The measure is available in the following languages:
Преку
Основниот суд Скопје II
до Апелациониот суд во Скопје
Врска: Рег. РГ. бр.4/08
Предмет:
Жалба на Решението за одбивање на упис во судски регистар на верска заедница
По добивањето на Решението Рег. РГ. бр. 4/08 од Основниот суд Скопје II, со кое сме одбиени да бидеме впишани во Единствениот судски регистар на црквите, верските заедници и религиозни групи, во законски предвидениот рок ја изјавуваме оваа жалба до Апелациониот суд во Скопје, со приговор за:
1. Суштинска повреда на загарантираните човекови права и верски слободи
2. Погрешна примена на одредбите од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група
3. Нејасно образложение
4. Делумно утврдена фактичка положба
Ставрпигијалниот манастир Св. Јован Златоуст на 05.11.2008г. побара од првостепениот суд надлежен за регистрации на верските заедници да биде впишан во Единствениот судски регистар на црквите, верските заедници и религиозни групи во Р. Македонија. При тоа ги достави сите неопходни докази што се бараат со Законот. После долгото време молчење од страна на Судот, а заради потсетување на членот 14 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група (Сл. вес. на РМ бр. 113 од 20.09.2007), со кој се предвидени само 8 дена за извршување на регистрацијата, ние на 23.12.2008г. испративме претставка до претседателот на Основниот суд Скопје II, до Републичкиот судски совет, до јавниот правобранител на Р. Македонија и до повеќе меѓународни институции со забелешка за нестручно работење на судијата Маргарита Тошанова задолжена по нашето барање. Веднаш после неколку денови, на 29.12.2008г. добивме допис од споменатиот судија дека барањето треба да го дополниме со докази за државјанство на основачите што ние тоа веќе наредниот ден го направивме. Судот повторно не го зеде предметот во работа, туку на 08.01.2009г. ни испрати допис дека пред да биде предметот земен во работа треба да ја уплатиме предвидената такса од 800,00 ден. Ние наредниот ден тоа го направивме и од 09.01.2009г. до 03.03.2009г. го чекавме одговорот на нашето барање. Значи полни 118 денови траеше постапката пред Судот која спред горепосочениот член од Законот треба да се заврши за 8 дена.
Одбивањето да се регистрира Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст е суштинска повреда на Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, но многу повеќе од тоа, тоа е повреда на чл. 19 од Уставот на Р. Македонија и повреда на чл. 9 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи.
Со тоа што судот одбива да нè регистрира под било каков облик (зашто во решението не се дава никаква препорака под кои услови би можеле да бидеме регистрирани) врз нас се врши дискриминација по верска основа. Она што во суштина требаше да се спречи со донесувањето на новиот закон продолжува и сега со негово нестручно, несовесно, но за Р. Македонија и политички штетно применување. Факт е дека Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст постои и цели седум години (од 2002г.) чека да добие правен статус. Значи со тоа што досега немаше правен статус тој не престана да постои, ниту пак некоја судска одлука ќе може да го спречи постоењето на некоја Црква. Црквата одамна научила да постои дури и без правен статус. Нас правниот статус ни е потребен за полицијата да не упаѓа варварски на нашите богослужби како што тоа го прави во изминативе седум години, да не ги малтретира на граница нашите гости кои ни доаѓаат во посета, не давајќи им влез во Р. Македонија само затоа што доаѓаат кај нас. Правниот статус ни треба исто така за да располагаме со имот што веќе го поседуваме, а не имотот да го управуваме преку приватни фирми или физички лица. Значи ако добро сфативте, Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст постои, живее, функционира, управува со имот, а државата во тоа нема увид. Нашата регистрација е повеќе од полза за државата, таа да има претстава за сите трансакции и управувања со имотот што ги прави Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст. За тоа ќе ви дадеме и еден многу конкретен пример. Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст има свое издаваштво и тој издава книги, часописи, брошури и сл. Ако тој не е регистриран, кој би бил одговорен пред законот за содржината на отпечатениот материјал? Овие примери се сосем практични и тие се појавиле во изминативе седум години на законски нелегализирано постоење на Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст, а ви ги даваме за да видите дека судот свесно, со погрешно толкување на законот сега прави уште поголем правен неред во верските слободи на граѓаните на Р. Македонија.
