The measure is available in the following languages:
СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Врз основа на членот 75 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија,
претседателот на Република Македонија и претседателот на Собранието на Република
Македонија издаваат
УКАЗЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ПРЕКИНУВАЊЕ НА БРЕМЕНОСТA
Се прогласува Законот за прекинување на бременостa,
што Собранието на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 10 јуни
2013 година.
Бр. 07–2405/1 Претседател
10 јуни 2013 година на Република Македонија,
Скопје Ѓорге Иванов, с.р.
Претседател
на Собранието на Република
Македонија,
Трајко Вељаноски, с.р
ЗАКОН ЗА ПРЕКИНУВАЊЕ НА БРЕМЕНОСТA
(„Службен весник на СРМ“ број 22/72, 18/76 и 15/95).
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој закон се уредуваат условите под кои може да се врши прекинување на бременостa, постапката за одобрување на прекинување на бременостa, условите што треба да ги исполнуваат здравствените установи за вршење на постапка за прекинување на бременостa и надзорот над условите и постапката за прекинување на бременоста.
Член 2
Прекинување на бременоста е посебна медицинска интервенција за која слободно одлучува бремената жена.
Правото за прекинување на бременоста може да се ограничи само заради заштита наздравјето и животот на бремената жена.
II. УСЛОВИ ПОД КОИ МОЖЕ ДА СЕ ВРШИ ПРЕКИНУВАЊЕ НА БРЕМЕНОСТA
Член 3
Заради заштита на здравјето на бремената жена прекинувањето на бременоста може да се изврши до истекување на десет недели од денот на зачнувањето, со писмена согласност од бремената жена.
Ако бремената жена е малолетна или лишена од деловна способност, прекинувањето на бременоста може да се изврши до истекување на десет недели од денот на зачнувањето, со писмена согласност од родителот, односно старателот на бремената жена.
Писмена согласност од ставовите 1 и 2 на овој член се изразува на начин и во форма пропишани со прописите за заштита на правата на пациентите.
Прекинување на бременоста не може да се изврши пред истекот на десет недели од денот на зачнувањето ако е тоа особено штетно по здравствената состојба на бремената жена.
Прекинување на бременоста не може да се изврши ако од прекинување на претходната бременост не поминала една година.
Член 4
По исклучок од членот 3 ставови 1, 2, 4 и 5 од овој закон прекинувањето на бременоста може да се изврши и по истекот на десеттата недела од денот на зачнувањето, како и пред истекот на една година од претходното прекинување на бременоста, по барање и со писмена согласност од бремената жена во следниве случаи кога:
- врз основа на медицински индикации ќе се утврди дека бременоста претставува опасност по животот или ќе доведе до тешко нарушување на здравјето на жената за време на бременоста, породувањето или по породувањето.
- врз основа на научни сознанија може да се очекува дека детето ќе се роди со тешки телесни или душевни недостатоци,
- до зачнувањето дошло во врска со извршување на кривично дело: силување, обљуба врз немоќно лице, полов напад врз дете, обљуба со злоупотреба на положбата или родосквернавење и
- ќе се утврди дека во текот на бременоста или по породувањето би можела жената да дојде во тешки, лични семејни, материјални или други прилики што ќе имаат одраз врз нејзиното здравје.Како тешки лични семејни материјални и други прилики од ставот 1 алинеја 4 на овој член се сметаат особено: потешко нарушените брачни и семејни односи, постоење на асоцијални појави во семејството, тешки станбени услови, материјална необезбеденост, нарушување на здравјето на членови на семејството и бројот на децата во семејството.
Прекинувањето на бременоста од ставот 1 на овој член ќе се изврши ако се оцени дека со прекинување на бременоста нема да дојде до потешко оштетување на здравјето или до непосредна опасност по животот на бремената жена и со писмена согласност од членот 3 став 3 од овој закон.
III. ПОСТАПКА ЗА ОДОБРУВАЊЕ И ИЗВРШУВАЊЕ НА ПРЕКИНУВАЊЕ НА БРЕМЕНОСТА
Член 5
Во постапката за одобрување и извршување на прекинување на бременоста се обезбедува почитување на достоинството на бремената жена, на правото на приватност, информираност, прифаќање и одбивање на медицинска интервенција и на доверливост на личните и медицинските податоци согласно со прописите за заштита на правата на пациентите.
