Print Friendly, PDF & Email

The measure is available in the following languages:

ЗАКОН ЗА ВИСОКООБРАЗОВНИТЕ УСТАНОВИ НА ВЕРСКИТЕ ЗАЕДНИЦИ

Службен весник на Р. Македонија бр.81/08 од 7.07.2008 год.

 

Член 1 

Православниот богословски факултет "Св. Климент Охридски" - Скопје и Факултетот за исламски науки - Скопје (во натамошниот текст: Православен богословски факултет и Факултет за исламски науки), како високообразовни установи на верски заедници, стекнуваат статус на приватно - јавни непрофитни високообразовни установи согласно со Законот за високото образование ("Службен весник на Република Македонија" број 35/2008).

 

Член 2 

Православниот богословски факултет и Факултетот за исламски науки, ќе вршат високообразовна дејност како додипломски, постдипломски и докторски студии, како и научно - истражувачка дејност во областа на богословските и исламските науки, во согласност со Законот за високото образование.

 

Член 3 

Православниот богословски факултет и Факултетот за исламски науки, имаат овластување да издаваат дипломи, уверенија и други јавни исправи во смисла на Законот за високото образование.

 

Член 4 

Православниот богословски факултет и Факултетот за исламски науки, можат да бидат во состав на јавниот универзитет како придружна членка, согласно со одредбите на Законот за високото образование.

 

Член 5 

Православниот богословски факултет и Факултетот за исламски науки, ќе почнат со работа како високообразовни установи на верските заедници од учебната 2008/2009 година, по целосното спроведување на постапката за акредитација и добивање на решение за исполнетоста на условите за почеток со работа, утврдена со Законот за високото образование.

 

Член 6 

1) Подготовките за почеток со работа на Православниот богословски факултет и на Факултетот за исламски науки како високообразовни установи на верски заедници, ги врши матична комисија составена од пет члена. 

2) Членовите на матичната комисија ги именува основачот, најдоцна во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

 

Член 7 

Средства за финансирање на дејноста на Православниот богословски факултет и на Факултетот за исламски науки, ќе се обезбедуваат покрај од средствата на основачите и од Буџетот на Република Македонија, како и од други извори определени со закон.

 

Член 8 

Студентите запишани на Православниот богословски факултет и на Факултетот за исламски науки, имаат исти права и обврски како и студентите на јавните високообразовни установи.

 

Член 9 

Православниот богословски факултет и Факултетот за исламски науки ќе ги усогласат своите статути како високообразовни установи на верски заедници со Законот за високото образование и овој закон, најдоцна до почетокот на учебната 2008/2009 година.

 

Член 10

1) На лицата кои се стекнале со диплома на Православниот богословски факултет и на Факултетот за исламски науки до нивното организирање како високообразовни установи на верски заедници согласно со овој закон и Законот за високото образование, заклучно со учебната 2006/2007 година, овие високообразовни установи можат да им издадат диплома за завршените студии како јавна исправа согласно со членот 3 од овој закон, на начин и според условите утврдени со статутот на Факултетот.

2) Дипломата се издава согласно со студиската програма по која стекнале образование. Поблиску условите за издавање на дипломата се уредуваат со акт кој го донесува Наставно - научниот совет на Православниот богословски факултет, односно на Факултетот за исламски науки, а на кој согласност дава основачот.

3) Правото од ставот 1 на овој член може да се оствари по барање на лицата најдоцна до 31 декември 2010 година.

 

Член 11

Затекнатите студенти на Православниот богословски факултет основан од Светиот архирејски синод на Македонската православна црква во 1977 година и на Факултетот за исламски науки основан од Исламската заедница во Република Македонија во 1997 година, од учебната 2008/2009 година можат да ги продолжат студиите на овие факултети организирани како високообразовни установи на верски заедници според нови студиски програми на начин и под услови утврдени со статутот на факултетот и актот од членот 10 став 2 на овој закон.

 

Член 12

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во "Службен весник на Република Македонија".

Trascina file per caricare