Во основачкиот акт за основање на Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст, а приложен во списите од предметот во чл. 1 стои: „Оваа одлука е во функција да се регистрира „Ставропигијален Манастир Свети Јован Златоуст” во регистарот на цркви, верски заедници и религиозни групи во Република Македонија, како доброволен, непрофитен собор на верници со христијанско верско убедување, кои не припаѓаат на ниту една регистрирана верска заедница, а особено немаат ништо заедничко со Македонската Православна Црква.” Тоа јасно и недвосмислено кажува дека ние не сакаме да биде дел од Македонската Православна Црква и бараме правен статус надвор од неа. Тоа пак, што ние бараме правен статус било во спротивност со чл. 1, ст.1 од законот, пишува во решението од судот. Значи ако некој сака да се одвои од МПЦ тоа е спротивно на законот? Но, ако помниме, а не беше така одамна, овој закон беше донесен под огромен притисок на меѓународната заедница само за да може да добијат правен статус оние што не сакаат да бидат во единство со Македонската Православна Црква. Многу е воочливо дека судот немал желба да го регистрира Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст само затоа што во првиот член од нашиот статут се вели дека „не припаѓаат на ниту една регистрирана верска заедница, а особено немаат ништо заедничко со Македонската Православна Црква.”
За жал, дискриминацијата по верска основа во Р. Македонија е позната пред меѓународните субјекти, особено после затварањата врз верска основа на Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, ама судот години наназад под притисок на власта не само што ја толерира туку и ја подгрева таа дискриминација.
Судот потполно погрешно го применил и чл. 16 ст.1 од законот затоа што одбивањето на барањето за регистрација може да биде само ако не се исполнети материјалните услови. Напротив, барањето ги исполни сите од законот предвидени материјални и фактички услови и по тој однос судот немаше никаква забелешка, а дури и да ја имало таа можеше да се решава во овие 118 денови колку што судијата го работеше предметот, а не да се испрати решение за одбивање на регистрацијата.
Фактичката положба во решението е само делумно утврдена, но правото е применето потполно погрешно. Имено, судот на стр. 3 од Решението вели: „Во смисла на погоре цитираните законски одредби во конкретниот случај од списите на предметот произлегува дека до судот подносителот поднел барање за запишување – регистрација на доброволна заедница на физички лица означена во барањето како „Ставропигијален манастир Свети Јован Златоуст”, односно поднел барање за запишување на доброволна заедница на физички лица која во таква форма воопшто не е предвидена во погоре цитираниот Закон. Судот смета дека вака поднесеното барање за запишување во судскиот регистар на доброволна заедница на физички лица означена во барањето како „Ставропигијален манастир Свети Јован Златоуст” е спротивно на чл. 1 ст.1 и чл.2 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, односно барањето е неосновано па судот како такво го одби.”
Понатаму во решението на стр.3 се вели дека регистрацијата на Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст би значела повреда на чл. 1, ст.1 и чл. 2 од Законот: „бидејќи овој закон ја уредува само правната положба на одредени верски субјекти – доброволни заедници на физички лица определени и наброени со законот како: црква, верска заедница и религиозна група.”
Наместо ваквата конфузија, појасно ќе беше судот да напишел: Не смееме да ве регистрираме зашто имаме притисок од власта. Така барем ќе беше чесно, но повторно неправедно.
Но, чл 1. ст.1 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група што се цитира во решението дословно вели: „Со овој закон се уредуваат основањето и правниот статус на црквата, верската заедница и религиозната група, уредување на богослужба, молитва и верски обред, верска поука и образовни дејности, приходи на црквата, верската заедница и религиозната група, како и други прашања.”
Значи, воошто не е вистина дека законот не предвидува основање на нови цркви, верски заедници и религиозни групи. Со законот се регулира правниот статус на црквата, верската заедница и религиозната група, но исто така се уредува и основање на нови верски заедници. Во самото, пак барање за регистрација, поднесено од Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст се вели дека се бара: „запишување на Ставропигијалниот манастир Свети Јован Златоуст во надлежниот регистар на црквите, верските заедници и религиозните групи, како една од верските заедници во Р. Македонија.” (Види во списите за регистрација)
Од погорното произлегува дека Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст не барал да биде регистриран како трговско здружение, или здружение на граѓани, па овој закон тоа не го предвидува, туку бара регистрација на верска заедница и тоа со конкретно име. Кога баравме регистрација во битолскиот суд на здружение на граѓани под име: „Сестринство Св. Јован Златоуст”, барањето ни беше одбиено зашто ни одговорија дека организација со такво име треба да бара регистрација според законот за верски заедници. (Тоа решение е: Рег. ЗГФ бр. 65/02 од 22.10.2002г.) Сега кога бараме регистрација според законот за верски заедници, а притоа не можејќи од решението на судот да разбереме кои материјални услови не се исполнети па судот да постапи според чл. 16 ст. 1 од законот, претпоставуваме дека веројатно повторно е проблематично името. Нека не звучи како шега, ова го кажуваме со крајна болка и возбуда, се согласуваме судијата што ни го одби барањето да ни биде кум, нека ни даде какво име сака, само дајте ни правен статус. Многу ли бараме? Бараме само она што го гарантираат меѓународните конвенции и Уставот на Р. Македонија, а тоа е верска слобода.