Член 6
За прекинување на бременоста до десет недели, бремената жена до докторот кој треба да изврши прекинување на бременоста писмено се обраќа во форма и содржина што ja утврдува министерот за здравство.
Кон барањето од ставот 1 на овој член бремената жена доставува наод од извршен ултрасонографски преглед, како и медицинска и друга потребна документација утврдена во членот 9 став 3 од овој закон.
Пред прекинување на бременоста докторот е должен да изврши советување на бремената жена за можните предности за продолжување на бременост, како и за ризиците при спроведување, односно не спроведување на интервенцијата за прекинување на бременоста по здравјето и животот на жената, методите за вршење на прекинување на бременоста и да ја запознае со можностите и методите за спречување на бременоста.
Содржината и начинот на советувањето од ставот 3 на овој член го пропишува министерот за здравство со посебен акт.
Ако бремената жена по добиените информации остане при своето барање, е должна да даде писмена изјава за согласност за прифаќање на спроведување на интервенцијата за прекинување на бременоста согласно со членот 3 став 3 од овој закон.
Ако се исполнети условите од членот 6 од овој закон докторот може да пристапи кон извршување на прекинување на бременоста.
Прекинувањето на бременоста не може да се изврши пред истекот на рокот од три дена по извршеното советување од ставот 2 на овој член, освен ако се работи за малолетна жена, жена со одземена или ограничена деловна способност или ако за тоа постои оправдана медицинска индикација, што докторот мора уредно да го евидентира во медицинската документација и евиденција.
За извршената интервенција од ставот 6 на овој член докторот води евиденција во книга за евиденција, а податоците за извршената интервенција ги воведува во медицинското досие на бремената жена во пишана и во електронска форма, во согласност со прописите за заштита на правата на пациентите.
Член 7
Ако докторот утврди дека прекинувањето на бременоста не го дозволува здравствената состојба на бремената жена, или дека со прекинување на бременоста ќе се загрози животот или здравјето на жената, или се изминати повеќе од десет недели од денот на зачетокот, е должен да ја упати бремената жена на првостепена комисија за одобрување на прекинување на бременоста.
Првостепената комисија за прекинување на бременоста ја формира директорот на здравствената установа во која се врши прекинување на бременоста.
Трошоците за работата на првостепената комисија паѓаат на товар на здравствената установа за која што е формирана.
По приговор против одлуката на првостепената комисија решава второстепената комисија.
Член 8
Второстепената комисија ја формира министерот за здравство на ниво на Република Македонија.
Комисиите од членот 7 став 1 од овој закон и од ставот 1 на овој член (во натамошниот текст: комисии) се формираат за период од две години и се состојат од по тројца членови - доктор специјалист по гинекологија и акушерство, доктор специјалист по интерна медицина и социјален работник. На членовите на комисиите им се определуваат заменици.
Членовите на второстепената комисија не можат да бидат лица кои се членови на првостепена комисија за прекинување на бременоста, а членовите на првостепена комисија не можат да бидат лица кои се членови на второстепена комисија.
Трошоците за работата на второстепената комисија паѓаат на товар на Министерството за здравство.
Претседател на комисиите од ставот 2 на овој член, по правило, е докторот специјалист по гинекологија и акушерство кој е член на комисијата.
Комисиите имаат секретар што се определува при формирање на комисијата и истиот не е член на комисијата.
Постапката пред првостепената и второстепената комисија е итна.
Член 9
Бремената жена поднесува барање за прекинување на бременоста писмено до првостепената комисија.
Ако бремената жена е малолетна или лишена од деловна способност, барањето го поднесува, односно дава согласност за прекинување на бременоста, родителот, односно старателот на бремената жена.
Кон барањето за прекинување на бременоста се приложува медицинска и друга документација, и тоа:
- потврда од доктор специјалист по гинекологија и акушерство дека жената е бремена, дека е информирана за можните предности за продолжување на бременоста, како и за ризиците при спроведување, односно не спроведување на интервенцијата за прекинување на бременоста по здравјето и животот на жената, методите за вршење на прекинување на бременоста, како и дека е запознаена со можностите и методите за спречување на бременоста и
- наод и мислење од доктор специјалист по соодветна гранка на медицината во чија област спаѓа заболувањето на бремената жена, односно болеста на родителот во случаите од членот 4 став 1 алинеи 1 и 2 од овој закон, потврда од надлежниот јавен обвинител дека е покрената кривична постапка во случајот од членот 4 став 1 алинеја 3 од овој закон, односно потврда од центарот за социјална работа или од здравствената установа ако прекинувањето на бременоста се бара поради причините од членот 4 став 1 алинеја 4 од овој закон.
