телевизија на Советот на Европа (доколку тие дела не подлежат на дискриминаторски мерки на тие држави) и што се главно создадени од автори и работници во тие држави, доколку исполнуваат еден од следниве услови: да се создадени од еден или повеќе продуценти основани во една или во повеќе од овие држави, или продукцијата на делата да е надгледувана и фактички контролирана од еден или повеќе продуценти основани во една или во повеќе од овие држави, или придонесот на копродуцентите од наведените држави во вкупните продукциски трошоци да преовладува и копродукцијата да не е контролирана од еден или повеќе продуценти основани надвор од овие држави; б) делата што потекнуваат од трети европски земји, а се создадени исклучиво или во копродукција од продуценти основани во трети европски држави со кои Европската унија има склучено договори што се однесуваат на аудиовизуелниот сектор, доколку тие дела се главно направени од автори и работници кои живеат во една или повеќе од овие европски држави и доколку тие дела не подлежат на дискриминаторски мерки на тие држави; в) делата што не се европски, во смисла на точките а) и б), туку се произведени во рамките на билатерални копродукциски спогодби потпишани меѓу државите членки на Европската унија и трети земји, ќе се смета дека се европски дела под услов копродуцентите од Европската унија да обезбедат поголем удел од вкупното чинење на копродукцијата и продукцијата да не е контролирана од еден или повеќе продуценти основани надвор од територијата на државите членки на Европската унија и г) делата што не се европски, во смисла на точките а) и б), туку се направени главно со автори и работници кои живеат во една или повеќе држави членки на Европската унија, ќе се смета дека се европски дела сразмерно на процентот на придонесот на копродуцентите на Европската унија во вкупните продукциски трошоци;
15. Независен продуцент е физичко или правно лице регистрирано за продукција на аудиовизуелни дела, со седиште во Република Македонија или во друга држава, под услов:
да не е вклучен во организационата структура на одделен радиодифузер; да нема учество во капиталот на радиодифузерот повеќе од 25% и радиодифузерот да нема учество во капиталот на продуцентот.
Член 5
Одредбите на овој закон се применуваат на сите радиодифузери под јурисдикција на Република Македонија.
Под јурисдикција на Република Македонија се радиодифузери основани во Република Македонија, односно радиодифузери чие седиште и чии уредувачки одлуки за програмата се донесуваат во Република Македонија. Под јурисдикција на Република Македонија се и радиодифузери кај кои:
- седиштето на радиодифузерот е во Република Македонија, а уредувачките одлуки за програмата се донесуваат во држава членка на Европската унија или во држава страна на Европската конвенција за прекугранична телевизија, или во трета страна, но значителен дел од работната сила ангажирана во спроведувањето на радиодифузната дејност е во Република Македонија;
- седиштето на радиодифузерот е во Република Македонија, а значителен дел од работната сила работи како во Република Македонија, така и во држава членка на Европската унија или во држава страна на Европската конвенција за прекугранична телевизија или во трета страна;
- седиштето на радиодифузерот е во држава членка на Европската унија или во држава страна на Европската конвенција за прекугранична телевизија, но значителен дел од ангажираните лица во спроведувањето на радиодифузната дејност е во Република Македонија и
- радиодифузер за прв пат започнал со емитувањето на програмата во Република Македонија, во согласност со нејзиното законодавство и одржува стабилна и ефективна врска со економијата на Република Македонија, во случаите кога значителен дел од ангажираните лица не работи ниту во Република Македонија ниту во држава членка на Европската унија или во држава страна на Европската конвенција за прекугранична телевизија.
- Радиодифузери за кои не важат условите утврдени во ставот 3 од овој член, се под јурисдикција на Република Македонија ако користат:
- фреквенција што ја доделува на користење Република Македонија;
- сателитски капацитет што и припаѓа на Република Македонија, иако не користи фреквенција што ја дава Република Македонија и
- сателитска врска кон сателитот од територијата на Република Македонија и ако не користи ниту фреквенција што ја дава Република Македонија ниту сателитски капацитет што и припаѓа на Република Македонија.
II. РАДИОДИФУЗЕРИ
Член 6
Радиодифузна дејност може да врши радиодифузер под услови и на начин утврдени со овој и друг закон.
Член 7
Радиодифузер може да биде јавно радиодифузно претпријатие, трговско радиодифузно друштво и непрофитна радиодифузна установа.
Член 8
Јавно радиодифузно претпријатие се основа за целата територија на Република Македонија и врши функција на јавен радиодифузен сервис. Јавното радиодифузно претпријатие од ставот 1 на овој член работи на начин и под услови утврдени со овој закон.
Член 9
Трговско радиодифузно друштво можат да основаат правни и физички лица под услови утврдени со овој и друг закон.
Член 10
Образовни, културни и други установи и здруженија на граѓани и фондации можат да основаат непрофитна радиодифузна установа со цел за да се задоволат потребите и интересите на специфични целни групи.
Повеќе субјекти од ставот 1 на овој член можат да добијат дозвола за емитување на програма на една фреквенција по принцип на поделба на времето за емитување (тајмшеринг).
Член 11
Политички партии, државни органи, органи на државна управа, јавни претпријатија, единици на локална самоуправа, носители на јавни функции и членови на нивните семејства, не можат да вршат радиодифузна дејност ниту да бидат основачи, соосновачи или да стекнуваат учество во сопственоста на радиодифузерите.
Член 12
Радиодифузерот може да започне со вршење на радиодифузната дејност по добивање на дозвола за вршење на радиодифузна дејност.
Јавното радиодифузно претпријатие дозволата за вршење радиодифузна дејност ја добива со овој закон.
III. ЗАШТИТА НА ПЛУРАЛИЗМОТ, РАЗНОВИДНОСТА И ЈАВНОСТА НА РАБОТАТА НА РАДИОДИФУЗЕРИТЕ
Член 13
За обезбедување на разновидноста на понудата на програмските сервиси и заштита на плурализмот на сопственоста на медиумите се утврдува постоење на недозволена медиумска концентрација.
Недозволена медиумска концентрација, во смисла на овој закон, се смета дека постои кога радиодифузер:
- учествува во основачкиот капитал на друг радиодифузер спротивно на одредбите од членот 14 на овој закон;
- учествува во основачки капитал на друштвото од областа на печатот кое издава дневен весник или на новинска агенција;
- учествува во основачкиот капитал на друштво за реклама и пропаганда, друштво за истражување на пазарот и јавното мислење, друштво за дистрибуција на аудиовизуелни дела, друштво за филмска продукција или друштво за телекомуникациски услуги;
- истовремено емитува радио и телевизиска програма освен за субјектот кој врши јавен радиодифузен сервис;
- истовремено емитува радио и/или телевизиска програма и издава дневен весник што се дистрибуира на подрачјето на кое се емитува радио и/или телевизиската програма и
- истовремено емитува радио и/или телевизиска програма и се занимава со дејност на новинска агенција, друштво за спроведување активности на истрага и обезбедување, друштво за реклама и пропаганда, друштво за истражување на пазарот и јавното мислење, друштво за дистрибуција на аудиовизуелни дела, друштво за филмска продукција или на друштво за телекомуникациски услуги.
Недозволена медиумска концентрација, во смисла на овој закон, се смета дека постои и кога како основачи на радиодифузери се јавуваат физички или правни лица кои се истовремено:
- основачи на други радиодифузери спротивно на одредбите од членот 14 на овој закон;
- основачи на друштво од областа на печатот кое издава дневен весник што се дистрибуира на подрачјето на кое се емитува радио и/или телевизиската програма;
- основачи на новинска агенција;
- основачи на друштво за реклама и пропаганда, друштво за истражување на пазарот и јавното мислење, друштво за спроведување активности на истрага и обезбедување, друштво за дистрибуција на аудиовизуелни дела, друштво за филмска продукција или на друштво за телекомуникациски услуги и
- поврзани лица во смисла на одредбите од овој закон.
Член 14
Физичко или правно лице, мнозински содружник, акционер, како и поврзано лице, во радиодифузер кој има дозвола за вршење радиодифузна дејност на државно ниво, може да биде содружник, односно да учествува во сопственоста на само уште еден радиодифузер кој има дозвола за вршење радиодифузна дејност на државно ниво, но не повеќе од 50% од капиталот на тоа правно лице или 50% од правото на одлучување.
Физичко или правно лице, мнозински содружник, акционер, како и поврзано лице, во радиодифузер кој има дозвола за вршење радиодифузна дејност на државно ниво, може да биде мнозински содружник во најмногу уште еден радиодифузер кој има дозвола за вршење радиодифузна дејност на регионално ниво и најмногу уште во два радиодифузера кои имаат дозволи за вршење радиодифузна дејност на локално ниво, при што наведените подрачја се несоседски.
Физичко или правно лице, мнозински содружник, акционер, како и поврзано лице, во радиодифузер кој има дозвола за вршење радиодифузна дејност на регионално ниво, може да биде мнозински содружник во најмногу уште еден радиодифузер кој има дозвола за вршење радиодифузна дејност на регионално ниво, во несоседско подрачје и во најмногу два радиодифузера кои имаат дозволи за вршење радиодифузна дејност на локално ниво, при што наведените подрачја се несоседски.
Физичко или правно лице, мнозински содружник, акционер, како и поврзано лице, во радиодифузер кој има дозвола за вршење радиодифузна дејност на локално ниво, може да биде мнозински содружник во најмногу уште два радиодифузера кои имаат дозволи за вршење радиодифузна дејност на локално ниво, при што наведените подрачја се несоседски.
Физичко или правно лице, мнозински содружник, акционер, како и поврзано лице, во радиодифузер не може да основа или да биде содружник, односно да учествува во сопственоста на друштво од областа на печатот кое издава дневен весник, новинска агенција, друштво за спроведување активности на истрага и обезбедување, друштво за реклама и пропаганда, друштво за истражување на пазарот и јавното мислење, друштво за филмска дистрибуција, друштво за филмска продукција или друштво за телекомуникациски услуги.
Член 15
Постоењето на недозволена медиумска концентрација го утврдува Советот за радиодифузија, освен во случаите кога за тоа е надлежна Комисијата за заштита на конкуренцијата согласно со одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата.
Ако утврди постоење на недозволена медиумска концентрација Советот за радиодифузија ќе му наложи на радиодифузерот во рок не подолг од три месеца од денот на утврдувањето на постоење на недозволена медиумска концентрација, да го усогласи своето работење со одредбите од овој закон.
Доколку радиодифузерот не постапи согласно со ставот 2 од овој член, Советот за радиодифузија ќе спроведе постапка за одземање на дозволата за вршење радиодифузна дејност.
Член 16
Радиодифузерот не може да има таен содружник, односно таен содружник не може да учествува со паричен и непаричен влог во радиодифузер.
Член 17
За секоја промена на сопственичката структура радиодифузерот е должен да го извести Советот за радиодифузија.
Доколку со промената на сопственичката структура радиодифузерот или со него поврзано лице стекнува удел, односно акции што во основната главнина на друг радиодифузер претставуваат повеќе од 10% од неговата основна главнина е должен, сметано од денот на планираното надминување на прагот на учество од 10%, да поднесе барање за одобрение до Советот за радиодифузија за промена на сопственичката структура.
Советот за радиодифузија е должен да се произнесе по барањето за промена на сопственичката структура во рок од 60 дена од денот на приемот на уредното и комплетно барање од ставот 2 на овој член.
Ако Советот за радиодифузија утврди дека со планираната промена на сопственичката структура ќе се создаде недозволена медиумска концентрација, ќе препорача на радиодифузерот да ги усогласи промените на начин на кој би се избегнала недозволената медиумска концентрација. Ако радиодифузерот не постапи во согласност со препораката на Советот за радиодифузија и изврши промена на сопственичката структура, така што ќе настапи некој од случаите наведени во ставот 6 од овој член, врз неа ќе се применат одредбите од овој закон за престанок на важењето на дозволата за вршење радиодифузна дејност пред истекот на рокот за кој е издадена.
Советот за радиодифузија нема да ја одобри промената на сопственичката структура, ако утврди дека со тоа се создава недозволена медиумска концентрација, а особено:
доколку радиодифузери што се спојуваат со промената на уделите на физички или правни лица во сопственичката структура на организациите се стекнуваат со доминантна позиција на пазарот на реклами, така што нивниот удел во продажбата на вкупното рекламно време на радиото или телевизијата изнесува повеќе од 30 %;
- доколку радиодифузери што се спојуваат со промената на уделите на физички или правни лица во сопственичката структура на организациите се стекнуваат со доминантна позиција во формирањето на јавното мислење, така што нивниот удел во вкупната гледаност, односно слушаност изнесува повеќе од 40% и
- доколку радиодифузери на регионално и на локално ниво, кои се спојуваат со промената на уделите на физички или правни лица во сопственичката структура на истите, постигнуваат покривање на максимум 50% од населението на Република Македонија.
Пазарот на реклами од ставот 6 алинеја 1 на овој член се пресметува врз основа на показателите за приходите остварени од реклами на сите радиодифузери, во годината што му претходи на спојувањето.
Вкупната гледаност, односно слушаност од ставот 6 алинеја 2 на овој член се пресметува врз основа на показателите од редовните мерења на публиката, за сите 12 месеца во годината што му претходи на спојувањето. Процентот на покривањето на населението од ставот 6 алинеја 3 на овој член се пресметува врз основа на показателите од последниот попис на населението на Република Македонија.
Член 18
Поврзани лица, во смисла на овој закон, се лицата кои се меѓусебно поврзани преку управување, капитал или на друг начин и кога тие поради таквата поврзаност заеднички ја креираат деловната политика, односно дејствуваат на координиран начин заради остварување заеднички цели, или кога едно лице има можност да насочува или значајно да влијае врз друго лице при одлучувањето за деловното работење или за програмскиот концепт на радиодифузерот.
Како поврзани лица се сметаат:
- членовите на семејството (родители, деца, браќа и сестри, посвојувачи и посвоени деца);
- лица во брачната или вонбрачната заедница;
- членовите на потесното семејство на брачниот другар;
- имателите на удели во сопственоста, односно на други права врз чија основа учествуваат во управувањето на радиодифузерот, со најмалку 25% од гласачките права;
- лицата кои кај два радиодифузера имаат вкупен удел во сопственоста, односно други права врз чија основа учествуваат во управувањето кај секоја од нив со најмалку 25% од гласачките права;
- лицата кои со маркетиншки или друг вид договор за деловна соработка, во една година остваруваат повеќе од 30% од приходите од рекламирање, телешопинг и спонзорство на радиодифузер и
- лицата кои се членови на управниот или надзорниот одбор во радиодифузер, како и лицата кои се сметаат за поврзани со членовите на управниот или надзорниот одбор на организацијата, на начин кој е утврден со овој член.
