Print Friendly

Il provvedimento è disponibile nelle seguenti lingue:

Преку 
Основниот суд Скопје II
до Апелациониот суд во Скопје
Врска: Рег. РГ. бр. 12/09

Предмет: Жалба на Решението за одбивање на упис во судски регистар на „Грко-православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија”

По добивањето на Решението Рег. РГ. бр. 12/09 од Основниот суд Скопје II, со кое сме одбиени да бидеме впишани во Единствениот судски регистар на црквите, верските заедници и религиозни групи, во законски предвидениот рок ја изјавуваме оваа жалба до Апелациониот суд во Скопје, со приговор за:

1. Неажурност на првостепениот суд

2. Погрешно утврдена фактичка положба

3. Погрешна примена на одредбите од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група

4. Нејасно образложение

5. Суштинска повреда на загарантираните човекови права и верски слободи

Грко-Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија, на 28 Април 2009г. поднесе барање до Основниот суд Скопје II во Скопје за упис во Единствениот судски регистар на црквите, верските заедници и религиозни групи во Р. Македонија. Иако со чл. 14 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група (Сл. вес. на РМ бр. 113 од 20.09.2007) предвидени се само 8 дена за постапката на регистрација, ние добивме негативен одговор дури на 30 Јули 2009г., односно после 90 денови од поднесувањето на барањето.

Неприфатливо е дека судот се обидел да го задолжи предлагачот со писмо од 10.07.2009г., од 23.07.2009г. и од 24.07.2009г. во рок од 15 денови да достави уверение за државјанство во оригинал на лицето Ванчо Јовчевски кое нема да биде постаро од 6 месеци сметано од денот на неговото издавање. Судот во обаразложението вели дека не успеал да го достави барањето до овластеното лице, зашто во барањето не била посочена адреса на која судот ќе може уредно да ги доставува сите писма. Наспроти тоа фактите се следниве: Во одлуката за основање на Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија со читки букви е назначено седиштето на истата, ул. Кочанска бр. 2/23 во Битола, а таа адреса е спомената во изреката на обжаленово решение. Што значи, на судот не можела и не смеела да му биде непозната адресата за коресподенција, но наша претпоставка е дека судот сака, преку таа неостварена преписка, да ја покрива својата неажурност. Доказ за горереченото е тоа што судот успеа да го пронајде поднесувачот на барањето, Епископот стобиски Давид Нинов и тоа истиот ден кога е издадено обжаленово решение за тој да го подгне истото, па не може и не смее да се земе предвид изјавата на судот дека немало наведено адреса за комуницирање. Во крајно конфузното образложение од судот останува нејасно дали судот воопшто се обидел да ги испрати споменатите писма на некоја адреса или пак само си пишувал писма за да стојат во архива? Ако се обидел да ги испрати, што најверојатно не се случило, писмата сигурно ќе стигнеле до нас, зашто до нас стигнува и пошта што нема никаква адреса, а само името на Архиепископот Јован или името на нашата Црква. Но, ако судот не се обидел да ја испрати таа пошта на ниту една адреса, што најверојатно се случило, не е ли тоа покривање на неажурноста и нестручноста на судијата во постапката за кого сме известени дека има поплаки и од представници на други верски организации кои се обидуваат да се регистрираат?

Судот со барање РГ. 12 од 10.07.2009г. се обратил до Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, истата да достави известување што претставува поимот „Пеќка Патријаршија”, дали е верска заедница, а ако е верски субјект со легитимен правен статус каде припаѓа истата и на кое територијално – канонско подрачје има свое религиозно делување?

