Print Friendly, PDF & Email

The measure is available in the following languages:

ЗАКОН ЗА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ

(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 76/04, 5/07, 8/07, 5/08 и 23/13 )

 

Консолидиран текст на

 (Интегриран со одлуката Oдлука на Уставен суд бр.57/07 и 60/07)

 

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

 

Член 1

Со овој закон се уредува начинот, условите и постапката за основање, регистрирање и престанок на политичките партии.

 

Член 2

(1) Политичката партија е доброволна организација на граѓани, формирана за остварување и заштита на политички, економски, социјални, културни и други права и уверува-ња и заради учество во процесот на донесување на политички одлуки при учество во вла-ста.

(2) Политичките партии своите цели ги остваруваат преку демократско формирање и изразување на политичката волја со учество на избори, како и на друг демократски начин.

 

Член 3

Програмата, статутот и дејствувањето на политичките партии не можат да бидат насочени кон:

- насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија; - поттикнување или повикување на воена агресија и

- разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.

 

Член 4

Политичките партии во своето дејствување се грижат за остварување на принципот на еднаквост на половите во достапноста на функциите во политичката партија.

 

Член 5

Се забранува секаква дискриминација врз основа на членување или нечленување во политичка партија.

 

Член 6

(1) Политичките партии се еднакви пред Уставот и законот.

(2) На политичките партии им се гарантира слобода и независност во дејствувањето и во определувањето на нивната внатрешна структура, целите и изборот на демократски форми  и методи на дејствување.

(3) Во својата внатрешна организација политичките партии можат да формираат

партиско истражувачко-аналитички центри што се финансираат и работат на начин утврден со закон.

(4) Во својата внатрешна организација политичките партии не смеат да формираат воени или полувоени структури.

 

Член 7

(1) Политичките партии се организираат и дејствуваат на територијален принцип.

(2) Политичките партии не смеат да се основаат и да дејствуваат во органите на државна-та власт (законодавната, извршната и судската), како и во јавните претпријатија, јавни уста-нови и други организации основани од Република Македонија, општините и градот Скопје.

 

Член 8

(1) Политичките партии можат да членуваат во меѓународни организации и да соработуваат со странски политички партии.

(2) Политички партии регистрирани во други земји не можат да дејствуваат на територијата на Република Македонија.

 

Член 9

(1) Политичките партии се непрофитни организации.

(2) Политичките партии средствата за своето дејствување ги стекнуваат и со нив располагаат на начин утврден со закон.

 

Член 10

Основањето, работењето и финансиското и материјалното работење на политичките партии е јавно. 

 

II. ОСНОВАЊЕ И РЕГИСТРАЦИЈА НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ

 

Член 11

(1) Политичка партија можат да основаат најмалку 1.000 граѓани на Република Македонија кои имаат избирачко право и кои го дале својот потпис за основање само на една политичка партија.

(2) Член на политичка партија може да биде секој полнолетен и деловно способен граѓанин на Република Македонија кој ќе даде потпис за доброволно членство во политичката партија.

(3) Политичката партија е должна пред истекот на секои четири години од денот на регистрацијата да достави до основниот суд од членот 17 став (2) на овој закон поединечно дадени потписи заверени пред нотар со број на потписи потребни за основање на политичката партија.

(4) Давањето на потписи од ставот (3) на овој член започнува 90 дена пред денот на истекот на рокот од последната регистрација на политичката партија.

(5) По истекот на рокот од ставот (3) на овој член, во рок од осум дена основниот суд е должен да ја извести политичката партија да постапи согласно со рокот утврден во ставот (3) на овој член.

(6) Политичката партија е должна во рок од осум дена од денот на добивањето на известувањето од основниот суд да постапи во согласност со ставот (3) на овој член.

(7) Ако политичката партија не постапи во рокот утврден во ставот (6) од овој член, основниот суд по службена должност ќе донесе решение за бришење на политичката партија од судскиот регистар и по правосилноста на решението за тоа ќе го извести Основниот суд Скопје II - Скопје заради бришење на политичката партија и од Единствениот судски регистар на политички партии.

(8) Бришењето на политичката партија од судскиот регистар и од Единствениот судски регистар на политички партии се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” (и во најмалку две јавни гласила од кои едно е на службен јазик различен од македонскиот, кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија), во рок од 15 дена од денот на бришењето на политичката партија од судскиот регистар.