Член 19
Странско физичко или правно лице може да основа или да учествува во сопственоста на домашен радиодифузер под истите услови утврдени со овој закон што важат за домашните физички или правни лица.
Член 20
Радиодифузерите се должни, еднаш годишно, а најдоцна до 31 март, да ги објават податоците што се однесуваат на нивното работење во претходната година, и тоа за:
- промените во сопственичката структура;
- статусните промени на радиодифузерот;
- промените во органите на управување и раководење и
- изворите на финансирање.
Радиодифузерите се должни податоците од ставот 1 на овој член да ги објават во најмалку еден дневен весник и на сопствената програма најмалку три пати годишно, во ударни термини.
Радиодифузерите се должни на Советот за радиодифузија да му достават завршна сметка за претходната година, најдоцна до 31 март.
На барање на Советот за радиодифузија, радиодифузерите се должни на Советот за радиодифузија да му доставуваат податоци за приходите остварени од рекламирање, телешопинг и спонзорство.
IV. СОВЕТ ЗА РАДИОДИФУЗИЈА
Член 21
Советот за радиодифузија е независно регулаторно непрофитно тело со јавни овластувања во радиодифузната дејност утврдени во овој закон. Советот има својство на правно лице.
Советот за радиодифузија при остварувањето на своите надлежности, утврдени со овој закон, се грижи за обезбедување на слободата и плурализмот на изразувањето, за постоење на разновидни, независни и самостојни медиуми, економски и технолошки развој на дејноста и за заштита на интересите на граѓаните во радиодифузната дејност.
Седиштето на Советот за радиодифузија е во Скопје.
Член 22
Советот за радиодифузија изготвува стратегија за развој на радиодифузната дејност во Република Македонија.
При изготвувањето на стратегијата од ставот 1 на овој член учествуваат и надлежните институции за вршење на работите од областа на радиодифузијата, електронските комуникации и информатичкото општество. При изготвувањето на стратегијата ќе се имаат предвид мислењата и ставовите на невладините организации од областа на медиумите и на други правни лица чија дејност е поврзана со радиодифузната дејност.
Член 23
Советот за радиодифузија е составен од девет члена.
Членовите на Советот за радиодифузија ги избира и разрешува Собранието на Република Македонија.
Член 24
Собранието на Република Македонија ги избира членовите на Советот за радиодифузија на предлог на овластени предлагачи утврдени во членот 26 на овој закон.
За членови на Советот за радиодифузија можат да бидат лица кои се истакнале во областа на комуникологијата, новинарството, телекомуникациите, информатиката, културата, економијата, правото и од други области што се од значење за остварувањето на надлежностите на Советот за радиодифузија.
Во составот на Советот за радиодифузија се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.
Член 25
За член на Советот за радиодифузија не може да биде избран:
- пратеник, член на Владата на Република Македонија, лице кое раководи со орган на државната управа или на единица на локалната самоуправа, директор или член на управен или надзорен одбор на јавно претпријатие;
- лица кои извршуваат должност во органите на политичка партија и на верска заедница;
- лице кое, како сопственик на удели или акции, како член на орган на управување или кое на директен или индиректен начин има интерес во правно лице кое се занимава со радиодифузна дејност или во друштво кое врши слична дејност (рекламирање, електронски комуникации, производство и продажба на радиодифузна техничка стока и слично);
- лице чии членови на семејството (родител, брат, сестра, брачен другар, дете) имаат удели или акции или се членови на органи на управување во радиодифузери и
- лице кое е правосилно осудено на казна затвор подолга од шест месеца и ако му е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност, подолго од шест месеца.
Кандидатот за член на Советот за радиодифузија е должен на овластениот предлагач да му достави изјава заверена кај нотар дека не постои некоја од пречките за членство во Советот за радиодифузија наведени во ставот 1 на овој член.
Член 26
Овластени предлагачи за членови на Советот за радиодифузија се:
- Македонската академија на науките и уметностите;
- Интеруниверзитетската конференција;
- Мнозинското здружение на новинарите на Македонија и
- Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија.
Член 27
Македонската академија на науките и уметностите предлага еден член на Советот за радиодифузија.
Интеруниверзитетската конференција предлага три члена на Советот за радиодифузија.
Мнозинското здружение на новинарите на Република Македонија предлага два члена на Советот за радиодифузија.
Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија предлага три члена на Советот за радиодифузија.
Член 28
Членовите на Советот за радиодифузија се избираат за време од шест години, со тоа што членовите на Советот за радиодифузија од првиот состав, избран според одредбите на овој закон, се избираат така што три члена се избираат на две години, три члена на четири години и три члена на шест години.
На две години се избираат членовите на Советот за радиодифузија предложени од Македонската академија на науките и уметностите и Мнозинското здружение на новинарите на Република Македонија, на четири години се избираат членовите предложени од Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија, а на шест години се избираат членовите предложени од Интеруниверзитетската конференција.
Членовите на Советот за радиодифузија немаат право на повторен избор. Во случај кога член на Советот за радиодифузија поднесе оставка или мандатот му престане пред времето за кое е избран, Собранието на Република Македонија ќе избере нов член на Советот за радиодифузија за преостанатиот дел од мандатот на предлог на овластениот предлагач од членот 26 на овој закон.
Во случај Собранието на Република Македонија да не избере член на Советот за радиодифузија, овластениот предлагач во рок од 15 дена од денот на известувањето доставено од страна на Собранието на Република Македонија предлага нов член, а Собранието на Република Македонија е должно во рок од 30 дена од денот на доставувањето на предлогот да изврши избор.
Советот за радиодифузија може да работи доколку се избрани најмалку шест члена на Советот.
Член 29
Собранието на Република Македонија упатува јавен повик до овластените предлагачи за доставување предлог на кандидати за членови на Советот за радиодифузија, најдоцна шест месеца пред истекот на мандатот на членовите на Советот за радиодифузија.
Овластените предлагачи се должни предлозите до Собранието на Република Македонија да ги достават во рок од два месеца од денот на упатувањето на јавниот повик и во истиот рок јавно да ги објават нај малку во два дневни весника.
Собранието на Република Македонија најдоцна еден месец пред истекот на мандатот на членовите на Советот за радиодифузија, треба да избере нови членови, при што за секој кандидат се гласа поединечно.
Член 30
Советот за радиодифузија од редот на своите членови избира претседател и заменик на претседателот.
Претседателот и заменикот на претседателот се избираат за време за кое се избрани за членови на Советот за радиодифузија.
Функцијата член на Советот за радиодифузија се врши професионално. Со денот на изборот за член на Советот за радиодифузија, на избраното лице му мирува работниот однос.
Член 31
Советот за радиодифузија е должен да одржи најмалку една седница во месецот.
Претседателот на Советот за радиодифузија претседава на седниците на Советот за радиодифузија и го претставува и застапува Советот за радиодифузија, а во случај на негово отсуство или спреченост обврските ги извршува заменикот на претседателот на Советот за радиодифузија.
Одлуките на Советот за радиодифузија ги потпишува претседателот на Советот за радиодифузија, или во случај на негова спреченост, заменикот на претседателот на Советот за радиодифузија.
Член 32
Член на Советот за радиодифузија може да поднесе оставка.
Член на Советот за радиодифузија не може да биде разрешен пред истекот на времето за кое е избран освен во следниве случаи, ако:
- поради болест не е во можност да учествува во работата на Советот за радиодифузија подолго од шест месеца;
- настапила некоја од пречките за членство во Советот за радиодифузија предвидени во членот 25 од овој закон;
- работи спротивно на одредбите на овој закон;
- е осуден за кривично дело за коешто е предвидена казна затвор во траење подолго од шест месеца или му е изречена казна забрана за вршење на должност во траење подолго од шест месеца и
- неоправдано отсуствува од три последователни седници на Советот за радиодифузија или од пет седници во текот на шест месеца. Исполнувањето на условите за разрешување на член на Советот за радиодифузија пред истекот на времето за кое е избран, предвидени во ставот 2 на овој член го утврдува Советот со мнозинство гласови од вкупниот број членови и поднесува барање до Собранието на Република Македонија за негово разрешување. Во овој случај се применува постапката утврдена во членот 28 став 4 на овој закон.
Член 33
Работата на Советот за радиодифузија е јавна.
Советот за радиодифузија работи и одлучува на јавни седници освен во случаите кога се изнесуваат информации кои имаат доверлив карактер. Советот за радиодифузија работи со кворум од најмалку пет члена, а одлуките ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови.
Советот за радиодифузија е должен да ги објавува: конкурсите, бројот на пријавените кандидати, одлуките, записниците, предложените дневни редови на седниците, преку медиумите и на веб страната на Советот за радиодифузија, како и да ја известува јавноста за својата работа преку медиумите најмалку на секои три месеца.
Советот за радиодифузија организира јавни седници најмалку еднаш на три месеца со сите заинтересирани лица, со цел за да им се овозможи да бидат запознаени со работата на Советот и да им се даде можност да ги изразат нивните ставови и мислења за унапредување на состојбите во радиодифузната дејност.
Член 34
Работата на Советот за радиодифузија поблиску се уредува со Деловник за работа на Советот за радиодифузија.
За вршење на стручно - административни работи на Советот за радиодифузија се формира стручна служба чија внатрешна организација и начин на работа поблиску се уредува со актите за организација и систематизација на работите и задачите на стручната служба на Советот. Со работата на стручната служба раководи раководител.
Член 35
Советот за радиодифузија донесува годишен извештај за својата работа за претходната година и годишен финансиски план за наредната година, кои јавно ги објавува и најдоцна до 31 март ги доставува до Собранието на Република Македонија.
Годишниот извештај за работа за претходната година содржи образложение за материјално - финансиското работење и ревизорски извештај за претходната година.
Годишниот финансиски план содржи податоци за приходите, трошоците и предвидените капитални и оперативни трошоци за следната година. Ревизијата од ставот 2 на овој член покрај Државниот завод за ревизија ја врши и надворешен и независен ревизор на сметка на Советот за радиодифузија.
Доколку Собранието на Република Македонија при разгледувањето на годишниот финансиски извештај констатира одредени неправилности, ќе го задолжи Советот за радиодифузија најдоцна во рок од 60 дена од денот на разгледувањето да достави нов финансиски извештај.
Член 36
Средствата за работата на Советот за радиодифузија се обезбедуваат од средствата прибрани од радиодифузната такса и од надоместокот за дозволи за вршење радиодифузна дејност.
Доколку средствата од ставот 1 на овој член се поголеми од трошоците потребни за работењето на Советот, вишокот на средства се пренесуваат за наредната година и се предвидуваат во годишниот финансиски план на Советот за таа година.
Член 37
Советот за радиодифузија ги врши следниве работи:
1) ја спроведува стратегијата за развој на радиодифузната дејност во Република Македонија;
2) одлучува за доделување, одземање и обновување на дозволите за вршење радиодифузна дејност;
3) ги координира активностите со Агенцијата за електронски комуникации при донесување на Планот за доделување и користење на радиофреквенции во делот што се однесува на радиодифузијата;
4) врши надзор врз работата на субјектите кои вршат радиодифузна дејност од аспект на почитувањето на одредбите на овој закон, дозволата за вршење радиодифузна дејност и актите на Советот за радиодифузија, што се однесуваат на програмските содржини;
5) донесува одлуки, правила, заклучоци, упатства, препораки и други акти, утврдува ставови и предлози за спроведување на Законот за радиодифузната дејност;
6) го информира органот надлежен за заштита на авторските и сродните права кога се сомнева дека е сторена повреда на авторски и сродни права за кои поседува докази;
7) разгледува претставки од граѓаните во врска со радио и телевизиските програми и програмските сервиси реемитувани преку јавните комуникациски мрежи и во врска со работата на радиодифузерите и редовно ја известува јавноста во врска со преземените мерки;
8) презема мерки пропишани со закон против радиодифузерите што не ги извршуваат своите обврски утврдени со закон, дозволата за вршење радиодифузна дејност и актите на Советот за радиодифузија;
9) дава мислење и учествува при подготвувањето на закони, прописи и други акти што се однесуваат на радиодифузната дејност, како и при склучувањето, односно пристапувањето на Република Македонија кон меѓународни договори од областа на радиодифузијата и го обезбедува нивното спроведување;
10) одобрува листа на настани од посебен интерес за јавноста на Република Македонија и презема мерки за заштита на правото на пристап на јавноста до овие настани, за да се оневозможи некој радиодифузер, со добивањето исклучиво право на пренос на настанот, да лиши значителен дел од населението од можноста да го следи настанот;
11) донесува акти за организација и систематизација на работите и задачите на стручната служба;
12) издава потврди за извршена регистрација на радио и телевизиски програмски сервиси што се реемитуваат преку јавна комуникациска мрежа;
13) донесува и спроведува мерки утврдени со овој закон, поднесува прекршочни и кривични пријави и врши други работи предвидени со овој или друг закон и
14) врши други работи утврдени со овој закон.
За вршење на работите од ставот 1 на овој член органите на државната управа, државните органи, органите на единиците на локалната самоуправа, институциите основани со закон и радиодифузерите се должни на барање на Советот за радиодифузија да му доставуваат потребни документи, податоци и информации.
Член 38
Доколку Советот за радиодифузија во вршењето на работите од својата надлежност констатира непочитување на одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон, како и на условите утврдени со дозволата за вршење на радиодифузна дејност на радиодифузерот може да му изрече една од следните мерки:
- писмена опомена;
- писмена опомена со барање за објавување;
- времена забрана за рекламирање и телешопинг од еден до седум дена и
- времена забрана за емитување на програмскиот сервис за период од најмногу три месеца.
Мерката писмена опомена се изрекува во случај на која било сторена повреда од ставот 1 на овој член.
Мерката писмена опомена со барање за објавување се изрекува во случај кога радиодифузерот, и покрај писмената опомена, продолжува со вршење на истата повреда за која му е изречена писмената опомена.
Мерката времена забрана за рекламирање и телешопинг од еден до седум дена се изрекува во случај на повреда на одредбите од главите VI или VII на овој закон.
Мерката за времена забрана за емитување на програмскиот сервис за период од најмногу три месеца се изрекува во случај кога радиодифузерот, и покрај времената забрана за рекламирање и телешопинг, продолжува со вршење на истата повреда за која му е изречена времената забрана за рекламирање и телешопинг.
Мерката времена забрана за емитување на програмскиот сервис за период од најмногу три месеца може да се изрече како прва мерка на повреда од членот 20 ставови 1и 2, членот 69 и членот 70 на овој закон.