Подолу ќе се осврнеме на добиениот одговор од МПЦ, но овде сакаме да му посочиме на Апелациониот суд дека е направен недопуштив правен пропуст. Имено, објаснување на некои поими, состојби или движења со еден збор вештачења од било каков облик, судот бара од овластени стручни лица, не од лица кои имаат врска со постапката. Тоа е елементарно право на правната постапка. Во случајов, во првиот член од Одлуката за основање на Грко-Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија се вели: „Оваа одлука е во функција да се регистрира „Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија” во регистарот на цркви, верски заедници и религиозни групи во Република Македонија, како доброволен, непрофитен собор на верници со христијанско верско убедување, кои не припаѓаат на ниту една регистрирана верска заедница, а особено немаат ништо заедничко со Македонската Православна Црква.” (Види во списите Одлука за основање)

Тоа значи дека предварително сме го запознале судот дека ние не сакаме да имаме ништо заедничко со МПЦ, а судот тој факт го занемарува и испраќа барање до МПЦ со кое како да бара согласност од нив за нашата регистрација. Може некој да помисли дека во овој случај не треба да се споменуваат членови од Законот за заштита на конкуренцијата, но во таков случај судот не требало да го употребува како доказ одговорот на МПЦ дека тие го заштитиле името на Охридската Архиепископија во Државниот завод за индустријска сопственост под ТМ бр. 2004/578, за која неточност ќе се осврнеме подолу. Каде се видело на друго место, освен во обжаленово решение, една од странките кои се заинтересирани во постапката да биде истовремено и вештак? А колку МПЦ е заинтересирана странка да не се регистрира Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија познато им е на целата јавност во Р. Македонија, ако, пак, тоа сепак на Апелациониот суд во Скопје не му е познато, спремни сме да доставиме и дополнителни докази.