Член 10
Бремената жена, односно ако бремената жена е малолетна или на која и е одземена деловната способност, бремената жена и нејзиниот родител, односно старател на нивно барање или на барање на првостепената комисија присуствуваат на седницата на првостепената комисија на која се разгледува барањето за прекинување на бременоста.
На седницатa на првостепената комисија на барање на жената може да присуствува и нејзиниот брачен другар.
Член 11
Во постапката по барањето за прекинување на бременоста претседателот на првостепената комисија е должен да и даде информација на бремената жена, а во случаите од членот 9 став 2 од овој закон и на родителот, односно старателот на бремената за можните предности на продолжување на бременоста, како и за ризиците при спроведување, односно на не спроведување на интервенцијата за прекинување на бременоста по здравјето и животот на жената, за методите за вршење на прекинување на бременоста, како и да ја запознае со можностите и методите за спречување на несакана бременост, да ја информира за постојните здравствени установи во кои може да се побара совет заради спречување на бременоста, како и други корисни информации кои се од важност за одлучување по барањето за прекинување на бременоста.
Ако првостепената комисија оцени дека може да се изврши прекинување на бременоста е должна да побара писмена изјава за согласност од бремената жена за вршење на прекинување на бременоста, односно ако бремената жена е малолетна или на која и е одземена деловна способност и писмена изјава за согласност за вршење на прекинување на бременоста од нејзиниот родител, односно старател.
Член 12
Комисиите работат на седници во полн состав и одлуките ги донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на комисијата.
Комисиите се должни да донесат одлука во рок од три дена и тоа првостепената комисија од поднесување на барањето за прекинување на бременоста, а второстепената комисија откако ќе и биде доставен предметот по приговор на бремената жена.
Ако рокот од ставот 2 на овој член не може да се запази од оправдани причини чија оправданост ја утврдуваат комисиите, рокот за донесување на одлука не може да биде подолг од седум дена.
Член 13
Прекинувањето на бременоста може да се изврши без одлука на комисиите, ако поради непосредна опасност по животот и здравјето на бремената жена не може да се чека одлука или ако е во прашање започнато прекинување на бременоста.
Докторот кој извршил или довршил прекинување на бременоста без одлука на комисијата е должен во рок од 24 часа, за тоа да го извести директорот на здравствената установа, а директорот е должен во рок од три дена за случајот да ја извести првостепената комисија.
Член 14
Одлуката од првостепената комисија и се соопштува на бремената жена, а во случаите од членот 9 став 2 од овој закон и на родителот, односно старателот на бремената жена, веднаш по завршувањето на седницата на комисијата.
Против одлуката на првостепената комисија може да се изјави приговор на записник веднаш или писмено во рок од три дена по соопштување на одлуката.
Записникот од приговорот заедно со сите списи без одлагање се доставува до второстепената комисија.
Одлуката на второстепената комисија е конечна.
Член 15
За интервенциите за прекинување на бременоста докторот води евиденција во книга за евиденција, односно комисиите водат записници за одржаните седници и книга за евиденција, во пишана и во електронска форма.
Здравствената установа е должна да ја чува документацијата во врска со работата на докторот на интервенции за прекинување на бременоста, односно на комисиите како доверлива медицинска документација, во посебна архива на здравствената установа.
Член 16
Начинот на работата на докторот, како и начинот на работата на првостепените и второстепените комисии, формата и содржината на записникот и на книгата за евиденција од членот 6 став 8 и членот 15 став 1 од овој закон ги пропишува министерот за здравство.
Член 17
Здравствената установа во која се формирани комисиите, најдоцна до крајот на јануари во почетокот на годината, е должна да поднесе извештај за својата работа за претходната година до министерот за здравство.
Член 18
По извршување на прекинување на бременоста, здравствената установа и докторот се должни да обезбедат спроведување, односно да спроведат медицински надзор на жената најмалку три дена по прекинување на бременоста.