Со одлуката со која се изрекуваат мерките од ставот 1 на овој член се утврдува и рокот кој не може да биде пократок од седум и не подолг од десет дена во кој треба да се отстранат сторените повреди со непочитување на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и условите утврдени со дозволата за вршење на радиодифузната дејност. Против одлуката од ставот 7 на овој член може да се поднесе тужба до надлежниот суд во рок од 15 дена од денот на добивањето на одлуката. Постапката пред надлежниот суд е итна. Тужбата не го одлага извршувањето на одлуката.
Мерките од ставот 1 алинеи 1 и 2 на овој член го исклучуваат покренувањето на прекршочна постапка во случај на отстранување на повредите заради кои се изречени.
Член 39
Советот за радиодифузија при извршувањето на своите функции соработува со други државни органи и тела по прашања кои се во врска со радиодифузната дејност.
Советот за радиодифузија, Агенцијата за електронски комуникации и Комисијата за заштита на конкуренцијата се должни да разменуваат податоци и информации што им се потребни за вршење на своите надлежности, чиј обем на размена на информации е ограничен на податоци и информации што се соодветни и пропорционални на целите за коишто се разменуваат.
Член 40
Советот за радиодифузија може да разменува информации со кои располага, со други регулаторни органи, на нивно барање, под услов информациите што се разменуваат да се од надлежност на други регулаторни органи и да се разменуваат под услови и на начин утврдени во членот 39 став 2 на овој закон.
V. ДОЗВОЛА ЗА ВРШЕЊЕ РАДИОДИФУЗНА ДЕЈНОСТ
Член 41
Дозволата за вршење радиодифузна дејност (во натамошниот текст: дозвола) се издава за емитување и пренос на одреден радио или телевизиски програмски сервис независно од техничките средства за пренос под услови, на начин и по постапка утврдени со овој закон.
Забрането е вршење на радиодифузна дејност без дозвола.
Член 42
Дозволата е овластување со чие добивање имателот стекнува право да емитува и пренесува одреден радио или телевизиски програмски сервис наменет за прием од страна на јавноста.
Со дозволата се уредува природата на програмскиот сервис.
За емитување на нов програмски сервис е потребно добивање на нова дозвола.
Член 43
За издавање дозвола Советот за радиодифузија распишува конкурс. Постапката за издавање на дозволата е транспарентна и се води на начин што обезбедува еднаков, рамноправен и недискриминаторски третман на сите учесници во постапката.
Член 44
Конкурсната постапка започнува со донесување одлука за објавување конкурс за доделување дозволи за вршење радиодифузна дејност од страна на Советот за радиодифузија.
Одлуката за објавување конкурс за издавање дозволи за вршење радиодифузна дејност се објавува во "Службен весник на Република Македонија", на веб страницата на Советот за радиодифузија, како и во најмалку два дневни весници.
Рокот за поднесување на пријави по конкурсот тече од првиот нареден ден од денот на објавувањето на одлуката во "Службен весник на Република Македонија".
Член 45
Пред донесувањето на одлуката за објавување конкурс, Советот за радиодифузија ќе спроведе јавно истражување и анализа во поглед на видот на програмските сервиси за кои треба да се објави конкурсот од аспект на потребите на публиката и може да изврши консултации со заинтересирани страни.
Одлуката од ставот 1 на овој член треба да биде во согласност со Планот за доделување и користење на радио фреквенциите, доколку конкурсот се однесува на доделување дозвола за вршење на радиодифузна дејност преку радиофреквенции.
Член 46
При определувањето на бројот на дозволи, односно на радио и телевизиски програмски сервиси за кои се објавува конкурсот, Советот за радиодифузија поаѓа од следниве критериуми:
- обезбедување разновидност и квалитет на програмите;
- задоволување на потребите на публиката;
- развој на плурализмот;
- економскиот потенцијал на пазарот и поттикнување на лојалната конкуренција и
- техничките ресурси и капацитети.
Член 47
Одлуката за објавување конкурс за доделување дозволи за вршење радиодифузна дејност ги содржи:
- дејноста (радио/телевизија) за која се распишува конкурсот;
- нивото на опфат на гледаност/слушаност (државно/регионално/локално);
- техничките средства преку кои се емитува/пренесува програмата (терестријален предавател/фреквенција, јавна комуникациска мрежа, сателит, дигитална терестријална мрежа и друго);
- подрачјето на кое ќе се врши дејноста;
- природата на програмскиот сервис;
- бројот на дозволите за одделни радио или телевизиски услуги;
- времетраењето на дозволата;
- условите и барањата што кандидатите треба да ги исполнуваат за вршење на дејноста;
- основните технички услови, стандарди и параметри за емисиониот дел одредени во согласност со Законот за електронските комуникации;
- висината и начинот на плаќање на надоместокот за дозволата за вршење радиодифузна дејност;
- висината и начинот на плаќање на надоместокот за користење на радиофреквенции;
- местото и времето кога може да се подигне конкурсната документација и висината и начинот на плаќање на надоместокот за документацијата;
- рокот за поднесување на пријавите и
- документацијата што треба да се поднесе заедно со пријавата.
Член 48
Конкурсот содржи општи, технички, продукциски, програмски и други услови што треба да ги исполнуваат кандидатите, а особено:
- условите и барањата што треба да ги исполнува понудата на кандидатите во однос на програмата;
- барањата поврзани со финансиските можности за вршење на дејноста;
- висината и начинот на плаќање на надоместокот за дозволата за вршење радиодифузна дејност;
- основните технички услови, стандарди и параметри за студискиот дел;
- основните технички услови, стандарди и параметри за емисиониот дел одредени во согласност со Законот за електронските комуникации;
- критериумите за споредување и вреднување на пријавите и нивната тежина при оценувањето;
- упатствата за пополнување на пријавите и
- начинот и формата за доставување на пријавите.
Член 49
Кандидатите на конкурсот поднесуваат пријави на посебен образец чија форма и содржина ги пропишува Советот за радиодифузија.
Кон пријавите кандидатите ја доставуваат следнава документација и податоци:
- име и презиме, адреса, факс, е-маил и акт за државјанство на подносителот;
- фирма и седиште на правното лице доколку подносителот е правно лице;
- доказ за регистрација на правното лице;
- податоци за сопственичката структура;
- податоци, односно докази за исполнувањето на условите утврдени со законот во поглед на вршењето на дејноста, односно дека не постојат пречки за вршење на дејноста;
- прецизен деловен план (програмски проект, технички проект со опис на постојната и планираната студиска опрема, особено во сегментот на продукцијата и податоци за постојната и планираната кадровска структура);
- документи што го гарантираат финансирањето на деловниот план, односно на дејноста;
- документ од надлежните институции за платени даноци и за бонитетот на подносителот;
- податоци за сопственост на удели во други радиодифузери;
- изјава заверена кај нотар дека ќе ги почитува основните технички услови, стандарди и параметри утврдени во Законот за електронските комуникации;
- изјава заверена кај нотар дека не ги прекршува одредбите од Главата III на овој закон и
- други податоци и документи што подносителот ги смета за корисни при одлучувањето за доделување дозвола.
Член 50
Пријавите се поднесуваат во рокот определен со одлуката за објавување конкурс. Рокот за поднесување пријави мора да му овозможи на кандидатот подготвување квалитетна понуда и не може да биде пократок од еден месец ниту подолг од три месеца.
Член 51
Советот за радиодифузија ги оценува пријавите врз основа на следниве критериуми:
- природата на програмскиот сервис на понудената радио, односно телевизиска програма;
- жанровската и тематската разновидност на програмските содржини, процентот на учеството на програмите изворно произведени на македонски јазик или на јазиците на немнозинските етнички заедници кои живеат во Република Македонија во вкупната дневна програма што се планира да се емитува, застапеноста на програмите што ќе третираат настани и случаи од значење за подрачјето на кое ќе се емитува програмата и застапеноста на европските аудиовизуелни дела;
- застапеноста на програми со кои се поттикнува развој и зачувување на националната култура итн.;
- техничките услови за производство и емитување на програмите во согласност со утврдените стандарди;
- просторните услови за вршење на дејноста;
- бројот и структурата на вработените потребни за вршење на дејноста;
- финансиската способност за остварување на дејноста за времето за кое се доделува дозволата и понудените гаранции и
- други понудени услови што придонесуваат за унапредување на плурализмот во радиодифузната дејност, поттикнување на лојална конкуренција и поквалитетно остварување на правото за информирање, односно на потребите на публиката на соодветното подрачје.
Член 52
Врз основа на материјалите и критериумите од членот 46 на овој закон, Советот за радиодифузија во рок од 60 дена донесува одлука со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот за радиодифузија за доделување дозвола за вршење радиодифузна дејност.
Член 53
Одлуката за доделување дозвола се објавува во "Службен весник на Република Македонија".
За одлуката од ставот 1 на овој член сите учесници на конкурсот Советот за радиодифузија е должен писмено да ги извести во рок од седум дена од денот на донесувањето на одлуката.
Член 54
Учесниците на конкурсот кои не се задоволни од одлуката имаат право во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето да поднесат тужба до надлежниот суд. Постапката пред надлежниот суд е итна.
Член 55
Агенцијата за електронски комуникации врз основа на одлуката за доделување дозвола за вршење радиодифузна дејност издава одобрение за користење на фреквенции. Советот за радиодифузија ја издава дозволата за вршење радиодифузна дејност врз основа на приложена регистрација во соодветниот регистар како трговско радиодифузно друштво или непрофитна радиодифузна установа и одобренија издадени од Агенцијата за електронски комуникации.
Член 56
Дозволата за вршење радиодифузна дејност треба да ги содржи следниве податоци:
- за носителот на дозволата;
- техничкото средство преку кое се врши преносот;
- сервисна зона и локација на техничкото средство;
- знак за идентификација;
- програмски услови;
- рок на отпочнување со вршење на дејноста;
- времетраење на важноста на дозволата и
- висина на надоместоци и начин на плаќање.
Член 57
Дозвола за вршење радиодифузна дејност, според опфатот на слушаност, односно гледаност, може да се додели на државно, регионално и локално ниво.
Радиодифузерот согласно со добиената дозвола за вршење радиодифузна дејност истиот програмски сервис може да го емитува и преку сателит, по претходно доставено известување до Советот за радиодифузија.
Член 58
Дозволата за вршење радиодифузна дејност на трговските радиодифузни друштва и на непрофитните радиодифузни установи се доделува за временски период од девет години и истата не може да се пренесува на друго лице.
Член 59
За дозволата се плаќа годишен надоместок на сметка на Советот за радиодифузија.
Член 60
За дозволата трговските радиодифузни друштва и непрофитните радиодифузни установи плаќаат годишен надоместок на сметка на Советот за радиодифузија.
Висината на надоместокот за дозволата се определува врз основа на следнава формула:
((Н х БНП / 200.000) х Рт х Кп) + А, каде што:
Н е број на вкупното население во сервисната зона предвидена со дозволата, претставено како бодови, според последните податоци од Државниот завод за статистика:
- за пренос преку јавна комуникациска мрежа сервисната зона е одредена според бројот на претплатници и
- за пренос преку сателит како сервисна зона се смета целото подрачје на Република Македонија;
- БНП е бруто домашен производ по жител, изразено во евра, а претставено како бодови, според последните податоци од Државниот завод за статистика;
- Рт е коефициент, каде што за телевизиска програма е Рт=1, а за радиопрограма е Рт=1/4;
- Кп е коефициент кој во зависност од форматот на радиодифузниот сервис изнесува:
- за програма на трговско радиодифузно друштво што опфаќа информативни, играни, документарни, образовни, програми од областа на културата, уметноста и хуманитарните науки, спортски, музички и забавни програми изнесува од 0,75 до 1;
- за специјализирани програми на трговско радиодифузно друштво чии содржини се од ист вид (спортски, музички, културни, образовни и друго), изнесува од 1,15 до 1,5;
- за програми на трговско радиодифузно друштво наменети за телешопинг изнесува 2,5 и
- за програма на непрофитна радиодифузна установа изнесува 0,25 и
А е константа која изнесува 100 бода за радио и 200 бода за телевизија. Вредноста на еден бод изнесува 1 евро пресметано во денарска противвредност по средниот курс на еврото според Народната банка на Република Македонија на денот на плаќањето.
Висината на надоместокот за дозволата ја утврдува Советот за радиодифузија врз основа на горенаведената формула и ј а соопштува на почетокот на календарската година по добивањето на податоците од Државниот завод за статистика.
За програми што се емитуваат во кодирана форма (со условен пристап) во надоместокот за дозволата се додава и по 5% од износот кој операторот го наплаќа по краен корисник на конкретниот програмски сервис.
Годишниот надоместок се плаќа за секоја тековна година почнувајќи од датумот на доделување на дозволата.
Член 61
За користење на радиофреквенциите се плаќа годишен надоместок согласно со Законот за електронските комуникации.
Член 62
Дозволата престанува да важи:
- со истекот на рокот за кој е доделена;
- со писмена изјава на имателот со која се известува Советот за радиодифузија дека престанува со емитувањето на радио или телевизиска програма;
- со одземање на дозволата од страна на Советот за радиодифузија и
- ако настапи стечај или ликвидација на имателот на дозволата.
Член 63
Советот за радиодифузија ја одзема дозволата во следниве случаи, ако:
- имателот на дозволата не започне со вршење на дејноста во рокот утврден во дозволата;
- имателот на дозволата дал неточни податоци врз основа на кои му е издадена дозволата;
- по издавањето на дозволата настанат околности што претставуваат законски пречки за имателот да врши радиодифузна дејност;
- имателот на дозволата не го плати надоместокот во рокот утврден во дозволата и
- на имателот на дозволата со судска одлука му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење радиодифузна дејност, односно забрана за пренос на програмски сервиси преку јавни комуникациски мрежи.
Член 64
Постапката за одземање на дозволата за вршење на радиодифузна дејност може да иницира секој член на Советот за радиодифузија и раководителот на стручната служба на Советот за радиодифузија.
По иницирање на постапката за одземање на дозволата, Советот за радиодифузија е должен во рок од 15 дена да донесе одлука.
За одземање на дозволата Советот за радиодифузија донесува одлука со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот за радиодифузија.
Одлуката за одземање на дозволата треба да биде образложена и објавена во "Службен весник на Република Македонија".
Член 65
Против одлуката за одземање на дозволата имателот има право во рок од 15 дена од денот на добивањето на одлуката да поднесе тужба до надлежен суд.
Постапката пред надлежниот суд е итна. Тужбата не го одлага извршувањето на одлуката.
Член 66
Дозволата се обновува на барање на имателот.
Барањето за обнова на дозволата имателот го поднесува најдоцна шест месеца пред истекот на рокот за кој е издадена дозволата.