И покрај тоа што судот немал право да бара толкувања на поими употребени во името на Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија од страна на МПЦ, судот направил уште поголема грешка во утврдувањето на фактичката положба со тоа што не ја проверил веродостојноста на одговорите добиени од страна на МПЦ. Имено, судот утврдува дека Македонската Православна Црква била регистрирана од Министерството за внатрешни работи со потврда УП.бр. 30-2468/1 од 22.02.1983г., а потоа пререгистрирана согласно Законот за верските заедници и религиозни групи, од страна на Републичката Комисија за односи со Верските заедници преку потврда бр. 12-152/3 од 12.01.1998г. под име Македонска Православна Црква. Јасно е како ден дека Македонската Православна Црква во двата случаи е регистрирана под име: „Македонска Православна Црква”, а не како „Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија” како што е запишана во Единствениот судски регистар на црквите, верските заедници и религиозни групи, усогласен според новиот Закон за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група (Сл. вес. на РМ бр. 113 од 20.09.2007). При регистрирањето на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија според новиот Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, со решение Рег. Ц.бр. 1/08 од 11.11.2008г. направен е еден крајно груб фалсификат. Имено, на името на Македонската Православна Црква преку незаконска процедура додадено е името: Охридска Архиепископија. Процедурата е незаконска заради следново: Според чл. 200 од Уставот на МПЦ кој гласи: „Архиепископскиот Црковно – народен собор го утврдува одделно текстот на секоја одредба – член на предлогот на новиот Устав на Македонската Православна Црква, односно од предлогот за изменувањата и дополнувањата на овој Устав. По утврдувањето на текстот на секоја одредба (член), АЦНС во целина го прогласува со указ новиот устав на Македонската Православна Црква односно изменувањата и дополнувањата на Уставот на Македонската Православна Црква”, единствен кој може да го промени уставното име на МПЦ е Архиепископскиот Црковно – народен собор. На целата јавност во Р. Македонија и е познато дека на Црковно – народниот собор на Македонската Православна Црква одржан на 04 и 05 Октомври 2008г. во Калишта кај Струга не се прифати амандманот за промена на Уставот на Македонската Православна Црква. Во прилог на ова ви ги доставуваме извештаите од следниве средства за информирање: А1 од 04.10.2008, Сител од 04.10.2008, Дневник од 06.10.2008, и Утрински весник од 06.10.2008г. Во сите овие известувања недвосмислено се потенцира дека Црковно – народниот собор кој единсвен има мандат според споменатиот член од Уставот на МПЦ да го менува истиот, тоа не го направил. Значи Црковно – народниот собор на МПЦ не усвоил промена на името на МПЦ во Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија. Тогаш, како се нарекува според судскиот речник кога некој, па нека е тоа и судија, во Единствениот судски регистар на црквите, верските заедници и религиозни групи во Р. Македонија, под бр. Рег. Ц. бр. 1/08 од 11.11.2008г. ја запишал МПЦ со име Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија? На основ на кој, според законот прифатлив акт, Македонската Православна Црква, која од 1958г. го носи тоа и единствено име, во 2008г. е регистрирана како Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија? На судот не му било непознато на кој начин МПЦ можела да го промени името зашто Уставот на МПЦ е во ниво на Правилник на верска организација што е неопходен да се достави на увид на судот при регистрацијата, согласно чл.12, т.2 од најновиот Закон за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, а МПЦ на тоа била задолжена и со чл. 11 од претходниот Закон за верски заедници од 1997г. Згора на тоа, Уставот на МПЦ, во неговата последна верзија од 1994г. судот го користи во неколку наврати и од него цитира членови, патем речено како тој да е закон според кој треба да се валоризира нашата регистрација. Познато е дека со одлука на Црковно – народен собор од 1958г. МПЦ се нарекува Македонска Православна Црква. Тоа име не го променува ниту последниот Црковно – народен собор одржан на 04 и 05 Октомври 2008г. Само триесет денови подоцна, на 11 Ноември 2008г. , судот со Рег. Ц. бр. 1/08, ја заведува МПЦ во Единствениот судски регистар на црквите, верските заедници и религиозни групи, под име: Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Објаснувањето од страна на судот за заштитата на името Охридска Архиепископија во Државниот завод за индустриска сопственост од страна на Македонската Православна Црква со ТМ бр. 2004/578 е потполно надвор од смислата на почитување на Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група. Имено според чл. 124 ст.1 од Законот за индустриска сопственост: „Со трговска марка се штити знак кој може графички да се прикаже и кој е подобен за разликување на стоките или услугите на еден учесник во прометот од стоките или услугите на друг учесник во прометот.” Во општите одредби во чл. 1 од споменатиот закон пак се вели: „Со овој закон се уредува стекнувањето, остварувањето и заштитата на правата од индустриска сопственост.” Мешањето на законот за индустриска сопственост со Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група е мешање на баби и жаби. Јасно е дека заштитата на името со трговска марка има значење само во трговскиот промет, но какво значење може да има за верските заедници, хуманитарните здруженија, или некои други институции кои не се субјекти на трговскиот промет? Но, само за да покажеме дека судот не ја испитал веродостојноста ниту на овој факт упативме барање до Државниот завод за индустриска сопственост за пребарување во базите на податоци по носител: Македонска Православна Црква. Од заводот ни беше одговорено дека: МПЦ има поднесено пријава бр. ТМ 2004/574 од 06.08.2004г. за заштита на името: Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, пријава бр. ТМ 2004/575 од 06.08.2004г. за името: Македонска Православна Црква (МПЦ), пријава бр. ТМ 2004/576 од 06.08.2004г за името: Македонска Архиепископија, пријава бр. ТМ 2004/577 од 06.08.2004г. за името: Македонска Патријаршија, пријава бр. ТМ 2004/578 од 06.08.2004г. за името: Православна Охридска Архиепископија, пријава бр. ТМ 2004/579 за името: Православна Охридска Патријаршија, пријава бр. 2004/580 за името: Православна Скопска Митрополија, пријава бр. 2004/581 за името: Православна Скопска Архиепископија, пријава бр. 2004/582 за името: Православна Скопска Патријаршија, пријава бр. ТМ 2004/583 за името: Јустинијана Прима, пријава бр. ТМ 2004/584 за името: Скопска Православна Епархија, пријава бр. ТМ 2004/585 за името: Преспанско-пелагониска и битолска православна епархија, пријава бр. ТМ 2004/586 за името: Брегалничка и штипска правослвна епархија, пријава бр. ТМ 2004/587 за името: Дебарско – кичевска православна епархија, пријава бр. ТМ 2004/588 за името: Полошко – кумановска православна епархија, пријава бр. ТМ 2004/589 за името: Повардарска и велешка православна епархија, пријава бр. ТМ 2004/ 590 за името: Струмичка и полјанска православна епархија. Македонската Православна Црква била должна во рок од 6 месеци од поднесување на пријавите да ја плати предивдената такса за трговската марка. Таа до денешниов ден тоа не го сторила. Претпоставуваме дека заради некој „висок државен интерес” Државниот завод за индустриска сопственост сеуште ги држи пријавите на списокот за пријавени трговски знаци, иако после толку години сеуште не платена такса требало по автоматизам тие да се отфрлат дури и од тој список. Но, сиве споменати марки никогаш не влегле во списокот на регистрирани трговски знаци-марки и според чл. 148 од Законот за индустриска сопственост никогаш не добиле исправа за трговска марка.