 

Член 12

(1) Членувањето во политичката партија е доброволно.

(2) Секој член може слободно да истапи од политичката партија.

 

Член 13

(1) Потписите за основање на политичката партија се даваат на образец кој содржи: - лично име на основачот; - единствен матичен број на основачот;

адреса на живеење на основачот; - име и скратено име на политичката партија и - потпис на основачот.

(2) Потписите за основање на политичка партија се даваат со изјава пред нотар.

 

Член 14

(1) Политичката партија се основа на собрание на основачите на кое се донесува одлука за основање, програма, статут и се избираат нејзините органи.

(2) Одлуката за основање на политичката партија содржи:

- име и скратено име на политичката партија;

- седиште на политичката партија;

- лично име на овластеното лице кое ќе ги врши работите на упис во Судскиот регистар;и

- лични имиња на основачите, единствен матичен број и адреса со постојано место на живеење во Република Македонија.

 

Член 15

Програмата на политичката партија содржи одредби за целите и изборот на формата и методот на дејствувањето на политичката партија.

 

Член 16

Статутот на политичката партија содржи одредби за: - името и скратеното име на политичката партија;

- седиштето на политичката партија;

- политичките цели на дејствување, остварување на јавноста во работата и начинот на дејствување;

- условите и начинот на зачленување и престанување на членството и правата, обврските и одговорностите на членовите;

- застапувањето и претставувањето на политичката партија;

- органите на политичката партија, начинот на нивниот избор и отповикување, траењето на мандатот и начинот на одлучувањето;

- стекнувањето и располагањето со средствата; престанокот на политичката партија; - постапувањето со имотот во случај на престанок на политичката партија и

-ознаките на политичката партија (знаме, симбол, амблем и друго).

(2) Името и ознаките на политичката партија се разликуваат од името и ознаките на регистрираните политички партии во Република Македонија.

(3) Името и ознаките на политичката партија не можат во себе да го содржат името, од-носно ознаките, симболите на Република Македонија, на државните органи, на општините  и градот Скопје, на други држави, како и на други државни и меѓународни организации.

 

Член 17

(1) Политичките партии се запишуваат во регистар според нивното седиште што го води надлежниот основен суд (во натамошниот текст: судски регистар).

(2) Судски регистар на политички партии водат основните судови за определени со Законот за судовите.

(3) Податоците запишани во Судскиот регистар се јавни.

(4) Министерот за правда ги пропишува формата и содржината на образецот за упис во Судскиот регистар и начинот на неговото водење кој се објавува во “Службен весник на Република Македонија” и на веб страницата на Министерството за правда.

 

Член 17-а

(1) Врз основа на податоците добиени од судовите од членот 17 став (1) на овој закон, Основниот суд Скопје II - Скопје води Единствен судски регистар на политички партии.

(2) Во Единствениот судски регистар на политичките партии се запишуваат истите податоци што се запишуваат во судскиот регистар

 

Член 18

(1) Политичката партија е должна во рок од 30 дена од денот на одржувањето на основачкото собрание да поднесе барање за запишување во Судскиот регистар.

(2) Со барањето за запишување на политичката партија во Судскиот регистар се поднесува:

- записник за работата на основачкото собрание во кој се содржани датумот и местото на одржување на основачкото собрание;

- одлука за основање;

- образецот за давање потписи за основање на политичка партија;

- изјава за основање;

- статут;

- одлука за избор на органи на политичката партија во која ќе бидат наведени личното име на претседателот на политичката партија, односно на лицето кое ќе ја застапува и претставува политичката партија и личното име на лицето, односно лицата одговорни за материјално-финансиското работење;

- оригинали или фотокопии од уверенијата за државјанство на основачите заверени кај нотар и

- слика во боја на ликовно-графичкиот приказ на ознаката на политичката партија.

 

Член 19

(1) Судот го запишува датумот и часот на поднесување на барањето за запишување на политичката партија во Судскиот регистар.

(2) Ако барањето од ставот (1) на овој член е испратено по пошта, за датум и час на поднесување на барањето се смета денот и часот на неговото предавање во пошта.