Член 67
Одлука за обнова на дозволата донесува Советот за радиодифузија, врз основа на оцената за успешноста и квалитетот во вршењето на радиодифузната дејност за време на важењето на дозволата, односно почитувањето на условите и обврските утврдени со овој закон, со Законот за електронските комуникации, со Законот за авторското право и сродните права, дозволата и актите на Советот за радиодифузија.
Советот за радиодифузија е должен да донесе одлука по барањето на имателот најдоцна 60 дена пред истекот на времето на дозволата.
Советот за радиодифузија ја донесува одлуката со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот за радиодифузија.
Против одлуката со која се одбива барањето за обнова на дозволата, имателот има право во рок од 15 дена од денот на добивањето на одлуката да поднесе тужба до надлежен суд. Постапката пред надлежниот суд е итна. Тужбата не го одлага извршувањето на одлуката.
VI. ПРОГРАМСКИ СТАНДАРДИ
Член 68
Радиодифузерите дејноста ја вршат преку емитување радио или телевизиска програма. Радио и телевизиските програми се темелат врз следниве принципи:
- право на слободен прием и пренесување на информации и право на слобода на изразување;
- негување и развој на хуманите и морални вредности на човекот и заштита на приватноста и достоинството на личноста;
- еднаквост на слободите и правата независно од полот, расата, националното, етничкото и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба на човекот и граѓанинот;
- поттикнување на духот на толеранцијата, заемното почитување и разбирање меѓу индивидуите од различно етничко и културно потекло;
- поттикнување на меѓународно разбирање и соработка, чувство на јавноста за правичност и за одбрана на демократските слободи;
- отвореност на програмите за изразување на различните култури што се составен дел на општеството;
- зачувување и негување на националниот идентитет, јазичната култура и домашното творештво;
- отвореност за различни политички мислења и гледишта;
- објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења и овозможување на слободно оформување на мислењето на публиката за одделни настани и прашања;
- почитување на авторското право и сродните права;
- почитување на тајноста на изворот на информацијата;
- гарантирање на правото на одговор и исправка и
- самостојност, независност и одговорност на радиодифузерите, односно уредниците, новинарите и другите автори при создавањето на програмите и креирањето на уредувачката политика.
Член 69
Во програмите на радиодифузерите, како и во програмите што се реемитуваат преку јавните комуникациски мрежи не се дозволени програми што се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија или кон поттикнување или повикување на воена агресија или на разгорување на национална, расна, полова или верска омраза и нетрпеливост.
Член 70
Програмите на радиодифузерите не смеат да содржат порнографија, прекумерно насилство, или други програми кои можат сериозно да го загрозат физичкиот, психичкиот и моралниот развој на децата и младите.
Прекумерно насилство претставува ширење текстуални, вербални и визуелни пораки со кои, во термини од програмата што им се достапни на малолетниците, се глорифицираат физички, вербални или психолошки облици на садизам или слични видови насилство кое е цел самото за себе и на ниту еден начин не може да се оправда ниту преку контекстот на жанрот, ниту преку мотивите на драмското дејствие на прикажуваната програма.
Програмските сервиси со порнографски содржини јавните комуникациски мрежи можат да ги пренесуваат само во кодиран облик.
Член 71
Програмските содржини што можат да го загрозат физичкиот, психичкиот и моралниот развој на децата и младите а не се предвидени со членот 70 на овој закон можат да се емитуваат само во период од 24,00 до 5,00 часот.
Програмите од ставот 1 на овој член треба да бидат означени пред почетокот на нивното емитување, со акустично и визуелно предупредување за тоа дека не се препорачливи за одделни сегменти од публиката.
Начинот на категоризација, облиците на акустично и визуелно прикажување, како и временските периоди во согласност со ставот 1 на овој член во кои можат да се прикажуваат содржините што можат штетно да влијаат врз физичкиот, психичкиот и моралниот развој на децата и младите ги определува Советот за радиодифузија со задолжителни правила, во согласност со овој закон и меѓународни договори што ги ратификувала или им пристапила Република Македонија.
Радиодифузерите се должни да ги почитуваат правилата од ставот 3 на овој член.
Член 72
Јавниот радиодифузен сервис и трговските радиодифузни друштва што вршат дејност на државно ниво, се должни да емитуваат најмалку 18 часа дневно програма на радио и најмалку 12 часа дневно програма на телевизија.
По исклучок од ставот 1 на овој член, дополнителните програмски сервиси на Јавниот радиодифузен сервис утврдени во членот 117 став 5 од овој закон, можат да емитуваат и помал број часови програма дневно.
Трговските радиодифузни друштва што вршат дејност на регионално ниво се должни да емитуваат најмалку 12 часа дневно програма на радио и најмалку 8 часа дневно програма на телевизија.
Трговските радиодифузни друштва што вршат дејност на локално ниво се должни да емитуваат најмалку 10 часа дневно програма на радио и најмалку 6 часа дневно програма на телевизија.
Непрофитните радиодифузни установи се должни да емитуваат најмалку 4 часа дневно програма на радио.
Во дневната програма, во смисла на ставовите 1, 3 и 4 од овој член, не се смета емитувањето неподвижни слики, односно сигнали.
Член 73
Радиодифузерите кои имаат дозвола за вршење на радиодифузна дејност за телевизиски програмски сервиси на државно ниво, во своите програми се должни да обезбедат застапеност на европски аудиовизуелни дела најмалку 51% од вкупно емитуваната програма во текот на годината, при што во вкупното време на емитување не се смета времето одредено за вести, спортски настани, игри, рекламирање, телетекст и телешопинг услуги.
Член 74
Радиодифузерите се должни дневно да емитуваат најмалку 30% програма изворно создадена на македонски јазик или на јазиците на немнозинските заедници кои живеат во Република Македонија, при што во дневното време на емитување не се смета времето одредено за вести, спортски настани, игри, рекламирање, телетекст и телешопинг услуги.
Радиодифузерите се должни да обезбедат најмалку 30% од емитуваната вокално - инструментална музика да биде на македонски јазик или на јазикот на етничките заедници кои не се мнозинство во Република Македонија.
Одредбата од ставот 1 на овој член не се однесува на радиодифузерите кои имаат тематски (типски) програмски сервиси или пак се условени со плаќање од страна на корисникот.
Член 75
Во програмите на јавниот радиодифузен сервис и непрофитните радиодифузни установи не е дозволено користење на телефонски услуги со посебна тарифа.
По исклучок на ставот 1 од овој член јавниот радиодифузен сервис може да користи телефонски услуги со посебна тарифа за потребите на телевоутинг при пренесување на настани од големо значење.
Во програмите на трговските радиодифузни друштва, телефонските услуги со посебна тарифа, вклучувајќи го и телевоутингот, не можат да се користат во вести, информативни емисии, образовни и детски програми.
Член 76
Јавниот радиодифузен сервис на своите програми не може да организира и да емитува игри на среќа со извлекување (лото, спортска прогноза, лотарија, инстант лотарија, томбола и бинго) и со обложување на спортски натпревари.
Радиодифузер може да емитува игри на среќа со извлекување, организирани само од субјект којшто има лиценца од надлежен орган за организирање на игри на среќа.
Член 77
Радиодифузерите се должни да создаваат и емитуваат програми со уредени авторски права и сродни права.
На барање на Советот за радиодифузија и на други надлежни органи радиодифузерите се должни да достават документи со кои го докажуваат уредувањето на авторските и сродните права.
Член 78
Радиодифузерите можат да реемитуваат или одложено да емитуваат настани од големо значење, од земјата или од странство, врз основа на ексклузивно (исклучиво) право, само доколку реемитувањето или одложеното емитување на настанот не го ограничува правото на поголем дел од населението да го следи тој настан.
Како настани од големо значење се сметаат:
- зимските и летните олимписки игри;
- полуфиналните и финалните натпревари на светските и европските првенства, како и сите други натпревари со учество на македонската репрезентација вклучително и квалификациските натпревари и
- други спортски натпревари со учество на македонската репрезентација на официјални турнири и натпревари.
Советот за радиодифузија со одлука еднаш годишно ќе определува и дополнителна листа на настани од големо значење.
Советот за радиодифузија ќе обезбеди радиодифузерите да не ги користат ексклузивните права на начин со којшто јавноста во друга држава членка на Европската унија или страна потписничка на Конвенцијата за прекугранична телевизија ќе ја оневозможи да го следи настанот што таа држава го пријавила како настан од големо значење за таа држава.
Во случај настанот од големо значење да се организира во делови, секој посебен дел од тој настан се смета како настан од големо значење. Одредбите од овој член ќе се применуваат и во случаите на одложено емитување, доколку одложеното емитување не преминува 24 часа, а особено ако:
- времето на одвивање на настанот од големо значење паѓа во периодот од 24,00 до 6,00 часот според официјалното време во Република Македонија
и
- настаните од големо значење или нивни делови се преклопуваат со времето.
Член 79
Радиодифузерите што вршат дејност на локално ниво можат да се поврзуваат во единствен систем за емитување на заедничка програма, само по претходно известување до Советот за радиодифузија, но не подолго од 4 часа во текот на 24 часа.
Радиодифузерите што се поврзуваат во единствен систем за емитување на заедничка програма се должни да го известат Советот за радиодифузија за програмскиот концепт за заедничката програма и да именуваат одговорен уредник на програмата.
Член 80
Јавниот радиодифузен сервис е должен да ја следи изборната кампања. Јавниот радиодифузен сервис и трговските радиодифузни друштва што одлучиле да ги покриваат изборите, тоа треба да го прават на правичен, избалансиран и непристрасен начин во својата вкупна програма, согласно со закон.
Радиодифузерите се должни за време на изборната кампања на организаторите на кампањата да им овозможат подеднакви услови за пристап до сите облици на медиумско претставување, согласно со своите правила и техничките услови и можности.
Јавниот радиодифузен сервис и трговските радиодифузни друштва што одлучиле да ги покриваат изборите, се должни да донесат сопствени правила врз основа на принципите за самостојност, автономност и уредувачка независност, како и одговорност за медиумското покривање на изборите и правилата да ги објават на своите програми.
Собранието на Република Македонија на предлог на Советот за радиодифузија донесува одлука за правилата за медиумско претставување за време на изборната кампања преку радиодифузери.
Член 81
Радиодифузерите имаат свои називи, заштитни знаци и сопствени скратени идентификациони знаци.
Називите, заштитните знаци, или скратените идентификациони знаци (авизо, лого и слично) на радиодифузерите, мора да бидат континуирано истакнати за време на емитување на телевизиската програма, односно да се емитуваат најмалку еднаш во текот на еден реален час на радио програмата.
Во случаите кога радиодифузерите емитуваат програма во единствен систем, во текот на траењето на таа програма тие, исто така, се должни да ги истакнуваат идентификационите знаци.
Радиодифузерите не можат да употребуваат називи или заштитни знаци што не одговараат на нивните регистрирани називи и заштитни знаци. Радиодифузерот по добивањето на дозволата за вршење радиодифузна дејност и при секоја промена на идентификационите знаци, се должни да достават примерок од нив до Советот за радиодифузија.
Член 82
Радиодифузерите ја емитуваат програмата на македонски јазик, а во случаите кога програмата е наменета за заедница која не е во мнозинство на јазикот на таа заедница.
Доколку програмските сервиси што се реемитуваат преку јавните комуникациски мрежи се титлуваат на јазик различен од јазикот на кој оригинално се произведени, мора да бидат титлувани на македонски јазик, освен телешопингот и рекламите.
Член 83
Програмите на странски јазици или деловите од нив_ што се емитуваат на програмите на радиодифузерите треба да бидат преведени на македонски јазик, односно на јазикот на заедницата што не е во мнозинство.
Одредбите од ставот 1 на овој член не се однесуваат на преноси на музички и сценски настани, на образовни програми за изучување на странски јазик, како и на деловите од програмите наменети за странци.
Деловите од програмите што не се преведуваат се најавуваат на македонски јазик, односно на јазикот на заедницата што не е во мнозинство.
Член 84
Секој радиодифузер мора да има одговорен уредник кој ја води реализацијата на програмските содржини што се емитуваат и кој одговара за програмските содржини и за вистинитоста на секоја објавена информација на програмата.
Доколку радиодифузерот има повеќе одговорни уредници, секој од нив одговара за содржината на програмскиот дел за кој е одговорен.
Името и презимето на одговорниот уредник и уредникот на програмата мора да се објавуваат најмалку еднаш дневно во програмите на радиодифузерите.
Член 85
Радиодифузерите се должни да водат дневна евиденција на емитуваната програма и да го снимаат излезниот сигнал на својата програма, а снимките од целокупната програма да ги чуваат најмалку 30 дена по емитувањето.
Во случај на покренување спор заради остварување на правото на одговор и исправка, снимените материјали се чуваат до објавувањето на одговорот или исправката, односно до завршувањето на спорот.
VII. РЕКЛАМИРАЊЕ, ТЕЛЕШОПИНГ И СПОНЗОРСТВО
Член 86
Радиодифузерите имаат право да создаваат и да емитуваат во своите програми, реклами, телешопинг и спонзорирани програми, под условите утврдени со овој закон.
Член 87
Рекламирањето и телешопингот треба да бидат во согласност со важечките законски прописи што се однесуваат на лојалната конкуренција. Рекламирањето и телешопингот треба да бидат вистинити и чесни, да не ја заведуваат јавноста и да не се против интересите на купувачите, односно корисниците на услугите.
Член 88
Рекламирањето и телешопингот што се упатени на децата или тие во нив учествуваат, не смеат да содржат пораки што можат да ги повредат нивните интереси и да им наштетат на децата во развојот поради нивната посебна чувствителност. Телешопингот не смее да ги поттикнува малолетните лица да стапуваат во договор за продажба или изнајмување на стоки или услуги.
Со рекламирањето и телешопингот не смее:
- директно да се поттикнуваат малолетните лица да купуваат производи или услуги искористувајќи го нивното неискуство или лекомисленост;
- директно да ги охрабруваат малолетните лица да бараат од родителите или од други лица да ги набават рекламираните производи или услуги;
- да се искористува посебната доверба што малолетните лица ја имаат во родителите, наставниците или други лица и
- да се прикажува малолетни лица во опасни ситуации.
Малолетните лица не смеат да бидат вклучени во платено политичко рекламирање за време и надвор од период на изборна кампања.
Член 89
Со рекламирањето и телешопингот не смее:
- да се загрозува човечкото достоинство;
- да се темели врз нагласување на национални, етнички, религиозни, полови, расни или други разлики;
- да се поттикнува однесување опасно за здравјето или однесување коешто ја нарушува безбедноста;
- да се поттикнува однесување што ја загрозува животната средина и
- да ги навредуваат религиозните или политичките убедувања.