Судот без никаква проверка, сосема дилетантски ги ползува толкувањата кои МПЦ ги дава во нивниот одговор до судот на ден 21.07.2009г. Терминот „Пеќка Патријаршија” за кој судот бараше толкување од МПЦ е општ поим, го има во секоја па и најмала енциклопедија, и на многу интернет страници, а судот се одлучил да го земе меродавно објаснувањето на тој поим токму од МПЦ, не од некое вешто лице, иако, како што рековме погоре, таа е заинтересирана страна Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија да не биде регистрирана. Ако судот сепак имал потреба од толкување на поим иако тој е прифатен во општа комуникација и познат од општа култура можел тоа да го нарправи во Институтот за македонски јазик Крсте Мисирков во Скопје, кој е овластен и задолжен за такви толкувања.

Покрај тоа што од горново се гледа дека судот погрешно ја утврдил и фактичката положба, тој исто така и погрешно го применува законот. Имено, нема никаква врска со реалноста првото толкување на судот дека: „основачкото Собрание на физички лица на кое е донесена одлука за основање на доброволна заедница со име назначено во барањето не е одржано, а поднесеното барање за запишување на предметниот верски субјект резултира врз основа на одлука донесена од тело – орган така наречен Свет Архијерејски Синод.” Тој Свет Архијерејски Синод е орган кој произлегува од Правилникот за уредување на статусот, организацијата и дејстувањето на Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија што го приложивме со барањето (Види: Правилник ...), ама истиот нема правно дејство бидејќи не е правно лице, и крајно е паушално да се третира како некаков орган пред да биде верската организација регистрирана. Ако судот толкува по таа аналогија тогаш и самото име Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија би било име за правен субјект, но тоа не е сè додека таа не е регистрирана. Значи недвосмислено е дека основачи на Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија се физички лица што се потпишани во Записникот од основачкото собрание. Секое друго толкување само сведочи за политички притисок врз судот за одлагање на регистрацијата на Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија. Да каже судот дека основачко собрание не било одржано, а долу под Записникот од основачкото собрание се потпишани три физички лица со име и презиме, место на живеење и единствен матичен број, во најмала мера е дрско. Помала навреда би била судот да каже: „Не сакаме да ве регистрираме”, отколку толку безочно да ги менува фактите и истите крајно паушално да ги толкува.

Објаснувањето кое судот го дава под втор реден број е потполно несфатливо. Од него произлегува дека судот не е задоволен од името под кое се бара регистрација, но не дава ниту едно сериозно образложение зашто е тоа така. Ако името Грко-православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија не упатува на име на верска организација, тогаш дали повеќе упатуваат на верска организација имињата: Сајта сај центар, заведено во Единствениот судски регистар на црквите, верските заедници и религиозни групи, под Рег. ВЗ бр. 5/08, или: Реформирано движење на адвентистите на седмиот ден, заведено под Рег. РГ. бр. 9/08. Секој поединечен збор од името Грко-православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија има црковно – религиозно значење и тоа е нешто што треба да се знае од општа култура. Вистина во времето на комунизмот некои од судиите не се стекнаа и со таа општа култура, но тој недостаток станува многу забележлив кога се работи за прашања кои се однесуваат на слободата на вероисповеста. Го сметаме за крајно неодговорно од страна на првостепениот суд да бара толкување од МПЦ за поимот Пеќка Патријаршија, или да вели дека името Грко-православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија не асоцирало на верска заедница.