Здравствената установа и докторот кој го извршил прекинувањето на бременоста се должни да ги стават под посебен медицински надзор и контрола жените по првото прекинување на бременоста, а ако бремените жени се малолетни лица да ги стават под посебна медицинска грижа при вршење на прекинување на бременоста, како и при информирањето, поддршката и советувањето.
Здравствената установа и докторот кој го врши прекинувањето на бременоста се должни на жени со РХ негативен фактор, доколку е медицински индицирано по секое прекинување на бременоста да им дадат анти Д гамаглобулин, со цел да се спречат последиците од прекинување на бременоста.
IV. УСЛОВИ ЗА ЗДРАВСТВЕНИТЕ УСТАНОВИ КОИ ВРШАТ ПРЕКИНУВАЊЕ НА БРЕМЕНОСТА
Член 19
Прекинување на бременоста може да се врши во болничка здравствена установа која во својот состав има гинеколошко акушерско одделение кое ги исполнува условите по однос на простор, опрема и кадар согласно со прописите за здравствена заштита и која што добила одобрение од Министерството за здравство за вршење дејноста прекинување на бременоста.
Министерот за здравство пропишува медицински протокол за работата во кој ќе се содржат потребните медицински иследувања вклучително и ултрасонографски преглед пред и по прекинување на бременоста, како и постапките за изведување на прекинување на бременоста.
Член 20
Здравствената установа е должна да обезбеди вршење на постапката за прекинување на бременоста од тим составен од доктор специјалист по гинекологија и акушерство и медицинска сестра, односно акушерка.
По исклучок од ставот 1 на овој член доктор на специјализација по специјалноста гинекологија и акушерство може да врши постапка за прекинување на бременоста под надзор на доктор специјалист по гинекологија и акушерство под услови за вклучување на пациент во медицинска настава уредени со прописите за заштита на правата на пациентите.
V. ДРУГИ ОДРЕДБИ ЗА ПРЕКИНУВАЊЕ НА БРЕМЕНОСТА
Член 21
Здравствената установа за вршење на прекинување на бременоста е должна:
- да формира комисија за контрола на квалитетот на здравствената заштита што ќе врши постојано следење, процена и унапредување на квалитетот на медицинските интервенции за прекинување на бременоста во интерес на обезбедување на безбедноста на бремената жена во здравствената установа и унапредување на нејзиното здравје,
- да организира задолжително советување преку услуги за соодветно информирање (брошури, летоци, плакати и друго), поддршка и советување на бремената жена и нејзиниот брачен другар, како и нејзиниот родител, односно старател за штетноста од прекинувањето на бременоста по здравјето на жената и нивно запознавање со можностите и методите за спречување на бременоста. При спроведување на советувањето треба да се вклучи и психосоцијална поддршка на бремените жени, во соработка со специјализирани здравствени установи, како центрите за социјална работа,
- да даде препораки за соодветна здравствена заштита на бремената жена и по прекинување на бременоста, во соработка со избраниот доктор, се до потполно закрепнување на бремената жена од медицинската интервенција за прекинување на бременоста и
- здравствените установи по гинекологија и акушерство од примарната здравствена заштита, особено во руралните подрачја се должни преку активен метод на работа и советување преку услуги за соодветно информирање (брошури, летоци, плакати и друго) да им посветува постојано внимание на жените во генеративниот период, укажувајќи им на предноста од контрацептивни средства и методи во спречување на несакана бременост и на штетните последици од прекинување на бременоста по здравјето и животот на жената како фактори во планирањето на семејството.
Комисијата за контрола на квалитетот на здравствената заштита од ставот 1 алинеја 1 на овој член ја сочинуваат три члена и тоа медицинскиот директор, кој е истовремено и претседател на комисијата и двајца членови од редот на здравствените работници од здравствената установа кои се избираат од медицинскиот директор за период од три години.
Комисијата за контрола на квалитетот на здравствената заштита од ставот 1 алинеја 1 на овој член донесува деловник за работа со кој се уредува начинот на работа на комисијата.
Член 22
За сеопфатно и навремено запознавање на жените и мажите со последиците што можат да настанат поради прекинување на бременоста и со средствата што се применуваат заради спречување на бременоста:
- јавните здравствени установи - здравствените домови преку службата за превентивна здравствена заштита и поливалентна патронажна служба, установите за социјална заштита и Заводот за заштита на мајки и деца, воспитно-образовни установи, како и заводите за здравствена заштита во рамките на своите надлежности, се должни во своите програми за работа да ги опфатат и прашањата за укажување на жените и мажите, како и на младината на штетните последици од прекинувањето на бременоста и на предноста од примената на средствата и методите за контрацепција и
- воспитно-образовните установи се должни да вклучат програмски активности за запознавање и воспитување на младината за хумани и здрави односи меѓу половите.