Член 90
Огласувачот, односно нарачателот на реклама или на телешопинг, како и спонзорот не смеат да влијаат врз содржината на програмата на начин со кој ќе се намали самостојноста на радиодифузерот и неговата одговорност.
Член 91
Времетраењето на рекламирањето на јавниот радиодифузен сервис не може да изнесува повеќе од 7% или 4 минути и 12 секунди од времето на емитување во текот на еден реален час односно, вкупно 7% од времето за емитување во текот на еден ден.
Освен играната, спортската и забавната програма, јавниот радиодифузен сервис не може да ги прекинува своите програми заради емитување на реклами.
На јавниот радиодифузен сервис не е дозволено рекламирање во периодот од 17,00 до 21,00 часот на телевизиските програмски сервиси и од 9,00 до 14,00 часот на радио програмските сервиси, освен во преноси и интегрални снимки на спортски натпревари,културни манифестации и настани од големо значење утврдени согласно со овој закон.
Член 92
На јавниот радиодифузен сервис не му е дозволено рекламирање на политички партии и кандидати.
Јавниот радиодифузен сервис и непрофитните радиодифузни установи не можат да емитуваат телешопинг.
Во програмите на непрофитните радиодифузни установи не е дозволено рекламирање.
Член 93
Процентот на рекламните спотови, телешопинг спотовите и другите форми на рекламирање со исклучок на телешопинг прозорците и платената политичка програма за време на изборна кампања, на трговските радиодифузни друштва, не смее да изнесува повеќе од 20% од дневно емитуваното време.
Времетраењето на рекламните спотови не смее да надминува 15% од дневно емитуваното време.
Времетраењето на рекламните спотови, телешопинг спотовите и другите форми на рекламирање не смее да изнесува повеќе од 20% или 12 минути од времето за емитување во текот на еден реален час.
Член 94
Телешопинг прозорците можат непрекинато да траат минимум 15 минути, а максимум 40 минути.
Максималниот дозволен број прозорци на ден е осум.
Вкупното времетраење на телешопинг прозорците не смее да биде подолго од три часа дневно.
Во периодите, односно во реалниот час кога се емитува телешопинг прозорец, не е дозволено емитување на рекламни спотови, телешопинг спотови, како и други форми на рекламирање.
Телешопинг прозорците треба да бидат јасно издвоени од другиот дел на програмата со оптички и акустички средства.
Радиостаниците можат да емитуваат само телешопинг спотови.
Член 95
За време на изборна кампања, со посебна одлука, Советот за радиодифузија може да дозволи најмногу 20% дополнително време за платена политичка програма во текот на денот, односно 20% или 12 минути дополнително време за емитување платена политичка програма на еден реален час.
Член 96
Во обемот на рекламирање утврден со членовите 91 и 93 на овој закон не спаѓаат:
- промотивните најави и спотови на радиодифузерот што се однесуваат на неговата сопствена програма и
- најавите на културни и спортски манифестации, најавите за кампањи од јавен интерес и апелите за добротворни цели што радиодифузерот ќе ги емитува бесплатно.
Бесплатно објавените реклами мора да бидат посебно означени.
Член 97
Рекламирањето и телешопингот треба да бидат јасно препознатливи и издвоени од другите делови на програмата со оптички или акустички средства.
Рекламните спотови и телешопинг спотовите по правило се емитуваат во блокови вметнати меѓу рекламите. Рекламирањето и телешопингот не смеат да користат потсвесни техники.
Член 98
Прикриеното рекламирање и прикриениот телешопинг се забранети. Во програмите на радиодифузерите не е дозволено изложување на производи чие име или марка се видливо истакнати.
Член 99
Рекламните и телешопинг спотовите на телевизиските програми треба да бидат вметнати во програмите на радиодифузерите на начин со кој нема да се загрозат интегритетот и вредноста на програмата, како и правата на авторите и на другите носители на правата на програмата, а притоа земајќи ги предвид природните внатрешни паузи, времетраењето и карактерот на програмата под услови:
- во програмите што се состој ат од независни делови, односно програмите за настани и настапи што содржат интервали, спортските програми, рекламните и телешопинг спотовите треба да бидат вметнати исклучиво меѓу деловите или интервалите;
- емитувањето аудиовизуелни дела, како што се играните и телевизиските филмови со исклучок на сериските филмови, забавните програми и документарните програми чие времетраење изнесува повеќе од 45 минути, може да биде прекинато со емитување на рекламни или телешопинг спотови само еднаш за секој комплетен период од 45 минути;
- дополнително прекинување се дозволува доколку времетраењето на аудиовизуелното дело е најмалку 20 минути подолго од два или повеќе комплетни периоди од по 45 минути и
- сите програми освен оние што се состојат од независни делови, кога се прекинуваат со рекламни или телешопинг спотови, меѓу секој следен блок со спотови треба да помине период од најмалку 20 минути; Рекламите во радиопрограмите на радиодифузерите по правило се емитуваат како одвоени блокови со акустичен препознатлив сигнал, вметнати во програмата на начин со кој нема да се загрозат интегритетот и вредноста на програмата.
Член 100
Во вести и други дневно - информативни програми, како и во преноси или одложени снимки од верски служби, не е дозволено емитување на рекламни или телешопинг спотови.
Не е дозволено емитување на рекламни или телешопинг спотови во актуелно - информативни програми, детски, документарни и верски програми, чие планирано времетраење е помало од 30 минути.
Доколку планираното времетраење на програмите од ставот 2 на овој член е 30 минути или подолго ќе се применуваат одредбите од членот 99 став 1 алинеја 4 на овој закон.
Член 101
Не е дозволено рекламирање и телешопинг на:
- дрога, тутун и производи од тутун, алкохол и алкохолни напитоци освен вино и пиво;
- медицински третмани и лекови што се издаваат само со лекарски рецепт;
- оружје и фирми што продаваат оружје и
- телефонски услуги со посебна тарифа со еротски содржини во периодот од 6,00 до 24,00 часот.
Член 102
Рекламирањето на медицински третмани и лекови што се издаваат без лекарски рецепт мора да биде јасно препознатливо, искрено, вистинито, да подлежи на проверка и да се придржува до барањето за заштита на поединецот од оштетување.
Член 103
За веродостојноста и точноста на тврдењата и податоците во рекламниот или телешопинг спотот е одговорен нивниот нарачател, а за неговата усогласеност со закон одговорниот уредник во медиумот.
Член 104
Рекламните или телешопинг спотовите задолжително се емитуваат на македонски јазик, со македонски превод или на јазикот на соодветната етничка заедница.
Член 105
Рекламирање и телешоп не треба да прикажуваат, визуелно или тонски, лица кои редовно презентираат вести и актуелни информативни емисии.
Член 106
Во спонзорираните програми, треба јасно да биде идентификуван спонзорот на погоден начин на почетокот или на крајот на програмата, односно да биде јасно нагласено дека се работи за спонзорирана програма.
Спонзорираните програми не треба да ја поттикнуваат продажбата, купувањето или изнајмувањето на производи или услуги од спонзорот или на трето лице.
Член 107
Не е дозволено спонзорирање на вести и други информативни програми, како и програми од политички или религиозен карактер.
Не е дозволено спонзорство од страна на физичко лице или организација чија главна дејност е производство или продавање на производи или давање на услуги чие рекламирање е забрането, согласно со членот 101 од овој закон.
Член 108
Спонзорирањето на програми од страна на организации чии активности вклучуваат производство или продажба на медицински производи и медицински третмани може да го промовира името или имиџот на организацијата, но не смее да промовира конкретни медицински производи или медицински третмани достапни исклучиво на лекарски рецепт.
VIII. ПРЕНОС НА ПРОГРАМСКИ СЕРВИСИ ПРЕКУ ЈАВНИ КОМУНИКАЦИСКИ МРЕЖИ
Член 109
Преку јавна комуникациска мрежа се пренесуваат програмски сервиси на домашни и странски радиодифузери, врз основа на претходен договор за уредени авторски права и сродните права.
Субјектите кои реемитуваат програмски сервиси преку јавна комуникациска мрежа се должни програмските сервиси да ги регистрираат во Советот за радиодифузија како целина во вид на пакети и притоа доставуваат потврда за уредени авторски и сродни права издадена од Министерството за култура.
За секоја промена на регистрираниот пакет/пакети на програмски сервиси се известува Советот за радиодифузија.
Советот за радиодифузија ќе наложи исклучување на одреден програмски сервис доколку тој не ги исполнува условите од ставовите 1, 2 и 3 на овој член.
Член 110
Пакетите на програмски сервиси кои се реемитуваат преку јавна комуникациска мрежа задолжително и бесплатно ги содржат програмските сервиси на јавниот радиодифузен сервис што се финансираат од радиодифузна такса, со исклучок на обврските што произлегуваат од колективната заштита на авторските и сродните права.
Член 111
Пакетите на програмските сервиси кои се реемитуваат преку јавна комуникациска мрежа можат да ги содржат програмските сервиси на радиодифузери, само на подрачјето за коешто тие имаат добиено дозвола за вршење радиодифузна дејност, врз основа на регулирани авторски права и сродни права.
Член 112
Операторот на јавна комуникациска мрежа не смее да го попречува слободниот прием на радио и телевизиски програми што се емитуваат преку терестријален предавател.
Член 113
Операторот на јавна комуникациска мрежа е должен да воспостави интерен телевизиски канал на кој може да објавува само информации за функционирањето и услугите што ги обезбедува преку сопствената мрежа. Операторот на јавна комуникациска мрежа е должен излезниот сигнал на интерниот телевизиски канал од ставот 2 на овој член да го снима целосно и без прекин, а снимките да ги чува најмалку 30 дена по емитувањето.
Член 114
Операторот на јавна комуникациска мрежа е должен да обезбеди програмските сервиси што потекнуваат од земји кои не ја ратификувале Конвенцијата за Прекугранична телевизија да бидат во согласност со членовите 69 и 70 и одредбите од Главата VII на овој закон.
IX. ЈАВЕН РАДИОДИФУЗЕН СЕРВИС
Член 115
Функциите на јавен радиодифузен сервис во Република Македонија ги врши Македонската радиотелевизија.
Македонската радиотелевизија има својство на правно лице со седиште во Скопје.
Македонската радиотелевизија основа регионални продукциони центри. Скратениот назив на Македонската радиотелевизија е МРТ.
Имотот и средствата за работа на МРТ, ги користи и со нив управува МРТ, на начин и под услови утврдени со овој закон.
Член 116
МРТ се финансира од радиодифузната такса, од рекламирање, спонзорство, донации, продажба на програма и услуги и од средства обезбедени во Буџетот на Република Македонија за тековната година.
Донациите од ставот 1 на овој член не смеат да влијаат или да ја нарушат уредувачката независност на МРТ.
МРТ донесува годишен финансиски план, кој содржи податоци за приходите и трошоците, ревизорски и финансиски извештаи за претходната година и предвидените капитални и оперативни трошоци за следната година.
Ревизијата од ставот 3 на овој член ја врши надворешен и независен ревизор на сметка на МРТ.
Доколку Собранието на Република Македонија при разгледувањето на годишниот финансиски план констатира одредени неправилности, ќе ја задолжи МРТ најдоцна во рок од 60 дена од денот на разгледувањето да достави нов годишен финансиски план.
МРТ е должна за средствата што ги користи од Буџетот на Република Македонија во согласност со одредбите од членот 119 ставови 3 и 4 на овој закон, да води посебно сметководство врз основа на кое до Собранието на Република Македонија треба да достави посебен годишен извештај за резултатите од работењето за претходната година, како и посебен годишен финансиски план кои ги вклучува средствата прибрани од радиодифузната такса и износот на наплатената провизија, на одобрување.
Неискористените средства добиени од Буџетот на Република Македонија МРТ на крајот на секоја година е должна да ги врати во Буџетот на Република Македонија.
Член 117
МРТ, на територијата на Република Македонија, емитува еден телевизиски програмски сервис на македонски јазик и еден телевизиски програмски сервис на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кој е различен од македонскиот јазик и на другите немнозински заедници.
МРТ, на територијата на Република Македонија, емитува најмалку два радио - програмски сервиса на македонски јазик и еден радио - програмски сервис на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кој е различен од македонскиот јазик и на другите немнозински заедници. МРТ емитува посебни радиопрограми наменети за соседните земји и Европа на странски јазици.
МРТ емитува посебни радиопрограми наменети за информирање на иселениците и граѓаните на Република Македонија кои живеат во соседните земји, во Европа и на другите континенти на македонски и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кој е различен од македонскиот јазик и на другите немнозински заедници.
МРТ емитува најмалку еден радио и еден телевизиски програмски сервис преку сателит наменет за иселениците и граѓаните на Република Македонија кои живеат во Европа и на другите континенти на македонски јазик и на јазикот што го зборуваат нај малку 20% од граѓаните кој е различен од македонскиот јазик и на другите немнозински заедници.
МРТ обезбедува програмски сервис исклучиво наменет за емитување на активностите на Собранието на Република Македонија.
Собранието на Република Македонија има програмска одговорност за емитувањето на програмскиот сервис наменет за емитување на активностите на Собранието на Република Македонија.
МРТ емитува посебни радио и телевизиски програми на програмските сервиси од ставовите 1 и 2 на овој член во кои се запазени регионалните и локалните посебности на Република Македонија.
Програмските сервиси од ставовите 3, 4 и 5 на овој член кои се финансираат од Буџетот на Република Македонија самостојно одлучуваат за програмската шема и нејзината реализација во согласност со посебниот финансиски план предложен од МРТ, а одобрен од Собранието на Република Македонија.
Програмските сервиси од ставовите 1 и 2 на овој член кои се финансираат од радиодифузна такса самостојно одлучуваат за програмската шема и нејзината реализација во согласност со годишниот финансиски план на МРТ, во рамките на утврдената програмска политика на МРТ и овој закон.
МРТ има право да ги емитува своите програмски сервиси и преку нови технологии.
Член 118
Програмските сервиси на МРТ од членот 117 ставови 1, 2, 3 и 4 на овој закон се пренесуваат преку основните мрежи на ЈП Македонска радиодифузија.
Програмскиот сервис од членот 117 став 5 на овој закон го пренесува ЈП Македонска радиодифузија или друг оператор на јавна комуникациска мрежа, врз основа на претходно склучен договор со МРТ, а по спроведена постапка во согласност со закон.
Програмскиот сервис од членот 117 став 6 на овој закон се пренесува преку основните мрежи на ЈП Македонска радиодифузија.
Член 119
Трошоците за пренос на програмските сервиси на МРТ преку мрежите на ЈП Македонска радиодифузија, освен преносот на програмскиот сервис од членот 117 ставови 5 и 6 на овој закон се обезбедуваат од радиодифузната такса во висина утврдена со членот 147 од овој закон.