Бидејќи пред да го поднесеме барањето добро ни беше позната „стручноста” на судијата надлежен за предметите на регистрација, како и политичкиот притисок кој го трпи за да не нè регистрира, ние направивме сè да му ја олеснеме работата, и во нашето барање напишавме: „Смислата на законот и неговата примена е да ја потврди реалноста. Во тој контекст сме спремни ако нешто не му е јасно на судот да го разјасниме со дополнителна преписка, а не барањата да се отфрлаат неосновано, како што впрочем е направено со неколку верски заедници кои поднеле барање за регистрација.” (Види: Барање за регистрација) Горното значи дека сме иницирале спремност, сè она што судот смета дека не е согласно со законот да го промениме за да биде согласно со законот, но очигледно е дека судијата имал намера под ниту еден услов да не нè регистрира, па единствено од таа позиција може да има оправдување за паушалните толкувања што судот ги дава. Чл. 1 од Правилникот за уредување на статусот, организацијата и дејстувањето на Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија, што во второто толкување судот само делумно го парафразира, гласи: „Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија е Божествена установа чија Глава е Господ Исус Христос и неразделно, догматски е врзана и со сите останати Православни Христови Цркви.” Нема друг збор освен да се нарече дрско парафразирањето од страна на судот во кое се изостава фактот што укажува дека „Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија е Божествена установа чија Глава е Господ Исус Христос” и дека истата „неразделно, догматски е врзана и со сите останати Православни Христови Цркви.” (Види: чл.1 од Правилникот) Во чл.1 од Одлуката за основање на Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија се вели: „Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија е Православна Црква и како таква е во целосно канонско и литургијско општење со сите признати православни Цркви во светот. Затоа сметаме дека треба да бидеме регистрирани како Црква, но воколку судот смета поинаку ние сме согласни да бидеме заведени или како верска заедница или како религиозна група.” (Види чл. 1 од Одлуката за основање)

Па со кои други зборови можевме поблиску да му разјасниме на судот дека се работи за Црква? Електронски избројавме во документацијата што сме ја приложиле во судот зборот Црква се употребува дури 36 пати, и после сево ова на првостепениот суд не му е јасно дека ние баравме да бидеме регистрирани како Црква? Тоа што судијата дури и одлуката за основање на Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија, правилникот и другите акти ги нарекува: така наречени, тоа што и потписниците на актите ги нарекува: така наречени, е очигледно социолошки проблем на дотичниот судија и ние тоа нема да го обжалуваме.

Кулминација на нестручноста и неодговорноста за напишаното од страна на судот е третото толкување во кое се вели: „Со оглед на ова, со предметното барање, со назначување на името на верскиот субјект како „Грко - Православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија” се прави повреда на начин што е употребен збор „Грко” кој всушност означува превод на зборовите „Православна црква”, на англиски јазик, а кој како термин се употребува во англиското говорно подрачје” , што според судот било спротивно на чл. 10 ст. 3 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група. А чл.10 ст.3 од Законот гласи: „За употребата на името „Македонија” Министерството за правда дава писмена согласност.” Оставаме судот да ја карактеризира логиката на цитираното од третото толкување на судот, ние ќе се задржиме само на фактот дека судот требало да го посочи и англискиот речник што го користел за да открие дека „Грко” било превод на зборовите „Православна Црква” на англиски јазик. Вака тврдењето го сметаме неточно, а познавањето на судијата на англискиот јазик незадоволително. Но, еве да речеме дека „магарето лета” па Грко значи Православна Црква, што има тоа врска со чл. 10 ст.3 од Законот и употребата на името Македонија?

Во чл. 10 ст.1 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група се вели: „Името и официјалните обележја на секоја нова црква, верска заедница и религиозна група треба да се разликуваат од називите и официјалните обележја на веќе регистрираните цркви, верски заедници и религиозни групи.” Токму за да се запази овој член пред поднесувањето на барањето за регистрација чекавме речиси една година (бидејќи судот беше многу ажурен) да направиме увид во судскиот регистар, и откако утврдивме дека името: Грко - Православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија не е заведено во судскиот регистар донесовме одлука за поднесување барање под тоа име, а во Записникот од основањето запишавме: „По извршениот увид во судскиот регистар на Црквите, верските заедници и религиозните групи во Р. Македонија на 06 Април 2009г., и откако се утврди дека ниту една Црква, верска заедници и религиозна група не го употребува тоа име, се донесува акт за основање на „Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија” предвиден со чл.12 од Законот за цркви, верски заедници и религиозни групи. Ова само по себе значи дека Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија не е иста со ниту една постоечка верска организација во Р. Македонија, а особено е различна од Македонската Православна Црква со која не прифаќаме некој да нè поврзува.” (Види: Записник)