 

Член 20

(1) Ако Судот утврди дека барањето за запишување на политичката партија во Судскиот регистар е нецелосно, односно програмата и статутот не ги содржат прашањата определени со членовите 15 и 16 од овој закон, ќе го повика подносителот на барањето во рок од 30 дена да го дополни барањето за запишување во Судскиот регистар.

(2) Ако подносителот на барањето за запишување во Судскиот регистар не постапи согласно со ставот (1) од овој член, Судот ќе донесе решение со кое ќе го одбие барањето за запишување во Судскиот регистар.

 

Член 21

(1) Ако Судот утврди дека барањето за запишување во Судскиот регистар е целосно, односно ги содржи прашањата определени со одредбите од овој закон, должен е во рок од 15 дена од денот на поднесување на барањето да донесе решение за упис на политичката партија во Судскиот регистар.

(2) Во решението за упис на политичката партија во Судскиот регистар се содржани: - името и седиштето на политичката партија; - скратеното име на политичката партија;

личното име на претседателот на политичката партија, односно на лицето кое ќе ја застапува и претставува политичката партија и

личното име на лицето, односно лицата одговорни за материјално-финансиското работење на партијата.

 

Член 22

Ако Судот утврди дека програмата и статутот на политичката партија се спротивни на овој закон, ќе го повика подносителот на барањето за запишување во Судскиот реги-стар во рок од 30 дена да ги усогласи актите на партијата со одредбите на овој закон.

Ако подносителот на барањето за запишување во Судскиот регистар не постапи согласно со ставот (1) од овој член, Судот со решение ќе го одбие барањето за запишување во Судскиот регистар.

 

Член 23

(1) Ако името или ознаките на политичката партија се спротивни на одредбите на овој закон, Судот ќе го повика подносителот на барањето за запишување во Судскиот регистар во рок од 30 дена да достави барање со ново име или ознаки на политичката партија.

(2) Ако подносителот на барањето за запишување во Судскиот регистар не постапи согласно со ставот (1) од овој член, Судот со решение ќе го одбие барањето за запишување во Судскиот регистар.

 

Член 24

(1) Ако до Судот се доставени две или повеќе барања за регистрирање на политички партии со исто име или ознака, правото да биде регистрирана под тоа име, односно да ја користи таа ознака има политичката партија која прва го поднела барањето до Судот.

(2) Ако барањата од ставот (1) на овој член се поднесени во исто време, тогаш правото да биде регистрирана под тоа име, односно да ја користи таа ознака има политичката партија која прва го одржала основачкото собрание.

 

Член 25

Решението од членот 11 став (7) и решението со кое се одбива барањето за запишување во Судскиот регистар содржи образложение за причините за неговото одбивање.

Против решението од членот 11 став (7) и решението со кое се одбива барањето за запишување во Судскиот регистар е дозволена жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Апелациониот суд во Скопје.

 

Член 26

(1) Политичката партија има својство на правно лице.

(2) Политичката партија започнува со работа и стекнува својство на правно лице со денот на уписот во Судскиот регистар.

(3) Политичката партија е должна во рок од 15 дена од денот на уписот во Судскиот регистар да отвори жиро-сметка.

 

Член 27

(1) Политичката партија е должна за измените на програмата и статутот во рок од 30 дена од денот на направените измени да го извести Судот и да му ги достави со записникот од седницата на која се усвоени.

(2) Политичката партија е должна за изборот на нов претседател, односно на лице кое ќе ја застапува и претставува политичката партија, како и за избор на ново лице, односно лица одговорни за материјално-финансиското работење на партијата, да го извести Судот и да му достави одлука за избор на овие лица и записник од седницата на која е извршен изборот.

(3) Ако политичката партија направи измени на програмата и статутот, како и на податоците кои се запишуваат во Судскиот регистар е должна во рок од 30 дена од денот на направените измени да го извести Судот.

(4) Судот е должен во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на известувањето да донесе решение за упис на промените во Судскиот регистар.

 

Член 28

(1) Документите поднесени за регистрирање на политичката партија се чуваат во Судот.

(2) Секој има право да направи увид и да добие копија на документите за регистрација, освен од одлуката и изјавите за основање на политичката партија и уверенијата за државјанство на основачите.