Трошоците за создавање на програмските сервиси од членот 117 ставови 1 и 2 на овој закон се обезбедуваат од средствата од радиодифузната такса. Трошоците за создавање на програмите од членот 117 ставови 3, 4 и 5 на овој закон се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија во согласност со посебниот финансиски план предложен од МРТ, а одобрен од Собранието на Република Македонија.
Трошоците за пренос на програмските сервиси од членот 117 ставови 5 и 6 на овој закон се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија во согласност со посебниот финансиски план предложен од МРТ, а одобрен од Собранието на Република Македонија.
Трошоците за создавање на програмскиот сервис наменет за емитување на активностите на Собранието на Република Македонија се обезбедуваат од Собранието на Република Македонија.
Трошоците на програмскиот сервис наменет за емитување на активностите на Собранието на Република Македонија се обезбедуваат од МРТ со средствата обезбедени од радиодифузната такса.
Член 120
МРТ е должна да создава и емитува програми од јавен интерес со кои се одразува општествениот и културниот плурализам во државата, а кои се состојат од информативни, културни, образовни, научни, спортски и забавни содржини.
Член 121 Заради остварување на јавниот интерес МРТ е должна:
- да обезбеди програмите што се произведуваат и емитуваат да бидат заштитени од какво и да е влијание на власта, политички организации или центри на економска моќ;
- да ја развива и планира програмската шема во интерес на целата јавност и да произведува и емитува програми за сите сегменти на општеството без дискриминација, водејќи притоа сметка за специфичните општествени групи;
- да се грижи низ програмите да се рефлектираат различни идеи, да се негува културниот идентитет на заедниците, да се почитуваат културните и религиозни разлики и да се поттикнува културата на јавен дијалог, со цел да се зацврстува заемното разбирање и толеранција во функција на унапредување на односите меѓу заедниците во мултиетничка и мултикултурна средина;
- да ги негува и развива говорните и јазичните стандарди на сите заедници во Република Македонија;
- да ги негува, поттикнува и развива сите облици на домашно аудиовизуелно творештво кои придонесуваат за развој на македонската култура, како и да придонесува за меѓународна афирмација на македонскиот културен идентитет;
- да го промовира почитувањето на основните човекови права и слободи, демократските вредности и институции, да ја почитува приватноста, достоинството, угледот и честа на човекот;
- да развива, планира и емитува програми, информативни емисии и вести наменети за глуви лица, кои ќе бидат преведувани на знаковен јазик; во време на изборна кампања да обезбеди бесплатно и избалансирано време за емитување на програмите на политичките партии, коалиции и кандидати кои имаат доставено листи на кандидати за општи, локални или претседателски избори, во согласност со правилата за медиумска презентација на политичките партии, коалиции, независни кандидати и нивните програми;
- да обезбеди информирање за регионалните и локалните посебности и настани во Република Македонија;
- да обезбеди услови за користење и развој на современи техничкотехнолошки стандарди во производството и емитувањето на програмата и да подготви план за премин, во определен временски период на дигитална технологија во согласност со утврдената стратегија за развој на радиодифузијата во Република Македонија и
- да обезбеди чување и архивирање на сопствените радио и телевизиски записи и други материјали и документи за работата на МРТ, како дел од аудиовизуелното богатство за Република Македонија.
Член 122
МРТ е должна при создавањето и емитувањето на програмите да ги почитува професионалните принципи и на различните интереси во општеството да им обезбеди рамноправен пристап, да се залага за слободата и плурализмот на изразување на јавното мислење, како и да спречи каков било облик на расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост.
Член 123
МРТ е должна на секој телевизиски програмски сервис да обезбеди најмалку 60% учество на европски аудиовизуелни дела од вкупното годишно време на емитување при што во вкупното време на емитување не се смета времето одредено за вести, спортски настани, игри, рекламирање и телетекст.
Член 124
МРТ е должна, на секој телевизиски програмски сервис во периодот од 18,00 до 22,00 часот, да обезбеди најмалку 40% програма изворно создадена на македонски јазик или на јазиците на немнозинските заедници кои живеат во Република Македонија од вкупното годишно време на емитување, при што најмалку 30% програма во текот на еден ден изворно произведена на македонски јазик или на јазиците на немнозинските заедници кои живеат во Република Македонија.
МРТ е должна во текот на еден ден, на секој радио програмски сервис, да обезбеди најмалку 40% програма изворно произведени на македонски јазик или на јазиците на немнозинските заедници кои живеат во Република Македонија.
МРТ е должна да обезбеди најмалку 45% од емитуваната вокално - инструментална музика да биде на македонски јазик или на јазикот на етничките заедници кои не се мнозинство во Република Македонија .
Член 125
МРТ е должна да издвои најмалку 10% од годишните средства наменети за продукција на телевизиска програма за нарачка на програма од независни продуценти од Република Македонија.
Програмите од ставот 1 на овој член се обезбедуваат по пат на јавен конкурс кој се спроведува на начин и постапка утврдена со Статутот на МРТ.
МРТ е должна од вкупно емитуваната странска телевизиска програма, во текот на годината, да резервира најмалку 30% за емитување на европски аудиовизуелни дела.
Во вкупното годишно време за емитување, во смисла на ставот 1 од овој член, не се смета времето одредено за вести, спортски настани, игри, рекламирање и телетекст услуги.
Член 126
Органи на МРТ се:
- Совет на МРТ;
- Управен одбор на МРТ и
- извршен директор на МРТ.
Член 127
Советот на Македонската радиотелевизија ги застапува и се грижи за остварување на интересите на јавноста во поглед на радио и телевизиските програми и работењето на МРТ.
Советот на МРТ е составен од 23 члена.
Членовите на Советот на МРТ ги именува Собранието на Република Македонија на предлог на следниве овластени предлагачи:
- Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" Скопје предлага кандидати за два члена; Државниот тетовски универзитет "Тетово" предлага кандидати за два члена; Универзитетот "Св. Климент Охридски" Битола предлага кандидат за еден член; Универзитетот на Југоисточна Европа Тетово предлага кандидат за еден член;
- Националната установа Албански театар предлага кандидат за еден член;
- Национална установа Турски театар предлага кандидат за еден член;
- Заедницата на единиците на локалната самоуправа предлага кандидат за еден член;
- Олимпискиот комитет на Република Македонија предлага кандидат за еден член;
- Мнозинско здружение на новинари предлага кандидати за два члена;
- Стопанската комора на Република Македонија предлага кандидат за еден член;
- Македонската асоцијација за информатичка технологија (МАСИТ) предлага кандидат за еден член;
- Музичката академија предлага кандидат за еден член;
- Мнозинското здружение на автори на музички дела и композитори предлага кандидат за еден член;
- Факултетот за драмски уметности предлага кандидат за еден член;
- Заедницата на инвалидските организации на Македонија предлага кандидат за еден член и
- Комисија за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија предлага кандидати за пет члена.
Кандидатите за членови на Советот на МРТ треба да бидат државјани на Република Македонија, кои ќе ги претставуваат различните групи во општеството (млади, универзитети, граѓански здруженија и друго).
При утврдувањето на предлогот на кандидати за членови на Советот на МРТ Собранието на Република Македонија води сметка за соодветна и правична застапеност на граѓаните на сите заедници кои живеат во Република Македонија.
Членовите на Советот на МРТ се именуваат на пет години со право на повторен избор.
Собранието на Република Македонија, најмалку 60 дена пред истекот на мандатот на Советот на МРТ упатува јавен повик до овластените предлагачи од ставот 3 на овој член за доставување предлог на кандидати за членови на Советот на МРТ.
Овластените предлагачи се должни предлозите да ги достават до Собранието на Република Македонија во рок од 30 дена од денот на упатувањето на јавниот повик.
Врз основа на доставените предлози од овластените предлагачи Комисијата за прашањата на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија, во рок од 15 дена составува предлог на кандидати на Советот на МРТ.
Собранието на Република Македонија најдоцна 15 дена пред истекот на мандатот на Советот на МРТ ќе ги именува новите членови на Советот на МРТ.
Во случај Собранието на Република Македонија да не избере член на Советот на МРТ, овластениот предлагач во рок од 15 дена од денот на известувањето доставено од страна на Собранието на Република Македонија предлага нов член, а Собранието на Република Македонија е должно во рок од 30 дена од денот на доставувањето на предлогот да изврши избор.
Советот на МРТ може да работи доколку се избрани најмалку 13 члена.
Член 128
Членови на Советот на МРТ не можат да бидат:
- пратеници, членови на Владата на Република Македонија, именувани и избрани функционери, директори или членови на управни одбори на јавни претпријатија;
- лица кои извршуваат должност во органите на политичка партија и
- лица кои како сопственици на удели или акции, како членови на органи на управување, или како вработени или пак работно ангажирани по каква и да е основа, имаат интерес во други радиодифузери или претпријатија кои се занимаваат со исти дејности како МРТ.
Член 129
Мандатот на член на Советот на МРТ може да престане пред истекот на рокот за кој е именуван во следниве случаи:
- настанување на причини поради кои едно лице не може да биде избрано за член на Советот на МРТ, предвидени во овој закон;
- ако отсуствува од седниците на Советот на МРТ подолго од три месеца;
- со поднесување оставка и
- ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор подолга од шест месеца и ако му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија, дејност или должност.
Престанокот на мандатот го утврдува Собранието на Република Македонија, на предлог на Советот на МРТ.
Во случај кога на член на Советот на МРТ ќе му престане мандатот пред истекот на рокот за кој е именуван, Собранието на Република Македонија ќе именува нов член на Советот на МРТ за преостанатиот дел од мандатот на предлог на соодветниот овластен предлагач.
Член 130
Работата на Советот на МРТ е јавна.
Советот на МРТ со мнозинство гласови од вкупниот број члена го избира и разрешува претседателот и заменикот на претседателот на Советот на МРТ. Советот на МРТ за работите утврдени во членот 133 став 1 алинеи 3, 4, 6, 7, 9 и 12 од овој закон одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот на МРТ во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот на МРТ кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
Советот на МРТ работи на седници кои се одржуваат најмалку два пати годишно.
Начинот на работа и одлучување на Советот на МРТ се уредува со Деловник.
Член 131
Во работата на Советот на МРТ, без право на одлучување, учествуваат членовите на Управниот одбор на МРТ, извршниот директор на МРТ и заменикот на извршниот директор, како и други одговорни лица во МРТ, на покана на Советот на МРТ.
Лицата од ставот 1 на овој член се должни, на барање на Советот на МРТ, да даваат информации, појаснувања и стручни образложенија за прашањата што се на дневен ред.
Член 132
За својата работа членовите на Советот на МРТ добиваат надоместок во висина од една третина од просечно исплатената плата во Републиката, по седница.
Членовите на Советот на МРТ кои живеат надвор од Скопје, имаат право на надоместок на патните трошоци кога присуствуваат на седниците на Советот на МРТ во согласност со Правилникот за плати и други надоместоци.
Член 133
Советот на МРТ ги има следниве надлежности:
- се грижи за остварувањето на јавниот интерес во програмите на МРТ врз основа на принципите на уредувачка независност и самостојност;
- ја утврдува програмската политика на МРТ и го надгледува спроведувањето на програмските начела, а во случај на нивно непочитување може писмено да го предупреди извршниот директор и Управниот одбор на МРТ, односно да побара од него да го прекине емитувањето на програмата со која се прекршуваат програмските начела;
- ги избира членовите на Управниот одбор на МРТ;
- го донесува Статутот;
- донесува Деловник за своето работење;
- го усвојува годишниот финансиски план на МРТ и најдоцна до 31 март тековната година го доставува до Собранието на Република Македонија на разгледување;
- го усвојува посебниот годишен финансиски план на МРТ и најдоцна до 31 март тековната година го доставува до Собранието на Република Македонија на одобрување;
- ја усвојува завршната сметка;
- го усвојува годишниот извештај за резултатите од работењето на МРТ за претходната година и најдоцна до 31 март тековната година го доставува до Собранието на Република Македонија на разгледување;
- го усвојува посебниот годишен извештај за резултатите од работењето на МРТ за претходната година и најдоцна до 31 март тековната година го доставува до Собранието на Република Македонија на одобрување;
- донесува акти со кои се регулираат етичките и професионалните стандарди во создавањето на програмите на МРТ;
- ја усвојува програмата за развој на МРТ и
- врши и други работи утврдени со законот и Статутот на МРТ.
Со цел да се обезбеди уредувачка и новинарска независност и самостојност, Советот на МРТ не смее да ги прегледува одделните емисии или други делови на програми пред да бидат емитувани, односно не може да донесува одлуки и ставови за нивното емитување.
Член 134
Со МРТ управува Управен одбор составен од седум члена.
Членовите на Управниот одбор ги избира Советот на МРТ врз основа на претходно спроведена постапка на јавен конкурс.
Условите и постапката на избор се утврдуваат со Статутот на МРТ. Мандатот на членовите на Управниот одбор трае пет години, со право на уште еден избор.
Управниот одбор од своите редови избира и разрешува претседател. Управниот одбор работи и одлучува на седници кои се одржуваат најмалку еднаш месечно.
Во работата на Управниот одбор, без право на одлучување, учествуваат извршниот директор на МРТ, како и други одговорни лица во МРТ, на покана на Управниот одбор.
Член 135
Членовите на Управниот одбор за својата работа добиваат месечен надоместок.
Член 136
Членови на Управниот одбор на МРТ не можат да бидат:
- пратеници, членови на Владата, раководни лица во државен орган, орган на државната управа или единица на локалната самоуправа, директори или членови на управни одбори на јавни претпријатија;
- лица кои извршуваат должност во органите на политичка партија;
- лица кои, како сопственици на удели или акции, како членови на органи на управување, или како вработени, имаат интерес во други радиодифузери, новински агенции, друштва за реклама и пропаганда, друштва за истражување на пазарот и јавното мислење, друштва за спроведување активности на истрага и обезбедување, друштва за филмска дистрибуција, друштва за филмска продукција или на друштва за телекомуникациски услуги;
- членови на Советот на МРТ и
- вработени во МРТ.
Член 137
Мандатот на член на Управниот одбор на МРТ може да престане пред истекот на рокот во следниве случаи:
- настанување на причини поради кои едно лице не може да биде избрано за член на Управен одбор на МРТ, предвидени во членот 136 на овој закон;
- ако членот на одборот отсуствува од седниците на Управниот одбор подолго од три месеца;
- со поднесување оставка и
- ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор подолга од шест месеца и ако му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија, дејност или должност.