Разликата во името меѓу Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија и Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископја (последново веќе го оспоривме погоре) е многу поголема отколку разликата во имињата на: „Христијанска Адвентистичка црква (црква на Адвентистите на Седмиот ден) во Република Македонија”, заведена во регистарот со Рег. Ц. бр. 4/08 и „Христијанска Адвентистичка црква во Македонија” заведена во реистрарот со Рег. Ц. бр. 5/08. Секому му е јасно дека кај имињата дури и една буква да е различна тоа е разлика во името, поинаку ниту една верска заеденица која се нарекува Црква не би можела да биде рагистрирана зашто името би и било исто со другата заедница која го ползува името Црква. А такви заедници со исто име: Црква, регистрирани во Единствениот судски регистар на црквите, верските заедници и религиозни групи, и тоа во регистарот за цркви има дури десет. Но, крајно, ако судот сметал дека името е проблематично, тој можел во писмена препсика тоа да го посочи и ние би одговориле. Од овде јасно е само едно, дека и под било кое име да побараме регистрација судот би не одбил. Веројатно брзо ќе го видите и тоа, зашто жалбите пак ќе доаѓаат кај вас.

Не можеме да останеме без приговор ниту на толкувањето на судот дека МПЦ – Охридска Архиепископија била уставно определена верска заедница. Точно е дека МПЦ се споменува во чл. 19 ст. 3 од Уставот на Р. Македонија, но не со додадениот фалсификат: Охридска Архиепископија. Впуштањето пак на судот во проценки на теолошко-историска проблематика без притоа да бара мислење на вешти лица наликува на обид за судски толкувања на јадрената фузија на атомската енергија, без помош на стручњаци од таа област. Да се каже, како што судот тоа го кажува дека: МПЦ го користела името Охридска Архиепископија во континуитет од 800 години и врз тоа име само таа имала право, изгледа крајно несериозно, да не речеме за подбив. Но, судот немал потреба да се впушта во таква теолошко – историска проблематика зашто таа не беше предмет на нашево барање за регистрација.

Кулминација на паушалните и целосно нестручни како и потполно извитоперени толкувања од страна на судот претставуваат објасувањата во врска со канонската надлежност на МПЦ и Пеќката Патријаршија. Тие толкувања обжаленото решение го прават црковно-канонска одбрана на МПЦ, а не судско решение кое е донесено според законот. Согласно кој член на Законот е толкувањето на судот за тоа кој имал канонска јурисдикција на територијата на Р. Македонија? Нема ниту еден член во Законот со кој се бара Црквата или друга верска заедница да не бидат во единство со другите Цркви во светот. Ако би постоел таков член тогаш таквиот закон ќе беше неуставен и ние до сега ќе имавме поднесено иницијатива за уставно преиспитување. Наспроти тоа, толкувањето од судот е противуставно, зашто со уставот се гарантира слободата на вероисповест, а обжаленово решение ја ограничува. Речиси нема религија во светот што не е распространета по целата планета, па навлегувањето на судот во канонски расправии не само што е неуставно, туку во веков во кој живееме, дваесет и први по Христа, тоа се смета за нецивилизирано и безобразно. За да не ја обремениме жалбава со докази кои не се предмет на Законот, на судот ќе му посочиме само следново: Католичката црква во Република Македонија, регистрирна под Цбр. 2/08 нема ниту приближно толку автономија од Римокатоличката Црква со седиште во Рим колку што има Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија од Српската Православна Црква. Централата на Евангелско-Методистичка црква во Македонија регистрирана под Цбр. 3/08 е во Швајцарија и само ќе го потсетиме судот дека погребот на поранешниот Претседател на Р. Македонија, Борис Трајковски го изврши бискуп од централата на таа црква од Швајцарија. Не треба да си теолог за да знаеш дека седиштата на Христијанска Адвентистичка црква (црква на Адвентистите на Седмиот ден) во Република Македонија, заведена во регистарот со Рег. Ц. бр. 4/08 и седиштето на Христијанска Адвентистичка црква во Македонија заведена во реистрарот со Рег. Ц. бр. 5/08, се во Америка.