Единиците на локалната самоуправа можат да основаат центар за советување и поддршка на бремената жена, во кој може да бидат ангажирани доктори, психолози, социјални работници и други стручни лица и каде што жената ќе може да ги добие неопходните информации во врска со бременоста, прекинувањето на бременоста и штетноста од прекинувањето на бременоста по здравјето на жената.
Член 23
Ако при довршување на започнатото прекинување на бременоста основано се посомнева дека е во прашање кривично дело извршено со започнување на прекинување на бременоста кое се довршува во здравствена установа, директорот на здравствената установа во која е довршено започнатото прекинување на бременоста е должен за тоа веднаш да поднесе пријава до надлежното јавно обвинителство и известување до Министерството за здравство - Државен санитарен и здравствен инспекторат.
Член 24
Здравствената установа во која е извршено или во која е довршено веќе започнато прекинување на бременоста е должна за секој случај на смрт на бремена жена да го извести Министерството за здравство - Државен санитарен и здравствен инспекторат и Министерството за внатрешни работи.
IV. НАДЗОР
Член 25
За обезбедување на примената на овој закон и прописите донесени врз основа на него, како и за обезбедување на безбедност на бремените жени при спроведување на прекинувањето на бременоста во здравствените установи и на првостепените и второстепените комисии, се врши:
- надзор над законитоста на работата,
- надзор над стручната работа,
- внатрешен надзор над стручната работа и
- инспекциски надзор.
Член 26
Надзор над законитоста на работата и над стручната работа на здравствената установа и на првостепените и второстепените комисии врши Министерството за здравство согласно со прописите за здравствената заштита.
Член 27
Здравствената установа организира внатрешен надзор над стручната работа на своите здравствени работници, на начин утврден со општ акт на здравствената установа.
Член 28
Инспекциски надзор над примената на овој закон врши Државниот санитарен и
здравствен инспекторат.
Инспекторот при вршење на инспекцискиот надзор е овластен да:
- забрани вршење на дејноста, како и да забрани употреба на објектот во кој се врши дејноста ако нема дозвола за работа, односно недостасува некој од условите за вршење на дејноста,
- нареди воспоставување и водење на евиденциите пропишани со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон,
- нареди отстранување на недостатоци, односно неправилности во согласност со законите и другите прописи со кои се уредува заштитата на здравјето на луѓето, - нареди соодветно документирање и чување на податоците што се водат и да се обезбеди заштита на податоците добиени од спроведените постапки и
- нареди на здравствената установа изготвување на извештаи кои е должна да ги поднесе до Министерството за здравство.
Член 29
За извршениот инспекциски надзор, добиените податоци и констатираната фактичка состојба инспекторот е должен да состави записник.
Доколку инспекторот утврди дека не се применувани законите, прописите и други општи акти, донесува решение со кое се наредува извршување на определени мерки од членот 28 став 2 од овој закон во одреден рок кој го определува инспекторот.
Инспекторот е должен да и достави примерок од записникот и решението на здравствената установа кај која е извршен инспекцискиот надзор.
Член 30
Во вршење на инспекцискиот надзор инспекторот постапува согласно со прописите за општата управна постапка и инспекциски надзор, освен доколку поинаку не е определено со овој закон.
Член 31
Во случаи кога ќе се утврди постоење на непосредна опасност по животот и здравјето на луѓето, инспекторот дава усна наредба за итно и неодложно отстранување на недостатоците, која се констатира со записник.
Во случаи од ставот 1 на овој член инспекторот донесува решение во рок од 24 часа од издавање на усната наредба.
Член 32
Здравствената установа е должна да ги изврши мерките содржани во решението на инспекторот.
По жалбата против решението на инспекторот во втор степен решава комисија формирана од министерот за здравство.
Жалбата по решението од ставот 1 на овој член не го одлага неговото извршување.