Престанокот на мандатот го утврдува Советот на МРТ, на предлог на Управниот одбор на МРТ.
Член 138
Управниот одбор ги има следниве надлежности:
- ја следи успешноста на работењето на МРТ;
- управува со имотот;
- го одобрува планот за работа на МРТ;
- го следи спроведувањето на годишниот финансиски план и посебниот годишен финансиски план;
- го избира извршниот директор на МРТ и заменикот на извршниот директор на МРТ;
- го предлага Статут на МРТ;
- ја предлага завршната сметка на МРТ;
- на Советот на МРТ му поднесува годишен извештај за работењето на МРТ и посебен годишен извештај;
- го донесува Правилникот за организација и систематизација, Правилникот за плати и други надоместоци и други општи акти утврдени со Статутот на МРТ;
- донесува Деловник за своето работење и
- врши и други работи утврдени со закон и со Статутот на МРТ.
Член 139
Статутот на МРТ се објавува во "Службен весник на Република Македонија", а Деловникот на Советот на МРТ и Деловникот на Управниот одбор на МРТ на веб страницата на МРТ.
Планот за работа на МРТ, финансискиот план и извештајот за работењето на МРТ се објавуваат на веб страницата на МРТ.
Одлуките на Советот на МРТ се објавуваат на веб страницата на МРТ.
Член 140
Со работењето на МРТ раководи извршен директор. Извршниот директор има заменик.
Извршниот директор и заменикот на извршниот директор ги избира Управниот одбор на МРТ, врз основа на претходно спроведена постапка на јавен конкурс и поднесена програма.
За извршен директор на МРТ и за заменик на извршен директор не може да биде избран член од Советот на МРТ и член од Управниот одбор на МРТ. Извршниот директор на МРТ и за заменик на извршниот директор се избираат за период од четири години, со право на повторен избор. Условите и постапката на избор на директорот и заменик на директорот се утврдуваат со Статутот на МРТ.
Член 141
Извршниот директор:
- ја претставува и застапува МРТ во согласност со Статутот на МРТ;
- ја води деловната политика на МРТ;
- ја предлага Програмата за развој на МРТ;
- го предлага и спроведува годишниот финансиски план и посебниот годишен финансиски план;
- ја спроведува уредувачката и деловната политика на МРТ;
- организира и управува со процесот на работа;
- обезбедува законитост во работата;
- им предлага акти и одлуки на Советот на МРТ и Управниот одбор;
- ги извршува одлуките на Советот на МРТ и Управниот одбор;
- ги именува и разрешува раководните работници определени со Статутот и
- врши и други работи утврдени со Статутот и другите акти на МРТ, во согласност со закон.
Член 142
Организацијата, управувањето и раководењето во МРТ, актите и постапката за нивно донесување, како и други прашања од значење за работењето на МРТ поблиску се уредуваат со Статутот на МРТ.
X. ЈАВЕН ОПЕРАТОР ЗА ПРЕНОС НА РАДИО И ТЕЛЕВИЗИСКИ СИГНАЛИ
Член 143
Функциите на јавен оператор за пренос на радио и телевизиски програми во Република Македонија ги остварува Јавното претпријатие "Македонска радиодифузија Скопје".
Член 144
Дејноста, начинот на организирање и функционирање на ЈП Македонска радиодифузија се утврдени и регулирани со законот за основање на "ЈП Македонска радиодифузија Скопје".
XI. ФИНАНСИРАЊЕ
Член 145
Средствата за покривање на трошоците за создавање и емитување на програмите и за техничкотехнолошки развој на јавниот радиодифузен сервис, за одржување, употреба и развој на јавната радиодифузна мрежа, за регулирање и развој на радиодифузната дејност во Република Македонија, се обезбедуваат од радиодифузна такса.
Радиодифузната такса е јавна давачка.
Од средствата на радиодифузната такса се финансираат следниве корисници:
- ЈП Македонска радиотелевизија;
- ЈП Македонска радиодифузија и
- Советот за радиодифузија.
Член 146
Радиодифузна такса плаќа:
- секое семејно домаќинство во Република Македонија;
- хотели и мотели, по една радиодифузна такса за секои пет соби;
- правни лица и сопственици на деловен простор, на секои 20 вработени или други лица кои го користат деловниот простор, по една радиодифузна такса и
- сопственици на угостителски и други јавни објекти опремени со радио или телевизиски приемник, за секој приемник плаќаат по една радиодифузна такса.
Владата на Република Македонија на предлог на Советот за радиодифузија ќе определи кои обврзници од ставот 1 на овој член во населени места што не се покриени со радиодифузни сигнали нема да плаќаат радиодифузна такса.
Семејно домаќинство кое има слепо лице со оштетување на видот од над 90% и глуво лице со оштетување на слухот од над 60 децибели утврдено согласно со прописите за инвалидско осигурување е ослободен од плаќање на радиодифузна такса за станот во кој живее неговото семејно домаќинство.
Член 147
Работите во врска со пресметувањето, наплатувањето и насочувањето на средствата од радиодифузната такса на корисниците од членот 146 на овој закон, како и водењето на регистарот на обврзници за плаќање на радиодифузна такса, ги врши МРТ.
МРТ врз основа на регистарот на обврзници на радиодифузна такса донесува решение кое има карактер на извршна исправа согласно со Законот за извршување, за утврдување на годишниот износ на радиодифузната такса со кое обврзникот се задолжува да ја плати во 12 месечни износи. Обврзникот е должен радиодифузната такса да ја плаќа месечно најдоцна до 15 во месецот, во спротивно за секое задоцнување се плаќа камата утврдена со закон. Наплатата се врши на сметка на МРТ која уплатените средства ги насочува на корисниците наведени во членот 145 на овој закон, во износи утврдени во членот 149 на овој закон.
Член 148
Радиодифузната такса се плаќа секој месец во висина од 2,5% од просечната исплатена нето плата по работник во Република Македонија за последните три месеца според податоците објавени од Државниот завод за статистика.
Корисниците кои поседуваат само радио приемник плаќаат една третина од утврдениот износ на радиодифузната такса од ставот 1 на овој член.
Член 149
Средства од наплатената радиодифузна такса се распоредуваат на следниов начин:
- 72% за МРТ за покривање на трошоци за создавање и емитување на програмите;
- 4,5% за МРТ за техничкотехнолошки развој;
- 16% за МРД за одржување и употреба на јавната радиодифузна мрежа;
- 3,5 % за МРД за развој на јавната радиодифузна мрежа и
- 4 % за Советот за радиодифузија за регулирање и развој на радиодифузната дејност во Република Македонија.
Од вкупно уплатените средства од радиодифузната такса МРТ задржува износ во висина од 0,5% на име провизија.
Член 150
Во поглед на присилната наплата, се применуваат одредбите од Законот за извршување.
Член 151
Корисниците на средствата од членот 149 на овој закон се должни средствата да ги користат врз основа на финансиски план кој јавно се објавува.
XII. ПРАВО НА ИСПРАВКА И ОДГОВОР
Член 152
Секое физичко или правно лице има право да бара од одговорното лице на радиодифузерот бесплатно да објави исправка, односно одговор на емитуваната неточна, односно нецелосна информација со која се повредува легитимното право или интерес на лицето, особено на неговото достоинство, чест или углед.
Барањето за објавување на исправката, односно на одговорот се поднесува во рок од 15 дена од денот на објавувањето на информацијата на која се однесува исправката, односно одговорот.
Во барањето се наведува информацијата на која се однесува исправката, односно одговорот, како и датумот и часот на нејзиното емитување. Барањето за исправка, односно за одговор, се поднесува во пишана форма и мора да ги содржи сите потребни податоци за подносителот и неговата адреса.
Член 153
Под поимот исправка се подразбира корегирање погрешни тврдења или неточни наводи во објавената информација, како и изнесување факти и околности со кои повредениот ги побива или со намера за побивање битно ги дополнува наводите во објавената информација.
Под поимот одговор се подразбира текст или порака од иста природа и со иста должина како и објавената информација во која е споменато името, односно називот на барателот на одговорот или на некој друг начин е во директна врска со него. Со одговорот суштински се одрекуваат или битно се надополнуваат спорните наводи за фактите и податоците во објавената информација.
Член 154
Исправката, односно одговорот се објавува без измени и дополнувања, на исто или соодветно место во програмата и на ист или сличен начин на оној на кој била објавена информацијата.
Исправката, односно одговорот не смеат да бидат несразмерно подолги од информацијата, односно од делот на информацијата на која се однесуваат. На објавената исправка, односно одговор не е дозволено да се емитува коментар.
Член 155
Одговорното лице во радиодифузерот е должно да ја емитува исправката, односно одговорот во првата следна радио или телевизиска емисија од ист вид, а најдоцна во рок од три дена од денот на добивањето на барањето, освен ако:
- исправката, односно одговорот не се однесува на информацијата на која се повикува заинтересираното лице;
- исправката, односно одговорот не содржат податоци во врска со наводите во информацијата;
- емитувањето на одговорот би било спротивно на закон;
- исправката, односно одговорот е несразмерно поголема од информацијата на која таа се однесува;
- се работи за научна или уметничка критика, со исклучок на исправките на неточни податоци или навредливи и тенденциозни наводи;
- веќе е побарана исправка, односно одговор за истата содржина на информацијата, односно тече спор пред надлежниот суд за необјавување на исправката, односно одговорот на информацијата;
- радиодифузерот сам веќе објавил исправка на објавената информација и
- барањето е поднесено по истекот на рокот.
Член 156
Радиодифузерот е должен на заинтересираното лице, на негов трошок, да му обезбеди копија од снимката на објавената информација и тоа најдоцна во рок од три дена од денот на приемот на писменото барање на заинтересираното лице.
Копијата од ставот 1 на овој член се доставува до заинтересираното лице исклучиво за лична употреба.
Не е дозволено умножување ниту јавно објавување на копијата без согласност на радиодифузерот освен во рамките на судска постапка.
Член 157
Ако одговорното лице во радиодифузерот не ја емитува исправката, односно одговорот на начин и во роковите определени со овој закон, заинтересираното лице има право да покрене постапка пред надлежниот суд за објавување на исправката, односно одговорот во рок од 30 дена од истекот на рокот определен со членот 152 став 2 од овој закон.
Член 158
Доколку судот донесе пресуда со која на радиодифузерот му се наложува да ја објави исправката, односно одговорот при објавувањето мора да се наведе дека се работи за објава заснована на судска пресуда и да се цитира изречената пресуда.
XIII. ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИТЕ
Член 159
Државните органи, органите на единиците на локалната самоуправа, работниците кои вршат јавни функции, јавните претпријатија и другите физички или правни лица што имаат јавни овластувања, имаат обврска да даваат точни, потполни и навремени информации за прашања од својот делокруг на работа за објавување преку медиумите согласно со закон.
Член 160
Секој радиодифузер има право, под еднакви услови, на кратко известување за сите значајни случувања и настани важни за јавноста. Како кратко известување се сметаат известувањата кои траат најмногу 90 секунди и се емитуваат во информативните програми.
Правото на кратко известување го опфаќа и правото на звучно и/или видео снимање кое може да трае до 5 минути.
Правото на кратко известување може да се исклучи или ограничи ако неговото остварување може да ги повреди чувствата на учесниците во настанот или ако ја загрозува јавната безбедност и ред.
Член 161
Радиодифузер има право во своите информативни емисии да емитува извадоци од емисии од други радиодифузери кои се однесуваат на настанот, со тоа што треба јасно да се наведе името на радиодифузерот од чија програма се користат извадоците.
XIV. ЗАШТИТА НА ИЗВОРОТ НА ИНФОРМАЦИИТЕ
Член 162
Со овој закон се гарантира тајноста на изворот на информациите користени во програмите на радиодифузерите.
Новинарот има право да не го открие изворот на информацијата, односно податоците што можат да го откриј ат изворот.
Правото од ставот 2 на овој член го имаат и другите лица кои поради нивната професионална поврзаност со новинарот се запознаени со податоците што можат да го откријат изворот.
XV. НАДЗОР НАД СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЗАКОНОТ
Член 163
Надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон во поглед на почитувањето на програмските принципи, програмските барања и ограничувања, како и условите во дозволата врши Советот за радиодифузија.
Член 164
Надзор на исполнувањето на условите за работа содржани во одобрението за користење на радиофреквенции, изградбата, одржувањето и употребата на мрежите и средствата за емитување и за пренос на програмите вршат Агенцијата за електронски комуникации и Министерството за транспорт и врски.
Член 165
Инспекциски надзор врз спроведувањето на одредбите од овој закон во поглед на почитувањето на авторското право и сродните права, како и на употребата на македонскиот јазик врши Министерството за култура.