До кога почитуван суде во нашата држава ќе се кршат основните, загарантирани со Уставот и меѓународните конвенции човекови права на слобода на вероисповеста?

Суштинската порака на оваа жалба е кршењето на верските слободи во Р. Македонија. Затоа, бараме од овој суд сериозно да се позанимава со она што е наведено во документацијата приложена за регистрација на Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија, како и во оваа жалба. Нас континурано веќе 7 години ни се кршат основните права што му се загарантирани на секој што се раѓа на планетава. Тоа е слободна определба која вера ќе ја исповеда. Ве молиме да одговорите зошто ние ги немаме тие права, дали сме ние некој понизок слој на граѓани на оваа држава? Во колку пак ни речете дека ги имаме, тогаш неопходно е да ни посочите како да ги оствариме зашто очигледно е дека токму судот сега ни ги ускратува. До скоро тоа беше извршната власт, сега судот продолжува со дискриминцијата, многу слично како во тоталитаристичките општества. ВО БАРАЊЕТО НАВЕДОВМЕ ДЕКА СМЕ СПРЕМНИ ДА ГИ НАПРАВИМЕ СИТЕ ОТСТАПКИ ШТО ОД НАС ЌЕ ГИ ПОБАРА СУДОТ САМО ДА ЈА РЕГИСТРИРА НАШАТА ЦРКВА. Но, судот наместо да укаже на извесни слабости тој пишува решенија во вид на теолошки трактати во одбрана на МПЦ. Единствен услов на кој никој не ќе може да не присили е да бидеме заедно со МПЦ. ЗА СÈ ДРУГО СМЕ СПРЕМНИ ДА НАПРАВИМЕ КАКО ШТО ЌЕ НИ ПОСОЧИ СУДОТ. ПОД ВАКВИ ОКОЛНОСТИ КОИ НИЕ ГИ ПРИФАЌАМЕ, КАКО ШТО НАПИШАВМЕ ВО ДОКУМЕНТАЦИЈАТА ПРИЛОЖЕНА ЗА РЕГИСТРАЦИЈА, СУДОТ Е ДОЛЖЕН ДА НÈ РЕГИСТРИРА. ГОСПОДО СУДИИ, СФАТЕТЕ ДЕКА РЕГИСТРАЦИЈАТА НА НАШАТА ЦРКВА НЕ ТРЕБА ДА ЗАВИСИ ОД ВАШАТА МИЛОСТ, ТАА Е ЗАГАРАНТИРАНО ПРАВО. Но, ако сакате да ве молиме, ние сме спремни и на тоа, смилувајте се над нашите солзи и над нашите воздишки, дајте ни слобода во вероисповеста, зашто кратејќи ни ги тие права исто како да ни го кратите воздухот, и водата, и лебот. Каква дрскост е таа некој да не ни дозволува слобода на избор на верата, а каква пак лудост е некој насилно да не турка во единство со МПЦ со која не сакаме да имаме никаква заедница. После овој сентиментален дел на жалбата кој сметаме дека е посуштински од сите нејзини други сегменти зашто треба да ја разбуди совеста на сите оние на кои им заспала, потсетуваме дека со ова одбивање да бидеме регистрирани, не се крши само чл.3 и чл. 4 ст. 1 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, туку континуирано седум години се кршат чл.16 и чл. 19 од Уставот на Р. Македонија, како и чл. 18 од Универзалната декларација за човековите права и чл. 9 од Европската конвенција за човекови права, што обжаленото решение ги споменува, но надвор од секаков контекст, а тие всушност се применливи токму во нашава жалба.