  

III. ПРЕСТАНОК НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ

 

Член 29

Политичката партија престанува да постои со бришење од Судскиот регистар:

- кога политичката партија ќе поднесе барање за бришење од Судскиот регистар;

- врз основа на правосилно решение за бришење на политичката партија од Судскиот регистар, донесено од страна на Судот врз основа на овој закон;

- кога на политичката партија и е забрането дејствување со правосилно решение, во согласност со одредбите на овој закон;

- кога органот утврден со статутот на политичката партија ќе донесе одлука за спојување со друга политичка партија;

- кога е намален бројот на членовите на политичката партија определен во членот 11 од овој закон и

- кога Уставниот суд на Република Македонија ќе утврди дека програмата или статутотна политичката партија не се во согласност со Уставот.

 

Член 30

Барање за бришење од Судскиот регистар може да поднесе самата политичка партија кога:

органот утврден со статутот на политичката партија ќе донесе одлука за здружување со друга политичка партија.

Лицето кое ја застапува политичката партија е должно во рок од 15 дена од настану-вањето на основот од ставот (1) на овој член за престанок на политичката пар-тија да го извести за тоа Судот, заради бришење на политичката партија од судскиот реги-стар.

Судот со решение го утврдува престанокот на политичката партија и врз основа на тоа ја брише од Судскиот регистар.

 

Член 31

Ако политичката партија е запишана во Судскиот регистар врз основа на невистинити податоци, надлежниот јавен обвинител дава предлог пред Судот за покренување на постапка за бришење на политичката партија од Судскиот регистар.

(2) Расправата по предлогот ќе се одржи во рок од осум дена по приемот на предлогот од ставот (1) на овој член.

(3) На расправата како странки ќе се повикаат надлежниот јавен обвинител и лицето овластено за застапување на политичката партија.

(4) Постапката пред Судот се води според правилата на парничната постапка, ако со одредбите на овој закон поинаку не е определено.

(5) Судот ќе донесе решение со кое се одбива предлогот на јавниот обвинител или решение за бришење на политичката партија од Судскиот регистар.

(6) Решението за бришење на политичката партија од Судскиот регистар мора да биде образложено.

(7) Против решението за бришење од Судскиот регистар е дозволена жалба до Апелациониот суд во Скопје во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.

 

Член 32

(1) Ако името и ознаките на политичката партија не се во согласност со членот 16 ставо-ви (2) и (3) од овој закон, надлежниот јавен обвинител пред Судот поднесува предлог за по-кренување постапка за забрана за користење на името или ознаките на политичката партија.

(2) Предлог за покренување постапка за забрана за користење на името или ознаките на одредена политичка партија пред Судот може да поднесе и секоја политичка партија доколку смета дека името или ознаките на политичката партија, која временски е подоцна запишана во Судскиот регистар, се исти како нејзините.

Расправата по предлогот за покренување постапка од ставовите (1) и (2) на овој член се одржува во рок од осум дена од приемот на предлогот.

(4) На расправата како странки се повикуваат подносителот на предлогот за покренување постапка и лицето овластено за застапување на политичката партија.

(5) Ако Судот утврди повреда на одредбите од членот 16 ставови (2) и (3) на овој закон ќе донесе решение со кое ја задолжува политичката партија во рок од 30 дена да го усогласи статутот со одредбите на овој закон и да му го достави на Судот.

(6) Против решението на Судот е дозволена жалба до Апелациониот суд во Скопје.

(7) Ако политичката партија во рок од 30 дена од правосилноста на решението не ги изврши потребните промени, Судот донесува решение за престанок на политичката партија и за нејзино бришење од Судскиот регистар.

(8) Против решението за престанок на политичката партија и за нејзино бришење од Судскиот регистар е дозволена жалба до Апелациониот суд во Скопје.

 

Член 33

(1) Ако дејствувањето на политичката партија е спротивно на членот 3 и членот 6 став (3) од овој закон, надлежниот јавен обвинител поднесува предлог за забрана на дејствување на политичката партија.

(2) Постапката се води пред основниот суд надлежен според седиштето на политичката партија.

(3) Постапката пред основниот суд од ставот (1) на овој член се води според правилата на парничната постапка, доколку со одредбите на овој закон поинаку не е определено.

(4) Расправата по предлогот ќе се одржи во рок од осум дена по приемот на предлогот.

(5) На расправата како странки ќе се повикаат надлежниот јавен обвинител и лицето овластено за застапување на политичката партија.