Името: Ставропигијален манастир Св. Јован Златоуст е име на конкретна верска заедница, како што во регистарот на верските заедници во Р. Македонија се регистрирани да речеме: „Сајта сај центар – Скопје”, или „Бектешка заедница”, или други слични. Значи ако на судијата му ги бодело очите името на Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст можел да направи забелешка со одреден предлог и ние би ја разгледале, но целосно да се одбие барањето за регистрација на верската заедница со образложение дека е спротивно на споменатите членови од законот не само што е нестручно, правно не издржано, туку е тенденциозно и злонамерно, а за нас очигледно дека е донесено под притисок на власта. Впрочем ние и на време предочивме со нашата представка до претседателот на судот и до повеќе други институции дека споменатиот судија е тенденциозен по нашето прашање и дека е подложен на притисоци.
Значи, воопшто не може да биде издржано објаснувањето од судот дека: барањето за запишување на доброволна заедница на физички лица Ставропигијен манастир Св. Јован Златоуст како верска заедница е форма што воопшто не била предвидена со Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група. Од друга страна, судот ја занемарува фактичката положба кога вели: „овој закон ја уредува само правната положба на одредени верски субјекти – доброволни заедници на физички лица определени и наброени со законот како: црква, верска заедница и религиозна група, а не и на други верски субјекти – доброволни заедници на физички лица...”, притоа превидувајќи дека Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст поднесе барање да биде регистриран токму како една од верските заедници во Р. Македонија. (Види го барањето за регистрација)
Последно, крајно нејасно е тоа што судот вели дека ако била регистрирана верската заедница Ставропигијален манастир Св. Јован Златоуст, тоа ќе било повреда на слободата на вероисповест на другите доброволни заедници на физички лица веќе запишани во Единствениот судски регистар. Значи излегува дека не е никаква повреда на верската слобода нерегистрирањето на Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст, а повреда на слободата на вероиповест на неименувана заедница од страна на судот би било неговото регистрирање? Со тоа што судот не ја именува таа заедница се создава голема нејаснотија. Чии верски слободи би се повредиле со регистрацијата на Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст? На Исламската верска заедница, на некоја протестантска заедница? Најприродно е да се помисли дека судот мисли на Македонската Православна Црква. Само таа од сите верски заедници во Р. Македонија е спомената во основачкиот акт на Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст, како организација со која Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст не сака да има ништо заедничко. Но што е тоа што ги ускратува слободите на членовите на МПЦ? Како може да му бидат повредени слободите на вероисповест на некој припадник на некоја верска организација, ако припадник на друга верска организација не сака да биде во единство со нив? Па токму во тоа е слободата на вероисповест, сам да одлучиш каде ќе припаѓаш, а не ако не сакаш да припаѓаш на државно заштитуваната МПЦ да бидеш нарекуван државен предавник или да бидеш затваран како што беше тоа случајот со Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован.
Нашата замолница во жалбата до второстепениот суд е следнава: На кој начин е можно ние да ги оствариме своите загарантирани верски права со Уставот на Р. Македонија? Го молиме значи второстепениот суд да нè упати како да се регистрираме, а сепак да не бидеме во состав на МПЦ. Стигнавме да молиме за милост за она што ни е по секој основ загарантирано. Од 2002г. од кога се одделивме од МПЦ ние сме под нечовечки притисок од власта и судот. Сега кога со Божја помош и со помош на меѓународната заедница се изборивме за промена на законот за верските заедници, доаѓа нова препрека, негово неприменување од страна на судот.
Сметајќи дека е направена суштинска повреда на Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, а осбено на чл. 4 од него, како и на чл. 19 од Уставот на Р. Македонија и чл. 9 Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, предлагаме второстепениот суд да го укине обжаленото решение и да ја впише верската заедница Ставропигијален манастир Св. Јован Златоуст во Единствениот судски регистар на црквите, верските заедници и религиозни групи во Р. Македонија.
06 Март 2009г.
с. Низополи - Битола
Подносител на жалбата
НАСТОЈАТЕЛ
Олимпијада Мижимаковска, монахиња
Решение од Првостепениот суд за нерегистрирање на Ставропигијалниот манастир „Свети Јован Златоуст“