Но, обжаленово решение грубо ги крши и правата на националностите загарантирани со чл. 48 од Уставот на Р. Македонија. Имено во споменатиот член ст.2 се вели: „Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на националностите.” Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија како што се гледа и од самото нејзино име има мандат да го штити верскиот идентитет на православните Грци и Срби во Р. Македонија. На Грците и Србите во Р. Македонија кои не сакаат да ги остваруваат своите верски потреби во МПЦ ускратени им се верските слободи не само загарантирани со членовите од Уставот со кои тие слободи се загарантирани и за другите граѓани на Р. Македонија, туку ускретени им се правата и по однос на чл. 48 ст.2 каде се гарантираат верските слободи на националностите.

По однос на четвртото толкување од судот каде се сублимираат и повторно набројуваат членовите од Законот што според судот биле прекршени со нашето барање сметаме дека со сето претходно му докажавме на судот пред кого ја изјавуваме жалбава дека сите тие членови се погрешно применети и со тоа направена е погрешна примена на одредбите од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група.

Го сметаме за крајно извитоперување на вистината тврдењето на судот дека не сме имале доставено одлука за тоа кој ја претставува Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија. Во самото барање се наведени прилозите што се доставени до судот и таму пишува што сè сме доставиле. (Види: реден бр.7 од списокот на наведени прилози во Барањето за регистрација) Судот не стави забелешка дека недостасувал некој акт од оние што во барањето ги наведовме како прилози. Но, дури и да имало процедурални пропусти, за кои одговорно тврдиме дека немало, зашто веќе сме добро верзирани во тоа каква треба да биде потребната документација за регистрација, требаше ли да се одбие барањето без никаков обид од судот тие процедурални пропусти низ коресподенција со судот да се воточнат? Тоа единсвено се прави ако судот однапред бил со предумисла по никоја цена да не нè регистрира, па сè друго се вика „најди ми се мана”.

Заради сето погоре му предлагаме на Апелациониот суд да го укине обжаленово решение и да ја регистрира Грко - Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија во Единствениот судски регистар на црквите, верските заедници и религиозни групи.

ГО ЗАМОЛУВАМЕ СУДОТ ДА НЕ ЈА ОТФРЛА НАШАТА ЖАЛБА ВО КОЛКУ СМЕТА ДЕКА ПОСТОЈАТ НЕКАКВИ НЕДОСТАТОЦИ. СИТЕ НЕДОСТАТОЦИ ШТО ЕВЕНТУАЛНО БИ ГИ УТВРДИЛ СУДОТ НИЕ СМЕ СПРЕМНИ ДА ГИ ПОПРАВИМЕ ВО ДОГОВОР СО СУДОТ САМО ДА БИДЕМЕ РЕГИСТРИРАНИ И ДА ЗАВРШАТ НАШИТЕ ТОРТУРИ И ДИСКРИМИНАЦИЈА КОИ ПО ВЕРСКА ОСНОВА КОНТИНУРАНО НИ СЕ ПРАВАТ ВЕЌЕ СЕДУМ ГОДИНИ. НАША РАСПОЛОЖБА Е ДА НАПРАВИМЕ СÈ ШТО ЌЕ НИ КАЖЕ СУДОТ САМО ДА ПРЕСТАНАТ ДА НИ СЕ КРШАТ ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА СПОМЕНАТИ ПОГОРЕ СО ЧЛЕНОВИТЕ ОД УСТАВОТ НА Р. МАКЕДОНИЈА И МЕЃУНАРОДНИТЕ КОНВЕНЦИИ.

- Како не би имало нови недоразбирања околу адресата за коресподенција го известуваме судот дека сите преписки можат да се вршат на следнава адреса:

ул. Кочанска 2/23
7000 - Битола

Во прилог доставуваме:

- Интернет верзија на вест од А1 од 04.10.2008г.

- Интернет верзија на вест од Сител од 04.10.2008г

- Интернет верзија на вест од Дневник од 06.10.2008г

- Интернет верзија на вест од Утрински весник од 06.10.2008г.

06 Август 2009г.

Подносител на жалбата
ЕПИСКОП
+Стобиски и Местобљустител струмички Давид

 

Trascina file per caricare