(6) Основниот суд може да одржи расправа во отсуство на странките кога тие се уредно поканети и кога во поканата за расправа тоа посебно е назначено.

 

Член 34

По одржаната расправа основниот суд може да донесе решение со кое: - се одбива предлогот на надлежниот јавен обвинител;

се изрекува опомена пред забрана на дејствување на политичката партија или - се забранува дејствувањето на политичката партија.

 

Член 35

Основниот суд е должен да донесе решение со кое ќе го забрани дејствувањето на политичката партија ако утврди дека дејствувањето на политичката партија не е во соглас-ност со членот 3 и членот 6 став (3) од овој закон, а на истата политичка партија во текот на изминатите три календарски години веќе и била изречена опомена пред забрана на дејствување.

 

Член 36

(1) Во решението со кое се забранува дејствувањето на политичката партија основниот суд го наведува основот кој претставува причина за забрана на дејствувањето и го образ-ложува.

(2) Основниот суд го донесува решението по одржаната расправа, а претседателот на советот ќе го објави веднаш по завршувањето на расправата.

(3) Решението се изготвува во писмена форма, а заверен препис се доставува на странките во рок од три дена од денот на објавувањето.

(4) Против решението, политичката партија и надлежниот јавен обвинител можат да поднесат жалба до апелациониот суд надлежен за подрачјето на основниот суд во рок од осум дена од приемот на решението.

(5) Апелациониот суд одлучува по жалбата во рок од осум дена по приемот на жалбата и списите по предметот.

(6) Правосилното решение за забрана на дејствување на политичката партија се доставува до Судот, заради бришење на политичката партија од судскиот регистар.

 

Член 37

Како дејствување на политичката партија од членот 33 на овој закон не се смета индивидуалното однесување и дејствување на нејзините членови, спротивно на програмата и статутот на политичката партија, кои за таквото однесување или дејствување не се овластени од политичката партија, односно од нејзините органи.

 

Член 38

Ако Уставниот суд на Република Македонија со одлука утврди дека програмата или статутот на политичката партија не се во согласност со Уставот на Република Македонија, Основниот суд Скопје - Скопје, како регистарски суд, врз основа на одлуката донесува решение за утврдување на престанокот на политичката партија.

Врз основа на решението од ставот 1 на овој член, Судот, политичката партија ја брише од Судскиот регистар.

 

Член 39

(1) Решенијата за упис, односно правосилното решение за бришење на политичката партија од Судскиот регистар, се објавуваат во мСлужбен весник на Република Македони-јао.

(2) Трошоците за објавувањето ги сноси политичката партија.

 

IV. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

 

Член 40

(1) Глоба во износ од 800 до 4.800 евра во денарска противвредност за прекршок, ќе се изрече на политичка партија:.

- која се организира и дејствува спротивно на членовите 3 и 7 став (2) од овој закон;

- која ќе започне со работа пред запишувањето во Судскиот регистар согласно членот 22 од овој закон и

- во предвидениот рок не поднесе до Судот известување за измената на програмата и статутот согласно со членот 27 од овој закон.

(2) Глоба во износ од 160 до 800 евра во денарска противвредност за прекршок, ќе се изрече и на одговорното лице на политичката партија.

 

Член 41

“Глоба во износ од 160 до 800 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на овластеното лице на политичката партија ако по донесувањето на решението за престанок на политичката партија или намалувањето на бројот на членовите определен за основање во рок од 15 дена од денот на нејзиниот престанок, односно од намалувањето на бројот на членовите не го извести Судот заради бришење од Судскиот регистар.

 

V. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

Член 42

Регистрираните политички партии се должни своите статути да ги усогласат со одредбите на овој закон во рок од три месеца од денот на неговото влегување во сила.

 

Член 43

Постапката за регистрација на политичките партии која на денот на влегувањето во сила на овој закон не е завршена, ќе заврши според одредбите на овој закон.

 

Член 44

Министерот за правда прописот од членот 17 став (4) на овој закон ќе го донесе во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

 

Член 45

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за политичките партии (мСлужбен весник на Република Македонијао број 41/94).

 

Член 46

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во мСлужбен весник на Република Македонија.

 

Член 5

(Закон за изменување и дополнување на Законот за политичките партии „Службен весник на Република Македонија“ бр.5/08))

Се овластува Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија да утврди пречистен текст на Законот за политичките партии.