VII. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ
Член 33
Глоба во износ од 25.000 до 50.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице, ако:
1) изврши прекинување на бременост спротивно на членовите 3, 4 и 6 од овој закон;
2) не ги обезбеди правата на бремената жена од членот 5 од овој закон;
3) не се водат записници за одржаните седници на комисиите и книга за евиденција согласно со членот 15 став 1 од овој закон;
4) не ја чува документацијата во врска со работата на докторот, односно на комисиите согласно со членот 15 став 2 од овој закон;
5) најдоцна до крајот на јануари во почетокот на годината не поднесе извештај за работата за претходната година до министерот за здравство согласно со членот 17 од овој закон;
6) не постапи согласно со членот 18 став 3 од овој закон;
7) врши прекинување на бременоста без да ги исполнува условите од членот 19 став 1 од овој закон;
8) овозможи вршење на постапката за прекинување на бременоста спротивно на членот 20 од овој закон;
9) не постапи согласно со членот 21 став 1 од овој закон;
10) во програмите за работа не ги опфатат и прашањата за укажување на жените и мажите, како и на младината на штетните последици од прекинувањето на бременоста и на предноста од примената на средствата и методите за контрацепција, или не вклучат програмски активности за запознавање и воспитување на младината за хумани и здрави односи меѓу половите согласно со членот 22 од овој закон;
11) не поднесе пријава до надлежно јавно обвинителство и/или известување до Министерството за здравство - Државен санитарен и здравствен инспекторат согласно со членот 23 од овој закон и
12) не поднесе пријава до надлежен орган во рок од три дена за секој случај на смрт согласно со членот 24 од овој закон.
Глоба во износ од 3.000 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице за прекршокот од ставот 1 на овој член.
Глоба во износ од 5.000 до 6.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на докторот кој го сторил прекршокот од ставот 1 на овој член.
Член 34
Глоба во износ од 2.000 до 3.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на доктор, ако:
1) не ја упати бремената жена на првостепена комисија за одобрување на прекинување на бременоста согласно со членот 7 став 1 од овој закон;
2) изврши прекинување на бременоста на бремена жена која е малолетна, или лишена од деловна способност, без барање, односно согласност за прекинување на бременоста од родителот, односно старателот на бремената жена согласно со членот 9 став 2 и членот 11 став 2 од овој закон;
3) не го извести директорот на здравствената установа за довршено прекинување на бременоста без одлука на комисиите во рок од 24 часа согласно со членот 13 став 2 од овој закон и
4) не води евиденција во книгата за евиденции согласно со членот 15 став 1 од овој закон.
Глоба во износ од 5.000 до 6.000 евра во денарска противвредност ќе им се изрече за прекршок на членовите на комисиите ако не донесат одлука во рок од три дена од поднесувањето на барањето за прекинување на бременоста, односно откако ќе и биде доставен предметот по приговор од бремената жена, односно при постоење на оправдани причини, во рок не подолг од седум дена согласно со членот 12 ставови 2 и 3 од овој закон.
Глоба во износ од 5.000 до 6.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на директорот на здравствената установа ако не ја извести првостепената комисија за довршено прекинување на бременоста без одлука на комисијата во рок од три дена за случајот согласно со членот 13 став 2 од овој закон.
Член 35
Прекршочната постапка за прекршоците предвидени во овој закон ја води надлежниот суд.
Пред поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка за прекршоците предвидени со овој закон, Министерството за здравство води постапка за порамнување согласно со Законот за прекршоци.
VIII. КАЗНЕНИ ОДРЕДБИ
Член 36
Доктор кој ќе изврши прекинување на бременоста спротивно на одредбите од овој закон или во здравствена установа која не ги исполнува одредбите од членот 19 од овој закон кривично ќе одговара и ќе се казни со казна затвор од шест месеци до три години.
Член 37
Здравствена установа која врши прекинување на бременоста спротивно на членот 19 од овој закон кривично ќе одговара и ќе се казни со парична казна и со трајно одземање на дозволата за работа.
Директорот на установата од ставот 1 на овој член, кој ќе дозволи прекинување на бременоста во здравствена установа која не ги исполнува условите од членот 19 од овој закон кривично ќе одговара и ќе се казни со казна затвор од шест месеци до три години.
IX. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 38
Министерот за здравство во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе ги донесе прописите чие донесување е утврдено со овој закон.
Член 39
До донесување на прописите од овој закон ќе се применуваат прописите што биле во сила пред денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 40
Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за прекинување на бременоста („Службен весник на СРМ“ број 22/72, 18/76 и 15/95).
Член 41
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.