XVI. КАЗНЕНИ ОДРЕДБИ
Член 166
Со парична казна од 200.000 до 300.000 денари ќе се казни за прекршок радиодифузер или друго правно лице, ако:
1) оствари недозволена медиумска концентрација спротивно на одредбите од членот 14 на овој закон;
2) има таен содружник, односно таен содружник учествува со паричен или непаричен влог во радиодифузер (член 16);
3) не го извести Советот за радиодифузија за промена на сопственичката структура (член 17 став 1);
4) не побара одобрение од Советот за радиодифузија за промена на сопственичката структура (член 17 став 2);
5) не ги објави податоците кои се однесуваат на неговото работење согласно со членот 20 ставови 1 и 2 од овој закон;
6) не достави завршна сметка за претходната година до Советот за радиодифузија согласно со членот 20 став 3 од овој закон;
7) на барање на Советот за радиодифузија не ги достави податоците утврдени со членот 20 став 4 од овој закон;
8) емитува програмски сервис без дозвола за радиодифузна дејност (член 41 став 2);
9) врши радиодифузна дејност надвор од подрачјето за кое е добиена дозволата (член 57);
10) емитува и реемитува програмски содржини кои се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија или кон поттикнување или повикување на воена агресија или на разгорување на национална, расна, полова или верска омраза и нетрпеливост (член 69);
11) емитува програми што содржат прекумерно насилство или други програми кои можат сериозно да го загрозат физичкиот, психичкиот и моралниот развој на децата и младите (член 70 став 1);
12) пренесува програмски сервиси со порнографски содржини спротивно на членот 70 став 3 од овој закон;
13) емитува програми што би можеле сериозно да го загрозат физичкиот, психичкиот и моралниот развој на малолетните лица спротивно на членот 71 ставови 1 и 2 од овој закон, како и не ги почитува правилата од членот 71 став 3 на овој закон;
14) емитува радио или телевизиска програма спротивно на определеното време во членот 72 од овој закон;
15) не обезбедува застапеност на европски аудиовизуелни дела во програмските сервиси на државно ниво (членови 73 и 124 став 1);
16) емитува програми спротивно на процентот и на јазикот утврден во член 74 и членот 124 ставови 2 и 3 од овој закон;
17) користи телефонски услуги со посебна тарифа спротивно на одредбите од членот 75 на овој закон;
18) организира и емитува игри на среќа со извлекување и со обложување на спортски натпревари спротивно на членот 76 став 1 од овој закон;
19) емитува игри на среќа со извлекување организирани од субјекти без лиценца од надлежен орган за организирање на игри на среќа (член 76 став 2);
20) создава и емитува радио или телевизиски програми без уредени авторски и сродни права (член 77 став1);
21) реемитува или одложено емитува настани од големо значење, спротивно на одредбите од членот 78 став 1 на овој закон;
22) изврши поврзување во единствен систем за емитување заедничка програма спротивно на одредбите од членот 79 на овој закон;
23) не ја следи изборната кампања, а е должен согласно со членот 80 став 1 од овој закон;
24) не ги покрива изворите на правичен, избалансиран и непристрасен начин или не донесе и не ги објави сопствените правила за покривање на изборите согласно со членот 80 ставови 2 и 4 од овој закон;
25) за време на изборна кампања на организаторите на кампањата не им овозможува подеднакви услови за пристап до сите облици на медиумско претставување (член 80 став з);
26) при емитувањето на програма не се придржува на пропишаните услови за употреба на јазикот во членот 82 став 1, членот 83 ставови 1 и 3 и членот 104 од овој закон;
27) пренесува програмски сервиси што се титлуваат спротивно на одредбите од членот 82 став 2 на овој закон;
28) емитува рекламирање и телешопинг спротивно на одредбите од членовите 87, 88 и 89 на овој закон;
29) емитува реклами чие времетраење е подолго од утврденото во членот 91 став 1 и членот 93 од овој закон;
30) ги прекинува програмите со реклами или телешопинг спотови на начин што е спротивен на условите утврдени во членот 91 став 2 од овој закон;
31) врши рекламирање или емитува телешопинг спротивно на членот 92 од овој закон;
32) емитува телешопинг прозорци спротивно на одредбите од членот 94 на овој закон;
33) емитува за време на изборна кампања платена политичка програма чие времетраење е подолго од утврденото во одлука донесена од Советот за радиодифузија (член 95);
34) емитува реклами и телешопинг кој не се јасно препознатливи и издвоени од другиот дел од програмата, како и користи потсвесни техники (член 97);
35) врши прикриено рекламирање или емитува прикриен телешопинг (член 98 став 1);
36) во програмите изложува производи чие име или марка се видливо истакнати (член 98 став 2);
37) емитува реклами и телешопинг спотови на начин со кој се загрозуваат интегритетот и вредноста на програмата и правата на авторите и другите носители на правата на програмата, како и спротивно на условите утврдени со членовите 99 и 100 од овој закон;
38) емитува реклами и телешопинг за производи или услуги чие рекламирање или телешопинг не се дозволени (член 101);
39) емитува реклами за медицински третмани и лекови што се издаваат без лекарски рецепт спротивно на условите утврдени во членот 102 од овој закон;
40) емитува реклами за алкохолни пијалаци спротивно на правилата утврдени во членот 103 од овој закон;
41) не постапи по мерката изречена согласно со членот 109 став 4 од овој закон;
42) не ги пренесува пакетите на програмските сервиси за реемитување на програмите на јавниот радиодифузен сервис, како и не ги реемитува само на подрачјето за кое има добиено дозвола за вршење радиодифузна дејност (членови 110 и 111);
43) го попречува слободниот прием на радио и телевизиски програми што се емитуваат преку терестријален предавател (член 112);
44) не обезбедува програмски сервис во согласност со членот 114 од овој закон;
45) не нарача од независни продуценти во текот на годината најмалку
10% од вкупно емитуваната телевизиска програма, односно не издвои најмалку 10% од годишните средства наменети за продукција за нарачка на програмата од независни продуценти од Република Македонија (член 125 став 1) и 46) во текот на годината не резервира најмалку 30% за емитување на европски аудиовизуелни дела од вкупно емитуваната странска телевизиска програма (член 125 став 3).
Со парична казна од 6.000.000 денари ќе се казни радиодифузер или друго правно лице ако прекршокот од ставот 1 на овој член го стори од користољубие.
Со парична казна од 30.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок од ставот 1 на овој член и одговорното лице во радиодифузер или друго правно лице.
Со парична казна од 1.000.000 денари ќе се казни одговорно лице во радиодифузер или друго правно лице ако прекршокот од ставот 1 на овој член го стори од користољубие.
Физичко лице ќе се казни со парична казна од 20.000 до 30.000 денари за прекршок од ставот 1 на овој член.
За сторениот прекршок од ставот 1 точки 1, 3, 4, 8, 9, 41, 42 и 43 на овој член на радиодифузерот или другото правно лице покрај паричната казна му се изрекува и мерка на безбедност забрана на вршење радиодифузна дејност, односно забрана за пренос на програмски сервиси преку јавни комуникациски мрежи во траење од шест месеца до две години.
За сторениот прекршок од ставот 1 точки 1, 3, 4, 8, 9, 41, 42 и 43 на овој член на одговорното лице во радиодифузер или друго правно лице покрај паричната казна му се изрекува и мерки на безбедност забрана на вршење професија, дејност или должност во траење од три месеца до една година.
Член 167
Со парична казна од 100.000 до 200.000 денари ќе се казни за прекршок радиодифузер или друго правно лице, ако:
1) не го истакнува називот, заштитниот знак или скратените идентификациони знаци (авизо, лого и слично) на начин утврден во членот 81 став 2 од овој закон;
2) употребува називи или заштитни знаци што не одговараат на регистрираните називи и заштитни знаци (член 81 став 4);
3) не достави примерок до Советот за радиодифузија од идентификационите знаци (член 81 став 5);
4) не назначи одговорен уредник и не го објави името и презимето на одговорниот уредник и уредникот на програмата согласно со одредбите од членот 84 ставови 1 и 3 на овој закон;
5) не води дневна евиденција на емитуваната програма, не го снима излезниот сигнал на својата програма и не ги чува снимките од целокупната програма до определениот рок (член 85 став1);
6) снимените материјали не ги чува до објавувањето на одговор или исправка, односно до завршување на спорот (член 85 став2);
7) не ги означи посебно бесплатно објавените реклами утврдени во членот 96 од овој закон;
8) дозволи учество на новинари и водители на телевизиските вести кои работат кај радиодифузери во рекламирање и телешопинг на програмите на радиодифузерите (член 105);
9) на почетокот или на крајот на програмата не биде јасно идентификуван спонзорот на погоден начин, односно не е јасно нагласено дека се работи за спонзорирана програма (член 106);
10) спонзорира вести и други информативни програми, како и програми од политички или религиозен карактер (член 107 став 1);
11) прифати спонзорство од организации чија главна активност е производство или продавање на производи чие рекламирање е забрането (член 107 став 2);
12) промовира медицински производи или медицински третмани достапни исклучиво на лекарски рецепт (член 108);
13) не воспостави интерен канал на сопствената комуникациска мрежа (член 113 став 1);
14) не го снима и не ги чува снимките на излезниот сигнал на интерниот телевизиски канал (член 113 став 2);
15) објави исправка, односно одговор спротивно на одредбите од членот 154 на овој закон и
16) не ја емитува исправката, односно одговорот согласно со членот 155 од овој закон.
Со парична казна од 20.000 до 30.000 денари ќе се казни за прекршок од ставот 1 на овој член и одговорното лице во радиодифузер или друго правно лице.
Физичко лице ќе се казни со парична казна од 10.000 до 20.000 денари за прекршок од ставот 1 на овој член.
XVII. ПРЕОДНИ И ЗАВРПШИ ОДРЕДБИ
Член 168
Во рок од шест месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе се изврши избор на членови на Советот за радиодифузија, според одредбите предвидени во овој закон, согласно членот 29 на овој закон.
До изборот на членовите на Советот од ставот 1 на овој член постојниот состав на Советот продолжува со работа и ги врши работите на Советот за радиодифузија согласно со одредбите од овој закон.
Членовите на постојниот состав на Советот за радиодифузија продолжуваат да го примаат надоместокот кој го примале до денот на изборот на членовите на Советот од ставот 1 на овој член.
Членовите на постојниот состав на Советот за радиодифузија имаат право на избор за новиот состав на Советот.
Средствата, правата, обврските, архивата и вработените од стручната служба на постојниот Совет за радиодифузија ги презема Советот за радиодифузија во новиот состав.
Член 169
Јавното претпријатие Македонска радиотелевизија основано со Законот за основање на јавно претпријатие Македонска радиотелевизија ("Службен весник на Република Македонија" број 6/98, 98/2000 и 78/2004), со денот на влегувањето во сила на овој закон продолжува да работи како јавно радиодифузно претпријатие Македонска радиотелевизија, согласно со овој закон.
Член 170
Во рок од шест месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе се изберат членови на Советот на МРТ според одредбите на овој закон. Советот на МРТ, најдоцна во рок од 90 дена од неговото формирање, ќе го донесе Статутот на МРТ и ќе избере Управен одбор.
Управниот одбор, во рок од 30 дена од неговиот избор ќе распише јавен конкурс за избор на извршен директор на МРТ и на заменик на извршен директор.
Член 171
Управниот одбор на МРТ, одборот за контрола на материјално - финансиското работење, генералниот директор на МРТ и заменикот на генералниот директор на МРТ продолжуваат со работа до изборот на новите органи на МРТ во согласност со одредбите на овој закон.
Член 172
Договорите за концесија, склучени согласно со Законот за радиодифузната дејност ("Службен весник на Република Македонија" број 20/97 и 70/2003) меѓу Владата на Република Македонија и трговските радиодифузни друштва ќе се усогласат со одредбите од овој закон во рок од 18 месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон, освен договорите за концесија склучени со трговските радиодифузни друштва оператори на кабловска мрежа кои својот статус се должни да го регулираат според Законот за електронските комуникации.
Член 173
Советот за радиодифузија, во соработка со Агенцијата за информации и МРТ, во рок од шест месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон, е должен да ја испита состојбата и да направи анализа на постојните јавни претпријатија кои вршат радиодифузна дејност радио на локално ниво врз основа на која ќе донесе одлука со која ќе одреди кои од нив ќе добијат статус на регионални центри на ЈП Македонска радиотелевизија, а за другите ќе предложи решенија за нивна трансформација согласно со одредбите од овој и друг закон.
Одлуката од ставот 1 на овој член содржи и:
- техничкото средство преку кое се врши преносот;
- сервисна зона и локација на техничкото средство;
- знак за идентификација;
- програмски услови;
- времетраење на важноста на дозволата и
- висина на надоместоците и начин на плаќање.
Јавните претпријатија кои вршат дејност на локално ниво се должни, во рок од шест месеца од денот на донесувањето на одлуката од ставот 1 на овој член, да ја извршат предложената трансформација.
Јавните претпријатија кои вршат дејност на локално ниво трансформирани во трговско радиодифузно друштво или непрофитна радиодифузна установа ќе се запишат во соодветниот регистар врз основа на одлуката од ставот 1 на овој член, а по добиените одобренија од Агенцијата за електронски комуникации. Советот за радиодифузија ќе им издаде дозвола за вршење радиодифузна дејност без надоместок.
Јавните претпријатија кои вршат дејност на локално ниво кои нема да постапат по одлуката на Советот за радиодифузија од ставот 1 на овој член, се бришат од регистарот, а нивниот имот и обврски ги презема Република Македонија.
До завршување на постапката на трансформација, постоечките јавните претпријатија кои вршат дејност на локално ниво ќе се финансираат од радиодифузната такса во износ од 5% од вкупниот износ на прибраните средства претходно намален за 0,5% на име провизија за наплатата.
Член 174
Стратегијата за развој на радиодифузната дејност во Република Македонија ќе се донесе во рок од 24 месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Прописот од членот 49 став 1 на овој закон ќе се донесе најдоцна во рок од шест месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 175
Одредбите од членовите 54, 65 и 67 став 4 на овој закон ќе отпочнат да се применуваат во рок од една година од влегувањето во сила на овој закон. До отпочнување со примена на одредбите од ставот 1 на овој член против одлуките на Советот за радиодифузија жалба може да се поднесе до Комисијата на Собранието на Република Македонија за решавање на жалби од областа на радиодифузијата.
Комисијата од ставот 2 на овој член е составена од пет члена и нивни заменици.
Членовите и нивните заменици на Комисијата ги именува Собранието на Република Македонија на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
За член на Комисијата од ставот 3 на овој член може да биде именувано лице со високо образование со знаења од областа на комуникологијата, новинарството, телекомуникациите, информатиката, културата, економијата или правото.
Комисијата ги донесува одлуките со мнозинство гласови од вкупниот број членови во рок од 60 дена од денот на приемот на жалбата.
Против конечните одлуки на Комисијата може да се поднесе тужба за поведување управен спор пред надлежен суд.
Член 176
Во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон Собранието на Република Македонија ќе изврши избор на членови на Комисијата за решавање на жалби од областа на радиодифузијата, согласно со членот 175 од овој закон.
Член 177
Неискористените средства на Советот за радиодифузија наменети за финансирање на проекти од јавен интерес до влегувањето во сила на овој закон ќе се насочат на сметка на корисниците на радиодифузната такса во сооднос утврден со членот 149 од овој закон.
Член 178
Одредбите на членовите 146, 147, 148, 149 став 2, 150 и 151 на овој закон ќе отпочнат да се применуваат во рок од шест месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.
До отпочнувањето на примената на одредбите од ставот 1 на овој член средствата до 80% од вкупниот износ на радиодифузна такса кои би требало да се приберат според евиденцијата во регистарот на обврзници на радиодифузна такса се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија. Средствата ќе се насочат кон корисниците на радиодифузната такса во сооднос утврден со членот 149 став 1 од овој закон.
До отпочнувањето на примената на одредбите од ставот 1 на овој член финансирањето, односно наплатата на радиодифузната такса ќе продолжи да се врши согласно со одредбите на Законот за радиодифузна дејност ("Службен весник на Република Македонија" број 20/97) и наплатените средства се уплаќаат во Буџетот на Република Македонија.
Член 179
Со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат Законот за радиодифузна дејност ("Службен весник на Република Македонија" број 20/97 и 70/2003), освен одредбите кои се однесуваат на финансирањето, односно наплатата на радиодифузната такса и Законот за основање на Јавно претпријатие Македонска радиотелевизија ("Службен весник на Република Македонија" број 6/98, 98/2000 и 78/2004).
Член 180
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во "Службен весник на Република Македонија".